П’пли

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Папли)
П’пли
П’пли is located in Грција
П’пли
П’пли
Местоположба во областа
П’пли во рамките на Преспа (општина)
П’пли
Местоположба на П’пли во Леринскиот округ и областа Западна Македонија
Координати: 40°47.24′N 21°8.24′E / 40.78733° СГШ; 21.13733° ИГД / 40.78733; 21.13733Координати: 40°47.24′N 21°8.24′E / 40.78733° СГШ; 21.13733° ИГД / 40.78733; 21.13733
ЗемјаГрција
ОбластЗападна Македонија
ОкругЛерински
ОпштинаПреспа
Општ. единицаПреспа
Надм. вис.&10000000000000940000000940 м
Население (2011)[1]
 • Вкупно116
Часовен појасEET (UTC+2)
 • Лете (ЛСВ)EEST (UTC+3)

П’пли или Попли (грчки: Λευκώνας, Левконас; до 1926 г. Πόπλι, Попли[2]) — село во Преспанско, Егејска Македонија, денес во општината Преспа на Леринскиот Округ во областа Западна Македонија, Грција. Населението брои 116 жители (2011).

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Како селото го има добиено името не е точно познато. Според полскиот истражувач Пјанка кој со неговото истражување доаѓа до основни значења на зборот за името на селото (се мисли за времето на османлиското владеење), односно тој дознава дека селото се издигнувалo паралелно со другите долнопреспански села и зборот значел „папок“ или, пак, папочно врзани за споменатото село. Од постарите жители се говори дека во времето на Цар Самуил во селото П’пли постоел образовен институт во кој се вршело подготовки за свештени лица, односно попови, и од зборот „поп“ се добило името „Попли“, или „П’пли“ на месниот дијалект.

Селото П’пли од страна на турските власти припаѓало на нахијата Преспа, „хас на нишанџи“, везир Мехмед-паша во "Горичката Каза", кое уште од 16-от век било запишано како П’пли.

Со доаѓањето на Грците во тој дел на Македонија и со присилната промена на топонимите и имињата на селата и градовите, селото П’пли од тогашниот грчки режим било преименувано во „Лефкон“, што по нивниот јазик значи „Тополчани“ или „Белчиште“, односно место на кое има голем број на тополи (според сеќавањето на старите П’плени, ова село во минатото било обраснато со големи тополи).

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото П’пли во 1963 година

Во непосредна близина на Малото Преспанско Езеро, околу VIII век во месноста која се вика „Грамада“, односно „Старо П’пли“ било сместено село П’пли кое поради неадекватната местоположба и немањето услови за нормално живеење, како на пример достапноста до водата, на 1 километар од денешното село (во полето) во близина на П’пленска Горица, тогашните жители самоволно го напуштиле местото и формирале нова населба каде и ден денес се наоѓа новото село. На старото место, сè до 1930 година постоеле видливи урнатини (грамади) кои подоцна биле расчистени. Се смета дека дислокацијата на селото настанала во првата половина на XIX век, а како причина се наведува немањето на чиста вода за домашни потреби.

Селото П’пли денес е сместено во близина на подножјето од огранките на големата планина Бела Вода која тамошните селани ја нарекуваат „Мазни Врв“, а куќите во селото се сместени во рамницата на Преспанското Поле кое се протега на неговата западна страна сè до Малото Преспанско Езеро и тоа е едно од четиринаесетте села во Мала Преспа.

Селото П’пли граничи со следниве села, односно на север со Штрково, на југ со селото Оровник, на исток со селото Рудари и Рударската Планина и на запад со Малото Преспанско Езеро и селото Л’к.

Историја[уреди | уреди извор]

Четата на војводата Митре Панџаров - Влаот

За подготовките на Илинденското востание во Преспа, посебна заслуга имале познатите војводи Славејко Арсов од Штип, Никола Кокарев од селото Царев Двор, Велјан Илиев од селото Смилево, Даме Маслановски од селото П’пли, Спиро Миовски од селото П’пли (кој воедно бил и селски војвода), Ангел Андреев од селото Рудари, Наум и Петре Германчето од селото Герман и многу други востанички раководители и селски војводи. Првата чета на триесетина комити што се појавила во селото П’пли била четата на Митре Панџаров-Влаот од селото Кономлади која во пролетта, 1901 година, тајно, за првпат, го посетила селото.

