Вашарејца

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Вашарејца е село во Општина Могила, во околината на градот Битола.

Вашарејца
Vasharejca-MKD.JPG

Поглед на селото Вашарејца

Вашарејца is located in Македонија
Вашарејца
Местоположба на Вашарејца во Македонија
Координати 41°10′23″N 21°24′20″E / 41.17306° СГШ; 21.40556° ИГД / 41.17306; 21.40556Координати: 41°10′23″N 21°24′20″E / 41.17306° СГШ; 21.40556° ИГД / 41.17306; 21.40556
Општина Општина Могила
Население 202 жит.
(поп. 2002)
Надм. вис. 584 м
Слава Ѓурѓовден
Commons-logo.svg Вашарејца на Ризницата


Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Глетка на селото Вашарејца

Селото Вашарејца се наоѓа североисточно од градот Битола, во Пелагониската котлина, недалеку од десната страна на течението на Црна Река. Вашарејца е мало село сместено од десната страна непосредно веднаш крај патот и железничката пруга БитолаПрилеп[1]. Географски селото се наоѓа во северниот дел на Битолското Поле, на рамничарскиот дел на територијата на Општина Могила, на надморска височина од 584 метри[2]. Вашарејца е поточно сместена во подножјето на мало возвишение - рид висок 608 метри на запад, а селските куќи широко се отвораат кон исток во рамнината на полето во Пелагонија. Од градот Битола е оддалечено 20 километри[2]. Околни села се Лознани, Долно Српци, Беранци, Ивањевци (директно поврзано со асфалтен пат) и Могила. Жителите се снабдуваат со вода од една чешма, за која водата е спроведена од изворот Мала Ливада кој се наоѓа во атарот на селото Српци[1]. Во селото има 5-6 бунари, но нивната вода не се пие, туку служи за перење и готвење. Со изградбата на селскиот крст на врвот на ридот над селото е изградена собирна каптажа и цевковод за вода. Атарот зафаќа простор од 7,3 km², на кои преовладува обработливото земјиште на површина од 537 хектари, на пасиштаа отпаѓаат 86,4 хектари, а на шумите само 23,3 хектари[2]. Називи на потези и местности во атарот се: Манастириште, Кошари, Бучо Трло, Чука, Бел Камен, Гладно Поле, Барачица, Голема и Мала Ливада, Турска Ливада, Браненица, Голема Мртвица (напуштено корито на Црна Река, секогаш полно со вода), Сулеманица и Круша каде што некогаш биле куќите на денешното село, но поради поплави жителите се преместиле на сегашното место[1]. Ваквата местоположба блиску до реката Црна која предизвикувала чести поплави, беше причина селото да биде поплавено во големата поплава во февруари 2015 година.

Историja[уреди | уреди извор]

Селската црква Свети Ѓорѓи

Археолошките наоди наведуваат дека во селото Вашарејца постојат наоди од римско време[1]. Имајќи ги предвид откриените остатоци од познатите древни македонски градови Стибера и Алкомена кои се наоѓаат во близина, а во кои живееле античките македонски племиња Линкестиди, Пелагонци поверојатно е тие старини да се (античко) македонски. Вашарејца е старо село, а тоа се гледа според присуството на старите родови: Колевци, Оџевци и Ашковци[1]. За нив никој не може да каже од каде се дојдени. Во пишаните извори Вашарејца за прв пат се споменува во опширните турски пописни дефтери од XV век, односно 1468 година каде е запишано дека имало 30 јуручки чифлици[3]. Потоа, селото Вашарејца во пишаните извори на документи се сретнува во 1817 година под името Акгиџели[1]. Тогаш некојси Кочо од тоа село преминал во ислам[1]. Црквата која е посветена на Свети Ѓорѓи се наоѓа над селото[1]. Изградена е пред околу 150 години. Според натписот на црковнословенски кој стои над влезната врата изградбата на црквата започнала во 1862 година и траела, односно завршила во 1883 година, во времето кога во селото началници биле Ристе, Божин, Богдан, Илија и Георги Власак (од родот Власковци), Петко, Трпче, Стојан, Коле и Ангел. Се зборува дека на 300 метри подалеку од црквата имало латински манастир[1]. Таму се пронаоѓани мермерни камења, од кои некои се пренесени кај црквата[1]. Тоа место кое сега е утрина (пасиште) се вика Манастириште. Кон крајот на турското владеење во ова село имало 7-8 чифлици. Нивни сопственици биле Турци од Битола, кои се викале Мемед-ефенди, Тефик-бег, Зија-бег, Имер-бег и Амди-паша. Тие ги поседувале дури и куќите во кои што живееле селаните[1]. Гробиштата најпрвин биле северно од селото. Таму се случила поплава и затоа тие во XIX век биле преместени кај црквата. Месноста и потегот Сулеманица крај Црна Река го добила своето име по Сулејман-бег кој се удавил тука. На потегот Браненица, Турците ги паселе своите коњи. Бројот на домаќинства во селото низ ХХ век изнесувал: 26 во 1921 г., 49 во 1948 г., 79 во 1961 г., 77 во 1971 година[1].

