Арангел (село)

Координати: 41°35′40″N 21°01′27″E / 41.59444° СГШ; 21.02417° ИГД / 41.59444; 21.02417
Од Википедија — слободната енциклопедија
Арангел
Аранѓел

Поглед на селото

Арангел во рамките на Македонија
Арангел
Местоположба на Арангел во Македонија
Арангел на карта

Карта

Координати 41°35′40″N 21°01′27″E / 41.59444° СГШ; 21.02417° ИГД / 41.59444; 21.02417
Регион  Југозападен
Општина  Кичево
Област Горно Кичево
Население 292 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6254
Повик. бр. 045
Шифра на КО 12001, 12501
Надм. вис. 827 м
Арангел на општинската карта

Атарот на Арангел во рамките на општината
Арангел на Ризницата

Арангел (изворно: Аранѓел) — село во областа Горно Кичево, во Општина Кичево, сместено во околината на градот Кичево.

Етимологија[уреди | уреди извор]

Името на селото потекнува од стариот храм „Св. Архангел“, кој се наоѓал на тврдината Меркулија.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на селото

Селото се наоѓа во областа Горно Кичево, сместено во североисточниот рамничарски дел на Кичевската Котлина, во северниот дел на подрачјето на Општина Кичево.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 705 метри. Од градот Кичево е оддалечено 13 километри.[3] Арангел се наоѓа на западните падини на планината Челоица.

Куќите на ова село се наоѓаат во долови и на благи падини покрај некогашната теснолиниска железница Скопје-Охрид. Околни села се: Србица, Жубрино, Поповјани и Туин.[2]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Манастириште, Илинец, Турска Ливада, Турски Даб, Меѓа, Каменица, Слатина, Меркулија, Јасак, Камчиња, Мерајка, Долга Нива, Бубана, Леска и Волчки Камен.[2]

Селото има збиен тип. Куќите на родовите се групирани.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Поглед на селото со планината Добра Вода во позадина

Во селото се наоѓаат старини од разни епохи. Покрај селото, од неговата источна страна, се наоѓа возвишението Меркулија или Маркови Кули. Таму се наоѓаат остатоци од некогашна тврдина, а внатре се наоѓаат рушевини од храм „Св. Архангел“. На денот на црковната слава доаѓале луѓе и од околните села. На местото на денешното село се наоѓала населба.[2]

Западно, пак, од селото се наоѓа месноста Манастириште, но во нивите нема видливи остатоци од старини.[2]

Традицијата наведува дека селото е старо и првпат било забележано во историските извори, во втората половина на XV век под истото име, кога имало 55 словенско-христијански куќи, поделени на два дела.[2]

Од пред два века во селото започнале да се населуваат муслимански Арбанаси. Истовремено, Македонците од селото постепено се иселувале и до крајот на XIX век нивниот број се намалил на само 14 домаќинства.[2] Доселувањето на Арбанасите се случило кога селото било заземено од Сефедин-бег и го претворил во чифлиг.[4]

Во XIX век, Арангел било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.

Последните три домаќинства избегале од селото околу 1900 година. Главите на домаќинствата се викале: Петре, Штерјо и Трпе. Трпе се иселил во прилепското село Ропотово, а останатите во Кичево.[2]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот е мошне мал и зафаќа простор од само 3,4 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 124,3 хектари, на пасиштата отпаѓаат 66,6 хектари, а на шумите 39,8 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделска функција.[3]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948347—    
1953357+2.9%
1961372+4.2%
1971500+34.4%
1981553+10.6%
ГодинаНас.±%
19910−100.0%
1994640—    
2002709+10.8%
2021292−58.8%

Според податоците од 1873 година, селото Арангел имало 32 домаќинства со 92 жители муслимани и 26 христијани (Македонци).[5]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото имало 225 жители, од кои 175 Албанци и 50 Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Арангел имало 80 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Арханѓел се води како чисто македонско село од мешана (муслиманска и православна) вероисповед во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 30 куќи.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 300 Албанци.[9]

Во Арангел живее само албанско население, кое во 1961 година броело 372 жители, а во 1994 година 640 жители.[3]

Пописот од 1991 година не бил одржан во селото Арангел, бидејќи неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема податоци.[заб 1]

Според пописот од 2002 година, во селото Арангел живееле 709 жител, од кои 708 Албанци и 1 останат.[10]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 292 жители, од кои 278 Албанци, 1 Бошњак и 13 лица без податоци.[11]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 225 80 347 357 372 500 553 0 640 709 292
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]

Родови[уреди | уреди извор]

Арангел е албанско село.[2]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се: Леновци (32 к.), најстар род во селото, доселени се од областа Матија во северна Албанија. Од споменатата старина се иселиле тројца браќа, првиот дошол во селото Арангел од кој потекнува денешниот род, вториот се иселил во Поповјани, а третиот се иселил во прилепското село Дебреште. Го знаат следното родословие: Ајредин (жив на 70 г. во 1961 година) Мустафа-Ајро-Амет-Тафо, основачот на родот кој се доселил; Бајрамовци (25 к.), доселени се од Мат во северна Албанија, најпрво во Србица, па овде. Во Србица имаат роднини, а тоа се Зиловци (20 к.). Го знаат следното родословие: Реџеп (жив на 80 г. во 1961 година) Фета-Бајрам, основачот на родот кој се доселил од Србица; и Зуљовци (7 к.), најмлади доселеници во селото, исто така од Мат во Албанија.

