Елевци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Елевци
Елевци 02.JPG

Поглед на селото Елевци од патот за Долгаш

Елевци is located in Македонија
Елевци
Местоположба на Елевци во Македонија
Координати 41°25′14″N 20°37′23″E / 41.42056° СГШ; 20.62306° ИГД / 41.42056; 20.62306Координати: 41°25′14″N 20°37′23″E / 41.42056° СГШ; 20.62306° ИГД / 41.42056; 20.62306
Општина Coat of arms of Centar Župa Municipality.svg Центар Жупа
Население 260 жит.
(поп. 2002)
Надм. вис. 1110 м
Commons-logo.svg Елевци на Ризницата

Елевци — село во Општина Центар Жупа, во околината на градот Дебар.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на селото Елевци

Селото Елевци се наоѓа на крајниот јужен дел на областа Жупа[1] во Дебарско, Западна Македонија. Сместено е на една зарамнета тераса високо на западната падина на Стогово. Поточно, Елевци е планинско село, чии куќи се издигнуваат на југозападната падина на планината Стогово, на надморска височина од 1000 до 1200 метри[1], со средна надморска височина од 1100 метри[2]. Исто така тоа е сместено високо од десната страна над Долгашка (Елевска) Река. Од градот Дебар, селото е оддалечено 25 километри[1]. До него не води само земјен пат кој е продолжение на асфалтираните делници од патиштата од Центар Жупа преку Коџаџик до Новак на север-северозапад и од Долгаш и ХЕЦ Глобочица на запад и југ. Атарот се допира со територијата на Општина Струга (порано Луково) и воедно граничи со Буринец и Селци во пределот Малесија. Земјишното подрачје на Елевци се шири помеѓу атарите на Новак на север, Селци и Буринец на југ, раселеното село Евла и некогашното Долно Елевци на запад и планинската падина на Стогово на исток по чиј срт со врвовите и доловите Куруло, Бела Вода, Канеш (2216 м.), Бабин Срт (2241 м.), Лениште (од 1896 до 2016 м.), Дузлер (1664 м.), Глобок Дол оди селската меѓа[2]. Атарот зафаќа површина од 11,4 км2 и на него преовладуваат пасиштата на површина од 677 ха, на шумите отпаѓаат 274,2 ха, а на обаботливото земјиште само 61,7 ха[1]. Земјиштето на атарот е планинско и варовничко со растресита почва - темна црвеница, главно под шума, а околу речните текови има и обоени шкрилци[2].

Историja[уреди | уреди извор]

Според преданието на Македонците во поширокиот предел, оснивачи на селото биле „рисјани“ или „каури“, односно православни Македонци кои до 1948 година, сосем ги напуштиле своите родни огништа поради неслагање со месното турско население[2]. Најстарите жители на Елевци кажувале дека селото во денешниот облик и местоположба околу средината на XIX век го основале нивните сонародници од родот Елезлер кои подоцна се иселиле во соседното село Долгаш[2], а по кои веројатно е добиено и името на селото. Постари пишани податоци за ова село речиси воопшто и да не постојат. Во средновековните записи од турските пописни дефтери за вилаетот Долго Брдо од 1467 година се среќава селото Елшево (Долнодебарско) со 5 христијански македонски семејства[3], но според местоположбата многу поверојатно е ова да се однесува за другото истоимено село (Татар или Град) Елевци што се наоѓа веднаш крај градот Дебар. Во истите пописни документи за вилаетот Горни Дебар пак се сретнува село запишано како Ивлахлар кое било тимар на на некој Фахредин кој бил диздар (заповедник, командант) во крепоста (тврдината) Коџаџик, а во кое живеело 1 христијанско македонско семејство на Металец Видич кое произведувало по 1 товар пчемница, јачем и овес за што се остварувало приход од 69 акчиња[4]. Истражува ко е се чите и историчарите не ја утврдиле точната местоположба (убикација) на ова запишано село, но поради сигурноста дека било во околината на Коџаџик претпоставуваат дека може станува збор за Елевци кое се наоѓа јужно од Коџаџик[4]. Според записот на името Ивлахлар или Влахлар може да се претпостави и дека тоа се однесува на блиските села Евла или Власиќи во Жупа.

Според кажувањата на самите жители, скоро сите родови се со потекло и доселени од областа Коња во Турција (Мала Азија), а до почетокот на XIX век живееле во Коџаџик[2]. Изразено е мислењето и дека сегашните жители на Елевци до средината на XVIII век биле православни Македонци и дека тогаш ја примиле мухамеданската вера и потоа се потурчиле, а под влијание на Коџаџик (кој бил позната и силна тврдина) го напуштиле својот мајчин јазик и го усвоиле турскиот[2]. Сепак за вакво нешто не знаеле ниту најстарите Македонци кои живееле во Елевци до средината на ХХ век, а доколку ваквото мислење било точно, тоа единствено би можело да се однесува на селските родови Перванларе и Бошнакларе[2], чии родовски презимиња упатуваат на македонска и словенска поврзаност или припадност.

