Лера
| Лера | |
Воздушен поглед на селото | |
| Координати 41°6′6″N 21°10′22″E / 41.10167°N 21.17278°E | |
| Регион | |
| Општина | |
| Област | Цапарско Поле |
| Население во атар1 | 110 жит. (поп. 2021)[1] |
| Пошт. бр. | 7314 |
| Повик. бр. | 045 |
| Шифра на КО | 02069 |
| Надм. вис. | 750 м |
| Слава | Атанасовден, Митровден и Бајрам |
Објаснувања за населението 1 Државниот завод за статистика го пресметува населението врз основа на бројот на жители кои живеат во рамки на атарот на населеното место
| |
Лера — село во Општина Битола, во областа Цапарско Поле, во околината на градот Битола.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Според една легенда оваа населба ја основале луѓе кои побегнале од турските зулуми. Меѓу нив имало некој старец кој им делел сѐ подеднакво, по мера, затоа кај жителите бил присутен зборот мера, кој подоцна се трансформирал во денешното име Лера.[2]
Според друга легенда, еднаш еден богат човек по име Леро Шестокрило се натпреварувал во фрлање на камен со Крали Марко. Бидејќи го натфрлил Марка местото каде паднал каменот на Леро, подоцна било населено со селани и наречено по него - Лера.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]
Селото се наоѓа во северниот дел на областа Цапарско Поле, во западниот дел од Општина Битола, непосредно до реката Шемница.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 750 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено околу 18 километри.[3]
Низ селото поминува регионалниот пат 2347, кој се двои од магистралниот пат А3 кај селото Кажани.
Селото се наоѓа на устието на трите реки: Ротинска, Цапарска и Маловишка, од кои подоцна се создава Шемница. До изградбата на Стрежевско Езеро, реката поминувала низ клисура и подоцна во Битолското Поле се вливала во Црна Река. Најблиски околни села се Рамна и Доленци. Во минатото, водата за пиење се добивала од бунари.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Голина, Копач, Три Буки, Евло-Дол, Стара Корија, Оџини Круши, Папрати, Жабинец, Стени, Влашки Пат, Горно и Долно Кале, Барбеш и Јанчевски Ливади.[4]
Лера е поделена на два дела од Ротинска Река, па така на десното повисоко земјиште се наоѓа Каурска Лера, а лево во низината е Турско Маало. Во Турското Маало до 1912 година живееле само муслимански Албанци, а во 1950-тите таму имало и Македонци.[4]
Историја
[уреди | уреди извор]
Лера се смета за старо село во областа. Се споменува во турски документи во периодот 1650-1750. Најпрвин било населено со православно словенско население и тогаш се нарекувало Рело. Околу 1790 година започнале да се населуваат муслимански Албанци. Оттогаш го добило денешното име Лера и две одвоени маала — муслиманско и христијанско. Затоа, во 1801 година се споменуваат турска и христијанска Лера. Во 1912 година, во турскиот дел имало 94, додека во македонскиот дел 32 куќи.[4]
Во 1912 година биле запалени албанските куќи и џамијата. Тогаш, Албанците се иселиле во Битола и таму останале до 1918 година. Таа година околу 40 албански домаќинства се вратиле во Лера, додека земјата на останатите Албанци кои се иселиле во Истанбул, со аграрната реформа ја добиле Македонците од Лера, Рамна и Ѓавато.[4]
Во Првата светска војна, Лера била попатна станица на пругата со тесен колосек Градско-Прилеп-Лера (пругата завршувала во Кажани), која водела преку клисурата на Шемница (денешното Стрежевско Езеро). Во војната, во клисурата бил изграден и пат.[4]
