Долгаец

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Долгаец
СЕЛО•Долґаєц.JPG

Селото Долгаец

Долгаец is located in Македонија
Долгаец
Местоположба на Долгаец во Македонија
Координати 41°32′7″N 21°22′32″E / 41.53528° СГШ; 21.37556° ИГД / 41.53528; 21.37556Координати: 41°32′7″N 21°22′32″E / 41.53528° СГШ; 21.37556° ИГД / 41.53528; 21.37556
Општина Општина Долнени
Население 70 жит.
(поп. 2002)
Надм. вис. 700 м
Долгаец на општинската карта
Долгаец во Општина Долнени.svg

Атарот на Долгаец во рамките на општината
Commons-logo.svg Долгаец на Ризницата

Долгаец е село во Општина Долнени, во околината на градот Прилеп.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Панорамска глетка на Долгаец од падините на Даутица

Селото Долгаец се наоѓа во северниот дел од Прилепското Поле (Пелагонија) и е сместено во падините на планината Даутица. Долгаец е потпланинско село кое лежи во подножјето на масивот на планината Даутица на север, а плодна низина се простира на југ[1]. Се наоѓа во крајниот северен дел на Прилепското Поле и Општината Долнени близу границата со соседната Општина Македонски Брод. Селото е ридско на надморска височина од 700 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 34 километри[2]. Околни села се Маргари на одалеченост помалку од 1 километар, Зрзе, Црнилиште. До пред 90 години за пиење била користена само водата од реката, а сега сите имаат бунари[1]. Најголем извор е Копана, од кој потекува селската рекичка. Долгаец е село од збиен тип. Се дели на овие маала: Младеноско, Дошлаковско, Крлеско (во него се куќите на родот Бадламовци), Цветаноско, Ангеловско и Поповско или Горно Маало[1]. Атарот зафаќа простор од 13,8 км2 на кои обработливото земјиштезазема 451,3 хектари, на шумите отпаѓаат 560,8 ха, а на пасиштата 303,5 ха[2]. Во однос на земјоделството Долгаец има мешовита функција. Потезите во атарот се викаат: Мезиница, Голема Нива, Танеица, Под Чифлик, Огради, Река, Јастребица, Бршленот, Мунчово Бачило, Копана Вода, Старците, Крст, Клепало и Сама Бука.

Историja[уреди | уреди извор]

Глетка на североисточниот излез на Долгаец во правец кон Стровија

Веројатно за прв пат се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Прилепскиот Вилает (Vilayet-I Prilepe) под името Д-л-г-а-в-е-ч и имало 25 семејства, 1 неженет и 4 вдовици, сите христијани.[3]

