I востанички округ - Битолски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Востаничката територија

I востанички округ - Битолски — округ основан со Општиот план за Илинденското востание, а во него влегле Битолско, Охридско, Дебарско, Кичевско, Крушевско, Прилепско, Велешко, Мариовско, Костурско и Леринско.

Востанички дејствија[уреди | уреди извор]

Смилево[уреди | уреди извор]

На празникот свети Илија во Смилево постоела голема раздвиженост. Самиот празник ги прикривал активностите за востанието. Жените и децата пред очите на војската разнесувале муниција и сопштенија до пунктовите за напад. Даме Груев заедно со ГШ се наоѓал над селото Бигла. Таму селскиот свештеник го осветил знамето на Штабот. Со крст во рака, тој:

веќе го беше измолил благословот на Бога за започнатото дело [1]

Војводите, четниците и селаните еден по еден му приоѓале на знамето и го бакнувале по што се поздравувале со Груев, Сарафов и Лозанчев. Сите со возбуден глас си честитале со Аирлија [1].

Приквечер во селото војничката османлиска труба го означила времето за вечерната молитва. Кога османлиските војници извикале Падишах чок јаша, од спротивните куќи изгрмел плотун, а од сите страни се слушнало Долу Султанот!, Долу Турција! и Ура!

Веднаш потоа ГШ на чело со Даме Груев слегле во селото и се соединиле со четите што ја започнале борбата. Бројот на востаниците достигнал 200 луѓе. Османлиските војници кој го преживеале првиот напад се повлекле во училиштето и соседните куќи и започнала голема престрелка. Еден дел од војниците се обиделе да ја заземат големата куќа на Георги Чуранов и од таму да ја продолжат борбата. Но ГШ со дозвола на сопственикот на куќата наредил да се запали, а според Христо Силјанов во тој момент Чуранов запеал:

Не сакаме богатство
Не сакаме пари
Но сакаме слобода
Човечки правдини [1]

Меѓутоа оние војници во училиштето и камените куќи добро се утврдиле и борбата со нив траела цела ноќ. Востаниците успеале да запленат склад со муниција и имало обид за кревање во воздух со динамит на други зданија но неуспешно. Според турските документи при првиот напад на Смилево загинале 8 турски војници, а 14 биле ранети [2].

На 3 август Генерал штабот наредил евакуација на целото население кое не е способно да се бори во месноста Голем Гар, а до пладне Смилево било празно.

Востаниците ја продолжиле борбата со опсадените османски војници, но како помош им дошле 400 души аскер и ГШ дал наредба за повлекување но селската чета не го добила известувањето.

Во меѓувреме смилевската чета на чело со Стојан Донски го пресретнала аскерот при што загинале 10 турски војници и еден јузбашија, а од страната на четата загинал еден востаник, ГШ наредил четата на Донски да се повлече, а аскерот кој дошол на помош на опколените турски војници се утврдил во близината на селото на спротивната страна од Главниот штаб.

Поради повлекувањето на востаниците, Турците успеале на 4 август да влезат во Смилево, да ги спасат опколените војници, а притоа запалиле дел од куќите. Голем дел од селаните во збегот кога виделе дека горат куќите се упатиле кон селото, а аскерот помислил дека тоа е нов напад на востаниците и затоа тие се повлекле од селото.

Поради наредбата на ГШ за повлекување селаните почанле да негодуваат, не ја прифатиле тактиката на ГШ за штедење на силите. Според Чуранов, Даме Груев пред насобраните и незадоволни селани ја објаснил тактиката на Главниот Штаб:

Ние треба да ги штедиме силите... Да не мислите дека ние сакаме на јуриш да го скршиме турскиот довлет. Ние востанавме не за да излезат поербап од маузерките нашите мартини и гра кои се купени со жолтици кинати од низите на нашите мајки и сестри, туку за да им покажеме и докажеме на сите во светот дека Македонецот го презира ропството и дека е готов тој свој презир да го искупи со своето најмило [1]

Следниот ден турската војска и башибозук од село Обедин се упатиле кон Смилево но биле сочекани, одбиени и натерани во бегство. Меѓутоа имало нов напад од Турците кои тргнале од правецот на село Прибилци но востаниците успеале да ги одбијат. Откако сите обиди на османлиската војска да го заземе Смилево биле пресечени, Борис Сарафов заминал за Охридско, а Атанас Лозанчев за Демихисарско и Кичевско. По нивното заминување во следните 20 дена во околината Смилево не се појавила османска војска и башибозук.

Во тој период под раководство на Стојан Донски биле преземени мерки за утврдување на Смилево, биле ископани одбранбени ровови со што се зацврстиле одбранбените востанички позиции. Населението кое не било способно да се бори и понатаму се наоѓало во збегот Голем Гар каде биле организирана заедничка исхрана, а биле преземени мерки за негова заштита [1].

Крушевска Република[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Крушевска Република.

