Велушина

Координати: 40°55′0″N 21°21′0″E / 40.91667° СГШ; 21.35000° ИГД / 40.91667; 21.35000
Од Википедија — слободната енциклопедија
Велушина
Велушина во рамките на Македонија
Велушина
Местоположба на Велушина во Македонија
Велушина на карта

Карта

Координати 40°55′0″N 21°21′0″E / 40.91667° СГШ; 21.35000° ИГД / 40.91667; 21.35000
Општина Битола
Население 165 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 02018
Надм. вис. 616 м
Велушина на општинската карта

Атарот на Велушина во рамките на општината
Велушина на Ризницата
„Успение на Пресвета Богородица“ — главната селска црква
Дворот на Велушкиот манастир со конакот и крстот
Населбата од неолитско времеВелушка Тумба
Христо Траjчев (70 години) со синот Ангел од Велушина, убиени на 2 февруари 1905 година меѓу Бистрица и Крстоар

Велушина — село во Општина Битола, во околината на градот Битола.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во подножјето на планината Баба Планина, составено од две маала, горно и долно маало. Од градот Битола е оддалечено 12 км. поврзано со асфалтен пат. На исток се простира Велушкото Поле, како дел од Пелагониската Котлина, а на запад е планината Баба. Низ селото течи Велушка Река.

Атарот на селото Велушина граничи со атарите на селата: Од јужната страна со селата Граешница и Лажец, од западната страна со селото Острец, од север со селото Канино, и од исток со селата Породин/Меџитлија.

Поедини места во атарот на селото ги носат следните имиња: Реван, Црвеник, Широка Ливада, Коњарска Ливада, Голема и Мала Сименица, Завој, Граешка Река, Голем Камен, Бежан, Широк Пат, Маклиње, итн.[2]

Историја и етимологија[уреди | уреди извор]

Првите, први и најсигурни податоци за постоењето на Велушина датираат од XV век. Во пописот што го направи Турската администрација на населението во Османлиското Царство во 1468 година, а со кој е опфатена и Битолската нахија, селото е забележано во формата Велушино. Истата форма се среќава и во следниот попис сто години подоцна односно во 1568 г. Почнувајќи од XVIII век турските документи покрај првата ја забележуваат и другата форма - Велушина. Таа станува понатака стандардна и неа ја следат сите битолски документи (сиџили) кои се водат од XVII-XIX век. Во XIX век за селото и нема друго име освен Велушина. Полрај во турските, името на селото се споменува и во словенските писмени споменици. Со формите Велушино и Велушина регистрирано е во Слепченскиот кодик од XVI век, потоа во Продромскиот споменик, што ќе го открие и ќе го објави рускиот славист Виктор Иванович Григорович, а чии записи се од XV-XVII век. Собирачот на народни песни и етнографски материјали од XIX век Стефан Верковиќ, пак селото го регистрирал во формата Велушјани. Колебањата меѓу двете форми продолжиле и понатака. Прусиецот Хенри Барт, кој поминал низ Македонија и низ Биролско во есента 1862 г. и кој, со восхит говори за Велушина, селото го открива во формата Велошина. Сиве овие непрецизности и колебања веројатно доаѓаат од различното регистрирање на изворниот изговор на велувци. Тие своето село, иако тоа денес насекаде фигурира како Велушина, го именуваат како Велујшна. Ојконимот е епоним, добиено од лично име, слично како ојконимите Мариово, Лазарополе, Алинци и др. Личното име на оној што му го дал било Велуша, а тоа е хипокористично име од Вело, со антропонимската наставка -уша. Велуша како име го среќаваме уште од XV век, а произлезено е од Вело, тоа е прв дел од сложените антропоними како што биле Велибор, Велимир, Велислав, кои претставувале старословенски форми. Вело, пак доаѓа од морфемата „вели“, која имала значење на „голем“. „Велушин“, претставува деривувано име од личното име Велуша, а со антропонимската наставка -ин. Народните преданија ги поткрепуваат ваквите тврдења. Тие говорат за некој „војвода“ кој бил прв доселеник и кој му го дал името. Според нив тој се викал Велуш.

Вкупно 5 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[3]

Велушка Тумба[уреди | уреди извор]

Велушката Тумба е неолитска населба, која, иако просторно е поблиску до селото Породин, заради што се наоѓа на Велушки имот е наречена Велушка. Таа, всушност е само една од бројните тумби во Пелагонија (досега откриени 70-тина) кои говорат за еден динамичен живот во предисторијата на овие простори. Првите археолошки рекогнистицирања започнале во далечната 1952 година, а систематски дваесет години подоцна (1972) од група археолози на Битолскиот завод и музеј, со Драгица Симоска, со Воислав Санев од Народниот музеј на Штип и Саржо Саржовски од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата од Скопје, заедно со екипа асистенти и помошници.