Според преданието селото некогаш имало три цркви од кои е зачувана само црквата посветена на Свети Атанасиј околу која се и селските гробишта[1] . Црквата се наоѓа над селото и „никој не знае“ кога е изградена. На западната страна близу куќите се наоѓа „расипаната“ црква Свети Никола. Таа била долга 8 метри, широка 5 метри, а се познавале ѕидови високи до 3 метри во кои се гледале греди, што укажува дека таа била разрушена не многу одамна. Околу рушевините има стари гробови со плочи во правец исток-запад. На западната страна во ливадите, е црквиштето Света Богородица каде што била чифликсајбиската кула поради што денес не можат да се видат нејзините остатоци. Некои од околните жители за блиските соседни села Долгаец и Маргари сметаат дека се основани од Мијаци - сточари. Како показател за мијачкото потекло на ова село од околните жители често се наведува изгледот на градбата на куќите кои само во во ова село и Маргари се целосно од камен, за разлика од околните соседни села како Рилево и други кои користат и непечена тула (ќерпич или плитар) во градбата. Иако, се забелелживи и некои физички црти како русост, сепак ниту во говорот, обичаите, ниту во самосвеста жителите на Маргари и Долгаец не се сметаат за Мијаци, како што е тоа случај во блиските села Папрадиште и Ореше во долината на Бабуна. До 1912 година во Долгаец имало седум чифлици. Првиот чифлик го основал некојси Аџи-Фејзо кој бил албанец од соседното Црнилиште. Тој овде најпрвин бил селски полјак, а потоа станал чифлик-сајбија. За него се вели: „Малу земја купил, а повеќето го заграбил“. После неговата смрт чифликот го поделиле неговите синови и внуци и така настанале седум чифлици. Земјата од чифлиците била купена од селаните во 1912 година. Муново Бачило е на планината северно од селото. Таму до 1950 година со стока доаѓале Каракачани од околината на Штип. На оваа планина повремено стока чувале и Власи од Крушево. Во летата во педесетите години на ХХ век на Муново Бачило паселе волови и коњи од Долгаец и 500 овци од државната задруга од Секирци, а во текот на есента штом престане жегата на планината престојувале и овците од Долнени. Долгаец многу настрадало во Првата светска војна. Тогаш бугарската војска стрелала или обесила 180 негови жители[1]. Во селото постои крушата крај заедничката гробница (западно од селото) на која бугарската војска со денови држеле обесени тела, меѓу кои и на жени и деца. По Првата светска војна во Долгаец бил подигнат споменик на овие жртви на Масакр во Долгаец кој бил срушен во 1941 година за време на Втората светска војна. Селска слава е Свети Никола „талалеј“ (18 мај). Бројот на домаќинства во текот на ХХ век изнесувал: 59 во 1921 г., 86 во 1948 г., 95 во 1961 г., 81 во 1971 г. Во 1954 година во селото Долгаец имало вкупно 88 домаќинства[1].

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото Долгаец е со потекло и значење на македонскиот јазик и произлегува од именката долг. Имајќи ја предвид местоположбата на селото кое погледнато од височина од падината на Даутица изгледа издолжено по должината на ридовите на нејзиното подножје и селската река, најверојатно според описниот облик на неа настанало и името на селото Долгаец. Ова се потврдува и со научните претпоставки кои велат дека името на селото произлегува од старослвенскиот назив дльга вьсь односно долга вес со значење долго село[4].

Стопанство[уреди | уреди извор]

Глетка од југозападниот влез на Долгаец од правецот на Маргари

Главната стопанска гранка со која се издржува населението на Долгаец е земјоделството. Според составот на атарот, во поглед на земјоделството Долгаец има мешовите функција[2]. Населението во селото Долгаец се занимава претежно со полјоделство, одгледување на тутун, житни култури, а се произведува и сирење. Од аспект на поледелството забележливи се новите трактори и земјоделска механизација која се употребува од неколкуте семејства кои живеат во новоизградени куќи во селото. Најзастапени културикои се одлгедуваат се тутун, жито односно пченица, јачмен и пченка, потоа градинарски култури како компир, кромид, пиперки и патлиџани (поради изобилството на вода), зелка. Долгаец располага со извонредни услови за сточарство. На целиот потег западно и североисточно од Маргари кон Долгаец и во правец кон Стровија и Црнилиште има пространи пасишта со изобилство на вода која се слева од падината на Даутица, на кои пасе многу стока која се одгледува во селото. На овој предел нарчеен Муново Бачило кој е на планината северно од селото до 1950 година со стока доаѓале Каракачани од околината на Штип, а на оваа планина повремено стока чувале и Власи од Крушево. Во летата во педесетите години на ХХ век на Муново Бачило паселе волови и коњи од Долгаец и 500 овци од државната задруга од Секирци, додека во текот на есента штом престане жегата на планината престојувале и овците од Долнени[1]Најмногу се одгледуваат овци, кози и крупен добиток како крави, телиња и волови, од чие млеко се прави сирење, а месото често се продава во Прилеп. Застапено е и живинарството преку одгледување на домашни птици како кокошки и гуски. Падините на Даутица изобилуваат и со густа дабова шума која се користи за сеча на дрво за огрев. Забележлива е се поголемата земјоделско стопанска активност во Долгаец, преку многуте грижливо и убаво обработени ниви, новите трактори и механизаицја и неколкуте нови и модерно изградени куќи, кои се доказ дека животот полека се враќа и во ова село.