Штабот на ресенскиот револуционерен реон, веста за востанието ја примил во месноста Водици на Љубојнската планина. Таа всушност била наредба за едновремено започнување на вооружените акции на 2 август. Поради тоа, Андреев и Кокарев се зафатиле со итно изработување на планот за нејзиното спроведување. Според планот акцијата требало да се изврши на 2 август вечерта. Цекта на акцијата била заземање на преспанското село П’пли. Во селото П’пли, покрај стационираниот гарнизон со околу 60 војници, живееле и голем број експлоататори чиј терор го чувствувало населението од сите соседни села. Овие сознанија биле пресудни за да реонскиот штаб се определи за напад на селото П’пли. Во акцијата требало да учествуваат околу 200 востаници и вооружени луѓе од сите соседни села. Од тие причини било неопходно да се побара помош од војводата Коте чие влијание во Долна Преспа било особено силно. Преговорите за соработка започнале, но Коте наговорил околу шеесетмина селани од селата Бесвина, Буковик, Дреново, Л’к и Оровник (што се наоѓаат јужно од селото П’пли) да не учествуваат во акцијата. На тој начин планираниот напад на 2 август, 1903, не се реализирал.

По заминувањето на Турците од овие простор, селаните од селото П’пли, како и останатиет селани од другите села од овој регион, биле изненадени од доаѓањето на новите поробувачи. Во првата балканска војна, во селото П’пли, прва стапнала српската војска која веќе на 19 октомври ја имало заземено речиси цела Преспа и запрела на ридовите Калуѓерица и на Превал, односно на самиот влез во Преспа - над селата Оровник, Рудари и селото П’пли.

Миовски Вангел (втор од лево - горе), партизан во преспанската чета. Сликани е направена во месноста Рамна Планина на 10.10.1945

Преспа станала боиште каде што противничките војски си ги одмерувале своите сили. Времето на Грчката окупација било кусо и не им дало можност да ги реализираат своите асимилаторски планови затоа што во 1914 година избила Првата балканска војна. Пристигнале нови окупатори, Бугарските жандарми во служба на централните сили. Во Преспа се отворил нов фронт. Бугарската војска пристигнала кај месноста Маркова Нога и заземала положај на тумбата Горица и ридовите над селата Герман, Р’би, Медово и селото П’пли. Тие тука ископале ровови и направиле одбранбена линија. Со доаѓањето на бугарската војска, грчките погранични единици се повлекле во Мала Преспа.

По извршената поделба на Македонија, селото П’пли, заедно со останатие македонски села, потпаднале под Грчка власт. Од тој момент за П’плени, како и за останатите селани од другите села, се создале тешки услови за живот бидејќи се прекинале сите семејни врски со роднините чии села потпаднале под српска и албанска окупација.

На 28 март, 1946, на повик од КПГ започнала граѓанската војна во Грција која се водела сè до 1949 година кога ДАГ била принудена да капитулира и да се расформира. Во оваа војна активно учество земаат и жителите од селото П’пли. Во 1946 година од селото П’пли заминуваат 7 борци кои земаат активно учество во редовите на ДАГ. Со текот на војната сè повеќе и повеќе П’плени се регрутирани во редовите на ДАГ. Овие селани остануваат во составот на армијата сè до поразот и нејзиното расформирање.

Занимања и економски развој на селото[уреди | уреди извор]

П’плени својата издршка ја обезбедувале преку полјоделството, сточарството, риболовот и печелбарството. Селото П’пли важело за едно од побогатите села во долнопреспанскиот крај бидејќи неговиот атар зафаќал поголема површина од крајезерската рамница. Во рамки на поледелството се произведувало жито (пченица, ’рж, јачмен, уров, овес, пченка и друго), се одгледувале лозја, градинарски култури (пиперки, домати, праз, кромид, лук, зелка, бостан, компир и друго) а во некои периоди се садело и тутун. Во рамки на сточарството најмногу се одгледувале овци, кози, волови, биволи, коњи, свињи и друго. Рибата П’плени ја ловеле во Малото Преспанско Езеро.

