Србица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Србица
Сретсело на Србица.jpg

Поглед на сретселото

Србица is located in Македонија
Србица
Местоположба на Србица во Македонија
Координати 41°35′17″N 21°1′51″E / 41.58806° СГШ; 21.03083° ИГД / 41.58806; 21.03083Координати: 41°35′17″N 21°1′51″E / 41.58806° СГШ; 21.03083° ИГД / 41.58806; 21.03083
Регион Logo of Southwestern Region, Macedonia.svg Југозападен
Општина Coat of arms of Kičevo Municipality.png Кичево
Област Горно Кичево
Население 1.862[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 6254
Повик. бр. 045
Шифра на КО 12067, 12567
Надм. вис. 750 м
Србица на општинската карта
Србица во Општина Кичево.svg

Атарот на Србица во рамките на општината


Србица — село во областа Горно Кичево, во Општина Кичево, сместено во околината на градот Кичево.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на Србица од селото Арангел

Селото се наоѓа во областа Горно Кичево, сместено во Кичевската Котлина, во северниот дел на подрачјето на Општина Кичево.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 750 метри. Од градот Кичево е оддалечено 12 километри.[2] Србица се наоѓа на западните падини на планината Челоица.

Србица отсекогаш било едно од најголемите села во Кичевско. Куќите се наоѓаат на благи падини и во плитки долини. Западно од Србица се наоѓа самата котлина, додека на исток благо се издигнуваат падините на Челоица. Низ селото поминувала некогашната теснолиниска железница Скопје-Охрид. Околни села се: Арангел, Жубрино и Ново Село.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Брце, Зеленок, Чешма, Аранѓелска Фуша („Поле“), Бара, Лиси Мад („Голем Даб“), Чешма Осломечка, Јасика, Волништа, Копач, Штеже, Филџаница, Вору, Аликручи, Крој Јонузи, Рамниште, Ализојца, Ара Ибос, Вражи Воденица, Јусуфица, Гумниште, Асанови Кошари, Рамна Јасика, Гуштерица, Чукале, Страга, Забел, Преслоп, Шуманица, Ајре Бајрес и Гропа.[3]

Селото има разреден тип, бидејќи помеѓу групите на куќите има суводолици. Од Србица скоро и да нема празен простор до селото Арангел, кое е сместено на северозапад. Од југ кон север, селото е издолжено околу 1 километар. Куќите на родовите се групирани и некои од нив носат имиња како Спаија, Касе, Епеџе и Балаж.[3]

Историја[уреди | уреди извор]

Селска чешма

Селото се смета за едно од средновековните села во Кичевско. Меѓутоа, во историските извори првпат било забележано во втората половина на XV век под истото име, кога имало 88 словенско-христијански куќи,[3] во кои живееле 80 семејства, 3 неженети и 3 вдовици, сите христијани.[4]

Тоа се развило покрај средновековниот утврден манастир Маркулија, која се наоѓала во близина на селото, а чии остатоци можеле да се видат во 1920-тите години. Овие остатоци мештаните спомнувале дека биле од Крале Марко.[5]

Се зборува дека Србица некогаш имала околу 300 словенско-христијански куќи. Селото било многу важна населба за северниот дел на кичевскиот крај. Во Србица имало црква „Св. Никола“.[3] Во минатото селото Србица било населено со православни Македонци, за што доказ е записот во една од манастирските книги во Кичевскиот манастир во кои стои запишано: „во време на игуменот Гаврил јеромонах, сираче од село Србница, 1811 месец март 20[6]

За време на отоманската власт, веројатно крајот на XVII и почетокот на XVIII век, словенските христијани во Србица нагло се намалиле: едни се иселиле, додека други се исламизирале. А во другата половина на XVIII век, следувало населување на Албанци муслимани, по потекло од областа Матија во Северна Албанија. Најпрво дошле 7-8 албански домаќинства. Така населението во Србица станало мешано: македонско, торбешко и албанско. Помеѓу Торбешите (Македонци-муслимани) и Албанците, поради истата вера, се склучувале и брачни врски. Така Македонците-муслимани постепено го губеле својот мајчин јазик и се албанизирале. Македонското муслиманско население потполно се албанизирало во почетокот на XX век.[3]

Додека траел процесот на албанизирањето на Торбешите, христијанското население постојано се иселувало. Последните 5-6 христијански родови поради зулумите го напуштиле селото околу 1900 година. Старешините на тие родови се нарекувале Сандро, Пандил, Ќипро, Јован и Илија. Првите четири семејства заминале во Кичево, додека последното отишло во поречкото село Девич.[3]

Во XIX век, Србица било село во Кичевската каза, на Отоманското Царство.

