Општина Карпош

Од Википедија — слободната енциклопедија
Општина Карпош
Општина
Знаме на Општина КарпошГрб на Општина Карпош
Карта
ДржаваМакедонија
СедиштеГрад Скопје
Населени места
Управа
 • ГрадоначалникСтевчо Јакимовски
Површина
 • Вкупна105 км2 (41 ми2)
Население (2021)[1]
 • Вкупно63.760
 • Густина610/км2 (1,600/ми2)
Часовен појасCET (UTC+01:00)
 • Лете (ЛСВ)CEST (UTC+02:00)
Повикувачки број+02
Регистарски табличкиSK
Мреж. местоkarpos.gov.mk

Општина Карпош — една од десетте општини во главниот град на Република Македонија, Скопје. Општина Карпош се простира во северозападниот дел од Македонија, централно западен дел на Град Скопје. Општина Карпош на својата источна страна се граничи со Општина Центар, на запад со Општина Ѓорче Петров, на северна страна со Општина Бутел, а јужно се простира падината Водно, каде се простира граничната линија со Општината Сопиште. Карпош има правец на простирање со површина од 35 км2.

Според Статутот на Општина Карпош, подрачјето на општината е утврдено со закон. Границата на Општина Карпош почнува од ул. Рузвелтова, па по должина се протега до крај на Булeвар Партизански одреди т.е. до Порта Влае. Општина Карпош е поделена на 14 заедници, од кои 13 се урбани, а една рурална (Бардовци).

Географија[уреди | уреди извор]

Врз климатските особини на територијата на Општина Карпош посебно влијание има положбата и локалните географски услови. Средната годишна температура на воздухот изнесува 13,8 Целзиусови степени. Општина Карпош се одликува со топли и суви лета, а зимите се умерени и студени. Есента е релативно потопла од пролетта.

На територијата на општината просечно годишно паѓаат по 441,2 литри во м2 врнежи кои се нерамномерно распоредени во текот на годината. Вкупно има 102 просечни денови со појава на дожд, 9 дена со појава на снег кои главно се ограничени само во зимските месеци и се јавуваат од ноември до март и 14 дена со појава на магла исто така во зимските денови.

Населби и села во Општина Карпош
Реки

Низ општината тече реката Вардар, а на еден дел од општината тече и реката Лепенец.

Езера

Нема

Планини

Дел од планината Водно.

Термални води

Нема

Руди, минерали

Нема

Историја[уреди | уреди извор]

Општината Карпош е формирана на 8 ноември 1976 година со Законот за образување на општини на Град Скопје и за утврдување на нивните подрачја ("Службен весник на СРМ" бр.8/76). Во првиот состав на Општината, Претседател на Собранието на Општина Карпош беше Ристо Попески, а Претседател на Извршниот совет на Собранието на Општина Карпош беше Крсте Сарџовски.

Најголемиот дел од подрачјето на кое е формирана општината го носело името Карпош кое е заедничко име (прекар) на две значајни личности од историјата на Македонскиот народ: Карпош - војвода, кој во 1689 година бил водач на селското востание од Кривопаланечкиот и Кумановскиот крај и се борел против турските феудалци - паши (Карпошево востание). Востанието било задушено, а Карпош бил заробен, набиен на колец, избоден со копја, по што од Камениот мост во Скопје, Турците го фрлиле во реката Вардар.

За да не се заборави името на Карпош, тоа име го зел Христијан Тодоровски, народен херој на Македонија од НОБ, голем син на Куманово и легендарен партизански командант во Североисточна Македонија. Тој храбро загина на 7 февруари 1944 година, во борба против фашистичката полиција во селото Билјача.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Бројот на економски субјекти според стопанските гранки кои делуваат на територија на Општина Карпош се:

  • 291 во градежништво;
  • 1.124 во трговија на големо и мало;
  • 198 транспорт и складирање;
  • 187 објекти за сместување; финансиски дејности и осигурување;
  • 502 стручни, научни и технички дејности;
  • 166 административни и помошно услужни дејности;
  • 8 јавна управа и одбрана;
  • 67 образование;
  • 177 дејности на здравствена и социјална заштита,
  • 111 уметност, забава и рекреација
  • 312 други услужни дејности.