Земјоделство[уреди | уреди извор]

Земјоделието кај П’плени била основна гранка и главниот извор за производство на храна, како за луѓето така и за добитокот. Поради благата и влажна клима, селаните главно произведувале пченица и пченка, грав, а во нивните планински ниви сееле ’рж и овез. Земјата се обработувала со дрвено рало кое било влечено од волови. Ралото било составено од плаз, рачка, носач и железен плуг. Ралникот со јаремот бил прицврстуван за вратот на воловите со помош на прионите, а потоа воловите биле терани со остен. Жетвените култури биле вршени на селските гумна со помош на коњи и маски. Пченичното жито било сместувано во амбари, а постоеле и големи кошови во кои се чувала пченката. Во плетените кошови таа била складирана во кочани и служела за исхрана на добитокот.

Поглед кон П’пленското поле каде што во позадина се гледа Малото Преспанско Езеро. Автор Фотија Стефовска - Жарговска

Градинарство[уреди | уреди извор]

Во преспанскиот крај мошне било развиено и градинарството. Преспани биле познати како одлични градинари, така што и во селото П’пли било развиена и оваа гранка од земјоделството. Секое п’пленско семејство имало и своја градина во која за свој домашни потреби произведувало кромид, лук, праз, пиперки, зелка, домати, грав, тикви и други градинарски производи.

Овоштарство[уреди | уреди извор]

Поради специфичните климатски услови и поради местоположбата, преспанската околија е прочуена не само во Македонија туку и надвор од неа за производството на квалитетното овошје, а пред сè со своите преспански јаболка и сливи. Во еден дел од обработливата земја на селото имало и бројни овошни насади богати со јаболка, круши, сливи и дуњи. Покрај садените овошни насади растеле и диви како на пример дренки, горници, диви цреши, шипинки и друго шумско овошје. Повеќето од плодовите, селаните ги чувале во слама за во зимскиот период од годината, а од другите, како на пример горниците, дивјачките и крушите, правеле зимница.

Лозарство[уреди | уреди извор]

Лозарството во селото П’пли била како споредна гранка, па затоа во селото немала некоја поголема традиција, се одгледувале само некои одбрани сорти на грозје кои успевале на овие простори. Претежно, насадите со винова лоза на жителите од селото П’пли биле во ридските предели од селскиот атар. П’плени ги одгледувале следниве видови на грозје: ралушино, лисичино, песјачка, стрнушина, д’лга м’ска и други сорти. Тие грозјето го собирале во есен во плетени кошни кои биле пренесувани со помош на магариња или запрежни коли. Преку ферментацијата на грозјето селаните добивале квалитетно вино, а од комињето правеле домашна ракија. Со оваа земјоделска гранка, во П’пли, се занимавале повеќето селски домаќинства.

Риболов[уреди | уреди извор]

Приближно 40% од селскиот атар се наоѓал под вода, односно тој се протегал на копно со 14 килокилометри квадратни од кои 5 биле под вода. Една од главните преокупации на жителите на ова село бил риболовот. П’плени ловеле со мрежи кои самите ги изработувале, а, исто така, плетеле и коци од езерската трска. Пред сè, тие ловеле белвици, крап, јагули, скобуст и друго. Уловената риба ја користеле за свои потреби како и за продавање на пазарите во градот Лерин и на уште неколку други места во околијата.

Сточарство[уреди | уреди извор]

Сточарството во селото П’пли вило застапено во помали количини, исклучиво за домашни потреби. Без исклучок, секој семејство од селото одгледувало крупен и ситен добиток. Селаните чувале волови кои секогаш биле во пар (ѕевгар) и ги користеле како работна сила за орање и влечење на запрежни коли. Исто така, тие чувале и крави, магариња, коњи, овци, кози, свињи и ситна живина.

Шумско богатство на П’пленскиот атар[уреди | уреди извор]

Половината од селскиот атар е ридско планински и е покриен со листопадни, а има и мал дел со иглолисна шума.

