Опеница
Опеница | |
![]() Поглед на селото | |
Координати 41°10′57″N 20°52′9″E / 41.18250° СГШ; 20.86917° ИГДКоординати: 41°10′57″N 20°52′9″E / 41.18250° СГШ; 20.86917° ИГД | |
Регион | ![]() |
Општина | ![]() |
Област | Охридско |
Население | 58[1] жит. (поп. 2002) |
Пошт. бр. | 6306 |
Повик. бр. | 046 |
Надм. вис. | 966 м |
Слава | Ѓурѓовден Свети Никола |
![]() |
Опеница (многу ретко се сретнува и како Опењца) — село во Општина Охрид, во околината на градот Охрид.
Содржина
Географија и местоположба[уреди | уреди извор]
Ова село се наоѓа во североисточниот дел на Охридското Поле, во источниот дел на Општина Охрид, недалеку од патот Охрид-Ресен.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 770 метри. Од градот Охрид селото е оддалечено 13 километри.[2]
Селото е сместено во долината на Коселска Река, главно во горниот клисурест дел. Околу селото се наоѓаат ниви, шуми и ливади. Во минатото, мештаните со вода за пиење се снабдувале од бунари, бидејќи немало извори.[3] Денес, селото има изграден селски водовод.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Баба, Краста, Маркоец, Марково Долче, Неолица, Кулица, Бигла и Осој.[3]
Селото во основа има збиен тип. Одредени делови од селото се нарекуваат по родови, како што се: Атовци, Ристевци, Лавчевци, Николовци и други.[3]
Атарот на селото Опеница граничи со атарите на следните села: од југ со селото Скребатно, од исток со селата Свиништа и Завој, од запад со селата Вапила, Сирула и Косел, и од север со селата Речица и Куратица.
Историja[уреди | уреди извор]
Поради неговата поволна положба, месноста на денешното село отсекогаш било населено. Постарата населба се наоѓала во месноста Горно Село, источно од денешното село. Во близина се наоѓало брдото Кулица. Доказ за староста на селото се и старите надгробни споменици, кои потекнуваат дури од средниот век.[3]
Остатоци на старини се сретнуваат на месноста Црвејнца, кое се наоѓа покрај реката. Таму се пронајдени стари гробови. На месноста Филипец, исто така, се пронајдени старини.[3]
Горно Село претставувало мала населба, чии жители подоцна се спуштиле на денешната положба. Во тоа време, покрај долината на реката не постоел колски пат. Низ селото имало само патишта за товарен сообраќај, еден за селото Вапила и еден за селото Завој, тогаш сместено во близина на превојот Буково.[3]
Во XIX век, Опеница било село во Охридската каза, на Отоманското Царство.
Во Илинденското востание, селото било запалено од страна на Турците. Во тоа време, мештаните престојувале на месноста Марково Долче, кон планинското село Куратица. По палежот, селаните се вратиле и направиле колиби.[3]
Месноста Марково Долче, како и месноста Рашанец, биле издадени од страна на мештанинот Велјан Славески[5] на Турците, поради што се случил масакрот во Рашанец.[3]
Фотографијата на Опеница, дело на францускиот фотограф Огист Леон од 1913 година претставува една од најстарите и најпознати фотографии на македонските села.[6]
Селото било уште еднаш запалено, на 12 декември 1944 година, од страна на германските војници, кои се повлекувале од Ресен спрема Охрид. Меѓу нив се наоѓале и албански балисти. Мештаните на Опеница, зимата ја поминале низ рамнинските охридски села.[3]
Стопанство[уреди | уреди извор]
Атарот зафаќа простор од 16,6 км². На него преовладуваат шумите на површина од 604 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 498 хектари, а на пасиштата само 42 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[2]
До крајот на Втората светска војна, селаните се занимавале со сточарство и со земјоделство. Мештаните главно биле земјоделци, но во помала мера одгледувале стока.[3]
Население[уреди | уреди извор]
Во книгата „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, издадена во Истанбул во 1878 година, во која е прикажена статистиката на машкото население од 1873 година, селото е посочено со 100 домаќинства и 295 жители.[7]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Опеница живееле 470 жители, сите Македонци.[8] Според секретарот на бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Опеница имало 480 жители, егзархисти.[9]
Од ова село се иселил значителен број од населението и тоа преминало од средно во мало село по големина. Така, во 1961 година селото имало 681 жител, а во 1994 година бројот се намалил на 104 жители, македонско население.[2]
Според последниот попис од 2002 година, во селото Опеница живееле 58 жители, сите Македонци.[1]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900[10] | 1905[11] | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 470 | 480 | 636 | 675 | 681 | 509 | 236 | 126 | 104 | 58 |
- Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]
Родови[уреди | уреди извор]
Опеница е чисто македонско православно село. Сите родови во селото се староседелски.[3]
Родови во селото Опеница се: Ристевци (8 к.), Калевци (4 к.), Амуровци (3 к.), Атовци (10 к.), Лавчевци (6 к.), Николовци (6 к.), Сидоровци (3 к.) и Нејчевци (3 к.), сите староседелски. За првите рода се смета дека се најстари.
