Карбуница
Карбуница | |
Поглед кон Карбуница | |
Координати 41°27′51″N 20°58′41″E / 41.46417° СГШ; 20.97806° ИГД | |
Регион | Југозападен |
Општина | Кичево |
Област | Долно Кичево |
Население | 29 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 6258 |
Повик. бр. | 045 |
Шифра на КО | 12029 |
Надм. вис. | 677 м |
Карбуница на општинската карта Атарот на Карбуница во рамките на општината | |
Карбуница на Ризницата |
Карбуница — мало село во областа Долно Кичево, во Општина Кичево, во околината на градот Кичево.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во областа Долно Кичево, во јужниот дел на територијата на Општина Кичево, недалеку од регионалниот пат Кичево-Македонски Брод.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 740 метри. Од градот Кичево е оддалечено 8 километри.[2]
Селото изобилува со водни ресурси. Околни села се: Староец, Кладник, Србјани и други.[3]
Месностите во низинскиот дел на атарот на селото ги носат следниве имиња: Филипово Мовче, Барејца, Кашејца, Каланско Плење, Зелен Пат, Пречница, Ставреј Чешми и Лакушица. Месностите во планинскиот дел на атарот на селото ги носат следниве имиња: Дробаци, Рид, Калањи, Калањска Црква, Станко Рид, Чука, Пилатица, Ѓурѓејца и Бука.[3]
Селото има збиен тип. Постојат три маала: Горно, Средно и Долно. Во маалата, роднинските куќи се групирани и поблиску една до друга.[3]
Историја
[уреди | уреди извор]Карбуница спаѓа во старите населби во Кичевско. Под истото име се споменува во втората половина на XV век, кога броело 20 словенско-христијански куќи,[3] во кои живееле 18 семејства и 2 неженети, сите христијани.[4]
Преданието говори дека североисточно од денешното село, на пониско земјиште, се наоѓало посебно македонско село наречено Калањи. Во историските податоци, тоа се споменува во втората половина на XV век, кога имало 16 куќи. Денес, месноста на тоа село се нарекува Каланско Плење. Подоцна, се префрлиле од таму на месноста Калањи. Мештаните пренесуваат дека и тоа село било напуштено поради бројни арбанашки напади од околните села: Староец, Србјани и Кичево. Во местото Калањи, една месност е наречена Каланска Црква. Остатоци од црква се сретнуваат и на местото Богоројца.[3]
На атарот на селото постојат старини и од подалечното минато.[3]
Во XIX век, Карбуница било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.
За време на Илинденското востание, на 4 август 1903 година, во селото се водела една од битките помеѓу македонските востаници и османлиската војска и башибозук. Селото било брането од востанички одред од 200 востаници, предводени од војводата Арсо Мицков. Околу 8 часот наутро, еден баталјон од околу 800 османлиски војници и башибозукот од околните албански села го нападнале селото. По четвртиот обид го зазеле. Борбите се пренеле на месноста Ѓурѓејца, каде што пристигнале уште 500 востаници. Османлиската војска добила засилување од кичевскиот гарнизон и албанскиот башибозук. По силниот напад на востаниците, османлиските сили и башибозукот се разбегале. Востаниците учествувале со 700 борци, а имале 30 загинати. Османлиските сили и башибозукот (околу 1.500 вооружени лица) имале 120 загинати.[5]
Во текот на Втората светска војна, во 1944 година селото било запалено од страна на муслиманите од околните кичевски села.[3]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот зафаќа простор од 11,3 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 563 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 390 хектари, а на пасиштата 126 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[2]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година, селото имало 37 домаќинства со 140 жители христијани (Македонци).[6]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Карбуница имало 515 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Карбуница имало 600 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Карбуница се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 50 куќи.[9]
Една статистика, која ја подготвил кичевскиот училиштен инспектор Крсто Димчев во 1909 година, ги дава следниве податоци за Карбуница:[10]
Домаќинства | Гурбетчии | Писмени | Неписмени | ||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
мажи | жени | вкупно | мажи | жени | вкупно | ||
77 | 70 | 63 | 24 | 87 | 177 | 192 | 369 |
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.[11]
Карбуница е мало село, коешто во 1961 година броело 240 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 81 жител, македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Карбуница живееле 42 жители, сите Македонци.[12]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 29 жители, од кои 26 Македонци, 1 Србин и 2 лица без податоци.[13]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 515 | 600 | 312 | 285 | 240 | 176 | 113 | 88 | 81 | 42 | 29 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]
Родови
[уреди | уреди извор]Карбуница е македонско православно село.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се: Деспотовци (18 к.) и Шумчевци (8 к.), потекнуваат од ист предок и доселени се од некое село во Порече; Станковци (15 к.), Таневци (7 к.), Ѓоргијовци (3 к.) и Кршковци (2 к.), потекнуваат од ист предок, и доселени се од некое село во Охридско.