Население[уреди | уреди извор]

Доглаец од секогаш, па сѐ до денес е целосно населено само со Македонци од православна христијанска вероисповед. Поради големо иселување бројот на жителите постојано опаѓа па така во 1961 година во Долгаец живееле 566, во 1994 имало 101[2], а во 2002 се намалило на 70 жители, сите Македонци.

Според статистиката на Васил К'нчов („Македониja, Етнографиja и статистика“) од 1900 година, во Долгаец живееле 690 жители, од кои 680 Македонци и 10 Роми.[5]

Според секретарот на бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Долгаец имало 480 Македонци, патријаршисти.[6]

Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 70 жители, сите Македонци.[7]

На табелата е прикажан бројот на населението во сите пописни години:[8]

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 690[5] 480[6] 636 650 566 381 195 106 101 70

Родови[уреди | уреди извор]

Долгаец е македонско село.

Според истражувањата од 1954 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Бадламовци (10 к.), Поповци (10 к.), Деспотовци (9 к.), Лозановци (8 к.), Цветановци (6 к.), Кубуровци (4 к.), Анѓеловци (3 к.), Богоевци (3 к.) и Суљовци (1 к.)
  • Доселеници со познато потекло: Младеновци (16 к.) доселени се од село Винце, за кое жителите незнаат кај се наоѓа, но сепак веројатно тоа е кумановското село Винце, единствено со такво име во Македонија; Дошлаковци (9 к.) доселени се од денес албанското село Норово, крушевско. Доселени се средината на 19ти век, ја знаат следната генеологија Иван (жив на 50 год. во 1954 година) Стеван-Ристе-Богдан, кој се доселил; Крапјанци (2 к.) доселени се како посинети по мајка во родот Суљовци. Доселени се од поречкото село Крапа.[1]
Глетка од селото Долгаец

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[9]
  • Црква „Св. Илија“ - се наоѓа во центарот на селото. Подигната е во 1451 година, а живописана во 1454/5 година. Претставува прво целосно остварување од времето на Османлиската власт во прилепско-битолскиот крај. Програмата на живописот во иконографски поглед е доста интересна, но со послаби уметнички квалитети. Во 1999 година извршена е превентивна заштита на живописот;
Археолошки локалитети[10]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Се знае за следните иселеници од Долгаец: Бујуковци и Мајмуновци или Ветовци живеат во Зрзе. Од родот Богоевци има иселеници во Прилеп. Доста жители се иселиле особено во периодот помеѓу 1961 и 1971 година, најмногу во Скопје и Прилеп.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 Ф. Трифуноски, Јован (1998) (на српски). Битољско-прилепска котлина. Српска академија наука и уметности. стр. 378-379. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја.. Патрија. стр. 100. 
  3. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.79
  4. Видоески, Божо (1971) (на македонски). Македонската топонимија како извор за историската дијалекторлогија на македонскиот јазик (Зборник: IV Заседание на меѓународната комисија за словенска ономастика издание). Скопје: МАНУ. 
  5. 5,0 5,1 Кѫнчовъ, Василъ. Македония. Етнография и статистика. София, Българското книжовно дружество, 1900. ISBN 954430424X. с. 245.
  6. 6,0 6,1 D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.148-149.
  7. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  8. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk.
  9. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  10. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академиjа на науките и уметностите. ISBN 9989649286. 
  11. 11,0 11,1 Јован Ф. Трифуновски, Битољско - Прилепска котлина, Антропогеогрофско проучавоњо, Београд 1998