Рилево

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Рилево е село во Општина Долнени, во околината на градот Прилеп.

Рилево
Ulica-Rilevo-MK.JPG

Влезот во селото Рилево

Рилево is located in Македонија
Рилево
Местоположба на Рилево во Македонија
Координати 41°29′9″N 21°21′50″E / 41.48583° СГШ; 21.36389° ИГД / 41.48583; 21.36389Координати: 41°29′9″N 21°21′50″E / 41.48583° СГШ; 21.36389° ИГД / 41.48583; 21.36389
Општина Општина Долнени
Население 69 жит.
(поп. 2002)
Надм. вис. 660 м
Рилево на општинската карта
Рилево во Општина Долнени.svg

Атарот на Рилево во рамките на општината
Commons-logo.svg Рилево на Ризницата


Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Глетка од селото Рилево

Рилево е потпланинско село на чија северозападна страна се издигнува високата падина на планината Даутица, додека на југ е пространата низина на Пелагонија[1]. Се наоѓа во северниот дел на Прилепското Поле, во западниот дел на Општината Долнени. Рилево е ридско село на надморска височина од 660 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 27 километри[2]. Околни села се Сливје, Секирци, Пешталево и Жабјани. Водата за пиење се добива од бунари. На планината избиваат три извори[1]. Атарот зафаќа простор од 12,5 км² на кои обработливото земјиште зазема површина од 601 ха, на пасиштата отпаѓаат 395 хектари, а на шумите 94 хектари, поради што во основа има полјоделско-сточарска функција[2]. Потезите во полето се нарекуваат: Огради, Караџово, Средно Поле, Меѓа, Две Реки, Бостаниште, Трска, Мера. Потезите на планината ги носат следните имиња: Падарница, Цуцуле, Голјак, Кале, Дервен (тука води планинскиот пат за поречкото село Крапа и избива извор), Скала, Ѓаве, Длапки, Свети Атанас (на границата на атарот со Ропотово и Жабјани) и Калуѓери. Рилево е село од збиен тип. Помали делови носат имиња според родовите кои живеат во нив – Паликуќовци, Ѓорѓиовци, Домазетовци и др.[1].

Историja[уреди | уреди извор]

Северозападно од Рилево на планинскиот масив на Даутица е возвишението наречено Кале. Меѓу народот се зборува дека во таа тврдина живеел „некојси Караџа“, заради што понекогаш се нарекува и Караџово Кале. До тврдината е месноста Караџова Ливада, а во полето под селото е потегот наречен Караџови Ниви или Караџово[1]. Југоисточно од селото на 2 километри во полето е месноста Мера, која сега е утрина за напасување добиток. Таму постојат гробови со стари плочи и стар бунар. Тоа укажува на некоја стара населба. Местото Калуѓери е „над село“. Мештаните веруваат дека таму некогаш имало манастир со калуѓери. Порано се гледале и рушевини од манастирот. На тоа место се гледаат стари брестови крај кои има чешма[1].

Стари куќи во селото Рилево

Рилево се смета за старо село. Некогаш во него „тепала чумата“ заради што умирале многу од неговите жители. Денес, „чумини гробишта“ има на повеќе места (Вичина Плоча и други делови на атарот над селото). Дел од денешното население на Рилево потекнува од некогашните седум селски семејства, а другиот дел потекнува од доселеници[1]. Селото има стара црква посветена на Свети Атанасиј. Селаните велат дека таа црква е изградена „пред битката на Косово“ (1389)[1]. Дека црквата е доста стара, потврдува фактот дека таа била живописана од некој мајстор зограф Јован од Костур во 1627 година. Селската слава е Спасовден. Порано селото славело Свети Атанасиј, но се вели дека таа слава се напуштила поради сиромаштија.

Црквата Свети Атанасиј во Рилево

Пред крајот на турското владеење во Рилево биле основани два мали чифлизи на муслимани од Дебар кои за полјаци имале „Албанци арамии“ кои пак најмногу ги присилувале селаните да станат чифчии. Еден од тие чифлизи селаните го купиле во 1910, а другиот во 1912 година. За време турско, жителите на Рилево имале доста своја земја, а по 1912 година, со пари заработени на печалба во Америка, некои селани купиле доста земја и во атарот на селото Сливје. Бројот на домаќинства во селото во текот на ХХ век изнесувал: 83 во 1921 г., 106 во 1948 г., 137 во 1961 г., 141 во 1971 г. Во 1954 година Рилево имало вкупно 129 домаќинства[1].