Во изработка на планот за заземање на Крушево непосредно учествувал и револуционерот - бившиот офицер Тодор Христов кој предходно влегол во градот и ги скицирал објектите за напади: касарната, конакот, беледијата (општината), поштата и другите владини и државни установи, како и поважните пунктови во градот. Во осум воени групи биле распоредени 750 вооружени востаници под команда на добро подготвени началници - војводи.

Секоја група имала точно определена задача: една да ги заземе установите, друга да ги држи најважните пунктови во градот и околината, а трета да служи како резерва на Штабот и т.н. Пред почетокот на нападот Штабот на Крушевските востаници на чело со Никола Карев, испратил Окружно до раководителите на Крушевскиот околиски револуционерен комитет и до началниците на грчките, влашките и албанските бојни групи, кои се известуваат за востанието и се повикуваат на борба.

Гориме од нестрпливост - се вели во Окружното - и одвај чекаме да падне ноќта и да го преземеме Крушево, та заедно со сиот народ да го викнеме нашето Македонско УРА!

На 4 август во градот влегува Штабот на Крушевските востаници свечено дочекан од народот. При овој дочек, началникот на Штабот, Никола Карев одржал пред ослободените граѓани револуционерен говор, прогласувајќи ја првата македонска република и повикувајќи го народот да избере привремена републиканска влада.

За претседател на републиката бил избран началникот на Штабот на Крушевските вооружени сили Никола Карев. Биле организирани и специјални служби за вооружување на населението и утврдување на градот со длабоки ровови, маскирани со зеленило. Биле отворени работилници за производство и поправка на оружјето за изработка на муниции и други бојни материјали.

Членови на Привремената влада на Крушевската Република, од лево на десно: Дину Вангел, Димитар Секулов, Ѓорѓи Чаче, Николаќи Баљу, Теохар Нешков, Христо Ќурчиев

Демихисарско[уреди | уреди извор]

Во демихисарскиот реон раководители биле Јордан Пиперката, Димитар Дечев, свештеникот Кузман и Христо Пасков. Според Христо Силјанов, Демихисарско дало 1 000 востаници [1]. На Илинден во црковниот двор во село Прострени, пред многу народ било осветено демихисарското знаме, а Дечев одржал говор при што биле водушевени селанте. Од таму реонскиот штаб со осветеното знаме се упатил кон Велмевци, а таму било прогласено востанието.

Војводата Јордан Пиперката (седнат долу на сликата).

Првата ноќ биле преземени редица акции. На патот Битола - Кичево кој минувал низ Демихисарско била исечена телеграфската линија, а биле разрушени и сите мостови, потоа биле изгорени чифлизите во Утово, Стругово, Жван и други. Под команда на Дечев 150 востаници го нападнале турскиот гарнизон кој се состоел од 170 души во административниот центар Прибилци.

Прибилци било опколено. Но Турците го очекувале нападот, турските селани од прозорците на своите куќи почнале да стрелаат. Следниот ден востаниците се повлекле од селото го оставиле аскерот и се упатиле кон Бабино, еден од одредите го разбил аскерот во Брезовската кула, а самата кула била опожарена.

Јордан Пиперката со еден поголем одред го нападнал турскиот аскер во село Мало Церско, но аскерот пред да дојдат востаниците се повлекле и засолниле во турското село С'лп, а зад себе ги оставиле воените материјали, а востаниците направиле и една демонстрација кај турското село Мургашево [1].

Во Кичевско, кај селото Карбуница бил опколен војводата Арсо, а како помош се упатил реонскиот штаб. Кај месноста Грнчарец одредот се укопал и одбил неколку напади на аскерот, а во еден од тие напади загинал и прочуениот крвник Сефер ага кој го предводел башибозукот. Потоа и востаниците и турските сили почнале да се повлекуваат. Во овој судир востаниците имале 16 загинати.

Во првите денови на востанието во Демихисарко, турските селани се затвориле во своите куќи и не ги обработувале своите ниви и не го гледале својот добиток. Востаниците во селата Бабино, Слоештица, Велмевци и Жван созадле свои пунктови каде се собирала храна и секави други матерјали кои им биле потребни за идните дејствија.

Меѓутоа пристигнале вестите за паѓањето на Крушево и тоа влијаеле деморализирачки врз востаниците во Демихисарко. Еден поголем турски одред од армијата на Бахтијар паша се поминал низ Демихисарко за Кичевско. Кај месноста Коприндол недалеку од селото Цер, овој турски одред дошол во судир со 70 востаници на чело со војводите Велко и Злате [1]. Востаниците под притисок на турската војска се повлекле, а аскерот влегол во Цер каде убил неколку старци, меѓу нив бил и поп Спиридон по што селото било запалено.

