Крклино
Крклино — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.
Географија и местоположба[уреди | уреди извор]
Селото се наоѓа во западниот дел на Битолското Поле, во областа Пелагонија, сместено во близина на магистралниот пат А 3. Атарот на селото на исток е рамничарски, додека западно се издига сртот на Облаковска Планина. Се наоѓа на 597 метри надморска височина. Оддалечено е 6 километри северно од Битола и 36 километри јужно од Прилеп.
Историја[уреди | уреди извор]
Во отоманските документи, селото се споменува во 1636 година (помеѓу 15 јули и 3 септември) во една тужба покрената пред меџлисот од страна на Шејх-заде Мехмед-ефенди против жителите од село Крклино - Битолско, коишто, за земени 2.000 акчиња, требало на име лихва да му даваат по сто аргати, а тие не си ја исполниле својата обврска.[1]
Демографија[уреди | уреди извор]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Крклино живееле 460 жители, сите Македонци.[2]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Крклино имало 440 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[3]
Во 1948 година селото има 632 жители, додека во 1991 година живееле 654 жители.
Според Пописот во 2002 селото има 611 жители, од кои 609 Македонци, 1 Србин и 1 останат. :[4]
На табелата е прикажан бројот на населението низ сите пописни години:[4]
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 460[2] | 440[3] | 632 | 702 | 682 | 667 | 714 | 654 | 609 | 611 |
Родови[уреди | уреди извор]
Крклино е македонско православно село.
Родови во селото се:
- Староседелци: Маљаковци (15 куќи), Амбуковци (8 куќи), Пачовци (3 куќи), Димитријевци (5 куќи), Беделевци (5 куќи), Карафиловци (6 куќи), Чучуковци (5 куќи), Нечковци (4 куќи), Таневци (8 куќи), Станковци (5 куќи) и Судевци (3 куќи)
- Доселеници: Рајковци (12 куќи) доселени се од селото Прекопани во Мариово? (меѓутоа во Мариово не постои село Прекопани, најверојатно се мисли на леринското село Прекопана); Кочиштани (3 куќи) доселени се од раселеното село Кочишта кај Старо Змирново; Тошковци (2 куќи) доселени се од соседното село Снегово. Се знае следното родословие: Блаже (жив на 35 г. во 1951 година) Цветко-Тодор, кој се доселил од Снегово. Тошковци и сега имаат ниви во близина на Снегово.[5]
Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]
Избирачко место[уреди | уреди извор]
Во селото постои избирачкото место бр. 133 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[6]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 495 гласачи.[7]
Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]
- Цркви[8]
- Црква „Св. Теодор Тирон“ — главната селска црква;
- Црква „Св. Богородица“ — гробјанска црква;
- Црква „Св. Илија“ — главната црква на Крклинскиот манастир;
- Археолошки наоѓалишта[9]
- Врчва — населба од средниот век;
- Крклино — осамен наод од железно време;
- Крклински Ливади — населба од римско време;
- Падарница — некропола од римско време;
Личности[уреди | уреди извор]
- Нечо Иванов Малаковски — македонски револуционер од ВМОРО.[10]
- Ѓорги Јован Малаковски — македонски револуционер од ВМОРО.[10]
Култура и спорт[уреди | уреди извор]
- Збирка на реткости „Филип“ - етно музеј и музеј на автомобили;
- Фудбалски клуб КСК
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ, серија прва (1980). Скопје: Архив на Македонија. Стр.29
- ↑ 2,0 2,1 Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 239. ISBN 954430424X.
- ↑ 3,0 3,1 Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 166-167.
- ↑ 4,0 4,1 Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат. Државен завод за статистика.
- ↑ Трифуноски Ф., Јован (1998). Битољско-Прилепска котлина : антропогеографска проучавања (1914-1997). Српска академија наука и уметности. ISBN 8670252678. OCLC 469501519.
- ↑ „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ 10,0 10,1 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
Надворешни врски[уреди | уреди извор]
- Збирка на реткости „Филип“ Архивирано на 7 јануари 2014 г.