Прејди на содржината

Раштани (Битолско)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Раштани

Воздушен поглед на селото Раштани

Раштани во рамките на Македонија
Раштани
Местоположба на Раштани во Македонија
Раштани на карта

Карта

Координати 41°03′11″N 21°19′27″E / 41.05306°N 21.32417°E / 41.05306; 21.32417
Регион Пелагониски
Општина Битола
ОбластПелагонија
Население550 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр.7000
Повик. бр.047
Шифра на КО02101
Надм. вис.780 м
Раштани на општинската карта

Атарот на Раштани во рамките на општината
Раштани на Ризницата

Раштани — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.

Поради својата непосредна близина до градот Битола, селото се смета за приградска рурална населба на градот[2] сместена на излезот кон Прилеп, но официјално во Статутот на Општина Битола се води како село.[3]

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]

Селото најпрвин запишано како Храштани се сретнува во 1337 година во пишани документи. Името се поврзува со топонимот Храст и додавката -ани, што означува луѓе дојдени од Храст.[4]

Како друго објаснување се наведува дека името е во врска со стеблата на расје (растови), па затоа жителите на ова село ги викале расјани, подоцна трансформирано во Раштани.[2]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во Пелагонија, во северниот дел на територијата на Општина Битола, недалеку од градот Битола на север, па затоа припаѓа на неговата рурбална зона.[5] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 780 метри. Од градот Битола е оддалечено четири километри.[5]

До селото води локален асфалтен пат, кој започнува од Горно Оризари.

Раштани е мало село на 2 километри северно од градот Битола, сместено во сува долина составена од езерски и речни наноси. Западно од селото се наоѓаат оскудни пасишта, додека на исток ниви и лозја. Во минатото, жителите имале оскудност со вода за пиење.[6]

Селото се наоѓа во долината на малата река Снеговка,[2] која под селото се спојува со друга река и продолжува како Голема Река пред да се влие во Драгор.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Преслап, Ушици, Дабици, Кале, Мала Река, Венци, Оџоец, Голема Река, Петопре, Утоец, Биново Кладенче, Љама, Просишта, Голема Осојница, Реткач Крувче, Цветков Гроб, Змијарник, Крклински Дол, Долни и Горни Ливади, Свињски Пазар, Средни Лозја и Оризарски Рид.[6]

Селото има збиен тип и куќите се групирани во две маала, кои носат имиња по поголемите родови.[6]

Историја

[уреди | уреди извор]
Воздушен поглед на некогашната црква „Успение на Пресвета Богородица“ или наречена Царска црква во месноста Кале

Кале (наречено и Битолско Кале) е возвишение на западната страна на селото. На врвот на возвишението се наоѓаат руини од ѕидови, кои биле направени од камен лепени со оросан (малтер). Во народот се говори дека тврдината на бранел некој крал Тољо во борба против Турците. Овој крал живеел во времето на Крале Марко во Прилеп.[6]

Селото се вбројува во старите села на оваа област. Тоа е спомнато во 1342-1345 година, кога царот Душан го приложил на Света Богородица Перивлепта од Охрид. Друго спомнување на Раштани како Храштани е од периодот 1650-1750 година. За селото се верува дека се намножило од една куќа. Кон крајот на XVIII век имало околу 70 домаќинства. Тогаш, мештаните настрадале од колера, поради што населението се намалило на само седум куќи. Епидемијата на колера се случило за време на предокот Павле, основач на денешниот род Павлевци.[6]

Во Раштани постои доста стара црква „Св. Никола“, за која селаните веруваат дека е постара од градот. Околу црквата некогаш биле погребувани и христијаните од Битола и Горно Оризари, но денес тие гробишта не постојат.[6]

Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.[7]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Атарот на селото зафаќа простор од 5 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 314 хектари, додека на обработливото земјиште отпаѓаат 142 хектари.[5]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[5]

Од полјоделските култури застапени се житото (пченицата и јачменот), шеќерната репка (сè повеќе се намалува застапеноста во последниве години) и индустриски култури, а од сточарството се одгледува крупна стока.

За време на отоманскиот период, селото било слободно, но многу сиромашно. Во овој период, во селото постоел свински пазар, бидејќи Турците не дозволувале да се продаваат свињи во Битола.[6]

Население

[уреди | уреди извор]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Раштани живееле 90 жители, сите Македонци.[8]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Раштани се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 7 куќи.[9]

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Раштани имало 120 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[10]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[11]

Селото е мало, но со пораст на населението. Така, во 1961 година селото имало 187 жители, а во 1994 година бројот се зголемил на 264 жители, од кои 259 биле Македонци, а тројца жители Власи.[5]

Според пописот од 2002 година, во селото Раштани живееле 396 жители, од кои 391 Македонец, 3 Власи и 2 останати.[12]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 550 жители, од кои 530 Македонци, 4 Албанци, 2 Власи, 2 Срби и 12 лица без податоци.[13]

Катастарски, дел од куќите и основното училиште во Горно Оризари припаѓаат на селото Раштани, со што бројот на жители е пресметан заедно со овие жители.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 90 120 183 204 187 173 167 323 264 396 550
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]

Раштани е македонско православно село.[6]

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1956 година, родови во селото:

  • Староседелци: Павлевци (13 к.) и Стамболџиовци (11 к.), потекнуваат од браќата Павле и Костадин. Костадин одел на гурбет во Стамбол и по тоа го добиле името. Во родот Павлевци се знае следното родословие: Ѓорги (жив, 70 години во 1956 г.)-Коле-Божин-Атанас-Павле, основачот на родот; и
  • Доселеници: Комарчевци (2 к.), потекнуваат од предок кој дошол како говедар од Дебарско.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

До 1956 година се знае за следниве иселеници: Тасе (1 к.) и Комарец (1 к.), живеат во Горно Оризари. Од родот Стамболџиовци четири семејства отишле во Битола, а од родот Павлевци едно семејство заминало во Битола.[6]

Голем број од селаните се иселиле во македонските градови, прекуокеанските земји и Европа.[2]

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

На крајот од XIX век, Раштани било село во Битолската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Битола.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Битола.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Кукуречани, во која покрај селото Раштани се наоѓале селата Горно Оризари, Драгожани, Драгарино, Крклино, Кукуречани, Могила, Ново Змирново, Старо Змирново и Црнобуки. Во периодот 1950-1952, селото било исто така дел од некогашната општина Кукуречани, во која влегувале селата Горно Оризари, Драгарино, Крклино, Кукуречани, Снегово и Раштани.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Селото е опфатено заедно со селото Снегово во избирачкото место бр. 0138 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште „Тодор Ангелевски“ во селото Горно Оризари.[18]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Археолошки наоѓалишта[19]
Цркви[20]

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
Слави[2]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 1 2 3 4 5 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2026-05-19. Посетено на 2026-05-19.
  3. „Статут на Општина Битола“ (PDF). Општина Битола. Посетено на 27 март 2026.
  4. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 141. ISBN 978-608-220-026-2.
  5. 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 256. Посетено на 19 мај 2026.
  6. 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  7. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2024-02-25. Посетено на 2024-02-09.
  8. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 239.
  9. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 12.
  10. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 168-169.
  11. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  12. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 19 мај 2026.
  13. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  14. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  15. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  16. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  17. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  18. „Описи на ИМ“. Државна изборна комисија. Посетено на 13 октомври 2021.
  19. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 41. ISBN 9989-649-28-6.
  20. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]