Дупјани

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Дупјани
Поглед на Дупјани.jpg

Поглед кон Дупјани

Дупјани is located in Македонија
Дупјани
Местоположба на Дупјани во Македонија
Координати 41°32′30″N 21°04′21″E / 41.54167° СГШ; 21.07250° ИГД / 41.54167; 21.07250Координати: 41°32′30″N 21°04′21″E / 41.54167° СГШ; 21.07250° ИГД / 41.54167; 21.07250
Регион Logo of Southwestern Region, Macedonia.svg Југозападен
Општина Coat of arms of Kičevo Municipality.png Кичево
Област Рабетинкол
Население 8[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 6258
Повик. бр. 045
Шифра на КО 12019
Надм. вис. 892 м
Слава Илинден
Дупјани на општинската карта
Дупјани во Општина Кичево.svg

Атарот на Дупјани во рамките на општината
Commons-logo.svg Дупјани на Ризницата


Дупјани — мало село во областа Рабетинкол, во Општина Кичево, во околината на градот Кичево.

Етимологија[уреди | уреди извор]

Според некое кажување, во една карпа под селото била издлабена ниша, каде мештаните палеле свеќа и чувале икона, поради што некои викаат дека селото го добило името Дупјани. Други, пак, кажуваат дека родот кој го основал селото го донел името на своето село.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Сретселото

Селото се наоѓа во областа Рабетинкол, во источниот ридест дел на Кичевската Котлина и во крајниот источен дел на територијата на Општина Кичево, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Македонски Брод.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 780 метри. Од градот Кичево е оддалечено 11 километри.[3]

Селото е сместено во долината на Рабетинска Река, на нејзината лева страна. Куќите се сместени на рамна површина.[4] Сместено е помеѓу планините Челоица и Песјак. Атарот на селото Дупјани граничи со атарите на селата: од исток Крушје (Горно и Долно) и Патец, од север Ново Село, од запад Рабетино, и од југ Козичино, Светораче и Крушица.

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Лазје, Крапчи дол, Удаеник, Папалица, Преслап, Мачкин Камен, Старец, Кула, Урвал, Василово Ѓубре, Леништа, Река, Теслица, Селце, Пиој, Свињишта, Угриноа Нива, Осојница, Стење, Улеј Куќи, Равен, Црквиште, Задел и други.[4]

Селото има збиен тип. Не постојат маала бидејќи е мало и едноставно. Сепак роднинските куќи се групирани и поблиску една до друга, како што се групите на Јарумаговци, Таневци, Чурковци, Којовци и други.[4] Единствено во минатото селото можело да било поделено на Горно и Долно Маало.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Традиционална куќа во селото

Околу Дупјани се сретнуваат старини, кои докажуваат дека тука имало живот одамна. Северно од селото, покрај коритото на Рабетинска Река, во месноста Селиште, каде се наоѓаат ниви, мештаните наоѓале остатоци од куќи. Една месност е наречена Улеј Куќи. На Селиште се наоѓаат и остатоци од црква, каде мештаните палеле свеќи на Спасовден. На месноста имало неколку стари дабови.[4]

Преданието говори дека некогаш во Селиште се наоѓало старото македонско село Рабетино со околу сто куќи. За време на турското ропство, селото било запалено, а селаните убиени. Единствено се спасиле четири домаќинства, кои го основале денешното село Рабетино, десно од реката.[4]

Самото Дупјани е основано по создавањето на Рабетино. Основачи биле родот Којовци, доселени од некое друго село наречени Дупчани. Ова најверојатно се случило во почетокот на XIX век, кога се основани и другите околни села.[4]

Во 1903 година, селото било запалено од страна на Арбанасите.[4]

Во XIX век, Дупјани било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Куќи во Дупјани
Традиционална куќа во Дупјани
Куќи во Дупјани

Атарот зафаќа простор од 10,7 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 736,5 хектари, на пасиштата отпаѓаат 249,1 хектар, а на обработливото земјиште само 65,8 хектари.[3]