Според истражувањата, пак, на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[4] Суловци (14 к.), Леновци (22 к.) и Адиловци (13 к.), дошле на чифлик од Србица, а некои кажуваат дека имаат потекло од Дебар и дека тука ги довел Абди-бег да работат на чифлигот.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Осломеј.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Осломеј, во која покрај селото Арангел, се наоѓале и селата Гарани, Жубрино, Лазаровци, Мамудовци, Ново Село, Осломеј, Премка, Србица, Стрелци, Црвивци и Шутово. Во периодот 1950-1952, селото влегувало во рамки на некогашната општина Србица, заедно со селата Арангел, Ново Село, Србица и Туин.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0787 според Државната изборна комисија, сместено во селскиот дом.[16]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 577 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Постарата селска џамија
Археолошки наоѓалишта[18]
Цркви

Во минатото во селото постоел храмот „Св. Архангел“, кој се наоѓал на возвишението Меркулија, а христијанските гробишта се наоѓале на средината на селото, но камените крстови биле уништени од муслиманите.[2]

Џамии[19]
Реки[20]

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во или по потекло од Арангел

Иселеништво[уреди | уреди извор]

За иселувањето на христијанските македонски родови се знае следново: македонскиот род Наумовци се иселил во селото Премка (5 к.). Наумовци од Арангел дале свои преселници во Кичево и Битола. Потоа родот Глувачровци (5 к.) се иселиле во соседното село Поповјани. Има македонски иселеници и во соседната област Порече: во селата Девич (Јакимовци, 1 к.), Слатина (Арангелци, 1 к.) итн. Како последни глави на родови кои се иселиле од селото биле Петре, Штерјо и Трпе.[2]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 38–40.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 12. Посетено на 29 декември 2020.
  4. 4,0 4,1 Смиљанић, Тома, (1935) Кичевија, Насеља и порекло становништва. Београд, САНУ
  5. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 90-91.
  6. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 255.
  7. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 154-155.
  8. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 37.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 декември 2020.
  11. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  12. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  13. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  14. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  15. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  16. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 30 декември 2020.
  17. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 11 ноември 2019.
  18. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 161. ISBN 9989-649-28-6.
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 73. ISBN 978-9989-2117-6-8.
  21. „Изгелд на документот“. Архивирано од изворникот на 2008-04-22. Посетено на 2011-03-30.
  22. Зафировски, Емил (17 ноември 2007). „АНА нема да се откаже од идејата за отцепување на западна Македонија“. Време. Посетено на 2011-03-30.[мртва врска]
Забелешки
  1. Во пописот од 1991 година, во населените места: Грачани, Никиштане, Ново Село (Боговиње), Раковец, Селце Кеч, Гургурница, Долно Јаболчиште, Клуковец, Добовјани, Врановци, Јажинце, Орашје, Равен, Спас, Богојци, Поум, Џепин, Долна Ѓоновица, Горна Лешница, Групчин, Добарце, Копачин Дол, Ларце, Мерово, Ново Село (Желино), Палатица, Рогле, Седларево, Стримница, Церово, Чифлик (Желино), Грешница, Длапкин Дол, Долно Строгомиште, Колибари, Речани - Зајаско, Вражале, Горно Седларце, Новаќе, Синичане, Мамудовци, Трапчин Дол, Горно Свиларе, Дворце, Рашче, Алашевце, Ваксинце, Виштица, Глажња, Гошинце, Злокуќане, Извор (Липково), Липково, Лојане, Оризари, Отља, Р’нковце, Руница, Слупчане, Стрима, Бибај, Богдево, Грекај, Нивиште, Орќуше, Рибница, Горјане, Градец, Ѓурѓевиште, Ломница, Арангел, Жубрино, Папрадиште, Ќафа, Црвивци, Бојане, Копаница, Паничари, Раовиќ, Чајлане, Патишка Река, Света Петка, Чифлик (Сопиште), Лакавица, Падалиште, Србиново, Страјане, Трново, Франгово, Шум, Алдинци, Горно Количани, Драчевица, Рамни Габер, Црвена Вода, Црн Врв, Нераште, Вејце, Селце, Корито, Блаце, Брест, Танушевци, Ѓермо, Порој, Бозовце, Бродец, Вешала и Шипковица, целото население не прифати да земе учество (го бојкотираше) во Пописот.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]