Јордан Пиперката застанал не чело на една група и се упатил кон Цер но бил забележан и биле нападнати. Меѓу селата С'лп, Големо и Мало Церско започнала борба, а асекрот започнал да стрела и со топови. Четите од Грнчарец се упатиле на помош судирот се засилил, а опколените успеале да се повлечат освен тројцата загинати меѓу кој бил и војводата Јордан Пиперката [1].

Преспа[уреди | уреди извор]

Ресенскиот реон бил под раководство на Славејко Арсов и потпоручникот Панајотов. Поважни војводи биле Спиро Олчев, Стефан Мешков, Перуш Стрезов, Ставре Тасев, Јоше од Подмочани, Иван Трајчев, Кочо Кочовски, Георги Чаушот од с. Златари и др.

Четата на Арсов

Првата ноќ биле изведени неколку разрушителни акции од слабо вооружени групи. На 20 јули четите од селата Болно, Царев Двор, Дрмени и Јанковец на чело со Арсов биле групирани во Болно. Додека Арсов таму почнал да им раздава пушки на оние кој немале, дошло едно селанче и се пожалило на војводата дека падарот Арнаутин (Албанец) му ги зел говедата и му побарал 3 бели меџидии за да му ги врати. Арсов испратил една група и таа го донела падарот. Во село Болно тој бил погубен од страна на говедарчето и еден селанец. Според Христо Силјанов, тој бил првата жртва во Ресенско [1].

Четите составени од 150 души со петролеј и храна за два дена се симнале од планината и сместиле во близината на Ресен. Дрменската и царедворската чета под раководство на Олчев започнале да стрелаат, по што избувнале неколку пожари во близината на градот и во тој момент се слушнал востаничкиот извик Ура! Турците почнале да стрелаат по востаниците но по некое време четите се вратиле во планината. Истата ноќ востаниците имале борби со аскерот кај селата Кривени, Златари и Избишта.

Стефан Мешков со четите од Ехла и Дупени ја нападнал кулата кај селото Петрино на патот Ресен-Охрид. Во овој судир загинале неколку турски војници, а истата ноќ четите се повлекле [1].

Во селото Царев Двор, еден востаник Георги бил забележан од месните Турци. Тие побарале тој да се предаде но тој успеал да убие тројца, а меѓу нив се нашол и прочуениот пољак Шафче, останатите Турци се разбегале и Георги заминал кон планината.

Во Подмочани четата убила неколку Турци, по што дошол аскер и четата се повлекла.

Четите од Перово, Покрвеник, Волкодери, Шурленци и Прељубовец не чело со Стрезов го потпалиле Шурленсхиот хан на патот Битола - Корча. Шеснаесет турски војници изгореле, а останатите успеале да се повлечат.

Востаничкиот одред од селата Езерани, Перово и Лескоец , го нападнале ханот во село Стење, но аскерот и стражарите го одбиле нападот, а дел од одредот убил дваесетина стражари на патот за Корча [1]. Првата ноќ најсериозните дејствија се случиле околу селата Крушје и Леорка.

На Илинден во селото Крушје, тамошниот аскер бил зачуден од однесувањето на селаните, тие им носеле баници, кисело млеко и други изобилства, но храната била затруена со арсен, а војниците набргу добиле грчеви и страшни болки. Хаџијата кој бил Турчин кога дознал за тоа избегал, а ноќта во селото дошол аскер од 50 души. Аскерот се нафрлил да го пали селото, но биле нападнати од месната чета на чело со Иван Трајчев Гуле, а аскерот бил принуден да се затвори во ханот. Престрелката траела цела ноќ. Востаниците неколку пати се обиделе да го потпалат ханот но неуспешно.

Меѓутоа Турците добиле засилување од 300 нови војници и башибозук, по што четата била принудена да се повлече. Откако војската влегла во селото ги натерала сите жители да влезат во своите куќи, поради наредбата на Арсов да не влегуваат во судир со турската војска, селаните останале во своите куќи и покрај повикот на Турците, а аскерот започнал со палење и грабање низ селото по што се повлекол. Четата со месниот војвода Спиро се симнала од планината и почнала да го гаси селото.

По палењето на Крушје, востанието во Ресенско станало масовно наспроти општиот план.

Потоа дошло до повеќе судири меѓу востаниците и турската војска кај Стенскиот хан, Подмочани, Болно, Петрино, Дупени. Во селото Ехла еден локален Турчин Шефки беј покажал солидарност со востаниците затоа што не му ја запалиле куќата.

На 23 јули (стар стил) во селото Болно востаничкиот одред успеал да го одбие аскерот, но откако тој го запалил селото. Аскерот почнал да ги пали селата и затоа селаните сета своја покуќнина ја засолниле во планините.

Еден одред од 200 души го нападнал нахискиот центар Николец, каде имало 100 души аскер. Борбата траела до следниот ден кога 7 турски војници загинале, но аскерот продолжил да се спротиставува на востаниците, а четата откако изгубила 5 души, на чело со Кокарев се повлекла.