Првите пишани податоци за селото се среќаваат во поменикот на манастирот „Св. Јован“ Бигорски од 1863 година, каде тоа е запишано со името Елевци Горно[2]. Според податоците од 1873 година, селото имало 38 домаќинства со 47 жители христијани (Македонци) и 65 муслимани (Турци).[5] Според податоците на Васил К’нчов од 1900 година, селото имало 65 жители христијани (Македонци) и 550 Турци.[6].

До 1948 година во горниот дел на селото постоела црквата Света Богородица со православни гробишта, чии траги сè уште не биле изгубени во педесетите години на ХХ век, а некогаш околу неа местото кое сега се нарекува „Рекој куќи“ живееле Македонци[2]. Кога на почетокот на XIX век, се доселиле првите Турци („турштијата кога втаса“) и почнале да основаат куќи на денешната местоположба селото се нарекло Елевци[2]. Оттогаш, македонскиот крај Рекови куќи почнал постепено да се напушта и да се преместува во горниот крај на Елевци во маалата Фетилер и Перван[2]. Додека живееле православни Македонци, селската слава на Елевци била на Богојавление-Водици[2].

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Мештаните и нивните соседи од муслиманска вероисповед кои се сметаат за турци селото го викаат Елесца, а православните Македонци го нарекувале Елевци[2]. Во селата околу Дебар за се разликува од истоименото село (Татар или Град) Елевци, ова село во Жупа се нарекува(ло) и Коџаџик-Елевци, а додека постоело и селото Долно Елевци крај Евла ова село било познато и како Горно Елевци, како што е и запишано во Бигорскиот манастирски поменик од 1863[2]. Иако жителите немаат никакво предание и толкување, се смета дека името настанало од муслиманското турско име Елез во содејство со македонскиот говорен облик за неговиот род Елезци>Елесци>Елевци[2]. Сепак, имајќи предвид дека соседно и многу блиско село е Евла чие име потекнува од македонскиот назив за вид брезово цветно растение, можно е името да потекнува од македонскиот збор евла>евлевци>елевци. Научните толкувања сметаат дека името потекнува како родовска припадност-ојконим на луѓе кои како доселеници од соседното село Евла го основале Елевци (жители на Евла->Елевци), како и дека потекнува од топонимот Елха (растение) кео според застапувањето на групата шц во говорот понатаму ќе го даде името Елехци>Елешци>Елевци[7] Истоимено село со име Елевци постои веднаш над градот Дебар, а во Македонија има уште две други места со слични имиња[2].

Стопанство[уреди | уреди извор]

Според составот на атарот селото во основа има сточарска функција[1]. Главно занимање на жителите на селото било и е сточарството, а потоа и ѕидарството надвор од селото[2]. Од сточарството најмногу се одгледуваат овци кои лете се напасуваат во бачила во пределот на Голема и Мала Мегданица високо на планината Стогово, додека во селото се одгледува и покрупен добиток како крави и волови. Освен овие стопански гранки, затапено е и градинарството[2], како и земјоделството на зарамнетите предели непосредно околу селото каде се одгледуваат стрни (планински) жита и градинарски култури за сопствени потреби.

Население[уреди | уреди извор]

Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 260 жители, сите Турци[8]

Родови[уреди | уреди извор]

Во селото Елевци денес живее муслиманско население кое зборува на турски јазик и се изјаснува со турска националност. Во селото нема прави старински родови и сите се доселеници со потекло од областа Коња во малоазискиот дел на Турција[2], при што во околните места се наведува дека тие се со јуручко-турско потекло од пределот Караман[9].

  • Турски родови се: Фетилер, Перванлар, Бектешлер припаѓале на бектешки ред, Ќенанлар, а со неутврдено потекло на доселување е родот Бошнаклар[2].
  • Македонски православни родови кои живееле во селото биле: Куневци и Мартиновци биле старинци кои живееле на местото Рекој Куќи и славеле Голема Богородица, Петровци (слават Голема Богородица) се доселиле на крајот на XIX век од Коџаџик и имале своја родовска гранка во Солунско, Ивановци (слават Митровден) избегале од Коџаџик во 1878 година[2]. Мештани на соседното село Новак, знаат и кажуваат дека во Скопје има Македонци со потекло од Елевци[9].

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од турските семејства има бројни иселеници во Турција во местата и градовите Паламуд, Аксери, Адапазар, Дургутли и Маница, а имало иселеници во соседното, денес сосема раселено село Евла[2]. Православните македонски семејства до 1948 целосно се иселиле во: Дебар, Скопје во градот и населбата Ѓорче Петров (Мирчевци од родот Петровци), Кавадарци, Солунско и во градовите Софија, Видин и Ќустендил во Бугарија[2].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 121. 
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 2,18 2,19 2,20 2,21 2,22 2,23 Русиќ, Бранислав (1957) (на српски). Жупа Дебарска. Скопје: Филозофски факултет. стр. 80–83. 
  3. Соколоски, Методија (1976) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 379. 
  4. 4,0 4,1 Соколоски, Методија (1976) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 315. 
  5. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.176-177.
  6. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.261
  7. Иванова, Олга (2014) (на македонски). Речник на имињата на населените места во Р. Македонија. Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 92-93. 
  8. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  9. 9,0 9,1 Според кажување на мештани. Забележал Марио Шаревски на 16.04.2016

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]