Прејди на содржината

Ѓавато (Битолско)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ѓавато

Воздушен поглед на селото

Ѓавато во рамките на Македонија
Ѓавато
Местоположба на Ѓавато во Македонија
Ѓавато на карта

Карта

Координати 41°4′50″N 21°8′18″E / 41.08056°N 21.13833°E / 41.08056; 21.13833
Регион Пелагониски
Општина Битола
ОбластЦапарско Поле
Население35 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр.7314
Повик. бр.045
Шифра на КО02049
Надм. вис.850 м
СлаваГолема Богородица
Ѓавато на општинската карта

Атарот на Ѓавато во рамките на општината
Ѓавато на Ризницата

Ѓавато (познато и како Ѓавото) — село во Општина Битола, во областа Цапарско Поле, во околината на градот Битола.

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]

Името на селото првпат е забележано во документи од XVI век. Низ годините се споменува под слични варијанти. Името е добиено од именка од грчко потекло со значење „премин“ (премин преку планина) или во врска со средновековни давачки.[2]

Всушност, може да се каже дека името претставува примарно топографско име. Тоа е добиено по пат на топонимизацијата на апелативот ѓавато („премин преку планина“). Во непосредна близина на селото се наоѓа планинскиот превој Ѓавато на 1.269 метри надморска височина.[3]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Поглед на дел од селото
Поток Шупур кај месноста Аламаљца во пролет

Селото се наоѓа во областа Цапарско Поле, во западниот дел од Општина Битола, во близина на истоимениот превој, каде што атарот се допира со подрачјето на Општина Ресен.[4] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 850 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено околу 21 километар[4] и се наоѓа недалеку до патот Битола-Ресен.

До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2347, кој пак започнува од магистралниот пат А3 кај селото Кажани.

Ѓавато некогаш било големо и познато село кај истоимениот превој, во близина на патот Битола-Охрид. Најблиски околни села се Доленци и Кажани. Во минатото, водата за пиење се добивала од чешми и од бунари. Најмалку вода поседува маалото Савје (во средишниот дел на селото), каде се наоѓаат училиштето, задружниот дом и продавницата.[5]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Дервен, Шумјак, Чинов Рид, Бела Вода, Муџеа Чешма, Манејчино Гробче, Извор, Вртушка, Куцоо, Сулејманов Камен, Киска, Дојчиноец, Каланџик, Стенчиња, Вакавска Ливада, Сува Леска, Студена Чешма, Долишта, Слогои, Ѓироец, Злидол, Синалка, Кекинца, Мечидол, Јазаишта, Маглен, Попов Кладенец, Петкаџик, Ракида, Кленики, Гаџојла, Под Црква, Намазан, Причек, Солиште и Кале.[5]

Селото има разбиен тип, чии куќи се групирани во девет маала меѓусебно оддалечени од 500 до 1000 метри. Маалата се наречени (почнувајќи од југ): Пејновско (Пејчинова), Савја (Савева), Думва или Топија (Топева), Брајчево (Брајчева), Тумтја, Ѓилишовско (Ѓимишова), Митровско (Митрова), Маџаровско (Маџарова) и Матрак.[5]

Селото се наоѓа во подножјето на планината Бигла. Сртот на планината и превојот Ѓавато претставуваат природна вододелница помеѓу Јадранскиот и Егејскиот речен слив.

Многубројните потоци и мали реки како притоки на Шемница главно пресушуваат во текот на втората половина на јуни, поради што во летните месеци селото има недостиг на вода.