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Селото Вашарејца е некаде познато и како Вашарејци, а во турските документи од почетокот на XIX век било запишано како Акгиџели, име кое денес е воопшто непознато меѓу мештаните и околното население. Потеклото на името Вашарејца најверојатно доаѓа од зборот вашар со значење на панаѓур, саем или општонароден собир на кој се разменувала стока, производи или имало забава. Доколку се има предвид средишната местоположба на селото веднаш крај главниот пат меѓу Битола и Прилеп на крстосницата со патот кој води кон Ивањевци, Долно Српци и другите села по долината на реката Шемница и во демирхисарско, голема е веројатноста тука (за Ѓурѓовден) да се одржувал голем вашар или панаѓур, според кој селото го добило и своето име.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Според составот на селскиот атар селото Вашарејца има полјоделска функција[2]. Иако селото е сместено во најплодниот дел на рамнината на Пелагонија, Вашарејца важи за село со најмалку поле во целата околина, бидејќи во време на социјалистичкото уредување најголем дел од земјата била национализирана и најпрвин пренесена во сопственост на задруга, а потоа била дадена на ЗИК „Пелагонија“ која ја обработува и стопанисува сѐ до денес[4]. Поради тоа, селаните во Вашарејца се во најнезавидна економска положба, со просечни примања од 7000 до најмногу 22000 денари по семејство, а има и неколку домаќинства без никакви примања[5]. Доброто наводувања и извонредно плодната почва нудат одлични услови за земјоделство. Речиси целото население на селото се занимава со земјоделство и сточарство. Од поледелството најразвиено е одгледувањето на житарици, од кои најмногу пченица, а во помал дел јачмен и пченка. Потоа во големи размери е застапено и одгледувањето на индустриски растенија, од кои најмногу тутун и сончоглед. До извесно време се одгледувало многу и шеќерна репка, која се напушта поради големината на родот кој надминува 4-5 килограми во парче со што не ги исполнува новопоставените стандарди на „Шеќераната“ во Битола (до 1 кг) и не се откупува[6]. Во помала мерка за сопствени потреби се одгледуваат градинарски производи како пиперки, домат, кромид, лук, морков и марула. Од сточарството, поради одличните услови, најзастапено е одгледувањето на крупен добиток - крави, волови и телиња, при што големо е производството на млеко кое се откупува од двете најголеми млекарници од Битола. Во значајна мерка се одгледуваат и овци, а во помала мерка и кози. За сточна храна се одгледуваат и крмни растенија како луцерка, граор итн. Дел од населението се занимава и со други дејности како автопревоз, како и угостителски и градежни услужни занимања во градот Битола. Во селото Вашарејца работат и продавници и угостителски објекти[2].

Население[уреди | уреди извор]

Според статистиката на Васил К'нчов („Македониja, Етнографиja и статистика“) од 1900 година, во Вашарејца живееле 250 жители, сите Македонци.[7]

Според секретарот на бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Вашарејца имало 160 Македонци, егзархисти.[8]

Според пописот од 2002, селото Вашарејца брои 202 жители, сите Македонци.[9]

На табелата е прикажан бројот на население низ сите пописни години:[10]

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 350[7] 160[8] 351 419 502 468 474 333 231 202

Тоа е село со средна големина, но со намалување на бројот на населението[2]. Во 1961 година во Вашарејца живееле 502 жители, во 1994 бројот опаднал на 231 жител, а во 2002 година тоа броело 202 жители, сите Македонци[2]. Денес во селото живеат неколку семејства со три деца, а вкупната бројка на деца е 12, од кои шест посетуваат училиште, додека поголема е бројката на младинци кои учат средно образование во градот Битола.

