Лисичани

Координати: 41°27′41″N 21°3′15″E / 41.46139° СГШ; 21.05417° ИГД / 41.46139; 21.05417
Од Википедија — слободната енциклопедија
Лисичани

Поглед кон Лисичани

Лисичани во рамките на Македонија
Лисичани
Местоположба на Лисичани во Македонија
Лисичани на карта

Карта

Координати 41°27′41″N 21°3′15″E / 41.46139° СГШ; 21.05417° ИГД / 41.46139; 21.05417
Регион  Југозападен
Општина  Пласница
Област Долно Кичево
Население 1.155 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6539
Повик. бр. 045
Шифра на КО 12042
Надм. вис. 923 м
Лисичани на општинската карта

Атарот на Лисичани во рамките на општината
Лисичани на Ризницата

Лисичани — големо и развиено село во областа Долно Кичево, во Општина Пласница, сместено на патот помеѓу градовите Кичево и Македонски Брод.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Влез во селото од патот од селото Дворци

Ова големо село се наоѓа во Кичевската Котлина, во областа Долно Кичево, сместено во западниот дел на подрачјето на Општина Пласница, непосредно на десниот брег на реката Треска, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Кичево.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 600 метри.[2]

Лисичани е големо село, чии куќи се наоѓаат покрај коритото на реката Треска. Северно од селото се наоѓа плодно поле околу Треска, додека на југ се наоѓа падината на планината Баба Сач, каде се наоѓаат пасишта и шуми. Околни села се: Атишта, Дворци, Миокази и Челопеци.[3]

Месностите во планинскиот дел на атарот на селото ги носат следниве имиња: Пепелкојца, Маркојца, Иван Гроб, Имерово Трло, Ружа, Сач, Лединки, Задкамен, Горно Ѓубриште, Голем Сач, Пештера и Мал Врв. Месностите во котлинскиот дел на атарот на селото се следни: Бука, Клисура, Челопечка Бара, Злато Поле, Црн Лаг, Гола Мара, Брегој, Краста, Манастирски Ниви, Глог, Даутица, Пашина Ливада, Карапашица, Ќошој, Малец, Калдрма, Начоа Круша, Стара Нива, Аџи Мемедица, Јасики, Ченгелица, Воденичишта и Селско.[3]

Селото има збиен тип. Се разликуваат три маала: Горно, Средно (христијанско) и Долно Маало. Во маалата роднинските куќи се групирани поблиску една до друга. Некои групи се нарекуваат: Шајковци, Салифовци, Мифтаровци, Абдиовци, Акиовци, Лутвиовци и други.[3]

Историја[уреди | уреди извор]

Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Кичевската нахија (Nahiye-I Kirçova) под името Лишичани и имало 43 семејства, 40 неженети и 1 вдовица, сите христијани.[4]

Лисичани се смета за старо село во Кичевската Котлина. Под истото име се сретнува во втората половина на XV век. Во тоа село живееле 48 словенско-христијански семејства. Подоцна, поголем дел од христијаните се иселиле и останале само 7 куќи, кои го примиле исламот. Денес, Лисичани е главно познато како торбешко село.[3]

Од првите исламизирани семејства се намножиле и родовите: Љутановци, Мифтаровци, Веселовци, Аџиовци, Абдиовци, Парталовци, Елезовци и други. Подоцна во селото се населувале и некои арбанашки родови како Шајковци, Шерифовци, Демировци и Сопјани, но бидејќи биле помалобројни тие го прифатиле македонскиот јазик. Во XIX век, во Лисичани се населиле и неколку христијански македонски родови, кои биле малобројни.[3]

Старото христијанско село имало манастир, кој се наоѓал во шумска падина покрај селото од јужна страна. Манастирот бил посветен на Свети Атанасиј. На денот на манастирот доаѓале и селани од околните места. Кај манастириштето порано имало и гробови.[3]

Извесен Амди-паша држел околу 70 хектари земја, која подоцна ја купил некој Влав Мијалче од Крушево. Селаните на крај ја купиле или ја добиле земјата на поклон од него.[3]

Во XIX век, Лисичани било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.

На преминот во XX век, околината на селото била зафатена со револуционерните дејства на ТМОРО. Во регионот, активна била четата на Славејко Арсов. Башибозукот од Лисичани и Пласница учествувал во задушувањето на Илинденското востание (селото било претежно муслиманско). Селото се споменува во спомените на Славејко Арсов, Лука Џеров, и Тома Николов.

