Горно Косоврасти

Од Википедија — слободната енциклопедија
Горно Косоврасти
Поглед на селото Горно Косоврасти 3.jpg

Воздушен поглед на селото Горно Косоврасти

Горно Косоврасти is located in Македонија
Горно Косоврасти
Местоположба на Горно Косоврасти во Македонија
Горно Косоврасти на интерактивна карта

Координати 41°32′53″N 20°34′32″E / 41.54806° СГШ; 20.57556° ИГД / 41.54806; 20.57556Координати: 41°32′53″N 20°34′32″E / 41.54806° СГШ; 20.57556° ИГД / 41.54806; 20.57556
Регион Logo of Southwestern Region, North Macedonia.svg Југозападен
Општина Grb-debar.jpg Дебар
Област Горен Дебар
Население 653 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1250
Повик. бр. 046
Шифра на КО 08011
Надм. вис. 1.040 м
Горно Косоврасти на општинската карта
Горно Косоврасти во Општина Дебар.svg

Атарот на Горно Косоврасти во рамките на општината
Commons-logo.svg Горно Косоврасти на Ризницата


Горно Косоврасти — село во Општина Дебар, во областа Горен Дебар, во околината на градот Дебар.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на селото

Селото се наоѓа во североисточниот дел на територијата на Општина Дебар, на јужните падини на планината Дешат, а чиј атар се допира со подрачјето на Општина Маврово и Ростуше.[2] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 1.040 метри. Од градот Дебар, селото е оддалечено 13 километри.[2] Се наоѓа над реката Радика од нејзината десна страна.

До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1202 кај соседното село Долно Косоврасти.

Горно Косоврасти е опкружено со густа дабова, тополова и јасикова шума, како и со голем број на други листопадни дрвја, а поради самиот состав на почвата кој е карстен и варовнички, селото и околината изобилуваат со водени извори со свежа и со минерална вода, на која се изградени познатите Дебарски бањи, односно бањата Косоврасти.

Етнографски селото Горно Косоврасти заедно со Долно Косоврасти, се наоѓаат на самата граница помеѓу областите Долна Река од Реканскиот Крај, односно мијачкиот етнографски предел и Дебарско, односно областа наречена Дебарско Поле, брсјачкиот етнографски предел, но сепак во Горно Косоврасти преовладуваат јазично-говорните, културно-фолклорните и обичајно-традициските одлики на дебарскиот крај и брсјачкиот предел со одредени мијачки примеси.

Поради ваквата местоположба во пишаните извори како книги и научни трудови често селото Горно Косоврасти е вбројувано како село во едниот или другиот од овие два краеви, па така Бранислав Русиќ во својот труд насловен „Поле Дебарско“ од 1954 година, не го смета за село во овој крај туку за село кое припаѓа на Мијаците од Река, додека пак Тома Смиљаниќ-Брадина во своето дело „Мијаци, Горна Река и Мавровско Поле“ се оградува дека Горно Косоврасти припаѓа на Мијаците, а во областа Голема Река ги вброил соседните Долно Косоврасти, Горно Мелничани и Долно Мелничани.[3]

Во книгата „Рајчица и Рајчка парохија - крајот на XIX и првата половина на XX век“ од авторите Петко и Методија Јовчевски, издадена во 2000 година, се смета дека селото Горно Косоврасти припаѓа на областа Поле Дебарско, односно неговите жители се „полјани“, што се поткрепува врз основа на местоположбата на селото, наречјето-говорот, облеката (рувото, носијата) особено на жените - Македонки што ја носеле во полето, како и преку црковната документација од крајот на XIX и почетокот на XX век, за склопувањето на брачни врски преку мажење на невести и женење на момчиња во Дебар, Рајчица и другите села во Рајчката парохија, што воопшто не било или било многу редок случај со селата на Мијаците и во Река.[3]

Историја[уреди | уреди извор]

Влезот во селото, а во позадина Дебарското Езеро

Подрачјето на Горно Косоврасти е населено уште од доцната антика, за што сведочи наоѓалиштето Кале во неговата околина.[4]