Друг востанички одред ги запалил турските села Шаовци и Бостанџили.[3]

На 26 јули одредот на Ангел Андреев и еден одред на Коте Христов го нападнале турското село Папли. Таму имало акер и башибозук од околу 100 души. Востаниците ги држеле опколени неколку дена. Секој ден селото било напаѓано и била палена по некоја куќа. На 6 август Коте зграбил дел од добитокот и се упатил кон својот реон, но кај Штрково наишол на војска. Дел од опседнатите војниците успеале да се извлечат и да му притекнат на помош на судрениот аскер каде дале 4 жртви. Опсадата продолжила, но по 12 дена пристигнала друга војска, таа го ослободила гарнизонот и турското население, а востаниците по заминувањето на аскерот се симнале во Папли и го запалила селото [1].

Охридско[уреди | уреди извор]

На Илинден, Охридско имал веќе подробно разработен план за првите дејствија и со добра интендантска служба — складови со храна и други намирници, тајни фурни, леарници за патрони, но без ниедна бомба и без ниедна манлихера [1]. Била организирана и санитетска служба со еден вид на болница во Чемерскиот дол, над селото Брждани, а како доктор фигурирал Хр. Ангелов.

Четата на војводата Смиле Војданов

Реонски началници биле: Христо Узунов, Антон Кецкаров, Наум Анастасов, Александар Чакаров и Наум Златарев.

На 20 јули биле исечени сите телеграфски линии меѓу Охрид и Битола, Кичево, Дебар, Елбасан и Корча. Многу од мостовите на патиштата од Охрид кон овие градови биле разрушени. Голем дел од стражарските кули биле опожарени, беговите, кехаите и други турски официјални лица биле убиени [1].

Според планот за дејсвие вооружените сили од Дримкол требало своето делување да го ограничат, да го минат Дрим и заедно со селските чети од Малесијата да се префрлат во Горна Дебарца во тамошните пунктови. Но акцијата се разврзала спротивно од планот.

Малесискиот војвода Тасе Христов намерил да го плени стадото на еден аранутин чие бачило се наоѓало во селото Локово. Меѓутоа овчарите биле вооружени и ги разбиле. Потоа пристигнал башибозук и аскер, по што дошло до судир со четите во селата Лаково и Селце. Другите селски чети го нападнале гарнизонот во Вевчани, но биле пресретнати од силен оган и се повлекле. Потоа дошло до судири кој траеле до вечерта на 23 јули.

На 24 јули сите дримколски и малесиски чети се собрале кај Караорман во Горна Дебарца. Таму се собрале голем број на бегалци на грбот на револуционерното раководство. Четите повторно се упатиле кон Дрим, но веќе сите села биле опустошени.

Во Горна Дебарца слатинската чета, водена од свештеникот Георги, ја нападнала стражарската кулата во Сошани, а оздоленската чета — кулата во Оздолени. Началниците Кецкаров и Цветинов со четата од с. Брждани го нападнале аскерот во кулата при селото Старо Велмеј, кулата била опколена но следниот ден се обиделе да се повлечат но паднале во заседа на велмејската и бржданската чета, при што загинале 10 Турци [1]. Во Долна Дебарца куратишката чета го нападнала собирачот на данок во Куратица, биле убиени 15 души.

Најмногу сили биле ангажирани за двете најважни акциии. Против гарнизоните во нахискиот центар Издеглавје и на Сирулскиот рид. По Смилевскиот конгрес османлиите ги поставиле гарнизоните затоа што тие имале стратегиско значење и од нив можеле да се следат Дебарца и Ортакол.

Револуционерното знаме извезено во Струга

Со нападот на Издеглавје раководел реонскиот војвода на Горна Дебарца Смиле Војданов. Вечерта на 20 јули (стар календар), четите од селата Сливово, Слатина, Оздолнени, Мраморец и други, се концентрирале кај месноста Гојдороец, а четите од Лактиње и Годивје во месноста Васкорчиште, вкупно 250 востаници [1].

Нападите започнале утрото на 21 јули но аскерот од 100 души се утврдил во една непристапна кула, борбата траела два дена. Неколку војници успеале да го пробијат востаничкиот кордон и да отидат за помош во разбојничкото село Песочани. По неколку часа башибозукот од тоа село ги нападнал востаниците. Следниот ден една дружина од редовната турска војска од заднина го нападнала одредот на војводата Смиле Војданов, па востаниците морале да се повлечат без да дадат жртви.

Нападот на Сирулскиот рид бил раководен од реонскиот началник Христо Узунов и Дејан Димитров со околу 150 души. Грмежите од Брждани и Старо Велмеј го предупредиле гарнизонот од околу 200 души и тој се утврдил. Турците започнале да стрелаат врз востаниците, а ним им стигнала помош од Копарница кој го загрозувале тилот на Дејан Димитров кој командувал со својата реонска чета и со четите од Лешани и Злести. Очекуваните востанички чети од Куратица, Вапила и другите села не пристигнале. Гарнизонот бил на пат да капитулира, но од градот пристигнал аскер. Турскиот аскер веднаш го потпалил Сирула и отворил оган на самите селани. Затоа војводата Дејан отстапил, а како потреба се наматнала заштитата на населението и тоа било префрлено на Куратишката планина. Востаниците на Рида имале еден загинат и петмина ранети.