Историја

[уреди | уреди извор]
Превојот Ѓавато, просторот каде некогаш се наоѓало селото
Поглед на маалото Савева
Поглед на Гулабовско Маало и селото Доленци во позадина
Поглед од село Кажани кон Ѓавато

Први пишани документи во кои се споменува Ѓавато е од првата половина на XVII век, кога неговите мештани биле дервенџии.[5] Овие документи биле османлиските даночни регистри на немуслиманското население од вилаетот Манастир (Битола) од 1611-1612 година со 60 домаќинства.[6]

Во 1639 година во Ѓавато имало буна против Османлиската власт. Непосреден повод за нејзиното избувнување било апсењето на ајдутинот Белче. Селаните се спротивставиле. Спомнати во предводувањето на буната се Митре, Никола, Илија и Голе. Започнала борба во која Турците имале пушки и сабји, а селаните вили и стапови. Неколку селани загинале, Белче бил убиен, по што Турците му ја отсекле главата и му ја однеле на кадијата како доказ дека бил ликвидиран.[7]

Во средината на XVII век, селото го споменува Евлија Челебија како христијанско. До средината на XIX век, на превојот Ѓавато (1.179 м.) и во непосредната околина се наоѓале седум мали словенски села — Ѓавато, Извор, Дреноец, Сува Леска, Утојца, Илино и Старо Село (старото Кажани). Меѓутоа, сите тие села, како што се пренесува биле уништени од албанскиот башибозук околу 1860-тите. Затоа, мештаните на тие села го основале денешното Ѓавато 3 километри североисточно од истоимениот превој. Претходно, на местото на денешното село се наоѓале кошари.[5]

На местата каде се наоѓале овие мали села се наоѓаат остатоци од ѕидови на куќи, напуштени ниви обраснати со шума и гробови. Најмногу старини се наоѓаат на селиштето Ѓавато, кое било на самиот превој од западната страна. Тоа селиште е познато и под името Дервен, каде се наоѓале рушевините од црквата „Успение на Пресвета Богородица“, која денес е обновена, две чешми, гробишта и ѕидови од куќи. До крајот на отоманскиот период, на Дервен се наоѓала турска кула, додека во српско време постоела жандермериска станица.[5]

Покрај, црквата на самиот превој, во југоисточниот дел на денешното село се наоѓа главната селска црква „Пресвета Богородица“ подигната во втората половина на XIX век.[5]

Ѓорѓи Сугарев бил активен како војвода во Ѓавато пред и за време на Илинденското востание. Таму тој се претворил во легенда за време на битката кај село Ѓавато, каде што со својата храброст и себеодрекување тој на востанатиот народ му дал пример како се војува за својата земја.

Селото многу настрадало за време на востанието, кога Турците и Албанците ги запалиле сите куќи, а народот избегал во шумата.[5]

За време на Кралството Југославија, во селото учителствувал Тодор Ангелевски од селото Лавци, кого селаните популарно го викале Тошо Даскало. Ангелевски заедно со Трајан Белев ги саботирале општинските избори во 1937 година бидејќи власта сакала да подметне свој кандидат при што ги искинале гласачките списоци на гласачкото место. Набргу потоа, биле приведени и со синџири биле спроведени пеш до Битола, каде биле условно казнети. Трајан Белев и Тошо Даскалот во 1938 година основале набавно-продајна задруга, а во март 1940 година основале и партиска ќелија на КПЈ во Ѓавато.

Следната година, во март 1941 година, во селото била основана првата група на Сојузот на комунистичката младина на Југославија.

Кога започнала Втората светска војна, поранешната југословенска армија по патот за Битола направила препреки од балвани и камења на секои 200 метри, кој бил чуван од еден зајакнат баталјон. Сепак, германските тенкови на 9 април 1941 година лесно ги поминале препреките и во борбата убиле 50-60 војници. По оваа кратка борба останале многу воени материјали, оружје и муниција, кои биле прибрани и сокриени од страна на партиската ќелија.

На 28 август 1941 година, окупаторската власт го донела владиката Борис Симонов Неврокопски, родум од Ѓавато, да одржи говор во селската црква, во која го напаѓал комунизмот, Советскиот Сојуз и народноослободителната војска. За време на говорот, младите комунисти и симпатизери од Ѓавато на чело со Јонче Мурџевски демонстративно ја напуштиле црквата.