Во 1956 година, во Лера имало 41 албанска куќа, но тогаш започнал нов бран на нивно иселување во Турција. Во еден момент заминале 20 домаќинства, а земјата ја купиле доселеници од Вирово и Ротино.[4]
Горно и Долно кале се возвишенија на левата страна од Шемница при влезот во клисурата, за кои селаните кажуваат дека има слаби остатоци од ѕидови. Мештанинот Темелко Савески таму ископал голем земјен ќуп. На месноста Барбеш некогаш имало манастир „Св. Атанасиј“. Таму денес има ниви. До Втората светска војна, селаните таму правеле курбан.[4]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот зафаќа површина од 13 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 540 хектари, на шумите отпаѓаат 397 хектари, а на обработливото земјиште 290 хектари.[3]
Селото има полјоделско-сточарска функција.[3]
- Стогови сено во селото
- Стопански објект во селото
Население
[уреди | уреди извор]Население во минатото | ||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
![]() | ||||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Лера имало 520 жители, од кои 180 Македонци христијани и 340 Албанци муслимани.[5]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Лера се води како мешано село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 99 куќи.[6]
По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Лера имало 592 жители.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци и 200 Албанци.[8]
Лера во 1961 година броело 395 жители, од кои 279 биле Македонци, 68 Албанци и 46 жители Турци, додека во 1994 година бројот на населението се намалил на 153 жители, од кои 86 биле Албанци, а 65 жители Македонци.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Лера имало 122 жители, од кои 36 Македонци, 85 Албанци и 1 Србин.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 110 жители, од кои 16 Македонци и 94 Албанци.
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Лера:
| Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Срби | Ост. | Вкупно |
|---|---|---|---|---|---|---|---|
| 1948 | — | — | — | — | — | — | 442 |
| 1953 | 236 | 81 | 166 | 0 | 1 | 1 | 485 |
| 1961 | 279 | 68 | 46 | — | 1 | 1 | 395 |
| 1971 | 258 | 30 | 32 | 0 | 1 | 57 | 378 |
| 1981 | 312 | 107 | 0 | 19 | 1 | 5 | 444 |
| 1991 | 168 | 91 | 0 | 10 | 2 | 2 | 273 |
| 1994 | 65 | 86 | 0 | 0 | 1 | 1 | 153 |
| 2002 | 36 | 85 | 0 | 0 | 1 | 0 | 122 |
| 2021 | 16 | 94 | 0 | 0 | 1 | 0 | 110 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
[уреди | уреди извор]Лера е македонско-албанско село.[4]
Според истражувањата од 1957 година на Јован Трифуноски, родови во селото:
- Македонски родови:
- Староседелци: Наумчевци (9 к.), Танчевци (3 к.), Вељановци (3 к.), Талевци (2 к.), Ристевци (2 к.), Таневци (2 к.), Фодулчевци (2 к.), Ѓерасимовци (1 к.), Начковци (1 к.), Котевци (1 к.), Шаковци (1 к.), Чолаковци (1 к.) и Анчевци (1 к.)
- Доселеници: Анѓелевци (1 к.), потекнуваат од домазет кој дошол од блиското село Свиниште; Саздановци (1 к.), доселени се во 1912 година од селото Цапари, каде припаѓале на истоимениот род; Милевци (1 к.), доселени се на почетокот на XX век од селото Свиниште; Вељановци (1 к.), доселени се кога и Милевци од селото Турје во Дебрца; Мишевци (1 к.), доселени се после претходните два рода од селото Цапари; Живко (1 к.), доселен од Цапари во 1956 година; Трајче (1 к.), доселен од Вирово во Железник во 1956 година; Ороштанци (1 к.), доселени во 1957 година од селото Ротино; Иљо (1 к.) и Трајче (1 к.), доселени се од селото Вирово во 1957 година и Лесковчани (1 к.), доселени се од селото Лесково во Железник во 1957 година.