  • дабова шума - П’плени ја користеле дабовата шума за производство на драдежен материја, за јагленарство, за огрев, како и за производство на земјоделски алатки. Овој вид дрвја биле користени и како пасишта за малкуте кози кои неколку семејства ги поседувале и за кастрење и правење на лисници за зимска исхрана на добитокот.
  • зеленика - Во околните ридови на П’пли ја има во големи размери, а дрвото селаните го користеле како огревно дрво и за изработување на предмети за домашна употреба.
  • габер - габерот е доста распространет во околните ридови од селскиот атар. Него селаните го користеле главно како огревно дрво, но во зимските денови од годината габеровите гранчиња ги користеле како клавна исхрана за домашниот добиток.
  • клен - кленот не бил многу застапен за разлика од габерот. Исто како и габерот и ова дрво е карактеристично по својата еластичност и цврстина, па затоа селаните изработувале разни алатки како на пример рала, разни рачки за ситниот алат и други различни предмети за домашна употреба. Ова специфично дрво селаните го користеле и како градежен материјал за изработка на чатиите од селските куќи и селските плевни.
  • смрека - смреките биле доста застапени во околијата на П’пли, тие растеле на повисоките ридски предели и во повисокото подножје на Рударската планина. Овој вид на нискостеблеста шума, селаните го користеле особено за изработка на колци за градинарските потреби, но и како огревно дрво за секојдневните домашни потреби.
  • јасен - јасенот го имало во мали количини во П’пленскиот атар. Селаните него го користеле исклучиво за добивање боја. Процесот на добивање боја бил едноставен, односно тие прво ја стружеле кората од дрвото и ја ставале во метален котел со вода, па кога ќе се стоплела водата се добивала црна боја со која селаните, односно домаќинките, си ги бојадисувале своите алишта, а бојата била трајна и не белеела. Од овој вид на дрво селаните изработувале и дрвени предмети како фурки, сукала, налани и друго.
  • лески - овој вид на дрво го има во изобилие. Плодовите од леските се многу вкусни и служеле за исхрана, додека, пак, нивните гранки и лисја се користеле за исхрана на крупниот добиток. Од потенките прачки селаните плетеле кошеви, кошници и кошари.
  • дрен - дренот не бил мнгоу застапен во селскиот атар. Селаните ги собирале плодовите од дренот кои ги користеле за јадење и варење на ракија. Од древното дрво селаните произведувале разни домашни и земјоделски алатки како остени, фурки, вретена и други разни предмети на лична употреба.
  • тополи - тополите ги имало во изобилие, како во самото село, така и околу него. Тие ги имало покрај селските чешми и покрај речиштето. Исто така, тие растеле по меѓите на повлажните ниви. Селаните нив ги бичеле и добивале штици и друг градежен материјал.
  • врби - врбите биле помалку застапени, односно ги имало само покрај селската река. Селаните ги користеле врбовите за плетење на кошови, кошници, сепетки, плетови и за други домашни потреби.

Од сите гореспоменати листопадни и иглолисни дрвја, по планините и ридовите од П’пленскиот атар, растеле и егреби, липи, бука, но во помали количини од тие кои се набројани.

Демографија[уреди | уреди извор]

Националниот состав на селото П’пли бил таков што уште од времето на Турците, тука, освен македонско население живееле и муслимански семејства. Во 1900 година имало 180 македонски и 210 муслимански жители. Во 1924 година, по договор помеѓу Грција и Турција, муслиманските семејства го напуштаат селото и заминуваат во Труција, а на нивно место се доселуваат околу 35 грчки семејства или вкупно 130 лица доселеници од областа Понд кои емигрирале од нивното место поради катастрофата на Грција во 1921 во Мала Азија-Турција. Бројот на населението во селото П’пли се движел така што во 1913 година имало околу 490 жители, а во 1940-та околу 281 Македонец и 161 жител-Грк, вкупно 442 жители, сè до поразот на ДАГ во 1949 кога бројот на населението се намалил на 61 жител меѓу кои 21 Македонец и 32 грци. Со напуштањето на селото од страна на македонските семејства, структурата на населението е потполно променета така што во моментот во селото П’пли има 173 жители Грци („Просфиги“, како што Македонците ги нарекувале) и двајца етнички Македонци.

Големиот пад на македонското население во селото П’пли е кога 10 македонски семејства го напуштаат селото во 1944 година и пребегнуваат во тогашна СР Македонија, поради невидениот терор од страна на грчките монархофашисти, но со поразот на ДАГ и напуштањето на селото од страна на македонските семејства, во селото П’пли остана да живее само уште едно македонско семејство.

Свадбата на Ламбро Наумов, син на Филип Наумов, сликани во село П’пли на сред село. Сликата е направена на 27.05.1933 година.

Жителите на селото П’пли[уреди | уреди извор]

Во селото П’пли покрај грчките семејства имало и 29 македонски кои биле доселени од разни места на Македонија и во разни временски периоди.