Општествени установи[уреди | уреди извор]
- Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]
Селото влегува во рамките на Општина Охрид, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од некогашната рурална Општина Косел.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Охрид.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од тогашната општина Косел.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Косел, во која покрај селото Опеница, се наоѓале и селата Вапила, Горно Лакочереј, Долно Лакочереј, Завој, Косел, Куратица, Ливоишта, Орман, Плаќе, Расино, Речица, Свиништа Сирула. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Опеница, во која влегувале селата Завој, Куратица и Опеница.
Изборно место[уреди | уреди извор]
Во селото постои изборното место бр. 1339 според Државната изборна комисија, сместено во месната заедница.[13]
На претседателските избори во 2019 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 64 гласачи.[14]
Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]
- Цркви[15]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква; и
- Црква „Св. Кузман и Дамјан“ — манастирска црква.
- Параклиси
- Параклис „Св. Ѓорѓи“ — параклис сместен во Горно Село
- Манастири
- Опенички манастир — понов манастир
Редовни настани[уреди | уреди извор]
- Слави
- Ѓурѓовден — постара селска слава
- Свети Никола — зимска селска слава
Личности[уреди | уреди извор]
- Родени во Опеница
- Блаже Митрев — револуционер[16]
- Ламбе Блажев (1880–1921) — револуционер
- Сандре Георгиев — револуционер[17]
- Стојан Настев (1866–1937) — револуционер
- Христо Настев — револуционер и политичар
Иселеништво[уреди | уреди извор]
Постари иселеници од Опеница има во Охрид (Радичовци), потоа во Свиништа (Аџиовци, 10 к.), Косел (Опеничани, 10 к.), Горно Лакочереј (Целевци, 2 к.). Во селото Велушина иселени се Милевци (15 к.), кои биле населени во куќите на иселените српски колонисти во текот на Втората светска војна. Сепак најмногу иселеници Опеница дало после Втората светска војна, најмногу се иселени во Охрид, и во охридското село Лескоец (25 к.). А по некој иселеник има и во Скопје, Белград и Загреб.[3]
Галерија[уреди | уреди извор]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 26 ноември 2019.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 219. https://commons.wikimedia.org/wiki/File:%D0%95%D0%BD%D1%86%D0%B8%D0%BA%D0%BB%D0%BE%D0%BF%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0_%D0%BD%D0%B0_%D1%81%D0%B5%D0%BB%D0%B0%D1%82%D0%B0_%D0%B2%D0%BE_%D0%A0%D0%B5%D0%BF%D1%83%D0%B1%D0%BB%D0%B8%D0%BA%D0%B0_%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0.pdf. посет. 26 ноември 2019 г.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 Trifunoski, Jovan F.; Трифуноски, Јован Ф. (1992). Ohridsko-struška oblast : antropogeografska proučavanja. Beograd: Srpska akademija nauka i umetnosti. ISBN 8670251582. OCLC 27418468. https://www.worldcat.org/oclc/27418468.
- ↑ „ВО ПЕТ ОХРИДСКИ СЕЛА ВОДАТА ОД ЧЕШМИТЕ Е НЕБЕЗБЕДНА“. Сакам Да Кажам (mk-MK). 2018-03-07. конс. 2019-11-18.
- ↑ На овој мештанин, востаниците му одземале три кози, кои ги заклале за да се прехранат. Поради тоа, тој ја открил нивната положба.
- ↑ Александар Матески, „Плакенска Планина“, Економија и бизнис, година 18, број 219, септември 2016, стр. 106-107.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 100-101.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 252.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 162-163.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. конс. 28 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. конс. 28 ноември 2019.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893 – 1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 106.
- ↑ Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893 – 1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 32.
Поврзано[уреди | уреди извор]
Надворешни врски[уреди | уреди извор]
|