Зрзе

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Зрзе
Zrze-Pelagonija-MKD.JPG

Панорама на Зрзе и Пелагонија

Зрзе is located in Македонија
Зрзе
Местоположба на Зрзе во Македонија
Координати 41°31′0″N 21°21′9″E / 41.51667° СГШ; 21.35250° ИГД / 41.51667; 21.35250Координати: 41°31′0″N 21°21′9″E / 41.51667° СГШ; 21.35250° ИГД / 41.51667; 21.35250
Регион Прилепско поле
Општина Општина Долнени
Население 64 жит.
(поп. 2002)
Надм. вис. 653 м
Слава Петровден
Commons-logo.svg Зрзе на Ризницата

Зрзесело во Општина Долнени, во околината на градот Прилеп, познато по својот манастир „Св. Преображение“.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Манастирот „Св. Преображение“ во Зрзе
Традиционална архитектура од Зрзе

Зрзе е познато село во околината на Прилеп на северозападната страна на Пелагонија[1]. Се наоѓа во крајниот северозападен дел на Прилепското Поле недалеку од Порече. Сместено е на територијата на Општина Долнени на границата со соседната Општина Македонски Брод. Западно од Зрзе е високиот варовнички масив на планината Даутица, додека на исток се простира пространа плодна низина. Селото е планинско на надморска височина од 720 метри[2]. Од градот Прилеп е оддалечено 33 километри. Атарот на селото граничи со атарите на селата: Костинци на исток, Сливје и Рилево на југ, Крапа на запад и Маргари и Долгаец на север. Зрзе е вовлечено е во еден дол на кој има прекрасен поглед од познатиот манастир. По селските улички се гледаат многу варовнички блокови, па затоа и куќите и оградите се изградени од варовнички камен. Варовничкиот состав на почвата придонесува селото Зрзе да е богато со вода и да има изобилство од бистри и студени извори, по кои е најпознато село во целиот крај. Благодарение на изобилството од вода, селото Зрзе е познато и по многубројните оревови дрвја. Над познатиот манастир избива силниот извор – врелото наречено Извор, на чии води е малиот рибник во дворот на манастирот веднаш до црквата, а од него извира и потекува и селската рекичка. Од неговите води меле и селската воденица. Роднинските куќи се групирани и делови од селото се наречени според поголемите родови како: Стамболџиовци, Срмановци, Заревци, Влкановци итн. Атарот зафаќа простор од 12,5 км2, на кои обработливото земјиште зазема површина од 460,2 хектари, на шумите отпаѓаат 495,9 ха, а на пасиштата 166,4 хектари[2], со што селото има полјоделско-шумарска функција. Деловите на атарот во полето ги носат следните имиња: Кленче, Дабја, Бара, Веселница, Нерезиње, Вирои, Митано, Лопатарица, Садои, Бојаник, Лизгаец, Калуѓерица, Дрење, Огледало, Тополи, Огради и Дишароец. Деловите на атарот на планината се нарекуваат: Старец, Мала и Голема Тумба, Мала Краста, Кале, Градиште, Манастириште (3 км југоисточно од Зрзе во правец на Сливје), Јанков Рид, Широка Орница, Зли Камен, Дамјаница (пештера западно од селото), Рамниште, Бегоа Корија, Присојница, Јанкои Плочи, Орлов Камен, Илина Вода, Стар Забел, Бабин Шопур, Рамни Габер, Ореов Дол, Леска, Тосков Рид, Папрадиште, Гркоица, Ѓуроа Глава, Магарешка Чука[1].

Историja[уреди | уреди извор]

Во историјата Зрзе се споменува уште пред 14 век како Мали Мисир, а подоцна и како Зорба. Селаните на Зрзе велат: „Кај да копаш во селово има гробови и други старини“. Тоа покажува дека на местото на денешното село Зрзе имало население уште од дамнешни времиња[1]. Над Зрзе на падината на Даутица се наоѓа манастирот Свето Преображение кој бил подигнат од монахот Герман во времето на царот Душан (1345-1355). После смртта на Крали Марко и наездата на Турците во 1394 манастирот се запустил за кратко време, а околу 1400 година бил обновен од Кмет Константин со синовите[1]. Од почетокот на XIX век манастирот започнал да напредува повеќе отколку порано. Кон средината на XVI дошло до обнова на прекрасниот и прочуен фрескоживопис на црквата. Некогаш овој манастир бил окружен со заштитни ѕидови. Камењата од ѕидот во 1930 година биле употребени за градење на манастирските конаци. Некои истражувачи наведуваат дека во манастирот во Зрзе постои „кула на кралот Волкашин“. Над манастирот има урнатини од малечка тврдина. Во самото село Зрзе е црквата посветена на Света Недела, а исто така има остатоци од ѕидови од четири други црквишта: Света Петка, Свети Архангел, Свети Атанасиј и Свети Филип[1]. Над манастирот е петтото црквиште кое се вика Свети Врачи и крај кое има месност која се вика Трговиште, каде е можно во минатото да се одржувал манастирски панаѓур на кој се тргувало. Во селото постои црквата Свети Никола која што е веројатно изградена во втората половина на XIV век, а била живописана во 1535 година[2].

Некогаш Зрзе имало само седум доселени македонски христијански домаќинства[1]. Од нив се намножиле родовите: Барбешовци, Брајановци, Заревци, Стамболџиовци, Влкановци и Саботковци. За време на турското владеење во Зрзе постоеле два чифлига чии сопственици биле Адерман-бег (нему му припаѓала и Бегоа Корија) и Сали Марко, кои биле Македонци-муслимани од Дебар. Во тоа време и селскиот манастир имал 136 хектари земја од кои 50 хектари под шума. Во Зрзе имало и малку „рајатска“ (слободна) земја во сопственост на семејства од селото.

Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Прилепскиот Вилает (Vilayet-I Prilepe) под името Зирза и имало 45 семејства, 2 неженети и 1 вдовица, сите христијани.[3]

После 1912 година селаните ја купиле земјата од чифлизите[1]. Манастирот имал поголема површина своја земја до 1946 година, кога му биле оставени само 10 хектари посед. Селска слава е Петровден кога секоја куќа прима 15 до 30 гости. Бројот на домаќинства низ ХХ век изнесувал: 78 во 1921 г., 103 во 1948 г., 106 во 1961г., 108во 1971 г. Во 1954 година во селото имало 103 домаќинства.

Економија и стопанство[уреди | уреди извор]

Врз основана поволните услови на самата местоположба, економијата на селото Зрзе се базира на земјоделство и сточарство. Според составот н атарот Зрзе има мешовита полјоделско-шумарска функција[2]. Од полјоделството најмногу произведува тутун, житни култури - пченица и пченка, на здрава еколошка храна, месо, сирење, итн. Поради изобилството од бистра вода, Зрзе е далеку познато по многуте оревови дрва со многу јадри и убави ореви, кои на големо се берат кон крајот на месец септември. Изобилството од вода условило и развој на градинарството односно одгледувањето краставици, патлиџани, кромид, лук пред сѐ за сопствени домашни потреби. Поволните услови влијаат и на развој на сточарството од кое најмногу се одгледуваат кози, а во помала мерка и крави и овци од чие млеко се прави сирење. Во Зрзе е застапено и овоштарството кое покрај многуте ореви вклучува и одгледување и берба на модри и ситни сливи, јаболка, круши, грозје. Некои жители се занимаваат и со собирање на планински чај и шумски плодови.

Население и демографија[уреди | уреди извор]

Зрзе од секогаш па сѐ до денес е населено само со православни Македонци. Во почетокот на XX век во Зрзе живееле околу 400 жители.[4] Според последниот попис од 2002 год. во Зрзе живееле 64 жители, сите Македонци.[5] Од нив 38 биле мажи, а 26 биле жени. Во селото доминирало постарото население. Од сите жители, 48 имале повеќе од 60 години.[6]

На табелата е прикажан бројот на населението во сите пописни години: [7]

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 400[8] 400[9] 724 753 702 503 260 102 97 64

Родови[уреди | уреди извор]

Зрзе е македонско село.

Според истражувањата од 1950тите, родови во селото се:

  • Доселеници со непозната потекло: Влкановци (12 к.), Брајановци (7 к.), Заревци (7 к.), Барбешковци (3 к.), Димовци (10 к.), Глаучовци (4 к.), Црцановци (3 к.) и Бошковци (2 к.)
  • Доселеници со познато потекло: Срмановци (13 к.) доселени се од некое село во дебарско; Гебевци (10 к.) доселени се од селото Патец, кичевско; Бујуковци (2 к.) и Ветовци (2 к.) доселени се од селото Долгаец, каде биле староседелци, првиот род, таму припаѓал на родот Поповци, а вториот на родот Куковци; Соповци (2 к.) доселени се од денес раселеното село Барбарос, Порече.[1]

Општествени институции[уреди | уреди извор]

Цркви[10]
Археолошки локалитети

Администрација и политика[уреди | уреди извор]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Богородица Пелагонитиса (1422) - Чудотворна икона од манастирот „Св. Преображение“ во Зрзе

Зрзе е богато со културно-историски споменици значајни не само за Прилеп и Македонија, но коишто се дел од светското културно наследство. Најзначаен споменик на култура е манастирот посветен на светото Преображение Христиово (6 т.е. 19 август). Во овој манастир се наоѓаат копии од двете многу значајни икони на света Богородица Пелагониса и Исус Христос.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Манастирската слава свето Преображение 6 односно 19 август

Личности[уреди | уреди извор]

Климент, епископ Хераклејски и викарен епископ Пелагониски, е човекот којшто го обнови монаштвото во овој регион. Епископ стана во 2005 година.

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Се знае за овие иселеници од Зрзе: Богдановци се иселиле во селото Патец. Соколовци живеат во Заполжани. Спироски живеат во крушевското село Алданци. Стамболџиовци живеат во Сливје. Домазетоски живеат во поречкото село Локвица. Саботковци биле стар селски род, кој уште во турско време дел се иселил, а дел изумреле[1]. По Втората светска војна најголем дел од населението на Зрзе се иселило во Прилеп, Скопје, а помал дел и во странство.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 1,8 Ф. Трифуноски, Јован (1998) (на српски). Битољско-прилепска котлина. Српска академија наука и уметности. стр. 375-377. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја.. Патрија. стр. 132. 
  3. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.75
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр.245.
  5. „Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година)“. Државен завод за статистика. 
  6. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  7. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk.
  8. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.245
  9. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.150-151.
  10. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  11. 11,0 11,1 11,2 11,3 Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академиjа на науките и уметностите. ISBN 9989649286. 
  12. 12,0 12,1 12,2 12,3 12,4 12,5 Јован Ф. Трифуновски, Битољско - Прилепска котлина, Антропогеогрофско проучавоњо, Београд 1998

Надворешни врски[уреди | уреди извор]