Стопанство и економија[уреди | уреди извор]

Според составот на атарот Рилево има мешовита полјоделско-сточарска функција[2]. Населението се занимава најмногу со земјоделство и сточарство. Од полјоделството најзастапено е одгледувањето на тутун и житни растенија како пченица, пченка и јачмен. Во помали размери се одгледуваат и други земјоделски и градинарски култури како грав, компир, кромид, пиперки (зелени и црвени), патлиџани (домат), тикви, кои претежно се произведуваат за задоволување на домашните потреби, но дел се продаваат и на пазарите во Прилеп или Македонски Брод. Од сточарството најзастапено е одгледувањето на кози, потоа крупниот добиток како крави, телиња и волови и во помала мерка овци, од чие млеко се прави сирење или се откупува од млекарниците. Во неколкуте новоизградени куќи е застапено и живинарството односно одгледувањето на домашни птици како кокошки, петли, гуски и шатки. Извонредно богатата падина на Даутица со густа дабова шума се користи и за сечење на огревно дрво кое се користи во селото или се продава во околните села и Прилеп.

Глетка од Рилево

Население и демографија[уреди | уреди извор]

Според статистиката на Васил К'нчов („Македониja, Етнографиja и статистика“) од 1900 година, во Рилево живееле 444 жители, сите Македонци.[3]

Според секретарот на бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Рилево имало 336 Македонци, патријаршисти.[4]

Според пописот од 2002 година во Рилево живееле 69 жители, сите Македонци[5].

На табелата е прикажан бројот на население низ сите пописни години:[6]

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 444[3] 336[4] 891 969 885 671 333 133 106 69

Како и повеќето села во областа и Рилево доживува постојан пад на бројот на жителите кој во 1961 изнесувал 885, во 1994 се намалил на само 106, а во 2002 на 69[2].

Родови[уреди | уреди извор]

Од секогаш па сѐ до денес Рилево е целосно населено со православни Македонци. Жителите на Рилево се поделени во старинци и доселеници од кои во 1954 година првите броеле 82, а вторите 47 домаќинства[1]. Староседелските македонски родови кои потекнуваат од некогашните седум селски куќи се: Бачевци, Паликуќовци, Ѓорѓиовци, Брајановци, Ропановци, Мечкаровци, Топковци, Комаревци, Мирчевци, Китановци, Пардиовци, Ќуќуровци и Кашовци. Слават Петковден. Селаните велат дека „Петковденци“ се старинци. Доселени македонски родови се: Домазетовци (слават Петковден) доселени се од Сенокос[1]. Кензовци (слават Митровден) стари доселеници кои не го знаат местото на потеклото. Рековци (слават Свети Атанасиј) дошле од Селце кај Крушево, а подалечното потекло им е „од Корчанско“. Дурибеговци (слават Петковден) по потекло се од Крушје во Порече каде имаат роднини. Ѓордевци, Неделковци, Тикваровци и Масларовци местото на својата старина не го знаат. Првите два родови слават Свети Никола, а другите Митровден[1].

Општествени институции[уреди | уреди извор]

Администрација и политика[уреди | уреди извор]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Стара македонска куќа во Рилево
Цркви[7]
Археолошки локалитети[8]
  • Дол - осамени наоди од доцноантичко време;[9]
  • Кале - тврдина од непознат период;[8]
  • Мера - некропола од непознат период;[8]
  • Калуѓери - црква од непознат период;[8]

Натписот над прозорот на јужниот ѕид дава податок дека црквата Св. Атанасие во село Рилево е подигната и живописана во 1627 година од мајсторот Иван од Кичево и зографот Јон од Костур. Иако сликарот Јон доаѓа од центар во кој цвета византиската и поствизантиската уметност, фреските во Рилево се со послаб квалитет. Фигурите се со рамни тела, без снага и без хармонични пропорции.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Се знае за овие иселеници од Рилево: Михајловци и Ропановци живеат во Сливје. Нешковци живеат во Врбоец. Дишковци живеат во селото Карамани кај Битола. Две семејства од родот Домазетовци отишле во Прилеп. Во 50/60-тите години на ХХ век селото почнува да се иселува, голем број од луѓето заминуваат во Прилеп, Ѓорче Петров и Припор (Кисела Вода) во Скопје, но исто така заминуваат во странство. Така денес голем број на рилевци живеат во Австралија, пред сè во Мелбурн, но ги има и во другите градови. Исто така се имаат иселено и во Белград, во населбите Баново Брдо и Жарково[1].

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 Ф. Трифуноски, Јован (1998) (на српски). Битољско-прилепска котлина. Српска академија наука и уметности. стр. 370-371. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски и аграрни обележја.. Патрија. стр. 132.  Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „mitkopanov“ е зададен повеќепати со различна содржина. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „mitkopanov“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  3. 3,0 3,1 Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.237.
  4. 4,0 4,1 D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.150-151.
  5. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга Х. Државен завод за статистика, Скопје, 2003. стр. 98.
  6. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk.
  7. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 Јован Ф. Трифуновски, Битољско - Прилепска котлина, Антропогеографска проучавоња, Београд 1998
  9. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академиjа на науките и уметностите. ISBN 9989649286. 
  10. „Веле Алексоски (биографија)“. Агенција за иселеништво на Р. Македонија. конс. 2016-10-03.