Следната година, на 12 март во селото било основано читалиштето „Гоце Делчев“ од страна на членовите на КПЈ и СКОЈ, но бил вклучен и кметот на селото со цел да се залаже власта. Истиот месец, во селото биле организирани протести поради недостигот од прехранбени производи.

На 18 август 1942 година, дел од селаните учествувале во нападот на полицискиот подучасток во соседното село Кажани.

Во август 1944 година, во месноста Шабанови Ливади бил одржан голем народен собир при што бил основан народноослободителен одбор со седиште во Ѓавато.

Вкупно 13 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна[8] и во него постои споменик за НОБ.[5]

Стопанство

[уреди | уреди извор]
Земјоделец во Ѓавато.

Атарот на селото е голем и зафаќа површина од 22,1 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.608,6 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 340,8 хектари, а на пасиштата 185,5 хектари.[4]

Селото има полјоделско-шумарска функција.[4]

За време на отоманскиот период, во селото немало чифлици и селаните имале малку своја планинска земја. Средствата за живот ги обезбедувале одејќи на печалба. Оделе да работат во Турција, Романија, Северна Америка и Австралија, додека некои од селаните препродавале ќумур, риба, јаболка и грозје.[5]

По крајот на отоманската власт, мештаните купиле многу земја од иселените Албанци во околните села — Доленци, Лера и Кажани. Месноста Алилојца го носи името на сопственикот Албанец од Доленци.[5]

По Втората светска војна, многумина од машкото население работеле како општи работници.[5]

Во поново време, во селото најзастапено е градинарството, додека во помал дел овоштарството и сточарството, како и живинарството. Интересно е да се напомене дека посебно во текот на пролетните, летните и есенските месеци добрите климатски услови во село Ѓавато овозможуваат развој на пчеларството и билкарството, односно собирањето на лековити билки и растенија, чај, шумски и други споредни производи.

Население

[уреди | уреди извор]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Ѓавато имало 1.500 жители, сите Македонци христијани.[9]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Ѓавато се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 240 куќи.[10]

По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Ѓавато имало 1.800 жители, сите Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[11]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.300 Македонци.[12]

Од ова село се иселил мошне голем број од населението и тоа преминало од големо во мало село. Така, во 1961 година селото броело 1.116 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 162 жители, македонско население.[4]

Според пописот од 2002 година, во селото Ѓавато имало 122 жители, сите Македонци.[13]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 35 жители, од кои 34 Македонци и 1 останат.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 1.500 1.800 1.554 1.502 1.116 829 523 269 162 122 35
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]

Ѓавато е македонско православно село. Родовите во селото се староседелски, кои живееле во околните раселени села кои постоеле во атарот на селото Ѓавато.[5]

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1957 година, родови во селото: Савја (50 к.), Пејчиновци (35 к.), Брајчевци (35 к.), Матраковци (28 к.), Тумтја (26 к.), Думва или Топија (22 к.), Маџаровци (17 к.), Ќилишовци (16 к.) и Митровци (18 к.). Сите овие родови се доселени од околните села кои постоеле во атарот на селото Ѓавато. За родот Брајчевци се претпоставува дека уште подалечно потекло имаат од селото Брајчино, Преспа.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ од 1951 година, родови во селото се:[18]