- Албански родови:
- Доселеници: Браимовци (2 к.), доселени се на крајот на XVIII век од некое место во јужна Албанија. Го знаат следното родословие: Ќамил (жив, 70 години во 1957 г.)-Амет-Беќир-Амет-Браим, предокот кој се доселил; Салиовци (6 к.), Таовци (3 к.), Зенговци (2 к.), Мусовци (2 к.), Реџовци (1 к.), Мелиовци (1 к.) и Ризмановци (1 к.), сите овие родови се доселени од јужна Албанија (околината на Корча и Колоња); Пајовци (3 к.), доселени се од селото Рамна, а таму се доселени од јужна Албанија.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]До 1951 година, од селото имало иселеници во Бугарија (3 семејства), САД (8 семејства), Битола (1 семејство), Австралија (4 семејства) и во Скопје (1 семејство).[10]
Иселеништвото продолжило и потоа и водело кон Битола, Скопје, прекуокеанските земји (САД, Канада, Австралија) и низ Европа.[2]
До 1957 година, многу од албанското население се иселило во Битола и во Турција (20 семејства), додека од македонските родови се иселиле Скубевци, кои живеат во Дихово.[4]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]
- Подрачното основно училиште „Елпида Караманди“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Елпида Караманди“ - Битола[11]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]
- Задружен дом
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Во XIX век, Лера било село во нахијата Ѓават-Кол, во Битолската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе биле придодадени поранешните општини, Бистрица, Кукуречани и Цапари. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Цапари.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот 1955-1965, селото било дел од тогашната општина Дихово.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Кажани, во која покрај селото Лера се наоѓале селата Гопеш, Доленци, Ѓавато, Кажани, Маловиште, Рамна, Ротино, Српци и Цапари. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Кажани, во која влегувале селата Гопеш, Доленци, Ѓавато, Кажани, Маловиште и Лера.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачко место бр. 0210 според Државната изборна комисија, кое е сместено во задружниот дом. Во ова избирачко место е опфатено и селото Метимир.[12]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 112 гласачи.[13]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 108 гласачи.[14]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[15]
- Кале — населба од доцноантичко време;
- Калуѓери — населба од средниот век;
- Кора — населба од доцноантичко време; и
- Барбеш — светилиште од непознат период.[4]
- Цркви[16]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква.
- Џамии[16]
- Џамија — селска џамија
- Други верски објекти
- Свет крст — комплекс со крст над селото
- Реки
- Шемница — притока на Црна Река
- Езера
- Стрежевско Езеро — вештачко езеро
- Реката Шемница во селото
- Светиот крст над селото со Стрежевско Езеро во позадина
- Селската џамија
- Селската црква „Св. Никола“
- Стрежевско Езеро кај селото
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Слави[4]
- Атанасовден — селска слава;
- Митровден — селска слава; и
- Бајрам — прослава на муслиманското население.
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Лера
- Сребра Апостолова — македонска револуционерка;
- Апостол Ушлинов — македонски револуционер;
- Ставре Ушлинов — македонски револуционер;
- Ванчо Спиров Ивановски — македонски револуционер;[17]
- Јонче Цветков Наумовски — македонски револуционер;[18]
Галерија
[уреди | уреди извор]- Куќи во селото
- Поглед на селото
- Поглед на селото
- Мост на Шемница во селото
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- 1 2 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2026-04-06. Посетено на 2026-04-06.
- 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 176. Посетено на 6 април 2026.
- 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 Трифуноски, Јован (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 247-248. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 239.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот Вилает (PDF). Каламус. стр. 17.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 174-175.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 22 ноември 2017.
- ↑ . Русиќ, Бранислав. Цапарско Поле. Архивски фонд на МАНУ, к-4, AE 94/16. Отсутно или празно
|title=(help)CS1-одржување: друго (link) - ↑ „ПУ Доленци“. македонски: ОУ „Елпида Караманди“ - Битола. Посетено на 21 ноември 2017.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 22 ноември 2017.
- ↑ „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-05-29. Посетено на 21 ноември 2017.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 34-35. ISBN 9989-649-28-6.
- 1 2 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ . Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том II, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=(help)CS1-одржување: друго (link) - ↑ . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=(help)CS1-одржување: друго (link)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
Лера на Ризницата ?- Хероините во село Лера Архивирано на 10 февруари 2014 г.