Сè до 1949 година во селото П’пли живееле следните семејства
  • Македонски: Арнаутовци, Бегои, Дамовци, Кочовци, Марковци, Миовци, Наумовци, Петре Баљуко, Стерјовци, Стефовци, Танас Шено, Трпчевци, Тутуновци (доселени од селото Нивици), Божановци, Гелевци (доселени од селото Рудари), Гаке, Диманови, Димовци, Дупенци (доселени од селото Дупени), Дрбитски или Мангалои (дојдени од селото Дробитишта), Трајковци и Џуклевци.
  • Грчки: Апраксија, Аника, Антимиди (Шајтано), Андали, Бибицос, Григоријадис (Јуруко), Јатраката,Каздила, Кацониди (Дамјан) Каравасили, Муратина, Мангата, Мијал Влаот, Манукина, Налпантиди (Јаника), Пападопулос, Пандуко, Димитропулос (Ристанои), Стефанбеи, Сидеропулу, Ташко Влаот (дојден од селото Псодери),Тортопиди и Харитола (Болгуро).
П’плени сликани во Скопје на 04.08.1975 година. Од лево кон десно - Ристо Андоновски - Дупенски, Трајко Стергиовски, Михаил Поповски (од Битола) и Томе Тутуновски.

Карактеристични имиња на П’плени[уреди | уреди извор]

Во селото П’пли традиционални се следниве имиња
  • машки: Петре, Трајко, Доне, Фоте, Митре, Нуне, Сотир, Томе, Стојан, Алексо, Васил, Методи, Стојо, Ламбро, Филип, Никола, Гоче, Јане, Вангел, Цветко, Илија, Јанкула, Ѓорги, Спиро, Крстин, Симо, Танас, Ставре, Тодор, Димо, Димитар, Пандо, Коста, Божин, Михаил, Лазо, Ефтим, Кичо, Стефо, Трпе, Трифун, Јоше, Дојчин, Дине, Глигур, Марко, Леко и Крсте.
  • женски: Василка, Стоја, Олга, Стојанка, Фанија, Германија, Велика, Доста, Елена, Мара, Босилка, Ристана, Петра, Цвета, Стефана, Севда, Јордана, Ката, Вангелија, Фотија, Нада, Флора, Ристосија, Трајанка, Илинка, Софија, Александра, Сотирка, Нуна, Донка, Јана, Саракина, Т’рнда, Темјана, Цена, Митра и Кита.

Со доаѓањето на грците во селото македонското население било принудено задолжително да ги прекрстат децата со грчки имиња, така што од тој период се сретнуваат и имињата: Антула, Димитриос, Ставрос, Христос и слични на нив.

Климатски услови во селото П’пли[уреди | уреди извор]

Скоро една половина од селскиот атар е ридски. Најниските коти се наоѓаат во селото, а понатаму благо опаѓаат и водат кон Преспанското поле и Езерото. Највисоката кота во селото е 930 метри надморска височина. Освен повисоките планински врвови како планината Грамада со нејзината надморска височина од 1576 метри, другите ридски височини се благи и меѓусебно зарамнети, така што повеќето од нив создаваат ниви и падини со плодно земјиште.

Со оглед на надморската височина на селото П’пли, зимите се доста студени со обилни снежни врнења, а летата се умерени и топли со мал број на дождови, кратки и доста силни, проследени со грмотевици.

Поголемиот простор од селскиот атар зафаќа рамничарско флувиоглацијално и алувијално, лесно обработливо и плодно, но ерозивно земјиште обраснато со ретка дабова, букова, смрекова и друга листопадна шума за која според сеќавањата на селаните се вели дека била запалена и целосно изгорена во текот на првата светска војна.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Образование[уреди | уреди извор]

Селаните од селото своето образование започнале да го градат во годините по Илинденското востание. Поради честите војни тоа било прекинувано многу често и траело со многу долги прекини и секогаш на туѓи јазици, непознати за П’плени (бугарски и грчки). На свој мајчин македонски јазик, во селото П’пли, за првпат настава се одржала во 1947 година. Интересно е да се напомене дека во различни периоди како наставен кадар во 1936 година во селото бил Христо Папатрендафилу, дојден од селото Лаген од Леринско, а во 1938 година во селото пристигнува учителот Сидерас Танасис од селото Желево кој подоцна се оженил со учителката Персефони.