Остатоци од старини и население од дамнешни историски периоди се присутни во атарот на селото, кое се одликува со прилично поволна и безбедна местоположба за живеење. Така, според археолошката карта на Дебар во атарот на Горно Косоврасти, се забележани остатоци од гробови од доцниот средновековен период во месноста Коачево, која била село чиешто население се занимавало со ковачки занает, во месноста Селиште-Манастир се забележани грамади од камења и гробови од типот цисти од средниот век, во месноста Кошево која се смета за вакавско место се забележани остатоци од помало црквиче, додека во месноста На Црков се забележани камени покривни плочи од гробови.[3]

Еден од најстарите записи за Горно Косоврасти потекнува од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 508 од 1467 година за тогашниот Вилает Река, каде селото е запишано како Корна Костовраст, а во него живееле 6 македонски христијански семејства кои произведувале пченица, јачмен, ’рж, овес, ореви, лен, мед и чувале овци за што остварувале приход од 450 акчиња.[5]

Подоцна во XVI век, во 1519 година, кога е запишано како Јокари Косоврат сумарно се покажани 36 македонски христијански семејства, а во 1583 година поединечно се запишани 13 христијански и 1 муслиманско семејство, кое е исламизирано.[5]

Со овие податоци се потврдуваат мислењата дека исламизацијата на селското население започнала во XVI век и продолжила во XVII век кога веќе започнала да се создава мијачката македонска муслиманска подгрупа во Реканско.[6]

Во 1920 година во Горно Косоврасти живееле 8 домаќинства со вкупно 42 жители, православни Македонци, кои по 1946 година целосно се иселиле од селото. Во периодот по Втората светска војна и за времето на иселувањето на православните Македонци од дебарските села, жителите муслимани од Горно Косоврасти започнале масовно да ги купуваат нивните имоти, така што најголемиот дел од земјишниот и недвижен имот во соседното блиско село Рајчица бил купен и преминал во сопственост на жители на Горно Косоврасти, кои и покрај тоа не покажале голем интерес за трајно населување и живот во тоа село.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Амбари во селото

Атарот на селото зафаќа простор од 7,5 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 374,1 хектар, на пасиштата отпаѓаат 198,9 хектари, а на обработливото земјиште 86,2 хектари.[2]

Во основа, може да се каже дека селото нема некоја развиена аграрна функција. Во селото работат продавници и угостителски објекти.[2]

Во селото се одгледува познатиот косоврашки грав со ситно зрно, планинска пченка, кромид, компир, а населението се занимава и со сточарство, односно овчарство и во помала мера краварство како и печалбарство. Печалбарството е најзастапено преку одење на привремена работа во Италија, каде голем број на машки млади лица од селото се занимаваат со ѕидарство, плочкарство, фасадерство и други занаети во рамки на градежништвото, но исто така во помала мера има печалбари кои работат како бербери (фризери), пекари и слаткари. Дел од населението се занимава и со терциерни стопански занимања, односно работи како наставници во основното училиште во селото или извршува наставнички, службенички и други дејности во градот Дебар.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948375—    
1953375+0.0%
1961413+10.1%
1971607+47.0%
1981659+8.6%
ГодинаНас.±%
1991725+10.0%
1994867+19.6%
2002818−5.7%
2021653−20.2%

Според податоците од 1873 година во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, селото имало 90 домаќинства со 122 жители муслимани (Македонци) и 92 христијанци (Македонци).[7]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Горно Косоврасти живееле 180 жители, сите Македонци христијани.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Горно Косоврасти имало 320 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]

Селото имало позитивен популациски биланс. Во 1961 година селото броело 413 жители, од кои 283 се изјасниле како Турци, 96 како Македонци, а 33 жители Албанци, додека во 1994 година бројот двојно се зголемил, односно на 867 жители, од кои 700 биле Македонци, а 113 Турци.[2]

Сепак, Горно Косоврасти бележи пад на своето население од 867 жители во 1994 година, на 818 жители во 2002 година, пред сè поради големата емиграција во Италија. Етничкиот состав на Горно Косоврасти е следниов:[10] 578 Македонци, 222 Турци и 18 останати.