Најважни стопански гранки во општината се хемиската индустрија, транспортот и шпедицијата, градежништвото, прехранбената индустрија и производството на безалкохолни пијалaци, трговската и услужната дејност.

Демографија[уреди | уреди извор]

Со донесувањето на новиот закон за територијална организација, во општината на 35 км2 површина живеат 60.580 жители (Според Државен Завод за статистика од 2014 година).[2]

Во Општина Карпош живее 11,24% од вкупното население во Скопје, а 2,94% од вкупното население во Република Македонија. Со просечен број од 3,02 члена по домаќинство во општината живеат 13,43% од вкупниот број домаќинства во Скопје. Старосната структура на населението е понеповолна во однос на некои општини од Градот Скопје и Република Македонија.

Помал е процентот на учеството на децата, а поголем е процентот на учество на население постаро од 65 години. Природниот прираст на населението изнесува – 46 (податок Државен Завод за статистика од 2014 година). Според половата структура, 53% од населението се жени, а 47% мажи.

Народ Вкупно Удел (%)
Македонци 52.943 88,52
Албанци 1.952 3,26
Турци 344 0,56
Роми 615 1,03
Власи 407 0,68
Срби 2.195 3,67
Бошњаци 0 0,00
останати 1.364 2,28
  • Вкупно 59,810 (100 %)
Вероисповед Вкупно
православни 54.385
муслимани 3.107
католици 489
протестанти 48
останати 1.781
Јазик Вкупно
македонски 54.132
албански 1.947
турски 268
ромски 595
влашки 257
српски 1.738
бошњачки 48
останати 825

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Образовни институции[уреди | уреди извор]

Во Општина Карпош постојат четири државни градинки: ЈУОДГ Мајски Цвет со 2 клона, ЈУОДГ Орце Николов со 3 клона, ЈУОДГ Пролет со 3 клона и ЈУОДГ Распеана Младост, како и пет приватни градинки: Бисери, Американско училиште, Француска градинка, Пиколини и Светот на Колорес.

Во општината егзистираат десет основни училишта: ОУ Христијан Тодоровски Карпош, ОУ Вера Циривири Трена, ОУ Лазо Трповски, ОУ Петар Поп Арсов, ОУ Војдан Чернодрински, ОУ Владо Тасевски, ОУ Братство, ОУ Димо Хаџи Димов, ОУ Јан Амос Коменски, ОУ Аврам Писевски. На територија на Општина Карпош има и три приватни основни училишта: Нова, Јахија Кемал и Американско училиште. Во последните 5 години значително се подобрени условите за учење и работа во државните основни училишта и градиники, како резултат на повеќето проекти реализирани од страна на Општината Карпош.

На територија на општината се наоѓаат и пет средни државни училишта во државата: СУГС Никола Карев, СУГС Орце Николов, СУГС Георги Димитров, СУГС Здравко Цветковски, ДСУ Математичко-информатичка гимназија и три приватни средни училишта: Нова, Американско училиште и Јахија Кемал.

Постојат шест државни факултети: Педагошки факултет, Електротехнички факултет, Машински факултет, Технолошко-металуршки факултет, Факултет за ликовни уметности и Факултет за драмски уметности, како и два приватни факултети: Факултет за туризам и Њујорк колеџ.

Исто така, во Општина Карпош постојат услови за сместување на ученици, студенти и постдипломци и тоа во: Ученички дом Здравко Цветковки, Студентски дом Гоце Делчев и Дом за постдипломци.

Здравствени институции[уреди | уреди извор]

Во општина Карпош постои развиена здравствена мрежа, во која постои можност за давање на квалитетна и разновидна здравствена услуга, почнувајќи од примарна, специјалистичка, хируршка и секако голем дел на приватни здравствени услуги. Од вкупниот број на 165 здравствени установи 13 се јавни установи и 132 приватни. Исто така, на територијата на општината постојат и најголемите две приватни болници: Систина и Филип Втори.