Овие две битки се покажале како пресудни за понатамошниот тек на востанието во Охридско. Издеглавје и Сирулскиот рид станале потпорни точки на турските засилувања. Од овие пункта се напаѓале селата и се преземале поголемите акции против востаниците, а пунктовите служеле и како врска со Охрид.

Во периодот меѓу 25 и 30 јули имало судири кај Лешани, Слатина, Лактиње, Врбјани и Ботун. Само на 30 јули имало имало шест битки и тоа кај Брждани, Лешани, Белчишта, Црвена вода, а во Орта-кол, кај селата Куратица и Плаќе. Во борбата кај Брждани учествувал и Борис Сарафов со 80 души и тој дошол од Демирхисарско на помош [1].

Турците и покрај тоа што ги држеле Издеглавје и Сирулскиот рид и постојано добивале засилувања не се решиле да дејствуваат. Господари на планините останале востаниците. Првите денови на август поминале мирни, а тоа им дало можност на востаниците да се прегрупираат.

Костурско[уреди | уреди извор]

Лазар Поп-Трајков е назначен за војвода на голема казнена чета. Заедно со Лазар Киселинчев, Иван Попов и Манол Розов одат во село Руља и се помируваат со војводата Коте Христов, ги осветуваат 6-те знамиња, при што Коте ветува дека ќе биде верен на Организацијата и дека ќе земе учество во востанието.

Лазар Поп Трајков

На 20 јули Илинденското востание се кренало и во Костурско со околу 2.000 востаници. На 23 јули е заземена Клисура. На 12 август по голема борба, предводена од Чакаларов, била заземена и Невеска [5], но востаниците веднаш потоа морале да се повлечат.

Два дена по почетокот на востанието, Лазар Поп Трајков и неговата казнена чета заедно со војводата Стерјо Стерјовски и востаници одат кон помачкото село Жервени. После неколку предупредувања за разоружување, го напаѓаат селото (во кое има војска и многу башибозук). По неколкучасовна битка, востаниците предводени од Поп Трајков влегуваат во селото. Турската војска е истерана од селото, давајќи големи жртви, а башибозукот е истепан до еден. Бидејќи Турците од Жервени ги тероризирале околните македонски села (убивале, силувале, пљачкале), Поп Трајков наредува селото да се запали до темел.

После битката кај Жервени, четата на Поп Трајков заедно со Чакаларов и Кљашев води неколку битки со аскерот, од кои најголема во којашто тој учествува е битката кај месноста Франговица околу селото Д’мбени, каде што 600 востаници се нападнати од многуилјаден аскер. Во оваа битка Турците имаат и артилерија. Но и покрај тоа, секој турски напад е одбиен, а после последниот турски напад, востаниците прават контранапад и ја бркаат војската дури до соседното село Сливени. Во таа битка паѓаат 200 души турски војници и 6 востаника. Заробен е и турскиот сигналист.

По еден месец борби скоро секаде во Костурско, здружените востанички сили (околу 2.000 на број) се разделуваат на две: 900 души на чело со Чакаларов заминуваат во казнена експедиција во Албанија за да изгорат неколку башибозучки села, а другата од 500 души на чело со Лазар Поп Трајков и Иван Попов заминува во Мариово (Прилепско) за да се приклучи на тамошното востание. Дел од востаниците остануваат во Костурско.

Групата на Поп Трајков, изнемоштена од борби и глад поминува со борба до Мариово. Но тука тој се разочарува - во Прилепско нема востание. Како што кажува Иван Попов во неговите спомени:

Ние мислевме дека цела Македонија востанала. Додека ние во Костур водиме крвав бој против смртниот непријател, додека нашите села се дивјачки палени и уништувани, во Прилепско ниту едно село не востанало [6]

Од тие 500 души, повеќе од 300 се враќаат во Костурско, потполно разочарани. Другите 150 остануваат со Поп Трајков во Прилепско, кајшто се сретнуваат со Ѓорче Петров (кој не успева да го крене Прилепско, или да направи нешто од почетокот на востанието). Еве како Ѓорче Петров во неговите спомени ги опишува костурските великани:

Грозен впечаток ми направија, што сите беа капнати, голи, боси, како цигани, и насекаде гонети од војската, изгладнети беа како волци. Од 300—400 души, што тргнале од Костурско, беа останале до 130 души, а другите се одделувале на групи и си оделе во своите родни места. Но спрема прилепските четници предизвикаа восхитеност во нас. Споредувањето беше, што тие беа херои спрема нашиве баби. Еланот во нив не беше убиен
Васил Чакаларов во 1903 г. во Клисура

Се договораат заедно со четата на Ѓорче Петров (останати само 10 четника), да одат во Леринско и таму да ја дигнат во воздух железничката линија.

