Оптичари
Оптичари — село во Општина Битола, во околината на градот Битола.
Географија и местоположба[уреди | уреди извор]
Оптичари се наоѓа во јужниот дел на плодното Битолското Поле, на територијата на Општина Битола. Селото е рамничарско, на надморска височина од 578 метри. Од градот Битола е оддалечено 10 километри. Атарот зафаќа простор од 16,7 км2. Обработливото земјиште зафаќа површина од 1.530 ха, а 140 ха се под пасишта. До селото има асфалтиран пат. Изграден е водовод за снабдување на населението со чиста и здрава вода за пиење.
Историја[уреди | уреди извор]

Првиот пишан помен за Оптичари е од периодот меѓу 1650 и 1750 година.[2] Во 1912 година тука се затекнати 40 македонски домаќинства, од кои половината биле чифчии, а половината рајати. Таа година чифлици имале: Мемиш-ага, Шаќир-ага, Идриз-бег, Рифан-ефенди, Абдула, Малик, Салија и Рашид, сите од Битола.[2] По 1912 година, земјата била разделена на жителите по основа на аграрната реформа.[2]
Стопанство[уреди | уреди извор]
Население[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Оптичари живееле 380 жители, сите Македонци.[3] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Оптичари имало 480 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[4]
Според пописот од 2002 година, во селото има 317 жители, од кои 316 Македонци и 1 Србин.[5]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 242 жители, од кои 233 Македонци и 9 лица без податоци.[6]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 380 | 480 | 503 | 528 | 712 | 745 | 851 | 442 | 326 | 317 | 242 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[7]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[8]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]
Родови[уреди | уреди извор]
Оптичари е македонско православно село. Во минатото некое време во селото живееле и муслимански родови, турски и албански. Повеќето родови во селото се доселени.[11]
Родови во Оптичари се:
- Староседелци: Чекановци (5 к.), Аневци (2 к.), Мурговци (2 к.), Пајкаровци (2 к.) и Кукајца (1 к.);
- Доселеници: Коларовци (1 к.), доселени се од некое село во Железник, овој род отсекогаш имал 1 куќа; Тупачовци (4 к.), доселени се од селото Обедник во Железник; Стојчевци (6 к.), доселени се од прилепското село Обршани; Иловци (1 к.), доселени се во турско време од селото Кравари; Милевци (5 к.), потекнуваат од селото Обедник во Железник, од Обедник најпрво се населиле во Кравари, а од Кравари во Оптичари; Станковци (5 к.) за нив се вели дека се Брсјаци, доселени се од некое село во Железник; Боротинци (1 к.), доселени се од Горно Оризари, подалечно потекло од селото Боротино; Чадија (1 к.), се викаат и Добромирци, доселени се од селото Добромири; Манчевци (3 к.), доселени се од селото Трн; Клаповци (2 к.), доселени се од селото Могила; Ракомот (1 к.), доселени се од селото Трн; Кураш (1 к.), доселени се од селото Поешево; Таневци (2 к.) доселени се од селото Новаци; Ѓентовци (2 к.), доселени се од селото Трн; Копановци (1 к.) потекнуваат од домазет кој дошол од Новаци; Думлиовци (1 к.) се викаат и Марулци, доселени се од селото Марул; Чарлинци (3 к.) родот го основал Ѓоре кој се доселил од Долна Чарлија; Чичкаровци (2 к.) доселени се од селото Трн; Тасевци (1 к.) доселени се од селото Новаци; Ранакот (1 к.) потекнуваат од домазет кој дошол од Буково; Ванчовци (2 к.) доселени се после Првата светска војна од селото Новаци; Преспанци (1 к.) доселени се 1927 година од селото Граждено во егејскиот дел од Преспа, таму се викале Петрејчинци; Павлевци (3 к.) доселени се од селото Жабјани, некое време живееле и во Долно Егри, од Долно Егри дошле во Оптичари во 1936 година; Бошко (1 к.) доселен од селото Долно Егри во 1937 година; Божин (1 к.) доселени се 1941 година од селото Средно Егри, таму се ист род со Шишаковци, кои биле старинци; Маџарот (1 к.) доселен основачот на родот како домазет во 1935 година од селото Ношпал; Пановци (2 к.) доселени се 1924 година од селото Орехово, старинци се во Битолско; Котевци (1 к.) потекнуваат од домазет кој дошол во 1935 од Долно Егри; Винарот (1 к.) потекнуваат од домазет кој дошол од селото Новаци во 1918 година; Кичевци (2 к.) доселени се од кичевското село Душегубица; Јошевци (3 к.) доселени се 1945 година од селото Церје во Мала Преспа; Нешковци (4 к.), Шолевци (3 к.), Јунаковци (3 к.) и Николовци (1 к.), доселеници од непозната старина, првиот род потекнува од домазет, во родот Николовци имало потурчена жена.