Културни установи[уреди | уреди извор]

Објекти од областа на културата во Општина Карпош во кои се одржуваат редовни и повремени претстави, фолклорни фестивали, концерти, ликовни колонии, манифестации и слични дејствија се: Драмски театар, Кинотека на РМ сместена во Библиотеката „Другарче“, Амфитеатар – на кејот на реката Вардар, античкото наоѓалиште Скупи, Манастирот „Св. Пантелејмон“.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Во 2017 година, општината имала вкупно 997 вработени, од кои 173 биле вработени во општинската администрација, а останатите во општинските јавни претпријатија.[3] Градоначалник на општина Карпош е Стефан Богоев од редовите на СДСМ. Тој бил избран на локалните избори од 2017 година за мандат од четири години.[4] Советот на општина Карпош е составен од 23 члена. Според последните локални избори од 2017 година, членовите на советот според политичката припадност за мандатот 2017-2021 се:

  СДСМ: 14 места
  ВМРО-ДПМНЕ: 6 места
  ГРОМ: 2 места
  ЛЕВИЦА: 1 место

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Општината Карпош е мошне богата со културно-историски споменици. На нејзиното подрачје се наоѓале/наоѓаат ретки споменици на македонската култура и традиција, а најзначајните настани од борбата за национална и социјална слобода на македонскиот народ се обележани со повеќе споменици и спомен-обележја:

  • Св. Пантелејмон - манастир со црква, задужбина на византискиот цар Алексиј I Комнин. Се наоѓа во с. Горно Нерези. Подигнат е во 1164 година. Црквата претставува петокуполна градба врз крстообразна основа, со три апсиди и правоаголен нартекс. Градена е од кршен камен и тули. Посебна уметничка вредност има фрескоживописот, реализиран од сликар повикан од Цариград. Сликите што ги украсуваат ѕидовите претставуваат ремек-дело на уметничките текови од XII век и се предвесник на италијанската сликарска ренесанса. Од тој корпус, најпозната е композицијата "Оплакувањето на Христос". Во 1555 година, како последица од земјотрес, се урнала централната купола на црквата и највисоките сводни површини околу неа. Денешниот живопис на овој простор е од втората половина на XIV век.
  • Во подножјето на Зајчев Рид, од левата страна на реката Вардар, во непосредна близина на населбата Злокуќани, се наоѓа античкиот град Скупи, древниот предок на Скопје. Скупи бил подигнат од Римските легионери, тука најпрвин се наоѓал нивниот логор, во кој биле сместени 5-та Македонска и 4-та Скитска легија, како појдовна база за освојување на Дарданија. Подоцна тој логор ќе прерасне во Скупи. Скупи се наоѓал на една важна сообраќајница која ги поврзувала Егеј и Средна Европа, а во помала мера и Тракија со Јадранското Море. Пронајдените историски податоци зборуваат дека во 313 година Скупи станал епископско седиште, а нешто повеќе од еден век подоцна и архиепископско. Овој град својот голем економски и културен подем го забележал во два различни временски периоди, првиот во I и II век, а вториот во раниот IV век по Христа. Пронајдените материјали и предмети го покажуваат различниот социјален статус на граѓаните на Скупи, неговите културни и економски белези.
  • Во с. Долно Нерези се наоѓа споменик-пирамида посветен на паднатите борци од с. Долно Нерези. Споменикот се наоѓа до мостот на реката Вардар, на бул. "Партизански одреди";
  • Спомен-плоча во населбата Козле, која е поставена на местото каде што на 25 февруари 1944 година од бугарската полиција бил убиен македонскиот народен херој Кузман Јосифовски - Питу;
  • Во ноември 2014 година, по барање на Руската федерација, Советот на општината донел одлука за поставување споменик на советскиот космонаут Јуриј Гагарин.[5] Плочата била поставена на 16 април 2015 година, во паркот „Македонија“, на истоимената улица во населбата Карпош.[6]
  • Во непосредна близина на Скопје, на периферијата на с. Бардовци се наоѓаат конаците на Хавзи – паша. Конаците, кои биле харем во кој живееле 4 жени и 30 слугинки (конкубини), Хавзи – паша ги изградил во период помеѓу 1830 и 1845 година. Тие по својата намена биле изградени како летниковец за одмор на пашата. При повлекувањето на Германците во 1944 година, конаците биле запалени и уништени, со што е дојдено до денешната состојба во која има само голи ѕидови.
  • Саркофазите од Карпош – Збирката од литографски споменици пред Музејот на Град Скопје е составена од триесетина камени споменици од античкиот град Скупи, откриени во наоѓалиштето во подножјето на Зајчев рид, на само 5 км од денешниот центар на градот. Градскиот музеј поседува околу 23.000 предмети од наоѓалиштето Скупи. Преку овие камени споменици може да се направи хронолошки пресек низ материјалната и духовната култура во римскиот период од I до III век, а одбрани се ексклузивни, раритетни предмети со голема естетика, материјална, историска и археолошка вредност, споменици кои се разликуваат според намената и поводот поради кој биле подигнати, според материјалот и според статусот на личностите на кои им биле посветени. Интересен е податокот дека четирите гробни ковчези веднаш пред влезот во Музејот биле откриени во една од најурбаните населби на денешно Скопје, во Карпош 3, во околината на денешниот трговски центар во таа населба.
  • Сончев часовник – Универзалниот вертикален сончев часовник, единствен од ваков тип во светот, е поставен на зградата на Природонаучниот музеј. Карактеристично за овој универзален мерач на времето е тоа што тој може да биде поставен на која и да е географска ширина и должина, а сепак да покажува точно време. На него може да се отчитува реалното физичко време со точност од плус или минус 15 минути. На часовникот се прикажани и основните точки, линии, насоки и рамнини од небесната сфера како и сферните координатни системи за потребите на астрономските набљудувања и мерења. Авторот на пронајдокот e Коља Асенов, инаку прв професор по астрономија во земјава.
  • Милениумски крст – Милениумскиот крст симболично го означува јубилејот 2000 години од христијанството. Крстот е бетонска основа од мали столбови (12 апостоли) и големи (4 евангелисти) со 66 метри конструкција поделена на 33 делови (години на Христос). Милениумскиот крст се наоѓа на врвот на планината Водно (1.066 метри надморска височина), непосредно над градот Скопје. Пуштен е во 2002 година и претставува највисок објект во Македонија.

