Пашино Рувци
Пашино Рувци е село во Општина Кривогаштани, во околината на градот Прилеп.
Содржина
Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]
Селото Пашино Рувци се наоѓа на крајниот југ на Прилепско поле, југозападно од градот Прилеп. Најблиското село е Обршани кое се наоѓа на север од Пашино Рувци. Атарот на селото граничи со атарите на селата: Загорани на исток, Чепигово на југ, Бела Црква на запад и Обршани и Боротино на север.
Историja[уреди | уреди извор]
Пашино Рувци за прв пат во пишаните извори се споменува (како Русче и Рувце) во периодот помеѓу 1650 и 1750 година. Во средината на XIX век, ова село и соседното, Боротино, турската државна власт го поклонила на Али-паша од Битола, поради заслугите во војните. Од чифликот на Али-паша до 1912 година се формирале шест чифлици со поделба на неговите ќерки и зетови.[1]
На крајот на XIX век, селото било дел од Битолската каза на Отоманската Империја.
Старото име на селото за време на Отоманската Империја било Ашар Усу.
Демографија[уреди | уреди извор]
Според статистиката на Васил К'нчов („Македониja, Етнографиja и статистика“) од 1900 година, во Пашино Рувци живееле 450 жители, сите Македонци.[2]
Според секретарот на бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Пашино Рувци имало 256 Македонци, егзархисти.[3]
Според пописот од 2002 година, селото Пашино Рувци брои 277 домаќинства, со 627 жители, сите Македонци.[4]
На табелата е прикажан бројот на население низ сите пописни години:[5]
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 450[2] | 256[3] | 834 | 936 | 1.018 | 976 | 979 | 744 | 659 | 627 |
Родови[уреди | уреди извор]
Источно од селото на оддалеченост од 1000 метри се наоѓало селото Могилани. Кога селото пропаднало, било поплавено од вода, еден дел од населението избегало и се населило во Пашино Рувци, а потоа доаѓал народ и од други краишта.[6]
Староседелски се родовите: Јолевци, Пашовци и Марковци потекнуваат од претци кои живееле во Могилани.
Родови кои не знаат дали се староседелци или доселени се: Пачешковци, Бегалиновци, Шутевци, Каревци, Гараловци, Ѓеровци и Гулабовци.
Доселенички родови: Јагуриновци доселени се во XIX век од Пресил и таму знаат каде им се наоѓале гробовите; Преспановци доселени се од некое село во Преспа, тие не дошле директно во Пашино Рувци, туку некое време прво живееле во селото Локвени, во Пашино Рувци живеат од XIX век; Пресилци дојдени се како и Јагуриновци од селото Пресил во XIX век; Шлакевци најпрво живееле во ова село, но потоа се селеле низ околните прилепски села, тие некое време живееле во селата Обршани, Беровци и Пресил, но во почетокот на XX век се вратиле во селото; Кадинци доселени се во XIX век од Загорани; Цивкаровци дојдени се во 1903 година од селото Крушеани; Маџаровци потекнуваат од предокот Толе Маџар кој дошол од селото Пресил во 1905 година; Мицковци доселени се од некаде; Пилковци од Загорани, најпрво се населиле во Дебреште, па од таму во Пашино Рувци, тоа било околу 1912 година; Огненовци доселени се во 1915 година од Крушеани, подалечно потекло имаат од Кривогаштани; Стомнаровци доселени се во 1928 година од Обршани; Дрлевци доселени се во 1927 година од истото село како и Стомнаровци; Богдановци доселени се во 1928 година од демирхисарското село Света; Мауковци доселени се во 1925 година од костурското село Рулја; Пасковци, Рувчевци и Кромидовци доселени се од селото Обршани првите во 1929 година останатите две во 1931 година, подалечно потекло на Пасковци е од некое место во Албанија; Бежановци доселени се во 1912 година од селото Бела Црква; Несторовци доселени се во 1942 година од Илино (Големо или Мало?) и Дамевци доселени се од селото Загорани во XIX век, таму припагаат на родот Ѓоковци, доселен однекаде; Кадинци, доселени од село Кадино Село, Прилепско.
Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]
- Цркви[7]
- Црква „Св. Атанасиј“ - главната селска црква;
- Црква „Св. Ѓорѓи“ - манастирска црква;
- Археолошки локалитети[8]
- Селиште - населба од римско време;
- Селска Црква - осамени наоди од римско време;
- Тумба - населба од бронзено време;
- Во Селото - некропола и осамени наоди од непознат период;[9]
- ФК Пелагонија - селскиот фудбалски клуб;
Личности[уреди | уреди извор]
- Илија Ристев - Јагурина - македонски револуционер од ВМОРО, четник при Питу Гули во 1903 година во Крушево;
Иселеништво[уреди | уреди извор]
Се знае за следните постари иселени родови и семејства од ова село.
Коруновци и Мицковци иселени се во Подино. Ујгунци иселени се во Боротино. Беланиовци иселени се во Бучин. Стојановци иселени се во селото Крапа во Порече. Од родот Гулабовци има иселеници во Прилеп.[1]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ 1,0 1,1 Ф. Трифуноски, Јован (1998) (на српски). Битољско-прилепска котлина. Српска академија наука и уметности. стр. 338.
- ↑ 2,0 2,1 Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.237.
- ↑ 3,0 3,1 D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.166-167.
- ↑ http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
- ↑ Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk.
- ↑ 1914-1997., Trifunoski, Jovan F., (1998). Битољско-Прилепска котлина : антропогеографска проучавања. Srpska akademija nauka i umetnosti. ISBN 8670252678. OCLC 469501519. http://worldcat.org/oclc/469501519.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јован Ф. Трифуновски, Битољско - Прилепска котлина, Антропогеогрофско проучавоњо, Београд 1998
Поврзано[уреди | уреди извор]
Надворешни врски[уреди | уреди извор]
- Сателитска снимка на Пашино Рувци на Google Maps.
![]() |
Оваа статија за поврзана со Македонија е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |
|