Муслимански родови кои живееле некое време во селото се: Маликовци (3 к.) доселени се од селото Бела Црква, зборуваат албански, но се издаваат за Турци; Реџеп (1 к.) доселен бил Реџеп како домазет во 1941 година од некое албанско село во околината на Битола; Музафер (1 к.) доселени од некое село во Кичевско, зборуваат албански; Алитовци (1 к.) доселени се 1950 година од селото Коџаџик, зборуваат турски.
Општествени установи[уреди | уреди извор]
Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]
Избирачко место[уреди | уреди извор]
Во селото постои избирачкото место бр. 152 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на месна заедница.[12]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 248 гласачи.[13]
Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]
- Црква „Св. Архангел Михаил“ — главната селска црква;
- Црква „Вознесение Христово“ („Св. Спас“);
- Црква „Св. Ѓорѓи“;
- Црква „Св. Никола“.
- Археолошки наоѓалишта
- На Тумба — населба од неолитско време;[16]
- Трн Тумба — населба од неолитско време;[16]
- Тумба — населба од неолитско време;[16]
- Св. Атанас — наоѓалиште од непознат тип и период;[2]
- Св. Никола — наоѓалиште од непознат тип и период;[2]
- Југ I — населба од неолитско време;[17]
- Југ II — населба од неолитско време;[17]
- Југ III — населба од неолитско време;[17]
- Исток I — населба од неолитско време;[17]
- Исток II — населба од неолитско време;[17]
Редовни настани[уреди | уреди извор]
Личности[уреди | уреди извор]
- Ицо Најдовски - австралиски научник и активист на македонската заедница во Австралија.
- Благоја Нешковски (Бил Нешковски) (1964 - 1989), австралиски режисер и глумец.
- Гордана Стојчевска Димовска (1970) - писателка, поет, активист во Македонската заедница во Австралија[18]
Култура и спорт[уреди | уреди извор]
Во Оптичари постои Фудбалски клуб „Младост“.
Иселеништво[уреди | уреди извор]
Галерија[уреди | уреди извор]
- Слики од времето на Првата светска војна
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Ф. Трифуноски, Јован (1998). Битољско-прилепска котлина (српски). Српска академија наука и уметности. стр. 185.
- ↑ Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 236.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 168-169.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 28 јули 2016.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Трифуноски, Јован (1998). Битолско-Прилепска Котлина. Белград. стр. 184-185-186.
- ↑ „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „Оптичари“. Мој Роден Крај. Посетено на 30 декември 2021.
- ↑ 16,0 16,1 16,2 Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ 17,0 17,1 17,2 17,3 17,4 Д-р Гоце Наумов и Слободан Стојкоски, Нови предисториски тумбиво Пелагонија, Национална установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Битола, 2015
- ↑ Нова книга од Македонката од Мелбурн: Вечна светлина над Македонија
Надворешни врски[уреди | уреди извор]
![]() |
„Оптичари“ на Ризницата ? |