Кон крајот на август 2008, атарот на селото го зафаќаат пожари, кои по неколку дена се ставени под контрола.[5]

Крастица[уреди | уреди извор]

Два километри источно од денешната местоположба на Лисичани се наоѓа пустото селиште Крастица, сместено во широка долина. Тоа било македонско село и се верува дека било старо село. Првпат е споменато во втората половина на XV век. Тогаш имало околу 30 куќи. Сепак, мештаните се отселиле од Крастица во текот на втората половина од турското владеење. По нивното раселување, атарот на Крастица припаднал на селото Лисичани.[3]

Денес, на местото на селиштето може да се најде руини од црковен храм, три бунари и остатоци од куќи.[3]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Куќи во селото

Атарот зафаќа простор од 11,1 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 604 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 365 хектари, а на пасиштата 170 хектари.[2]

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[2]

Во селото функционираат услужни објекти.[2]

Во минатото, на атарот на селото постоела земјоделската задруга „Крушино“ од Кичево, која обработувала 50 хектари ниви.[3]

Во јуни 2007, жителите на селото го блокираат патниот правец Кичево-Прилеп, бидејќи, поради реорганизацијата на општинско ниво, личните документи требало да ги вадат во Македонски Брод и покрај географската близина на Кичево. По повеќе од 20 дена блокади, нивните барања се задоволени.[6][7]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948851—    
1953999+17.4%
1961901−9.8%
1971973+8.0%
19811.188+22.1%
ГодинаНас.±%
19911.388+16.8%
19941.001−27.9%
20021.153+15.2%
20211.155+0.2%

Во 1873 година било забележано дека селото имало 62 домаќинства со 120 Македонци-муслимани и 86 Македонци (христијани).[8]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото имало 560 жители, 140 Македонци (христијани) и 420 Македонци-муслимани.[9] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Лисичани имало 80 жители.[10]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Лисичани се води како чисто македонско село од мешана (муслиманска и православна) вероисповед во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 50 куќи.[11]

Една статистика, која ја подготвил кичевскиот училиштен инспектор Крсто Димчев во 1909 година, ги дава следниве податоци за Лисичани:[12]

Домаќинства Гурбетчии Писмени Неписмени
мажи жени вкупно мажи жени вкупно
10 9 3 0 3 34 30 64

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 650 Македонци.[13]

Селото е големо, со одреден пораст на бројот на население. Така, во 1961 година селото броело 901 жител, од кои 817 биле Турци, 74 Македонци и 10 Срби. Во 1994 година бројот на населението се зголемил на 1.001 жител, од кои 981 Турчин, 13 Македонци и 7 Албанци.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Лисичани живееле 1.153 жители, од кои:[14]

*Населението е претежно македонско, но дел од македонското население со исламска вероисповед се изјаснило како Турци или Албанци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.155 жители, од кои 5 Албанци, 1.117 Турци, 1 останат и 32 лица без податоци.[15]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Лисичани:

Година Македонци Албанци Турци Срби Ост. Лица без под. Вкупно
1948 851
1953 110 7 868 2 12 999
1961 74 0 817 10 0 901
1971 48 2 906 12 5 973
1981 35 1 807 1 344 1.188
1991 16 5 1.330 0 37 1.388
1994 13 7 981 0 0 1.001
2002 6 10 1.126 0 11 1.153
2021 0 5 1.117 0 1 32 1.155

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Потурчување[уреди | уреди извор]

Сретселото на Лисичани, со спортскиот центар (лево), културниот центар (десно) и џамијата во позадина

Поради социолошки, економски и политички влијанија, најголем дел од муслиманското население во селото се изјаснува како Турци. Македонскиот јазик е најзастапен, а јазиците на другите националности се изучуваат во поново време или воопшто не се говорат. На пописот од 2002 година, целото население е попишано како турско. На сите минати пописи или е заведено како македонско, или е во графата на муслимани или под друго. Општиот изговор на населението е дека отсекогаш биле Турци и дека во минатото им било забранувано да зборуваат на мајчиниот турски јазик. Најинтересен е фактот дека тие зборуваат на чист македонски јазик, а никогаш не биле под власт на држава која ја воделе Македонци, а да вршеле асимилација. После турското ропство, тој дел на Македонија бил под српска окупација, па тие го асимилирале народот во Срби, каде морало да се зборува на српски. Поаѓајќи од тој факт дека пласничани зборуваат на македонски, а не на окупаторскиот јазик - српски. По српската окупација, Македонија се ослободува и формира своја држава, каде Турците се конститутивен народ, а турскиот јазик мајчин за Турците. Сепак турскиот како наставен јазик е воведен дури по 1996 година, кога се формирала Општина Пласница.[16][17]

Гледна точка на месното население[уреди | уреди извор]

Месното население тврди дека се етнички Турци кои зборуваат на македонски јазик.

Општо гледиште[уреди | уреди извор]

Според останатите гледишта, целото население по етничка припадност всушност се Македонци, поточно Македонци-муслимани, кои се изјасниле како Турци поради политичко-религиски причини. Податоци за ова се наоѓаат во македонски, бугарски, српски и останати светски извори.