Велушката Тумба по димензии е слична со другите тумби од Пелагонискиот Регион. Таа се протега во правец исток - запад и долга е 250 м, а широка 150 м, си висинска разлика од 0,70 м, на источниот и 5 м на западниот дек. Била живеалиште на неолитски луѓе во подолг период, зашто врз неа се пластеле слој по слој, односно време на време.
Локацијата на Тумбата неолитските луѓе ја прифатиле од неколку причини: околу неа имало плодно земјиште на кое ги саделе и сееле земјоделските производи, во близина била Велушката Река чии води биле изобилно ползувани, а во близина била и Црна Река од каде влечеле рибен материјал, но и трска, шамот и др, додека на запад се наоѓала Баба Планина и нејзините природни ресурси од дрвена граѓа и камен за оружје и орудија.
Во четирите хоризонтали од остатоци на надземни објекти за живеење, се откриени урнатини од куќи, делови од куќен лепеж и подни конструкции. Овие објекти неолитските луѓе ги граделе од дрво, трска и кал, помешан од плева, билки и др. Каменот бил исто така употребуван, но делумно. Подовите биле направени од глина, која била набиена и од дрвен материјал премачкан со глина. Куќите имале веројатно правоаголна форма.
Орудијата што се пронајдени, а не се во голем број, правени се од камен, коски и керамика. Најмногу има глачени камени алатки, изработени од кварцни и кварцноепидосни карпи. Се среќаваат во вид секири, тесли и длета. Орудијата од коска, исто така, се ретки. Кога се среќаваат, тогаш се шила и гладилници. Првите се обработка на коска од нозе на животни на едниот крај зашилени. Ако коската на едниот крај е колено, тогаш тој дел служи за држење на орудието. Третиот вид орудија се од печена глина. Нив ги има најмногу како во делот од куќите, исто така и надвор од куќите. Токму овие обработки сугерираат дека кај неолитскиот човек бил добро развиен грнчарскиот занает. Сосема очекувано, токму овој материјал од сферата на керамиката е најмногуброен. Глината што е употребувана е од подрачјето на Тумбата и таа е или прочистена (сеена) или со мали примеси од песок (несеена).

Во Велушката Тумба се среќаваат два вида керамика што е случај, впрочем, и за сите пелагониски тумби од овој период: груба керамика за секојдневна употреба и фина керамика и за секојдневна употреба, но и за култни цели. Првата се состои од лонци, садови, капаци, чинии итн. и таа покажува дека ваквата керамика била основна во домашното живеење. Култната, пак, е во врска со духовниот живот и со религиозните претстави на неолитскиот човек, па ја имаме во вид антропомотфни и зооморфни фигури и жртвеници. Првите егземплари се најинтересни и покажуваат висок степен на уметничко обликување. Главно, тоа се стилизирани женски фигури, во чија основа сотјат претставите за пра-мајката, божицата на земјата и плодородието. По правило, кај неа со неприродни размери се нагласени насекаде глутеите, кусите нозе, секако поврзани со претставите за плодноста. Панданот на овие статуетки, машки статуетки, во Велушката Тумба не се пронајдени. Зооморфната, односно териоморфната пластика сосема малку е застапена, освен неколкуте од кои може да се согледа дека се работи за претстави на свиња или овца, како и претстави на елен.
Жртвениците кои се изработени од глина ги има во I и II слој и тие се наоѓале и во домот и надвор од него. Служеле во врска со култите и магиските обреди. Сите овие предмети покажуваат висок степен на организиран живот. Очигледно е дека пелагонискиот неолитски човек веќе е врзан за земјата и за одреден простор. Основна негова преокупација не била ловот и скитањето, туку земјоделието. Од повеќето житни култури што се пронајдени, најмногу е застапена пченицата. Таа се мелела со рачни мелници изработени од камен, а кои се наоѓале во самиот дом. Неолитскиот човек одгледувал и домашни животни, како што се свињи и преживари (говеда и овца). Ловот не го имал напуштено и тој бил значаен дел од неговата стопанска активност.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Во минатото, Велушина било богато село. Населението поседувало околу 2500 ха обработливо земјиште, како и голем број на крупна и ситна стока. Планинскиот дел од атарот е богат со букова шума. Во селото постоеле десетина воденици, мала хидроцентрала, продавница, пошта и селско - стопанска задруга во која биле вработени 100 луѓе. Се одгледувале претежно житарици, а од индустриските култури - коноп и лен.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.117—    
19531.153+3.2%
1961945−18.0%
19711.372+45.2%
19811.250−8.9%
ГодинаНас.±%
1991189−84.9%
1994145−23.3%
2002160+10.3%
2021165+3.1%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Велушина живееле 920 жители, сите Македонци.[4]

Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Велушина имало 880 Македонци, патријаршисти.[5]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Велушина се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 111 куќи.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 900 Македонци.[7]

Според пописот 2002 во селото живеат 160 луѓе од кои:[8] 73 Македонци, 79 Албанци, 5 Роми и 3 Срби.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 165 жители, од кои 37 Македонци, 109 Албанци, 7 Роми, 1 останат и 11 лица без податоци.

На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[9]

Година Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. б.п.[10] Вкупно
1948 1.117
1953 1.151 2 ... 1.153
1961 931 ... ... 14 ... 945
1971 1.267 ... 94 ... 11 1.372
1981 1.148 89 ... 13 1.250
1991 166 7 14 2 189
1994 120 8 2 9 ... 6 145
2002 73 79 5 3 160
2021 37 109 7 1 11 165

Родови[уреди | уреди извор]

Велушина е македонско православно село, а според пописот од 2002 има и други националности, денешното село е основано околу средината на ХVIII век, кога се населиле родовите Милевци и Размовци. Така што сите родови во селото се доселенички.

  • Доселеници: Милевци (15 к.) се делат на Трифуновци, Домазетовци и Николовци. Доселени се од селото Опеница во Охридско; Размовци (14 к.) доселени се од некое село во струшкоСтрушко; Апостоловци (5 к.) потекнуваат од Преспа. Од таму најпрво се населиле во селото Породин, па по некое време преминале во селото Велушина; Поповци (3 к.) доселени се од селото Опсирино во леринско, од овој род потекнувале селските свештеници; Раковци (3 к.) доселени се од планинското село Раково во леринско; Камбовци (3 к.) доселени се од соседното село Жабјани; Копановци (7 к.), Стојковци (8 к.), Гроздановци (4 к.) и Трајчевци (3 к.) потекнуваат од ист предок, доселени се од некое село во Преспа; Јанкуловци (7 к.) и они се доселени од некое село во ПреспаПреспа; Кочовци (9 к.), Талевци (6 к.) и Луковци (2 к.) доселени се од некое место во Западна Македонија, веројатно од ПреспаПреспа; Митковци (3 к.) доселени се од некое село во околината на БитолаБитола; Сотировци (1 к.) доселени се од селото Желево, костурско; Трпановци (5 к.), Прдиовци (3 к.), Војновци (3 к.), Настевци (2 к.), Миновци (2 к.), Пашовци (2 к.), Коралковци (2 к.), Ташковци (2 к.), Грујовци (1 к.), Ропковци (4 к.), Илиовци (3 к.), Србиновци (3 к.), Дервишовци (2 к.), Гушевци (2 к.), Перковци (2 к.), Шајковци (1 к.), Цепевци (1 к.), Долевци (1 к.), Марковци (8 к.), Гаговци (5 к.), Брглевци (8 к.), Бричковци (4 к.), Ноачовци (3 к.), Мечковци (1 к.) и Костовци (5 к.) доселени се но не знаат од каде точно.[2]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 142 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[11]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 112 гласачи.[12]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[13]
Манастири
Археолошки наоѓалишта[15]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Во постаро време во Средно Егри се иселиле родовите Крстевци (2 к.) и Поповци (1 к.). Родовите Кочовци (4 к.), Љамчевци (2 к.), Ропковци (1 к.) и Камбовци (1 к.) се иселени во селото Породин. Марковци (2 к.) иселени се во Граешница. А иселеници од постаро време има и во Сад и Битола. А после Втората светска војна има иселеници и во Австралија.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 Трифуноски, Јован (1998). Битољско-прилепска котлина. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 206–207.
  3. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  4. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 236.
  5. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 166-167.
  6. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 13.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  9. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат Архивирано на 10 декември 2021 г.. Државен завод за статистика.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  12. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  13. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  14. „Конзервација на фрескоживописот во „Успение на пресвета Богородица“ во Велушина“, Утрински весник, година XVI, број 4754, среда, 8 април 2015, број, стр. 14.
  15. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  16. Македонците в културно-политическия живот на България. Анкета от Изпълнителния комитет на Македонските братства, Книгоиздателство Ал. Паскалев и с-ие, София, 1918, стр. 38.
  17. „Съюз на борците от НОАВМ-Битоля“. Архивирано од изворникот на 2014-05-08. Посетено на 2014-02-28.
  18. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]