Пополжани

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Пополжани
Викиекспедиција во Копачка 303.jpg

Поглед на селото

Пополжани is located in Македонија
Пополжани
Местоположба на Пополжани во Македонија
Координати 41°28′0″N 20°55′0″E / 41.46667° СГШ; 20.91667° ИГД / 41.46667; 20.91667Координати: 41°28′0″N 20°55′0″E / 41.46667° СГШ; 20.91667° ИГД / 41.46667; 20.91667
Регион Logo of Southwestern Region, North Macedonia.svg Југозападен
Општина Coat of arms of Kičevo Municipality.png Кичево
Област Копачка
Население 109[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 6261
Повик. бр. 045
Надм. вис. 785 м
Commons-logo.svg Пополжани на Ризницата


Пополжани — село во областа Копачка, во Општина Кичево, на патот помеѓу градовите Кичево и Охрид. До март 2013 година, селото било дел од поранешната Општина Другово, која била споена со Општина Кичево.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Улица во селото Пополжани

Ова големо село се наоѓа во областа Копачка, во јужниот дел на територијата на Општина Кичево, во горното сливно подрачје на реката Треска, непосредно до патот Кичево-Охрид.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 785 метри. Од градот Кичево е оддалечено 7 километри.[2]

Селото се наоѓа помеѓу падини на југозападот и рамнина околу реката Треска на североисток. Кај Пополжани се влива Беличка Река во Треска.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Беќиричино, Ѓуралак, Манго Нива, Лазојне, Пилотец, Заделон, Присој, Плоштина, Србиница, Попоа Нива, Тумбине, Падиње, Бајирот и Ѓуров Лаг.[3]

Селото има збиен тип. Не се дели на маала, иако роднинските куќи се групирани поблизу.[3]

Селото се наоѓа јужно од Кичево на магистралниот пат Кичево-Охрид и Кичево-Битола. Околни населби на Пополжани се: Другово, Видрани и Подвис. Во селото се влегува и од двете страни на магистралните патови за Битола и за Охрид.

Историја[уреди | уреди извор]

Пополжани се смета за старо село во Кичевската Котлина. Најпрвин се наоѓало во месноста Пилотец, на планинска падина до врвот (1.053 метри). Било сместено југозападно од денешното село, на надморска височина од 800 метри. Во тоа село живееле христијански семејства, Македонци. Се претпоставува дека стигнало до 11 македонски куќи за време на отоманската власт.[3]

Под истото име се споменува и во турските дефтери од 1476/77 година, кога имало 12 словенско-христијански куќи.[3]

Подоцна, селото било раселено, а жителите заминале во друга област, каде основале истоимено село. Некои мислат дека тоа е истоименото село во Егејска Македонија.[3]

Денешното село Пополжани, на истата месност, на кое се наоѓало и старото село, го основал Ѓуро кон крајот на XVIII век. Ѓуро имал четири сина. Од тројца синови потекнуваат денешните селски родови. Месноста Ѓуров Лаг е именувана по основачот на селото.[3]

Во XIX век, Пополжани било село во Кичевската каза, на Отоманското Царство.

До 1946/7 година, Пополжани се наоѓало на извишената падина Пилотец. Во споменатите години, со помош на аграрните реформи, жителите нa Пополжани добиле манастирска земја во рамнината околу реката Треска и заради тоа населението од 1946 до 1962 година ја променило положбата, а и најверојатно заради тоа што во 1943 година Албанците и Германците го запалиле старото село.[3]

Во селото Пополжани, во горното старо село постои црква која го носи името на мајката божја Света Пречиста Богородицa, која била изградена во почетокот на XIX век. Оваа црква по иницијатива на селаните во 2004 година е разрушена и на истите темели во 2005 година е изградена наново со нов изглед, бидејќи старата градба била многу оштетена. Исто така во дворот на црквата се наоѓаат и гробиштата во кој се погребуваат селаните.[3]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот е мошне мал и зафаќа простор од 2,2 км². На него преовладуваат шумите на површина од 133 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 45 хектари.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Според податоците од 1873 година, селото имало 7 домаќинства со 30 жители христијани (Македонци).[4]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Пополжани имало 120 жители, сите Македонци.[5] Според секретарот на бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Пополжани имало 128 Македонци, егзархисти.[6]