Целосното муслиманското население на селото се Македонци-муслимани, но поради политичко-религиски причини се пишале како Турци. Во тој однос, треба да се напомене дека селото е населено исклучиво со Македонци, бидејќи жителите попишани како Турци се всушност Македонци-муслимани како и сите останати жители на селото. Доказ за тоа е наглата промена во изјаснувањето на жителите како Македонци и Турци. Така, во 1994 за Македонци се изјасниле 700 жители, а за Турци 113, додека за само 8 години во 2002 како Македонци се изјасниле 578, а како Турци 222 лица. Историски гледано, селото никогаш немало етнички Турци.

Според мајчин јазик, населението се изјаснило:[10]

мајчин јазик Вкупно
македонски 769
турски 48
албански 1

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 653 жители, од кои 172 Македонци, 16 Албанци, 324 Турци, 116 останати и 25 лица без податоци.[11]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 180 80 375 375 413 607 659 725 867[б 1] 818 653
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]

Родови[уреди | уреди извор]

Женско (девојчинско) оро, на прослава на сунет во Горно Косоврасти, со македонското знаме во позадината

Селото Горно Косоврасти отсекогаш, па до денес е населено исклучиво со родови на Македонци, муслимани и христијани.[3]

Родови во Горно Косоврасти биле:

  • Македонски православни семејства: Зафировци, Неделкови или Китановски, Блажеви, Јованови, Тасеви, Трајкови и Трпеви, кои живееле во 1920 година, а до 1946 година целосно се иселиле.
  • Македонски муслимански семејства: Малоски, Ајроски, Османоски, Тафовски, Фетовски, Шаиновски, Фазлиовски, Исеиновски, Мустафовски, Дуроски, Џемаилоски, Дервишовски, Дикоски, Оручоски и Јонузоски.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Како традиционално печалбарски крај од Горно Косоврасти се забележани многу иселеници во минатото, а иселеничко-печалбарскиот бран трае сè до денешни дни. Во минатото населението, посебно православното, се иселувало во градовите Дебар и Скопје, како и во соседните држави Србија и Бугарија, а во денешно време најмногу иселеници има во Дебар и селото Рајчица (во помала мера и привремено), а особено многу и во Италија.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век, Горно Косоврасти било село во Дебарската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Дебар, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така припаѓало на некогашната Општина Дебар.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Дебар.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Косоврасти, во која влегувале селата Горно Косоврасти, Горно Мелничани, Долно Косоврасти, Долно Мелничани, Могорче, Осој и Скудриње. Во периодот 1950-1952 година селото било дел од некогашната Општина Долно Косоврасти, во која влегувале селата Горно Косоврасти, Долно Косоврасти, Горно Мелничани, Долно Мелничани, Могорче и Осој.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0556 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[16]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 717 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 742 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта[4]
  • На Црков — средновековна некропола; и
  • Кале — утврдување од доцноантичкото време.
Цркви[19]
Џамии[19]

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во или по потекло од Горно Косоврасти

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 78.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Јовчевски, Петко; Јовчевски, Методија (јули 2000). Рајчица и Рајчка парохија - крајот на XIX и првата половина на XX век; селата: Рајчица, Горенци, Пареши, Броштица, Кочишта, Вапа со Пеовци и Јанковци, Голем Папрадник и Праленик. Дебар: Графобимс. стр. 112-113. ISBN 9989-908-42-7.
  4. 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 119. ISBN 9989-649-28-6.
  5. 5,0 5,1 Соколоски, Методија (1976). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 393.
  6. Паликрушева, Галаба (1965). Исламизацијата на Торбешите и формирање на торбешката субгрупа. Скопје: докторска дисертација. стр. 92.
  7. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 170-171.
  8. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 263.
  9. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 184-185.
  10. 10,0 10,1 Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  11. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  12. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  13. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  14. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  15. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  16. „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. https://rezultati2021lokalni2krug.sec.mk/mk/mayr/r/11-498. Посетено на 3 јануари 2023. Отсутно или празно |title= (help)
  19. 19,0 19,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Забелешки
  1. Податоците за вкупното население во Пописот од 1994 година за населените места: Баниште, Горно Косоврасти, Дебар, Кривци, Отишани, Оџовци, Селокуќи, Спас, Хаме и Џепиште претставуваат збир на фактички попишаното и проценетото население.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]