Велушка Тумба

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Велушка Тумба
археолошко наоѓалиште
Велушка Тумба is located in Археолошки локалитет во Македонија
Велушка Тумба
Велушка Тумба
(Грешка во скриптата: Нема модул наречен „Location map/old“.)
Местоположба 40°55′0″N 21°21′0″E / 40.91667° СГШ; 21.35000° ИГД / 40.91667; 21.35000Координати: 40°55′0″N 21°21′0″E / 40.91667° СГШ; 21.35000° ИГД / 40.91667; 21.35000
Основни податоци
Име Велушка Тумба
Место Велушина
Општина Битола
Тип

Археомак 2.0 графички знак (населба).svg населба

Период неолитско време
Портал „Археологија“  • Проект „Археомак“

Велушка Тумба — археолошки локалитет во битолското село Велушина. Локалитетот претставува населба од неолитско време. Се наоѓа во непосредната близина на селото Породин, на 400 m од неговата јужна страна и на околу 2 km источно од селото Велушина. Претставува височинка - вештачки подигната тумба што личи на пресечен конус, со елипсовидна основа, поставена во правец исток-запад. Нејзините димензии изнесуваат: 250 m во должина, 150 m во ширина и 0,70 до 5 m во височина. Околниот терен е зарамнет и лежи во југозападниот дел на Пелагониската Котлина. Со оглед на перманентните земјоделски работи, со кои на првите слоеви на тумбата им се нанесени оштетувања, а и заради научниот интерес, во 1971 година се преземени заштитни ископувања кои подоцна, со мали прекини до 1984 година, продолжуваат како систематски. Со овие работи, главно изведени во средиштето на тумбата, е констатиран културен слој од 4 m исполнет со остатоци од живеeње распоредени во четири хоризонта, издвоени еден од друг со танки слоеви од насипана земја, хронолошки и културно поврзани. Во сите овие хоризонти се откриени остатоци од урнатини (куќен лепеж) и подови од куќи правоаголни во основата, градени од материјали и на начини карактеристични за неолитските живеалишта, со таа разлика што дрвената граѓа била масивна, а плетот како и да не бил практикуван. Подовите во последните два хоризонта биле од набиена глина, а во првите имале дрвена супструкција. Врз основа на подвижните наоди, а посебно на типолошките карактеристики кај керамиката (облици, орнаментика, техники на украсување), а потоа и кај култната пластика, во хронолшка смисла населбата е сместена во времето на постариот неолит. Стратиграфски најстариот хоризонт (IV) - Велушка тумба V, е од крајот на раниот неолит, хоризонтот III - Велушка тумба II, претставува преодна фаза, додека хоризонтите II и I, односно Велушка тумба III-IV, се од средниот неолит.[1]

  • Во Велушка тумба I грубата керамика е украсувана со барботин-лепенки и повлекувања со прсти, а фината со орнаменти од бела боја (точки, триаголници, полумесечинки, „сигми“ и стрелки) насликани врз сјајна црвена основа. Од култните предмети се среќаваат стилизирани женски статуетки и отворени жртвеници на четири ногалки со апликации во вид на еленска глава.
  • Во Велушка тумба II грубата керамика продолжува со истите облици и орнаменти, а се појавуваат организираниот барботин и украсувањето во импресо-техника. Незначителни се промените и кај фината керамика, со тоа што меѓу старите орнаменти насликани со бела боја се среќаваат уште брановидни ленти, скалесто поставени ленти и неопределени геометриски мотиви. Антропоморфната пластика исто така продолжува, особено отворените жртвеници што асоцираат на куќа со покрив на две води и оние со животински апликации.
  • Велушка тумба III и IV, како среднонеолитски, ги имаат речиси истите карактеристики, како во керамиката така и во култната пластика, со таа разлика што орнаментите во т.н. организиран барботин доминираат, а кај сликаната керамика развлечените триаголници и нејасните геометриски мотиви, додека сигмата и орнаментот во облик на буквата З постепено исчезнуваат. Овде, меѓу култната палстика, како замена за отворените жртвеници се појавуваат жртвениците - модели на куќа со покрив на две води и антропоморфен цилиндар. Наодите од овие два хоризонта наполно се идентични со оние од населбата Тумба што се наоѓа на околу 1 km од Породин. Врз основа на резултатите од оваа населба, предложена е нова хронолошка поделба за неолитот во Пелагонија и со оглед на неговите специфичности во материјалната култура е издвоен во посебна културна група наречена велушко-породинска.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069

Надворешни врски[уреди | уреди извор]