Долно Мелничани
Долно Мелничани | |
Поглед на Долно Мелничани | |
Координати 41°30′56″N 20°34′24″E / 41.51556° СГШ; 20.57333° ИГДКоординати: 41°30′56″N 20°34′24″E / 41.51556° СГШ; 20.57333° ИГД | |
Општина | ![]() |
Население | 11 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 08017 |
Надм. вис. | 972 м |
![]() |
Долно Мелничани — село во Општина Центар Жупа, во околината на градот Дебар.
Географија и местоположба[уреди | уреди извор]
Селото се наоѓа на границата помеѓу пределот Мала Река во областа Мијачија и областа Дебарска Жупа[2] во Западна Македонија. Поради ваквата местоположба, врз основа на одликите на населението кое е од мијачко потекло, Томо Смилјаниќ - Брадина селото го смета за дел од Мијачијата, а врз основа на географските одлики географот Митко Панов смета дека тоа припаѓа на областа Жупа во Дебарско. Долно Мелничани е ридско село расположено на 740 метри надморска височина под северозападната падина на планината Стогово[2]. Сместено е на средна терасеста површина околу 200 метри над долината на реката Радика која денес е заезерена со водите на Дебарското Езеро, а под огранкат на Стогово наречена Маруша[3]. Од градот Дебар, селото е оддалечено 8,5 километри[2]. Синорот на селото граничи со селата Броштица на југ, Горно Мелничани на исток, Долно Косоврасти на север[3], Горенци на запад, додека делот од атарот преку Дебарското Езеро север и северозапад граничи со Елевци и Рајчица. Има мошне мал атар кој зафаќа простор од само 3,7 км2, на кој преовладуваат шумите на површина од 255,3 ха, на пасиштата отпаѓаат 40,6 ха, а на обработливото земјиште само 20,5 ха[2]. Земјиштето е составено од шкрилци, а преку нив има слој од „клака“ - наталожен гипс со дамари (пластови) од сулфур, кој е во врска со блиската терма - Дебарски Бањи и Синина[3] над кои се наоѓа големото наоѓалиште и ископ на гипс на „Кнауф“ со кристалната пештера Алчија.
Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]
Своето име селото го добило според повремената река Мел(е)ница која тече крај селото, а чие име доаѓа од старословенскиот збор за воденица[3]. Името на селото настанало според занимањето на првобитните жители (мелничани), а за разликување од повисоко истоимено село било наречено Долно Мелничани[3].
Население[уреди | уреди извор]
Според податоците од 1873 година, селото имало 50 домаќинства со 164 жители христијани (Македонци).[4]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото имало 250 жители христијани (Македонци).[5]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Долно Мелничани имало 280 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 11 жители, сите Македонци.[7]
На табелата е прикажана состојбата на населението во сите пописни години:[8]
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 250[5] | 280[6] | 293 | 290 | 257 | 69 | 31 | 17 | 23 | 11 |
Родови[уреди | уреди извор]
Во селото Долно Мелничани отсекогаш живееле исклучиво родови на Македонци од православна христијанска вероисповед. Според истражувањата на Томо Смилјаниќ - Брадина спроведувани на почетокот на XX век, во селото Долно Мелничани живееле следните македонски родови, во Долно Маало: Ѓорѓиовци и Стефановци кои дошле од с. Попоец од Брсјаците во Кичевско; Макревци кои дошле од Косоврасти; Јовковци и Огненовци; Спасовци кои дошле од пределот на Булчица преку градот Дебар; додека во Горното Маало живееле: Петковци; Поповци; Силјановци; Митревци; Неловци; Јакшовци; Паликуќовци; Ќипровци; Потевци; Балковци при што сите како слава го славеле празникот Воведение на Пресвета Богородица[3]. Кон крајот на деведесеттите години на XX век во селото постојано живеел 5 семејства со вкупно 10 члена и тоа: Василевски, Савевски, Момировски, Силковски и Јаковлевски, а повремено, но подолго време престојувало семејството Андоновски[9]. Во 1926 година во селото Долно Мелничани живееле следните семејства со вкупно 54 домаќинства: Китановски, Костови, Фидановски, Макревски, Велковски, Милошевски, Мијовски, Филиповски, Аврамовски, Спасеви, Доневски, Несторовски, Андоновски, Ангелкови, Ристеви, Досеви, Јаковлевски, Арсови, Јосифови, Зафирови, Апостоловски, Кирови, Стојанови, Силјанови, Герасимови, Гигови, Исакови, Тофилови, Тодорови, Стаматови, Гавриловски, Ристевски, Серафимовски, Попевски[9].
Општествени установи[уреди | уреди извор]
- Црква „Воведение на Пресвета Богородица" (Св. Пречиста) — селска црква од XIX век - 1884 година;[10]
Поврзано[уреди | уреди извор]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 107.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Смиљанић, Томе; Цвијић, Јован (1925). „Мијаци, Горна Река и Мавровско Поље“. Насеља и порекло становништва (српски). 20. Српска краљевска академија. стр. 103–104.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.176-177.
- ↑ 5,0 5,1 Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.261
- ↑ 6,0 6,1 D.M.Brancoff. "La Macedoine et sa Population Chretienne". Paris, 1905, р.184-185.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат. Државен завод за статистика.
- ↑ 9,0 9,1 Јовчевски, Петко; Јовчевски, Методија (јули 2000). Рајчица и Рајчка парохија - крајот на XIX и првата половина на XX век; селата: Рајчица, Горенци, Пареши, Броштица, Кочишта, Вапа со Пеовци и Јанковци, Голем Папрадник и Праленик. Дебар: Графобимс. стр. 117-118. ISBN 9989-908-42-7.
- ↑ „Дебарско-реканска парохија“. Дебарско-кичевска епархија. Архивирано од изворникот на 2013-06-20. Посетено на 2011-08-02.
Надворешни врски[уреди | уреди извор]
- Сателитска снимка на Долно Мелничани на Карти на Гугл
|