  • Староседелци: Гулабовци (10 к.), Пичаловци (12 к.), Цибалевци (4 к.), Малевци (3 к.), Продановци (4 к.), Размовци (6 к.), Белевци (5 к.), Алушовци и Босилковци и Кулевчевци (5 к.), Шулајковци (2 к.), Таневци (3 к.), Галевци (2 к.), Гурабијовци (1 к.), Кондовци (3 к.), Пулковци (1 к.), Чомаровци (1 к.), Додовци (7 к.), Кекевци (1 к.), Башевци (3 к.), Шибевци (1 к.), Кузевци (1 к.), Симоновци (1 к.), Точуковци (1 к.), Штуревци (4 к.), Попчевци (3 к.), Атанасовци (1 к.), Буџевци (8 к.), Тановчевци (3 к.), Батковци (2 к.), Манговци или Србиновци (1 к.), Ќотовци (1 к.), Гулевци (1 к.), Корунчевци (2 к.), Мурџевци (3 к.), Банаковци (1 к.), Лајмановци (8 к.), Чекановци (3 к.), Кацевци (3 к.), Рашајновци (1 к.), Огненовци или Гоцаревци (3 к.), Даскаловци (2 к.), Мацановци (2 к.), Крковци или Главинчевци (15 к.), Колупачовци (3 к.), Ласовци (4 к.), Корвејковци (1 к.), Толевци (4 к.), Колимачковци (3 к.), Лалевчевци (1 к.), Пурдевци (4 к.), Шошевци (3 к.), Пурдуловци (5 к.), Буневци (1 к.), Илијевци (2 к.), Клочовци (2 к.), Жулевци (1 к.), Грбевци (7 к.), Питрончевци (1 к.), Чоковци (1 к.), Начовци (4 к.), Перчевци (4 к.), Здравевци (3 к.), Апостоловци (11 к.), Јуруковци (8 к.), Бендевци (7 к.), Гаговци (2 к.), Бубевци (3 к.), Папалевци (6 к.), Димовци (1 к.), Дурмишовци (2 к.), Пашовци (3 к.), Четаловци (6 к.), Филиповци (5 к.), Богдановци (1 к.), Лајчаровци (2 к.), Чунковци (5 к.), Штраколовци (1 к.) и Мишовци (1 к.).
  • Доселеници: Тумтевци (9 к.), доселени се околу 1820 година од селото Туминец во Мала Преспа (денес во Албанија); Ѓештаковци (5 к.), доселени се околу 1820 година од некое село во Мала Преспа; Роканчевци (1 к.)., доселени се во 1860 година од селото Свиниште; Пајаковци (4 к.), доселени се во 1851 година од селото Перово во Преспа; Крушаровци (1 к.), доселени се во 1921 година од селото Долна Бела Црква во Преспа; Чаковци (1 к.), доселени се во 1911 година од Музакија во Албанија. Тие се Власи; Бела или Беловци (1 к.), доселени се во 1943 година од селото Гопеш. И тие се Власи.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

По неуспехот на Илинденското востание дел од овдешното население на село Ѓавато заминува на печалба пред сè во Бугарија (Софија), Србија (Белград), Романија (Букурешт) или во други европски земји како и во некои прекуокеански земји. Оваа појава со несмален интензитет е присутна и меѓу двете светски војни. Еден до два члена од семејството оделе на печалба и останувале по пет до шест години. Многу ретко едниот, а поретко двајцата се враќале назад.

Во периодот после Балканските војни и Првата светска војна и откако голем дел од турското население на соседното село Кажани заминало (се иселило во Турција), дел од населението од Ѓавато се населиле во Кажани.

До 1951 година од селото се иселиле повеќе од 200 семејства од разни родови во селото. Само во САД се иселиле преку 50 семејства. Големо иселување до овој период имало и во Битола (преку 30 семејства), Австралија (преку 20 семејства), Канада (преку 10 семејства). Иселеништво имало и во Бугарија (20 семејства, Софија, Плевен и други места), во Скопје, Аргентина (2 семејства), Србија (1 семејство), Турција (1 семејство), Охрид (1 семејство) и Германија (1 семејство).[18]

До 1957 година, се знае за следниве иселени родови: Ѓаваштани (3 к.), живеат во Могила, Тасевци (1 к.), живеат во Нижеполе, Карапетковци (4 к.), живеат во Рамна, Ајтовци (12 к.), Митревци (10 к.) и Шилевци (8 к.), живеат во Долнени, Здравевци (3 к.), Манговци (1 к.),Љасови (1 к.), Бозбеќар (1 к.), Питропче (1 к.) и Чункови (1 к.), живеат во Кажани, Ќипревци (4 к.), Грујовци (2 к.), Илиовци (2 к.), Андоноски (1 к.), Колевци (1 к.), Пиљовци (1 к.) и Белевци (1 к.), живеат во Доленци и Ѓаваштани ( 7 к.), живеат во соседното преспанско село Сопотско.[5]