Кон нив се придружува и Лука Иванов (подоцна станува воденски војвода) и Јово Јововиќ (Црногорец по народност, доброволец во востанието). На пат кон предвидената цел, кај мариовското село Чаниште групата од 160 души четници е нападната од 5.000 души аскер. Започнува лута битка. Врвовите окупирани од востаниците се задржени благодарение на фанатичноста на војводата Иван Попов, Јово Јовович, храброста на костурчани, како и лидерските способности на Лазар Поп Трајков. Турците еден по еден праќаат фанатички напади во кои паѓаат како покосени многу аскери.

Востаници во Клисура

Кога вечерта се стемнува, четите го пробиваат обрачот и се извлекуваат. Оваа битка е еден од најголемите порази на Турците за време на востанието. Востаниците даваат 4 жртви и 6 ранети, додека Турците имаат 400 мртви (според Попов се 400, а според Ѓорче Петров се меѓу 200-300). Во оваа битка Лазар Поп Трајков е лошо погоден во устата и решава да се врати во Костурско да се лекува.

После многу борби на 27 август е донесено решение за повлекување на четите од Костурско, за да се заштити населението од 15.000 аскер.

Во екот на востанието Чакаларов бил иницијатор за испраќање на мемоар во име на костурски претставници за турските sверства во Костурско. Мемоарот на 30 август бил испратен до странските дипломати во Битола. Васил Чакаларов предводел здружена чета од 450 души. На 29 август во Апоскеп дошло до борба. Во селото Нестрам на 1 септември ги казниле предавниците и растуриле една мала турска воена единица.

На крајот се враќаат во разореното Костурско, каде што четите се распуштиле. Чакаларов, заедно со сестра си Зоја, Пандо Кљашев и Лазар Киселинчев, тајно ја преминале границата со Грција и од таму со пароброд заминале за Бугарија.

Леринско[уреди | уреди извор]

Востанието се појавило и во Леринскиот револуционерен реон. Тука акциите биле изведувани во неколку пункта: Старо Нередски и Ниџенски. Востанието започнало на 2 август, кога еден востанички одред од 2.000 востаници ја нападнал железничката станица кај Екши Су и наполно ја демолирал. Еден друг востанички одред ги прекинал сите телеграфски врски, ги разрушил мостовите и патиштата. На неколку места биле водени борби, а особено била значајна борбата кај месноста Езерцата помеѓу 300 востаници и 2.000 војници со артилерија. При оваа состојба во соодносот на силите, леринчани ја побарале помошта од костурчани и организирале здружен напад. Тие успешно им давале отпор на побројните турски сили, така што турската војска била принудена да се повлече кон Лерин. Со тоа востаниците станале полни господари на западнолеринската планинска област сè до 28 август 1903 година.

Кичевско[уреди | уреди извор]

Христо Силјанов истакнува дека Кичевско било погодно за партизанско војување, во таа каза востанало само населението во планинските делови во Горна и Долна Копачка и Рабетинска река. Во другите делови, во Долно Личевско и Порече, каде Српската пропаганда била силна и спечалила голем дел од населението и тоа не востанало.[1]

Штабот на Дебарско-кичевскиот реон - Јанаки Јанев, Лука Џеров и други.

Во Копачка (Горна и Долна) како база на востаниците служеле планините: Бистра, Беличица, Стогова и други, а во Рабетинска-река, врвовите Песјак, Кула, Кјафа, Разбоиште и други.

Последните подготовки за востанието биле под раководство на Лука Џеров, тој бил еден од првите раководители во Кичевско, а станал пријател со Даме Груев уште од Битола и Софија. Смилевскиот конгрес конгрес Лука Џеров го назначил за кичевски реонски началник, тој ја напуштил Битола се чета организирана таму, а извесно време бил придружуван од Пере Тошев. Џеров со себе донел машинки за полнење на патрони, медикаменти и други матерјали.

Реонот надвор од Порече располагал со околу 700 пушки, повеќето тетовки, помалку Гра и само 15 манлихери. Главни воени сили биле реонските војводи Нако, Арсо Мицков и Ванчо Србаков. При последните доставки на барут и други материјали помогнале бугарскиот егзархиски митрополит Козма и јеромонахот Софрониј игумен на Манастирот Св. Богородица.

Востаниците во овој реон биле изложени на аранутски напади од Дебарско, Гостиварско и Кичевско, имало и недостаток на внатрешни раководни сили, сепак во ронскиот план за востание на прво место се нашол нападот на Кичево. Главниот штаб укажал да не се напаѓа градот но Џеров и неговите соборци не сакале да го остават Кичево небезпокоен [1] и решиле да ги исечаат телеграфските жици околу него и да е направи една демонстрација пред градот.