Збратимени општини[уреди | уреди извор]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Во Карпош се одржуваат спортски училишни лиги во фудбал, кошарка, шах и одбојка за девојчиња.

  • Ем умеам, ем можам – промоција на бизнис секторот и занаетчиството. Настан кој четеринаесетта година по ред се организира во општина Карпош, а е со цел подигање на економскиот развој на општината и нејзина промоција.
  • Крводарителска акција - Се организира 14 години по ред, на која крв даваат крводарители од цела Македонија. Општина Карпош во 2010 година стана рекордер во собирање на крв.
  • Вешта рака– промоција на занаетчиите. Настан на кои над 25 занаетчии и изработувачи на рачни ракотворби ги изложуваат и продаваат своите производи. Исто така влијае на поддигање на развојот на општината и нејзина промоција.
  • Тортијада – промоција на бизнис сектор и поддршка на физички лица, аматери. Преку посебно организиран настан аматери и професионалци се натпреваруваат во изработка на најдобра изработена торта.
  • Поставување на новогодишни штандови - промоција на бизнис секторот и поддршка на физички лица.

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Карпош располага со три спортски сали: сала “Борис Трајковски”, сала “Партизан”, сала “Форца”, еден затворен базен “Борис Трајковски”, деветнаесет спортски игралишта и четериесет и пет детски игралишта .

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 - прв сет на податоци“. Државен завод за статистика на Македонија. Посетено на 30 март 2022.
  2. „Население во Република Македонија на 31.12 по специфични возрасни групи, по пол, по општини, по години“. Државен завод за статистика на Република Македонија. Посетено на 2 мај 2018.[мртва врска]
  3. „Мора ли Шилегов да прима 101 нов работник, кога на располагање има 7.620?“, Скопско Ехо, бр. 75, 7.6.2018, стр. 4-5.
  4. „Мандати за градоначалници и совет во РМ – Локални избори 2017“. Државна изборна комисија на Македонија. Посетено на 18 октомври 2017.
  5. „Карпош ќе постави споменик на Јуриј Гагарин“, Дневник, година XVIII, број 5617, петок, 11 ноември 2014, стр. 17.
  6. „Спомен-плоча на Јуриј Гагарин во паркот Македонија“, Дневник, година XIX, број 5743, петок, 17 април 2015, стр. 19.