Нижеполе
Нижеполе — село во Општина Битола, во околината на градот Битола. Сместено е на падините на Баба Планина, во западниот дел на регионот Пелагонија.
Географија и местоположба[уреди | уреди извор]
Селото Нижеполе се наоѓа на 1.100 метри надморска височина на ридско-планински терени на планината Баба. Оддалечено е 9,5 километри југозападно од Битола.
Население[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Нижеполе имало 2.030 жители, од кои 1.590 Власи, 250 Албанци христијани и 190 Македонци.[2] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Нижеполе имало 160 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија и 780 Власи патријаршисти и функционираат грчко и влашко училиште.[3]
Нижеполе е средно по големина село, коешто во 1961 година има 577 жители, од кои 123 Македонци, 118 Албанци и 336 останати. Во 1994 година бројот се намалил на 231 жител, од кои 51 се од македонско население и 121 од влашко население, потоа 51 Албанец, 4 Турци и само двајца други.
Според пописот од 2002 година, селото Нижеполе брои 186 жители, од кои:[4] 47 Македонци, 30 Албанци, 4 Турци и 105 Власи.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 125 жители, од кои 21 Македонец, 12 Албанци, 4 Турци, 77 Власи, 5 останати и 6 лица без податоци.[5]
На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[6]
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | — | 574 |
1953 | 155 | 107 | 20 | — | 289 | — | ... | 48 | — | 619 |
1961 | 123 | 118 | — | ... | ... | — | ... | 336 | — | 577 |
1971 | 137 | 118 | 3 | — | ... | — | ... | 254 | — | 512 |
1981 | 106 | 127 | — | — | 250 | — | ... | 22 | — | 505 |
1991 | 53 | 81 | 5 | — | 111 | — | — | 7 | — | 257 |
1994 | 51 | 51 | 4 | — | 121 | — | — | 2 | — | 231 |
2002 | 47 | 30 | 4 | — | 105 | — | — | — | — | 186 |
2021 | 21 | 12 | 4 | — | 77 | — | — | 5 | 6 | 125 |
Родови[уреди | уреди извор]
Како еден од најстарите албански родови во целиот битолски крај се споменува родот Баху (24 куќи) доселен во Нижополе. По потекло е од селото Ќинали кај Колоња.
Нижеполе е мешано село.
- Македонски родови во селото се: Илковци (5 к.), Чочорци (4 к.), Таневци (2 к.), Бараковци (2 к.), Тотули (2 к.), Лито (1 к.) и Таловци (1 к.) овие родови изгледа се староседелски, за нив никој не знае да се доселени однекаде; Анѓелевци (1 к.) доселени се од селото Цер, Железник; Тасевци (1 к.) доселени се од Ѓавато.
- Влашки родови во селото се: Тони (8 к.), Џани (7 к.), Музеќари (6 к.), Чолаку (5 к.), Пула (2 к.), Ќоса (1 к.) и Капрен (1 к.) родот Музеќари е доселен за време на Балканските војни од Музекија (Албанија). Останатите влашки родови се доселени од Москполе и Грамос.
- Албански род во селото е: Баху (20 к.) се доселил основачот на родот Бахо, тоа било во втората половина на XVIII век. Местото од каде се доселил било Ќинали во Колоња (Албанија). Го знаат следното родословие: Ќерим (жив на 73 г. во 1950-тите) Ибраим-Мамут-Алим-Бахо, кој дошол.
- Саракачански родови во селото се: Козаровци (3 к.), Тако (3 к.) и Никола (1 к.). Зборуваат грчки, но тука брзо го научиле и влашкиот јазик. Во Нижеполе целосно се населиле во 1930 година, пред тоа со стоката на лето престојувале на Пелистер, додека зимата ја поминувале во околината на Гевгелија.[7]
Општествени установи[уреди | уреди извор]
- Цркви[8]
- Црква „Св. Атанасиј“ - се наоѓа под врвот Пелистер. До неа од селото се стигнува за 45 минути пешачење. Датира од XIX век со автентичен иконостас, мал конак и простор за одмор. Во близина се наоѓа чешма со изворска вода пред која се отвора прекрасен видик на пелагониската котлина;
- Црква „Св. Петка“ - се наоѓа во месноста Гргули и датира од XIX век. Се наоѓа на 10 минути оддалеченост од центарот на селото, во внатрешноста на црквата има извор на света лековите вода;
- Црква „Св. Јован Златоуст“ - главна манастирска црква на ставропигијалниот манастир. Изградена во 2006 и е центар на расколничката ПОА во Македонија[9].
- Археолошки наоѓалишта[10]
- Горно Село — населба од средниот век;
- Кај Црквата — црква и некропола од средниот век;
Во селото има подрачно основно училиште кое е дел на ЦОУ „Д-р Трифун Пановски“ од Битола.
Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]
Избирачко место[уреди | уреди извор]
Во селото постои избирачкото место бр. 130 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[11]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 165 гласачи.[12]
Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]
- Стар Француски Пат - изграден во Првата светска војна од страна на француските војски и кој води до Големото Езеро.
Личности[уреди | уреди извор]
- Васил Цаноски (р. 1922) - македонски партизан, учесник во НОБ
- Ѓорѓи Зисовски (р. 1922) - македонски партизан, учесник во НОБ
- Кочо Чолаковски (р. 1923) - македонски партизан, учесник во НОБ
- Васко Ташковски (р. 1937) - македонски сликар
- Гена Наковска (р.1959) - македонска поетеса
- Јосиф Петровски (р.1925) - македонски партизан, учесник во НОБ
- Димче Милевски - Добри (р.1920) - македонски партизан, учесник во НОБ - носител на партизанска споменица
- Теодорос Адам (р.1880) — капетан на пропагандниот одред на грчките вооружени сили
Култура и спорт[уреди | уреди извор]
Селото се наоѓа на границата со Националниот Парк „Пелистер“ и е на само 10 км од градот Битола и претставува важно одредиште за рекреативците и другите туристи од регионот и државата, но исто така и соседните земји особено Грција и Албанија. Бројните излетнички места, планинарски патеки и скијачки терени со кои изобилува околината привлекуваат илјадници посетители преку текот на целата година. Селото дава можности за развој на повеќе видови традиционален или алтернативен туризам и одлични услови за зимски и летен туризам. Во развојот на туризмот може да се искористи и населението од самото село особено за производство на здрава храна или во функција на агро-туризмот.
- Ликовна колонија „Нижеполе“ - сликарска колонија од меѓународен карактер. Се одржува годишно од 2000 година[13]
Галерија[уреди | уреди извор]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.207
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.114-115.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 април 2016.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат. Државен завод за статистика.
- ↑ „36 Битољско-прилепска котлина, Ј. Трифуноски.pdf“. Google Docs. Посетено на 2019-01-01.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „Прослава на празникот Животоприемен извор во ставропигијалниот манастир „Св. Јован Златоуст"“. 10 април 2010. Посетено на 2011-01-09.
- ↑ Јован Ф. Трифуновски, (1998) Битољско - Прилепска котлина, Антропогеогрофско проучавање. Београд, САНУ ISBN 8670252678
- ↑ „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Заврши десеттата Mеѓународна ликовна колонија „Нижо Поле"“. МИА. 2009. Посетено на 2011-01-09.[мртва врска]
Надворешни врски[уреди | уреди извор]
![]() |
„Нижеполе“ на Ризницата ? |