Кичевска каза била помала административна единица во Отоманското Царство. Била дел од Битолскиот санџак и Битолскиот вилает. Центарот на казата бил во Кичево. Се состоела од Горно Кичево, Долно Кичево, Горна Копачка, Долна Копачка, Рабетин Кол и Поречка Нахија (Горно и Долно Порече). Во состав на казата имало вкупно 117 села и градот Кичево.[1] На почетокот на 20 век населението било мешано во верска, етничка и национална смисла. Од муслимани во казата живееле Албанци, Македонци и Роми, а христијаните биле поделени на патријаршисти и егзархисти. Албанците и Македонците муслимани живееле во западниот дел на казата.[2]