За време на Втората светска војна, балистичката окупациска власт селото го преименувало во Кастриотери.[3]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Куќи во Србица

Атарот зафаќа простор од 10,1 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 333 хектари, на пасиштата отпаѓаат 250 хектари, а на шумите 228 хектари.[2]

Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото се наоѓаат услужни објекти.[2]

По Втората светска војна, голем дел од машкото население се вработиле како наставници и железнички работници.[3]

Население[уреди | уреди извор]

Според податоците од 1873 година, селото било познато како Србиската и имало 158 домаќинства со 400 жители муслимани и 92 жители христијани.[7]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото имало 850 жители, Македонци муслимани.[8]

Селото е големо, коешто во 1961 година броело 1.217 жители, а во 1994 година бројот се зголемил на 1.676 жители, од кои 1.672 Албанци, а двајца жители Македонци.[2]

Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Србица, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[заб 1]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Србица живееле 1.862 жители, од кои 1.859 Албанци и 3 останати.[1]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Србица:

Години Македонци Албанци Турци Роми Срби Ост. Вкупно
1948 1.065
1953 1 1.095 26 0 0 2 1.124
1961 0 1.208 1 3 5 1.217
1971 5 1.321 1 0 1 6 1.334
1981 2 1.505 0 6 0 20 1.533
1991 3 14 0 0 0 0 17
1994 2 1.672 0 0 0 2 1.676
2002 0 1.859 0 0 0 3 1.862

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2002), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови:[уреди | уреди извор]

Денес, Србица е албанско село, иако до крајот на XIX во него живееле и македонско население. Потеклото на денешните родови е мешано, едни имаат потекло од некогашните Торбеши, а други од вистинските Албанци.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:

  • Староседелци: Касе (36 к.) и Енеџе (35 к.), тие се исламизирани, па поалбанчени. Порано зборувале македонски, но мешајќи се со Албанците се албанизирале.
  • Доселеници: Али Спаија (75 к.), доселени се во втората половина на XVIII век од областа Мат во Северна Албанија. Овде се доселил извесен Али Спаија со своите пет сина во втората половина на XVIII век.[9]; Балаж (35 к.), имаат исто потекло како и претходниот род. Од местото на старина се иселиле тројца браќа, првиот во Србица, вториот во селото Ново Село, а третиот во селото Црвивци и Зиловци (25 к.), исто потекло како и претходните два рода, имаат роднини во селото Арангел (Бајрамовци, 25 к.).

Според истражувањата, пак, на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[5]

  • Родови во Али-Спахи-Маало: Канзовци (12 к.) и Алиспахиовци (39 к.), староседелци;
  • Родови во Џами-Маало: Болаџовци (23 к.), чиј предок имал ромско потекло и потурчил христијанка за која се оженил; Пуреколковци (6 к.), Адиловци (18 к.), Гаџовци (10 к.), Џамијовци (47 к.), Цуцуловци (5 к.), Ипчевци (10 к.), Кавеџиовци (7 к.) и Елезовци (4 к.), доселени; Јагодиновци (4 к.), муслимани од Јагодина, Србија.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Основното училиште во селото

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Осломеј.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Осломеј, во која покрај селото Арангел, се наоѓале и селата Гарани, Жубрино, Лазаровци, Мамудовци, Ново Село, Осломеј, Премка, Србица, Стрелци, Црвивци и Шутово. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Србица, заедно со селата Арангел, Ново Село, Србица и Туин.

Изборно место[уреди | уреди извор]

Во селото постојат изборните места бр. 0785 и 0786 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[10]

На претседателските избори во 2019 година, на овие изборни места биле запишани вкупно 1.574 гласачи.[11]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска џамија
Археолошки наоѓалишта[12]
  • Маркулија — утврдена населба од железното, хеленистичкото и римското време; и
  • Црква — црква и некропола од средниот век.
Цркви

Во минатото во селото постоел храмот „Св. Никола“, како и средновековниот манастир „Св. Меркуриј“.[3][5]

Џамии[13]

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во или по потекло од Србица

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Покрај споменатите последни христијански родови, од селото имало и постари иселувања, најчесто во кичевските села Карбуница (Стефановци, 1 к.; Боглевци, 2 к.) и Ново Село (Ќипро), како и во градовите Прилеп и Битола. Исто така, се знае и за стари христијанки по потекло од селото кои се омажиле во околните села.[3]

Во поново време има иселувања на Албанците и се знае за околу 20 семејства кои се преселиле во Кичево, додека родот Зенкоски (1 к.) заминал во Ериновци, а родот Губероски (15 к.) во Жубрино[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 12 јануари 2021.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 281. Посетено на 12 јануари 2021.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 35–37.
  4. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр. 271
  5. 5,0 5,1 5,2 Смиљанић, Тома, (1935) Кичевија, Насеља и порекло становништва. Београд, САНУ
  6. Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (изд. 2016.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 347. ISBN 978-608-245-113-8.
  7. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 90-91.
  8. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 255.
  9. Албанците во Македонија само од 1780 година, д-р Ристо Ивановски, Битола, 2014 г., 9 стр.
  10. „Описи на ИМ“. Посетено на 12 јануари 2021.
  11. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 11 ноември 2019.
  12. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 169. ISBN 9989-649-28-6.
  13. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  14. „Проекција на филм за Омер Калеши“. Дневник. Посетено на 2010-12-26.
  15. „Европска црна листа“. Архивирано од изворникот на 2011-02-17. Посетено на 2010-12-25.
  16. „Кој е Фатмир Дехари“. Дневник. Посетено на 2010-12-26.[мртва врска]
Забелешки
  1. Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да земат учество (го бојкотираа) во Пописот.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]