Родови[уреди | уреди извор]

Најстари македонски родови, сите староседелци се: Колевци (Св. Пречиста), Оџевци (Св. Ѓорѓи „зимен“) и Ашковци (Петковден)[1]. Доселени македонски родови во Вашарејца се: Житошани (Св. Пречиста) – Димовци, Пашовци, Кочовци и Ицовци. Се доселиле пред 180 години од Житоше кое е сега албанско село кај Крушево (Марко жив 60 години во 1951 – Начо – Димо – Саботко еден од доселените претци). Тие во Житоше имале „три убави чупи“. Тамошните албанци сакале да ги грабаат, при што нивните претци убиле некои од албанците и ноќе побегнале од селото. Имаат роднини кои живеат во други пелагониски села – Бела Црква, Ивањевци (род Аламановци) и Веселчани (род Палгомази), со кои и денес „се држат како сој“[1]. Смилевци (Митровден) дојдени од Добрушево, каде што имаат истоимени роднини. Власковци (Петковден) по потекло се „од Дебарско“. Муртановци (Петковден) дошле од соседното село Ношпал. Чагоровци (Света Петка) дошле околу 1908 од Чагор, сега непостоечко раселено село кај месноста Древеник во околината на Битола. Штрклевци (Св. Никола) ги нарекуваат и Наумовци[1]. Местото на својата старина и потекло не го знаат. Свињиштани дошле после Втората светска војна „на фондовска земја“ од селото Свиништа кај Охрид. По Втората светска војна на „фондовска“ (државна) земја се доселиле уште и Базерничани и Брезовечки од демирхисарските села Базерник и Брезово[1].

Крстот во село Вашарејца

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Во селото работи основно училиште до IV одделение[2], во кое настава посетуваат 4 деца, додека останатите одат на училиште во соседното село Ивањевци. Зградата на селското училиште кое се наоѓа лево од патот на самиот влез на селото е во доста оштетена состојба и е планирано нејзино обновување во текот на пролетта 2015 година.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[11]
Археолошки локалитети[12]
  • Тумба - населба од доцноантичко време;

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Ѓурѓовден (06.05.) - На Ѓурѓовден, кога е црковната слава, се одржува селски панаѓур.
  • Вашарејски средби - секоја трета недела од месецот јули се одржуваат вашарејски средби на кои присуствуваат на голем општонароден собро и веселба сите жители и иселеници кои се родени и водат потекло од селото Вашарејца, а живеат во Битола, Скопје, Прилеп, како и во странство Австралија, САД, Канада и земјите во западна Европа. На овој голем општонароден собор во 2015 е планирано да биде осветен новопоставениот голем селски крст кој се наоѓа на врвот на ридот на селската црква и самото село. Се очекува на осветувањето на крстот да присуствуваат и претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов и архиепископот охридски и Македонски на МПЦ, г.г. Стефан[13].

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Во селото Вашарејца има фудбалско игралиште.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Се знае за овие иселеници од селото Вашарејца: Јосифови и Бараовци живеат во Кукуречани[1]. Димовци и Ристевци живеат во Кравари. Вашаревци живеат во Бистрица. Од родот Колевци по едно семејство се иселило во Ношпал и Битола[1]. Од родот Смилевци има иселеници во Битола и Романија. Стојан-ќаини се иселиле во Битола и Америка. Од родот Бончани едно домаќинство е иселено во градот Битола[1].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 1,15 1,16 1,17 1,18 Трифуноски, Јован (1998) (на српски). Битолско-прилепска котлина. Белград: САНУ. стр. 151–152. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 48. 
  3. Соколоски, Методија (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ - Опширни пописни дефтери од XV век. II. 1973: Архив на Македонија. стр. 197. 
  4. Според теренски кажувања на жителите Драганчо Лазаровскии, Игор Котевски и Добре Мијајлевски. Забележал Марио Шаревски, на 21.02.2015 во Вашарејца
  5. Според теренски кажувања на жителот Добре Мијајлевски. Забележал Марио Шаревски, на 21.02.2015 во Вашарејца
  6. Според теренски кажувања на жителот Добре Мијајлевски. Забележал Марио Шаревски, на 21.02.2015 во Вашарејца
  7. 7,0 7,1 Шаблон:МЕС
  8. 8,0 8,1 D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.168-169.
  9. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  10. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk.
  11. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  12. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  13. Според теренски кажувања на жителите Драганчо Лазаровски, Игор Котевски и Добре Мијајлевски. Забележал Марио Шаревски, на 21.02.2015 во Вашарејца


Надворешни врски[уреди | уреди извор]