Ноќта на 20 јули (стар стил) три востаничи одреда, Џеров 200 души, Арсо Мицков 200 души и Србакот 100 души го опколиле градот Кичево од три страни. Еден час по полноќ се слушнало востаничкото Ура !. Аскерот кој бил сместен кај месноста Јурија во наплив на паника се втурнал кон градот за да го заземе Калето. Таму еден востанички одред почнал да стрела врз аскерот, а одговорот на Турците бил слаб. По половина час востаниците го напуштиле градот, а Турците имале 20 души загинати.

Во моментот кога градот бил нападнат еден востанички одред, составен од селски чети од селата Душегубица, Елховец, Иванчишта, Попоец, Кленоец и Малкоец, вкупно на број 180 души, го нападнале гарнизонот од 150 души во Извор, кој бил сместен во тамошната стражарска кула. Престрелката која започнала траела неколку часа.

Нападот на Извор требало да биде засилен од одредот на Лука Џеров, тие пристигнале во селото Лавчани но на изненадување на сите тоа било празно. Подоцна разбрале дека во текот на нападот на Кичево, минал аскер од 150 души кој се повлекол од градот и во селото Подвис отворил оган врз куќите без никаков повод и затоа жителите на Лавчани се засолниле во планината.

Четата на Ванчо Србаков

Кога аскерот го здогледал востаничкото знаме со брз марш се упатил кон Извор. Иако востаниците биле уморни тие разврзале престрелка. Двете страни се бореле меѓу себе, а истовремено брзале кој попрво ќе стигне до Извор од каде се слушале истрели. По патот загинале 10 души. Аскерот успеал да стигне малку пред востаниците и веднаш ја нападнал првата востаничка позиција која била заштитувана од десетина селани но тие морале да отсапат при што дале една жртва. Лука Џеров со 80-те души го најавил своето пристигање со труба и го нападнал аскерот од зад грб. Аскерот се собрал пред кулата и почанле да отстапуваат пред востаниците од главните позиции. Откако аскерот зазел нови позиции се повлекол кон Кичево, Турците имало околу 50 души загинати и ранети. Востаниците имале 8 убиени и 6 загинати.

Додека траела борбата околу Извор, аскерот од Ижица бил ненападнат и покрај наредбата на реонското началство, тој аскер засилен од башибозук од помачките села Пласница и Лисичани ја нападнале Вранештица, родното село на долгогодишнот архиерејски намесник и револуционер Тома Николов, но аскерот и башибозукот се судрил со месната селска чета. На помош на востаниците им пошол одредот на Арсов кој се наоѓал во Карбуница. На патот ја сретнале војската која одела од Кичево за Вранештица и аскерот бил натеран во бег. Арсов потоа го поделил својот одред на два дела, едниот да го гони аскерот, а другиот да продолжил кон Вранештица. Арсов со својот дел го гонел аскерот, минувајќи низ помашкото село Староец, бил ранет во раката, но војводата не застанал се до самото Кичево. Другиот дел од одредот пристигнал во Вранештица и го натерал аскерот и башибозукот да се повлече и така се спасила Вранештица.

Истиот ден месната чета од Рабеснкикол по демонстарцијата во Кичево, се префрлила во Порече и го нападнала текето Хајдар баба, кое било гнездо на рабојници, при чифликот Девич, при нападот биле убиени 5-6 души од тамошниот гарзнизон и била запалена една стражарска кула. Христо Силјанов истакнува: Цело Кичевско првиот ден се тресело од пукотници [1].

На 22 јули (стар стил) еден табор и многуброен башибозук од Кичево ја нападнал Карбуница, таму Арсо го прибрал својот одред по судирот кај Извор. После неколку часовна борба во која паднале двајца востаници, аскерот успеал да влезе во селото. По влегувањето на Турците во селото еден старец бил убиен, а две жени биле ранети, една невеста со револвер во раката успеала да избега во планината, потоа турсите го ограбиле селото.

Четата на Лука Џеров

Еден одред од Демихисарско од околу 150 души дошол на помош. Тогаш востаниците кој биле над селото решиле да нападнат, меѓутоа и аскерот добил нови свежи сили од Кичево и албанското село Зајас. Престрелката била кратка, Турците, главно башибозукот на чело со прочуениот Сефер се нафрлиле на напад.

Нападот бил дочекан од востаниците, најпрво загрмеле пушките, а потоа борците се нафрлиле лице в лице, почнале да си ги забиваат ножевите во човечкото месо, јатагните да размавнуваат [1], арнаутите почнанле да пцујат и да викаат Алах. Битката била кратка. Двете страни биле изнемоштени и аскерот прв го свртел грбот, но востаниците немале сила да ги нападнат. На боиштето имало 30-тина загинати аранути зедно со Сефер од Зајас, околу 100 Турци и башибозук. Аскерот и башибозукот по оваа битка разбрале дека без голема војска и топови нр можат да ја продолжаат битката и повеќе не го напуштале Кичево.

