Рамне (Охридско)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Рамне
Ramne-village.JPG

Поглед на селото Рамне на северозападните падини на Галичица

Рамне се наоѓа во Republic of Macedonia
Рамне
Местоположба на Рамне во Македонија
Координати 41°06′33″ СГШ 20°50′11″ ИГД / 
Општина Општина Охрид
Население 632 жит.
(поп. 2002)
Надм. вис. 960 м
Commons-logo.svg Рамне на Ризницата
За истоименото село во Општина Македонски Брод, видете Рамне

Рамне — село во Општина Охрид, северозападна Македонија.

Поглед на селото Рамне и Охридската Котлина од дворот на селската црква
Селската чешма во Рамне

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото Рамне е оддалечено од Охрид 4-5 км во источен правец. Селото е сместено на зарамнета варовничка тераса на северозападната падина на планината Галичица, поради што (најверојатно) го добило и своето име.[1] Во селото и неговата непосредна околина има повеќе карстни извори наречени: Летница (или Стара Вода), Поник, Ливадиште, Горни и Долни Бунари. Сите овие извори сочинуваат рекичка кој се влева во Охридското Езеро и низ која во езерото пристигнува рибата летница, по што главниот извор и го носи тоа име.[2] Варовничкиот состав на земјиштето овозможува изобилство од вода и доста силен и поволен водостој на селската чешма, кој овозможува покрај за пиење, водата да се користи и за наводнување преку летото. Богатите извори со вода се користат и за водоснабдување на градот Охрид. Атарот на Рамне зафаќа површина од 1093 хектари, од кои 634 ха се под шуми, а само 163 ха се обработливо земјиште.[3] Во селото постои спомен-биста на Јасна Ристеска, која загинала во битката за ослободување на Охрид на 7 ноември 1944 година.[4]

Историja[уреди | уреди извор]

Рамне спаѓа во редот на најстарите села во Охридско. Најверојатно е основано во раниот среден век, за што сведочи и напишаниот Рамненски (Болоњски) псалтир од овој период.

Болоњски (Рамненски) Псалтир
  • За потребите на црквите во рамките на Охридската книжевна школа, а и подоцна до XV век биле создадени броjни богослужбени книги. Голем броj од ракописите од освоjувачите се однесени од Охрид во Болоња, Москва, Софиjа, Белград, Загреб, Прага, како и во други центри. Особено е значаен Болоњскиот псалтир - значаен македонски книжевен ракопис коj денес се наоѓа во Болоња (Италиjа) по што го добил и името. Во него има 264 пергаментни листови. Книгата jа напишале книжевниците Белослав, Јосиф и Тихота од селото Рамне - Охридско, во периодот од 1230 до 1242 година. Ракописите од тоа време обично биле пишувани со рака на пергамент, а биле и богато украсени со орнаменти и позлата. Болоњскиот псалтир се цени дека е еден од наjубавите словенски ракописи од XIII век. Редакциjата е македонска, а правописот карактеристичен за Охридската книжевна школа.

Економија[уреди | уреди извор]

Денес најголемиот број од жителите својата работна активност и остварување на приходи ја остваруваат со вработување во Охрид. Исклучок се неколкуте сточари и собирачи на лековити билки и ароматични растенија. Од сточарството денес, најзстапени се одгледувањето на кози, крави и овци, а од полјоделството одгледување на жита (пченица и пченка) во рамничарскиот дел на терасата под селото и во многу мал дел градинарство (патлиџани, пиперки) за сопствени потреби. До Втората светска војна, жителите на Рамне сечеле дрвја од Галичица кои ги продавале за огрев во Охрид, а потоа во Охрид работеле како надничари и наемни работници за време на окопување на лозјата и бавчите, а исто така работеле на изградба на патиштата во околината[5]. Во минатото на планинската падина околу Рамне се граделе дупки за вар, која подоцна со помош на коњи била пренесувана и продавана во Охрид и Ресен.[6]

Демографија[уреди | уреди извор]

