Долно Косоврасти
Долно Косоврасти | |
Воздушен поглед на селото Долно Косоврасти | |
Координати 41°32′26″N 20°35′7″E / 41.54056° СГШ; 20.58528° ИГД | |
Регион | Југозападен |
Општина | Дебар |
Област | Горен Дебар |
Население | 752 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1250 |
Повик. бр. | 046 |
Шифра на КО | 08016 |
Надм. вис. | 625 м |
Слава | Илинден, Петровден и Голема Богородица |
Долно Косоврасти на општинската карта Атарот на Долно Косоврасти во рамките на општината | |
Долно Косоврасти на Ризницата |
Долно Косоврасти — село во Општина Дебар, во областа Горен Дебар, во околината на градот Дебар. Познато е по својата истоимена бања, дел од Дебарските бањи.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во североисточниот дел на територијата на Општина Дебар, на јужните падини на планината Дешат, а од десната страна на реката Радика, а чиј атар се допира со подрачјето на Општина Маврово и Ростуше.[2] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 625 метри. Од градот Дебар, селото е оддалечено 12 километри, додека од патот Дебар-Гостивар (Р1202) околу еден километар.[2]
Селото се наоѓа во областа Горен Дебар на десниот брег на реката Радика, притиснато на страна, покрај самата Косоврашка Река. Тоа се наоѓало некогаш на самиот почеток на Дебарското Поле, а денес е на самиот почеток на Дебарското Езеро.[3]
До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1202 пред Мелничкиот мост.
Во непосредна близина на селото се наоѓа сулфурната Косоврашка бања, чиј мирис се чувствува уште од устието на Мала Река и од Горенечкиот мост. Водите од бањата порано се искористувале на примитивен начин, но денес се во склоп на Дебарските бањи.[3]
Селото има збиен тип, а низ него поминува пат. Во селото се наоѓаат следниве маала: Куртовци, Шабановци, Пејковци и Пулчиновци.[3]
Во минатото, мештаните пиеле вода од Радика, или пак од селската чешма, како и од чешмата „Богородица“ над селото или „Јовкова Вода“ на другиот брег од Радика.[3]
Историја
[уреди | уреди извор]Подрачјето на Долно Косоврасти е населено уште од средниот век, за што сведочат повеќе наоѓалишта во неговата околина.[4]
Селото најпрвин се наоѓало низводно од Косоврашка Река, на некогашното Косоврашко Поле, што било опеано во песната „Не је овде Косоврашко Поле“, но кога биле исечени големи шумски подрачја на Крчин и Стогово се појавила ерозија, поради што голем дел од куќите, но и црквата, биле често поплавувани, а полето уништено.[3]
Селото е запишано како дервенџиско село, сè до 1583 година, со карактеристични дервенџиски давачки. Со пописот од 1519 година, Долно Косоврасти броело 64 семејства, од кои 63 христијански и само 1 муслиманско.
Самите мештани сметаат дека селото им е најстаро во Реканскиот Крај, а како доказ го посочуваат градот, односно средновековната тврдина Заградишта, кој се наоѓал над денешното село.[3]
Самите селани отсекогаш говореле на мијачко наречје, поради што и се вбројува селото во областа Долна Река, за разлика од соседното село Горно Косоврасти, за кое има спротивставени гледишта дали припаѓа во Реканскиот Крај или пак во Дебарското Поле.[3]
Вкупно 8 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[5]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото зафаќа простор од 8,4 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 498,4 хектари, на пасиштата отпаѓаат 151,2 хектари, а на обработливото земјиште 28,2 хектари.[2]
Во основа, може да се каже дека селото нема некоја развиена аграрна функција. Во селото работат продавници и угостителски објекти.[2]
Во минатото селаните се занимавале со земјоделство и печалбарство, а Куртовци имале и до 4.000 овци.[3]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, селото имало 20 домаќинства со 71 жител, сите Македонци.[6]
Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Долно Косоврасти живееле 600 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Долно Косоврасти имало 216 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[9]
Селото е средно по големина, со позитивно популациско салдо. Така, во 1961 година селото броело 405 жители, од кои 342 се изјасниле како Турци, 56 биле Македонци и седум жители Албанци, додека во 1994 година селото имало 689 жители, од кои 625 биле Македонци, 58 Турци и 1 Албанец.[2]
Според пописот од 2002 година, селото имало население од 813 жители, од кои се изјасниле:[10] 388 Македонци, 224 Турци, 4 Албанци и 197 останати.
Целосното муслиманското население на селото се Македонци-муслимани, но поради политичко-религиски причини се пишале како Турци. Во тој однос, треба да се напомене дека селото е населено исклучиво со Македонци, бидејќи жителите попишани како Турци се всушност Македонци-муслимани како и сите останати жители на селото. Доказ за тоа е наглата промена во изјаснувањето на жителите како Македонци и Турци. Така, во 1994 за Македонци се изјасниле 625 жители, а за Турци 58, додека за само 8 години во 2002 како Македонци се изјасниле 388, а како Турци 224 лица. Историски гледано, селото никогаш немало етнички Турци.
Според мајчин јазик, населението се изјаснило:[10]
мајчин јазик | Вкупно |
македонски | 768 |
турски | 40 |
албански | 4 |
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 752 жители, од кои 282 Македонци, 3 Албанци, 286 Турци, 96 останати и 85 лица без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 600 | 216 | 441 | 455 | 405 | 394 | 538 | 677 | 689 | 813 | 752 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Родови
[уреди | уреди извор]Како главни родови кои чии имиња се именувани и маалата во селото се Куртовци, Шабановци, Пејковци и Пулчиновци.[3]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Основно училиште „Ристе Ристески“, централно деветгодишно основно училиште
- Амбуланта
-
Централното основно училиште „Ристе Ристески“ во селото
-
Селската амбуланта
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Кон крајот на XIX век, Долно Косоврасти било село во Реканската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Дебар, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така припаѓало на некогашната Општина Дебар.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Дебар.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Косоврасти, во која влегувале селата Горно Косоврасти, Горно Мелничани, Долно Косоврасти, Долно Мелничани, Могорче, Осој и Скудриње. Во периодот 1950-1952 година селото било седиште на некогашната Општина Долно Косоврасти, во која влегувале селата Горно Косоврасти, Долно Косоврасти, Горно Мелничани, Долно Мелничани, Могорче и Осој.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0555 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 727 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 776 гласачи.[18]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[4]
- Елица — средновековна црква и некропола;
- Заградишта — средновековна тврдина; и
- Стар Пат — средновековен пат.
- Цркви[19]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква од XIX век, возобновена во 1985 година.
- Џамии[19]
- Стара џамија — опожарена селска џамија
- Нова џамија — нова селска џамија
-
Новата селска џамија
-
Селската црква „Св. Никола“
-
Опожарената селска џамија
Редовни настани
[уреди | уреди извор]Селски слави:[3]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Поглед на селото
-
Сокак низ селото
-
Воздушен поглед
-
Игралиште во училишниот двор
-
Воздушен поглед
-
Дел од селото со устието на Радика во Дебарското Езеро
-
Поглед на двете села, Горно и Долно Косоврасти
-
Поглед на Косоврашката бања
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 106.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 Смиљаниќ; Тома (1925). Mijaci, Gorna Reka i Mavrovsko Polje. Белград: Српска кралска академија. OCLC 28398861.
- ↑ 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 120. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 170-171.
- ↑ Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 263.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 184-185.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ 10,0 10,1 Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2023-01-04. Посетено на 4 јануари 2023.
- ↑ 19,0 19,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Долно Косоврасти на Ризницата ?
|