Иселувањето од селото продолжило со несмален интензитет во 1960-тите и 1970-тите години, кога огромен број од Ѓавато трајно се иселуваат во Америка, Австралија, Канада или некои европски земји. Истовремено, голем дел од населението од селото се иселувало и во другите градови на Македонија.[3]

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
  • Поранешно основно училиште „Трајан Белев“, кое работело како осумгодишно училиште во периодо 1952-1974
  • Месна заедница

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Ѓавато било село во нахијата Ѓават-Кол во Битолската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе биле придодадени поранешните општини, Бистрица, Кукуречани и Цапари. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Цапари.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот 1955-1965, селото било дел од тогашната општина Дихово.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Кажани, во која покрај селото Ѓавато се наоѓале селата Гопеш, Доленци, Кажани, Лера, Маловиште, Рамна, Ротино, Српци и Цапари. Во периодот 1950-1952, селото било исто така дел од некогашната општина Кажани, во која влегувале селата Гопеш, Доленци, Ѓавато, Кажани, Маловиште и Лера.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0206 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месна заедница.[19]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 68 гласачи.[20]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Археолошки наоѓалишта[21]
Цркви[22]

Сите три селски цркви го носат името Богородица, со што едната е сместена на самиот превој Ѓавато, главната селска црква се наоѓа источно од селото на тромеѓето на атарите на Ѓавато, Кажани и Доленци, каде се наоѓаат и селските гробишта на овие три села, бидејќи за време на отоманскиот период овие села биле доминантно муслимански и малобројните христијани доаѓале во оваа црква, додека третата обновена црква се наоѓа на месноста Главиште во пазувите на планината Бигла.[3]

Споменици

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
Прослава на Голема Богородица во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ на превојот
Слави[5]
  • Голема Богородица (28 август) — селска слава, која започнува во вечерните часови на 27 август со одење во црквата на превојот Ѓавато. На самиот ден (28 август) има голем собир во дворот на црквата, кога се дава ручек, додека попладнето селаните и иселениците се собираат на сретсело кај поранешното училиште со музика и игра.
  • Населението прави собири на сретсело или во една од трите цркви и на други празници, како Бадник и Коледе, Божиќ, Водици, Велигден и Мала Богородица. На третиот ден од Велигден, населението ја посетува црквата во месноста Главиште, додека Мала Богородица повторно се слави во дворот на црквата на превојот Ѓавато.

Личности

[уреди | уреди извор]
Родени во или по потекло од Ѓавато

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 87.
  3. 1 2 3 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2026-03-31. Посетено на 2026-03-31.
  4. 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 119. Посетено на 31 март 2026.
  5. 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 Трифуноски, Јован (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 241-243. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  6. Турски извори за българската история, т. VII, София 1986, с. 181.
  7. Македонска Енциклопедија. Скопје, Македонија: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 228. ISBN 978-608-203-023-4.
  8. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  9. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 239.
  10. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 18.
  11. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 174-175.
  12. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  13. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 1 април 2026.
  14. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  15. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  16. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  17. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  18. 1 2 Русиќ, Бранислав. Цапарско Поле. Архивски фонд на МАНУ, к-4, AE 94/16.
  19. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  20. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  21. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 31. ISBN 9989-649-28-6.
  22. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  23. Андоновска Ленче; Благој Николов; Трајко Огненовски; Гордана Пешевска; Анета Стефановска; Светлана Талеска (2007). Науме Ѓорѓиески (уред.). Значајни личности за Битола. Битола: Национална установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. стр. 20–21. ISBN 978-9989-2783-0-3.
  24. 1 2 3 4 5 6 7 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  25. 1 2 3 4 5 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  26. 1 2 3 4 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  27. 1 2 3 4 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  28. Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  29. 1 2 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  30. 1 2 . Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел I. Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]