Според истражувањата пак на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[18] Чекмановци (6 к.), Јанкуловци (5 к.), Филиповци (2 к.), Стојановци (4 к.), Поповци (8 к.) и Тинталевци (2 к.) староседелски родови; Лангазовци (4 к.), доселени се од Лангаза во Грција; Велчевци (2 к.), доселени се од Охридско; Шумковци (2 к.), доселени се од чифлик во Речани; Лаловци (3 к.), исто потекло како и Шумковци; Кршковци (6 к.), доселени се од Русјаци; Жакеровци (2 к.), доселени се од Слатино, Дебрца; Крагујевци (2 к.), доселени се од Речани; Мојсовци (1 к.) и тие се од Речани; Стефановци (1 к.), доселени се од Србица; Саздановци (4 к.), доселени се од Речани, каде им се род Шумковци; Трпевци (1 к.), доселени се од Охридско; Стара-Кравовци (9 к.), доселени се од Староец; Јоановци (2 к.) и тие се од Речани, каде им се род Шумковци; Боглевци (2 к.), доселени се од Србица, каде имаат роднини Стојановци; Миленковци (1 к.) и Шумјаковци (5 к.), доселени се однекаде.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Вранештица.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Староец, во која покрај селото Карбуница, се наоѓале и селата Атишта, Бигор Доленци, Вранештица и Староец. Општината Староец постоела и во периодот 1950-1952, во која тогаш влегувале селата: Атишта, Вранештица, Карбуница и Староец.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0806 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на селскиот дом.[19]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 36 гласачи.[20]
На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 40 гласачи.[21]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[22]
- Каленско Плење — доцноантичка населба;
- Калојанска Црква — средновековна црква и некропола;
- Крастица — средновековна некропола;
- Кржалица — населба и некропола од хеленистичко и доцноантичко време;
- Св. Богородица — средновековна црква; и
- Фрњомлака — доцноантичка населба.
- Цркви[23]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква, изградена во 1862 година, од кога потекнува и иконостасот. Во 1938 година направена е надградба, кога се насликани и иконите од горниот ред на иконостасот, кои се дело на иконописци од Галичник.
- Споменици
- Споменик на НОБ на сретсело
- Спомен-чешма на НОБ
- Спомен-плоча на Ѓурѓејца за крвавата битка гради в гради
Личности
[уреди | уреди извор]Личности родени во Карбуница:
- Борис Дамјаноски (1914-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Зоре Николоски (1922-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Мисајле Николоски (1882-1943) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Стефан Петрески (1920-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Славе Попоски (1914-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Јонче Попоски (1919-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Димче Ристески (1920-1943) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Драге Ристески (1922-1943) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Тренко Ристески (1908-1943) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Диме Стефаноски (1906-1943) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Јонче Стефаноски (1909-1943) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Трајче Танески (1918-1943) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Ацко Тодороски (1926-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Славе Трпески (1924-1943) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
Култура и спорт
[уреди | уреди извор]За селото е испеана песната „Не оди Сефер село Карбуница“.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Големи иселувања од селото се забележани по Втората светска војна. Најголем дел од нив во пониското село Староец (26 к.), додека другите во градот Кичево, но и на други места.[3]
Постари иселувања имало од родовите Кршковци (5 к.) и Петревци (2 к.) во Србјани; Кузмановци (2 к.) во Раштани и Попоски (3 к.) и Митаноски (1 к.) во Јабука кај Панчево.[3]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Куќи во селото
-
Улица низ селото
-
Плочата на спомен-чешмата во селото
-
Куќи во селото
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 14. Посетено на 30 ноември 2020.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 107–108.
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр. 259
- ↑ Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Борбата“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 193. Text "series " ignored (help)
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 92-93.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 257.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 154-155.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 35.
- ↑ Стойчева, Станислава. Аспекти на грамотността на българското население в Македония (1878 – 1912), Македонски преглед, година ХХХVІІІ, 2015, кн. 2, с. 76.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 ноември 2020.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Смиљанић, Тома, (1935) Кичевија, Насеља и порекло становништва. Београд, САНУ
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 30 ноември 2020.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 30 ноември 2020.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.