Една статистика, која ја подготвил кичевскиот училиштен инспектор Крсто Димчев во 1909 година, ги дава следниве податоци за Пополжани:[7]

Домаќинства Гурбетчии Писмени Неписмени
мажи жени вкупно мажи жени вкупно
14 13 9 1 10 54 48 102

Селото е мало и населено со македонско население. Тоа, во 1961 година броело 164, а во 1994 година 120 жители.[2]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Пополжани живееле 109 жители, од кои 108 Македонци и 1 останат.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[8] 1905[9] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 120 128 142 166 164 171 152 118 120 109
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]

Родови[уреди | уреди извор]

Пополжани е чисто македонско православно село, кое поради близината на Кичево не е во процес на раселување, ако се спореди со другите кичевски села.[3]

Денешното село е основано крајот на ХVIII век од доселеници од раселеното село Требичево, кое се наоѓало во атарот на селото Трапчин Дол. Во селото Пополжани дошол Ѓуро со неговите 4 сина. Денешното население води потекло од трите сина, додека четвртиот не оставил потомство. Народната традиција наведува и дека кога пропаднало старото село Пополжани населението избегало во Леринско, каде основало истоимено село Пополжани.

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се: Цветановци (17 к.), Ивановци или Лазаровци (7 к.), Ѓиновци (5 к.) и Трпевци (3 к.), потекнуваат од трите сина на Ѓуро тоа биле Трпе, Иван и Димо. Од Трпе потекнуваат Цветановци, од Иван Ивановци и Ѓиновци, додека од Димо потекнуваат Трпевци. Во родот Ивановци се знае следната генеологија Трајче (жив на 48 год. во 1961 година) Андро-Спасен-Ѓино-Иван-Ѓуро, предокот кој се доселил во селото.

Според истражувањата пак на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се: Трпевци, Ивановци, Димовци и Трајановци, сите потекнуваат од четворицата браќа на основачот на селото, побегнати од Трапчин Дол. Слават Богородица Пречиста.[11]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото било седиште на некогашната Општина Другово.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Другово, во која покрај селото Пополжани, се наоѓале и селата Горно Добреноец, Долно Добреноец, Другово, Јаворец, Лавчани, Манастирско Доленци, Подвис и Србјани. Општината Другово постоела и во периодот 1950-1952, кога во нејзе биле вклучени селата: Другово, Манастирско Доленци, Пополжани и Србјани.

Изборно место[уреди | уреди извор]

Во селото постои изборното место бр. 0777 според Државната изборна комисија, сместено во приватна деловна просторија.[12]

На локалните избори во 2017 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 88 гласачи.[13] На референдумот во 2018 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 91 гласач.[14]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки локалитети[15]
Цркви[16]

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во Пополжани

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од крајот на Втората светска војна од Пополжани се иселиле осум семејства. Се иселиле во соседното село Другово, но и во Кичево, Скопје и во соседна Србија во Белград.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 "Попис на Македонија" (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 25 февруари 2019. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 241. https://commons.wikimedia.org/wiki/File:%D0%95%D0%BD%D1%86%D0%B8%D0%BA%D0%BB%D0%BE%D0%BF%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0_%D0%BD%D0%B0_%D1%81%D0%B5%D0%BB%D0%B0%D1%82%D0%B0_%D0%B2%D0%BE_%D0%A0%D0%B5%D0%BF%D1%83%D0%B1%D0%BB%D0%B8%D0%BA%D0%B0_%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0.pdf. посет. 25 февруари 2019 г. 
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 91-92. 
  4. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.90-91.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 256.
  6. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 154-155.
  7. Стойчева, Станислава. Аспекти на грамотността на българското население в Македония (1878 – 1912), Македонски преглед, година ХХХVІІІ, 2015, кн. 2, с. 75.
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. "Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна". Државен завод за статистика. 
  11. Кичевија - Тома Смиљаниќ (1926) - Кичево“, „Кичево“, 16 мај 2018. (на mk-MK)
  12. "Описи на ИМ". конс. 25 февруари 2019. 
  13. "Локални избори 2017". конс. 25 февруари 2019. 
  14. "Референдум 2018". конс. 25 февруари 2019. 
  15. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  16. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]