Селото, во основа, има сточарско-шумарска функција. Во минатото во него работела продавница.[3]

Во минатото земјата околу селото припаѓала на некој кичевски бег. Но, бидејќи немал деца, тој им ја поделил земјата на македонските селани. Ова се случило во втората половина на XIX век.[4]

Население[уреди | уреди извор]

Според податоците од 1873 година, селото имало 12 домаќинства со 46 жители христијани (Македонци).[5]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Дупјани имало 320 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Дупјани имало 400 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

Една статистика, која ја подготвил кичевскиот училиштен инспектор Крсто Димчев во 1909 година, ги дава следниве податоци за Дупјани:[8]

Домаќинства Гурбетчии Писмени Неписмени
мажи жени вкупно мажи жени вкупно
44 54 85 13 98 44 102 146

Селото е мало и во 1961 година броело 142 жители, а во 1994 година само 17 жители, македонско население.[3]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Дупјани живееле 8 жители, сите Македонци.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[9] 1905[10] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 320 400 208 193 142 93 45 19 17 8
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]

Родови[уреди | уреди извор]

Дупјани е чисто македонско православно село, во селото сите родови се доселенички.[4]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:

  • Доселенички: Кајевци (5 к.), најстар род во селото и основачи на селото. Доселени се од некое село Дупчани, Дубјани или Дубница, не знаат точно каде се наоѓа тоа село; Јарумаговци (10 к.), потекнуваат од предокот Ѓуро, кој се доселил од селото Лисичани во првата половина од XIX век, во Лисичани Ѓуро работел на земјата на некој Торбеш, го знаат следното родословие: Љубе (жив на 58 г. во 1961) Трпе-Костадин-Ѓуро кој се доселил; Постоловци (5 к.), доселени се од некое село во областа Малесија, Струшко. Го знаат следното родословие: Славејко (жив на 55 г. во 1961) Мисајле-Трпе-Апостол кој се доселил во селото; Таневци (9 к.), Чурчиовци (6 к.), Павлевци (3 к.), Митревци (3 к.) и Блажевци (1 к.), за нив не се знае од каде се доселени. Според Тома Смиљаниќ, Чурчиовци се доселени од Закамен, а Поповци од Велешко или Прилепско.

Според истражувањата пак на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[2]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Месна заедница

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Вранештица.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Орланци, во која покрај селото Дупјани, се наоѓале и селата Козичино, Крушица, Миокази, Орланци, Патец, Рабетино, Речани, Светораче и Челопеци. Дупјани во периодот 1950-1952 се наоѓало во некогашната Општина Светораче, во која тогаш влегувале селата: Дупјани, Козичино, Крушица, Речани, Рабетино, Светораче и Патец.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0805 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месната заедница. Во ова избирачко место е опфатено и селото Рабетино.[12]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 6 гласачи.[13]

На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 6 гласачи.[14]

Личности[уреди | уреди извор]

Личности родени во Дупјани:

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Ѓорѓи“
Археолошки наоѓалишта[15]
Цркви[16]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од селото се има иселено поголем дел од населението и може да се забележат бројни напуштени куќи.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 27 ноември 2020.
  2. 2,0 2,1 2,2 Смиљанић, Тома, (1935) Кичевија, Насеља и порекло становништва. Београд, САНУ
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 117. Посетено на 27 ноември 2020.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 4,8 4,9 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 18–19.
  5. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 92-93.
  6. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 257.
  7. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 154-155.
  8. Стойчева, Станислава. Аспекти на грамотността на българското население в Македония (1878 – 1912), Македонски преглед, година ХХХVІІІ, 2015, кн. 2, с. 76.
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Описи на ИМ“. Посетено на 27 ноември 2020.
  13. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Посетено на 27 ноември 2020.
  15. Коцо, Димче(1996).Археолошка картаг на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  16. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]