До 19 август Горна и Долна Копачка биле слободни.

Два дена по Карбуница на 24 јули (стар стил), башибозучкиот одред на Таир Тола, со остатоците од охридската плјачка минал низ Кичевско и на пат за селото Иванчишта кое го затекнал празно, мажите работеле по полето, а жените биле во планината. Дел од селаните кои биле воружени го нападнал башибозукот и успеале да им земаат дел од пљачаката, а потоа им кажале на охриѓани и голрм дел од нив доѓле да си ја земаат ограбената стока.

Во Рабетниоткол на 22 јули (стар стил) пеесетина востаници од Куршума се распарснале откако имале едена борба кај месноста Разбоиште со едно оделение на аскер. Пет дена покасно на 27 јули, четири табури во истата месност се нафрлиле врз еден востанички одред кој бил на чело со Србакот. Дошло до судир вп кој востаниците имале 13 загинати и потоа се повлекле кон планината. Турците потоа ги запалиле Рабетино, а селата Орланци, Ижица и Миокази ги ограбиле.

Прилепско[уреди | уреди извор]

Смилевскиот конгрес за членови на горкиот штаб во Прилепско ги назначил Петар Ацев, Толе Христов и Тренков. Во овој реон дејствувале четири чети. Толе паша на десната страна на реката Црна, Анте по левиот брег на Црна, Никола Пешков во селата околу Прилеп и Христо Оклев во Прилепското поле.

Прилепско кое било во рамките на Битолскиот вилает не востанал, обидот за доставување на грчки пушки пропаднал и реонот останал неворужен. Тој бил добро организиран, селаните биле борбени, во Прилеп Организацијата располагала со способни и храбри раководители.

На 10 август пристигнал Ѓорче Петров со поголема чета, динамит и бомби, а во Прилепско од поодамна се наоѓал и Пере Тошев. Но и покрај тоа орагнизациските сили не биле искористени за сериозни акции. За такавата состојба во Прилепско, според Христо Силјанов допринеле самите Петров и Пере Тошев кој уште од почетокот биле скептичникон востанието [1].

По Смилевскиот конгрес се започнало со трескави подготовки за востанието. Од градот почнале да се приклучуваат многу млади кон четите. Меѓутоа во текот на подготовките дошло до една случка која влијаела врз раководните тела.

Четата на Ѓорче Петров

Две недели пред Илинден, четите на Петар Ацев и Никола Пешков, кон нив биле присоедеинети и триесетина граѓани, се на се вкупно 80 души, ненадејно биле нападнати недалеку од селото Беловодица кај месноста Студеница од страна на околу 30 жандари. Дел од четата се разбегала, а набргу пристигнал и аскерот кој бил сместен во Дуње. Комитеите биле опстерлни од неколку страни, се бореле единечно и во мали групи. Кај месноста Студеница паднале 18 четници. Меѓу загинатите најмногу имало граѓани, инетелктуалци и предани работници: Тале Христов, Георги Сливјанов, јеромаонахот Козма, Григор Ракиџиев, Јордан Нунев и други. Судирот влијаел деморализирачки кај граќаните, а ги охрабрил Турците.

На Илинден четите ги исекле телеграфските кабли меѓу Прилеп-Битола и Прилеп-Велес, а биле разрушени и некои древени мостови по патот Градско, Кичево, Крушево и Велес. На 23 јули стар календар воружени и неворужени селани го нападнале конакот во селото Витолиште, Мариовоско. Една од случајно згрмените пушки го кренале на нозе гарнизонот. Посел двочасовна престрелка востаниците се повлекле, а во тој напад учествувал и Пере Тошев.

Мобилизираните граѓани и селани по нападот се вратиле дома. Потоа четите извршиле оделни напади на бејските кули и чифлици.

Ѓорче Петров во Прилепско пристигнал кога Турците планирале да настапат во востанатата област. Момчињата на Петров си заминале по родните места, а тој останал со Андон Ќосето и 14 души. Ѓорче Петров со месните чети прекарал околу еден месец, а биле извршени и мали акции. Во септември Ѓорче во Мариовско се сретнал со костурските чети, а зедно со неа имал една борба кај селото Чаниште.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 1,15 1,16 1,17 1,18 1,19 1,20 1,21 1,22 Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том I Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1933. (бугарски)
  2. Турски документи за оружените борби во Македонија 1903-1908, превод, редакција и коментар: Драги Ѓорѓиев, Скопје, 2007
  3. Ангел Андреев „Спомени“
  4. "Изъ споменитѣ ми по революционното дѣло въ Охридско" от Антон Кецкаров. Илюстрация Илинденъ, София, януари 1931 год.
  5. Илинденското въстание в Костурско - Спомени на Манол Кочов и Наум Масалинков
  6. Спомени на Иван Попов

Види исто така[уреди | уреди извор]

Шаблон:МРО