Реалниот број на постојани жители е мал, 2-3 домаќинства со десетина постојани жители, но при пописот на населението спроведен во 2002 година, 632 се изјаснале како жители на селото Рамне, од кои 594 како Македонци, 11 како Турци, 6 како Срби, по 2 како Власи и Албанци. Од нив 559 се лица постари од 15 години. Според пописите Рамне бележи постојан пораст на населението, па така од 407 жители во 1961 година, во 1994 селото броело 589 жители од кои 563 Македонци[7]. Ваквите бројки на населението произлегуваат од тоа што куќите од крајот на градот Охрид во подножјето под Галичица се дел од атарот и катастарски припаѓаат на селото Рамне. Поголемиот број на куќи се стари и напуштени, изградени од камен и плитар. Изградени се и нови современи куќи кои повремено се користат. Немањето водовод е една од причините за тешката услови за живот во селото. Старата училишна зграда е сведок за времето кога се вршела настава за ученици од основно образование.

Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 632 жители. Следува табела на националната структура на населението[8]

Националност Вкупно
Македонци 594
Турци 11
Роми 0
Албанци 2
Власи 0
Срби 6
Бошњаци 0
Други 17

Општествени институции[уреди | уреди извор]

цркви
  • Св. пророк Илија - според натписот што се наоѓа над влезната врата, црквата е изградена во 1907 година. Таа е еднокорабна, со галерија на кат и купола. За изградбата употребен е кршен камен и делкан бигор. Од натписот во внатрешноста се дознава дека е живописана во 1944 година, од страна на Рафаил Крстев и син му Крсте од с. Лазарополе. Во периодот од 1984 - 1995 година, со помош на селаните се изградени: црковната трпезарија, камбанаријата и сменет е кровот на црквата.
  • Св. Атанасиј - изградена на темели од постара црква, во периодот од 1967 - 2000 година. Според натписот градена е со помош на селаните, а мајстор бил Симон Ристески, додека фрескоживописот е дело на Марјан Ристески од с. Велгошти. Таа е еднокорабна, градена со обработен камен. Во внатрешноста на црквата има извор на лековита вода, а од југоисточната страна на црквата изградена е трпезарија.

Администрација и политика[уреди | уреди извор]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Секоја година на патрониот празник на селската црква, Илинден, се одржува голем селски собор[9]. На овој општонароден собор, покрај жителите на Рамне и оние кои водат потекло од ова место, доаѓаат православни верници Македонци и од Охрид и околните соседни села.

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Поради непосредната близина на градот Охрид, најголемиот дел од населението е иселено во Охрид. Во 1918 година жителите на Рамне купиле плодна земја на котлинското дно крај Охрид, денес на тоа место наречено Видовиште се наоѓаат куќите во кои живеат најголем дел некогашните жители на Рамне и нивните потомци.[10] Во поново време има иселеници во САД и Австралија.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Трифуноски Ф.Јован „Охридско-струшка област. Антропогеографска проучавања“. САНУ, Белград, 1990 год. стр.144
  2. Трифуноски Ф.Јован „Охридско-струшка област. Антропогеографска проучавања“. САНУ, Белград, 1990 год. стр.144
  3. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.254
  4. „Зборник на паднатите борци во Народноослободителната борба и Револуцијата и жртвите на фашистичкиот терор во Охрид и Охридско 1941-1945“, Охрид, 1976, 170 стр.
  5. Трифуноски Ф.Јован „Охридско-струшка област. Антропогеографска проучавања“. САНУ, Белград, 1990 год. стр.145
  6. Трифуноски Ф.Јован „Охридско-струшка област. Антропогеографска проучавања“. САНУ, Белград, 1990 год. стр.145
  7. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.254
  8. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  9. Трифуноски Ф.Јован „Охридско-струшка област. Антропогеографска проучавања“. САНУ, Белград, 1990 год. стр.145
  10. Трифуноски Ф.Јован „Охридско-струшка област. Антропогеографска проучавања“. САНУ, Белград, 1990 год. стр.145