Родови[уреди | уреди извор]

Селото Лисичани е населено во целост со македонско население, кое се разликува според верската припадност на православна и муслиманска вероисповед.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:[3]

  • Торбешки родови:
    • Староседелци: Љутвиовци (13 к.), Веселиовци (13 к.), Мифтаровци (11 к.), Акиовци (10 к.), Абдиовци (8 к.), Зеновци (4 к.), Елезовци (4 к.), Зираповци (3 к.), Парталовци (3 к.), Рамчевци (2 к.), Вранѓеловци (1 к.) и Даутовци (1 к.), потекнуваат од словенски предци. Вранѓеловци имаат истоимени роднини во Горно Строгомиште;
    • Доселени: Салифовци (13 к.), доселени се од соседното село Пласница; Каплановци или Дебрани (4 к.), доселени се од Косоврасти (Долно или Горно); Абазовци (3 к.), доселени се од селото Бачишта; Беговци (1 к.) и Дурмишовци (2 к.), доселени се од Кичево; Старовчанци (1 к.), доселени се во 1913 година од селото Староец; Куртишовци (3 к.), доселени се однекаде; Шајковци (13 к.), Мемедовци (3 к.) и Алимовци (1 к.), доселени се во различен период од селото Зајас, подалечно потекло од областа Матија во Албанија; Сопјани (3 к.), Демировци (4 к.) и Шерифовци (4 к.), доселени се во 1913 година од сега раселеното село С’лп (постоело помеѓу селата Цер и Црско) и Кочиштани (2 к.), доселени се исто така во 1913 година од селото Кочиште, Железник.
  • Македонски родови:
    • Доселени: Србаковци (3 к.), доселени се од околината на Ужице, Србија, имаат истоимени роднини во Вранештица. Го знаат следното родословие: Рафе (жив на 97 г. во 1961 година) Никола-Костадин-Станоја, основачот на родот; Поречковци (3 к.), доселени се во турско време од селото Крапа, Порече; Лазевци (1 к.), доселени се пред крај на турското владеење од некое село во Железник; Терзиовци (2 к.), доселени се на крајот од XIX век од селото Кладник; Косовци (4 к.), доселени се во 1956 година од некое село во околината на Урошевац, Косово. Родот го основале 4 браќа, еден од нив Бошко Јовановиќ бил водник во Кичево, и се оженил со девојка од родот Србаковци. Потоа ги повикал браќата да се населат во Лисичани и Латевци (1 к.), доселени се во 1958 година од селото Латово.
  • Ромски родови:
    • Доселени: Балевци (1 к.), како ковачи работеле во раселеното село С’лп, во 1913 година се преселиле во Кичево, а потоа дошле во Лисичани.

Според истражувањата пак на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[18]

  • Торбешки родови:
    • Староседелци: Мифтаровци (4 к.), Имеровци (2 к.), Шабановци (6 к.), Салијевци (4 к.), Абдијовци (7 к.), Вејсовци (7 к.), Шајковци (1 к.) и Врангеловци (6 к.);
    • Доселени: Љутфијовци (9 к.) и Оџовци (5 к.), доселени се пред околу 250 години од селото Косоврасти кај Дебар; Аџијевци (3 к.) и Зирафовци (2 к.), доселени се од селото Строгомиште и Мехмедовци (2 к.), доселени се од селото Бачишта.
  • Македонски родови:

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Основното училиште во селото

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Пласница, која била една од ретките општини во Македонија, кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Брод во периодот од 1957 до 1965 година. Во периодот од 1955 до 1957 година, селото се наоѓало во рамките на некогашната општина Челопеци.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Ижиште, во која покрај селото Лисичани, се наоѓале и селата Дворци, Ижиште, Ореовец, Пласница, Преглово и Русјаци. Селото било вклучено во Општината Челопеци во периодот 1950-1952, кога во нејзе биле вклучени селата: Бигор Доленци, Лисичани, Миокази, Орланци и Челопеци.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постојат избирачките места бр. 279 и 279/1 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[19]

На парламентарните избори во 2020 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.389 гласачи.[20]

Личности[уреди | уреди извор]

Личности родени во Лисичани:

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Селската црква „Св. Илија“
Археолошки наоѓалишта[21]
Цркви[22]
  • Црква „Св. Илија“ — главна селска црква, започната да се гради на темели од постара црква во 1995 година.
Џамии[22]
Споменици

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од православните Македонци се знае за родовите Јарумаговци и Трпески, кои се иселиле во селата Дупјани и Атишта. После Втората светска војна се иселиле 50 торбешки и 10 македонски семејства. Од Торбешите иселеници има во Турција, во градовите Истанбул, Лулебургас и Адапазар. Македонските иселеници оделе да работат како пекари во Суботица и Зрењанин.[3]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 180. Посетено на 2 ноември 2020.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 113–115.
  4. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр. 227
  5. [1][мртва врска]
  6. [2]
  7. [3][мртва врска]
  8. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.90-91.
  9. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 257.
  10. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 154-155.
  11. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 37.
  12. Стойчева, Станислава. Аспекти на грамотността на българското население в Македония (1878 – 1912), Македонски преглед, година ХХХVІІІ, 2015, кн. 2, с. 76.
  13. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  14. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 2 ноември 2020.
  15. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  16. ЛИСИЧАНИ НЕ ЈА САКААТ ДИРЕКТОРКАТА НА УЧИЛИШТЕТО[мртва врска]
  17. „Тивко и сиромашно предизборие во Пласница - Призма“. 2017-09-29. Посетено на 2020-10-17.
  18. Смиљанић, Тома, (1935) Кичевија, Насеља и порекло становништва. Београд, САНУ
  19. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 2 ноември 2020.
  20. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 2 ноември 2020.
  21. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  22. 22,0 22,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]