Училиштето во село П’пли. Автор Ахилеа Тутуновски

За зајакнување на режимот во 1939 година од гратчето Ламија, Стара Грција, е донесен учителот Костас Малукос и учителката Авгула од Екшису каде што набргу стапуваат во брак. Последните споменати учители во селото остануваат сè до почетокот на граѓанската војна. Во селото П’пли имало две училишни згради, старото кое било изградено во 1926 година и новото школо. Децата од селото учеле во старото школо, па подоцна се преместиле во новата училишна зграда. Со почетокот на воените дејствија во 1946 година старото училиште било бомбардирано и изрушено до темел. Во месец мај, 1947 година, Преспа станала слободна територија на привремената влада на ДАГ. Во почетокот на месец јуни, 1947 година, во селото Герман започнал со работа курсот по македонски јазик наменет за школување на македонските учители организирани од привремената демократска влада на НОФ. На курсот активно учество земале 180 учесници, Македонци од Леринско, Костурско и Воденско. Од страна на привремената влада за учители на курсот биле поставени Лазо Ангеловски, Павле Раковски, Иљковски Фоти и Паскал Паскалевски. Наставата на курсот се изведувала на чист македонски јазик. Кон средината на 1948 година во селото Желево започнал со работа и вториот курс за подготвување на учители по македонски јазик. И овој курс го посетувале повеќе од 250 активисти кој имале за задача да ги учат македонските деца ширум селата во Леринско, Воденско, Костурско, Серско и други места. За прва школована учителка по македонски јазик се спомнува учителката Фотија Стефовска од селото П’пли која курсот успешно го завршила во селото Герман.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Топонимите на П’пленскиот атар[уреди | уреди извор]

Атарот на селото П’пли е доста голем, па оттука произлегуваат и многуте топоними во него. Се знае дека П’плени низ вековите на секое помало место му давале име, а тие места биле нарекувани по географската поставеност на теренот, нивниот изглед, по историските настани или по имиња и презимиња на некои селани од селото. Еве ги топонимите, по азбучен редослед:

  • Бушкани — место на кое некогаш имало село, напуштено поради надојдената езерска вода
  • Водениците — местото е именувано по водениците на некој Турчин кој се викал Рустем и по водениците на Стојан Димановски и Глигур Каранфиловски.
  • Врбица — место према езерото обраснато со врби
  • Г’рмади — месност пред Опаа
  • Гојдарник — место до селските гробишта каде што селаните го собирале добитокот
  • Голема Горица — висорамнинка не далеку од селото, односно до Малото Преспанско Езеро
  • Градините — позајмено име од селските градини
  • Граиште — место према селското кале
  • Грло — ридесто тесно место
  • Гумната — со ова име се опфатени селските гумна
  • Ѓупска Нива — запуштени ниви
  • Дреник — восорамнина обрасната со нискостеблеста шума помеѓу селата П’пли и селото Рудари
  • Дренките — место кое изобилува со дренки
  • Дулото Под Горица — природен канал под ритчето Горица, према езерото
  • Еврејски Гробишта — некогашни еврејски гробишта
  • Ендекот — природно ископан ендек по селските ниви низ кој тече селската река
  • Задлозја — место над селските лозја
  • Занога — место пред Граиште
  • Извоз — место под месноста Врбица
  • Јароица / Јаројците — место на излезот од селото П’пли, према селските гробиштата
  • Калето — место пред влезот во селото
  • Карши Г’з
  • Кленците — место обраснато со кленово дрво
  • Корјој — од левата страна на Горица према островот Аил во самото езеро за ловење на риби, белвици, односно местото каде што ловеле селаните Доне Доневски (Дупенски) и Коле Гелев
  • Кочиј Нивје — местото било наречено по името на сопственикот
  • Кривио Пат — пат со голем број на кривини
  • Круша — место кое изобилува со круши
  • Курбулина — многу влажно и растресено место во самото П’пленско Поле
  • Леските — место богато со лески
  • Мала Горица — поламо ритче споено со Голема Горица кое сега веќе не постои
  • Мала Ливада — место кое имало селски ливади за косење
  • Мечоец — планински поток кој се влевал во селската река
  • Над Село — место од каде што целото село можело да се види
  • Овоштарник — овоштарникот и расадникот под селските гробишта и фабриката на Филип
  • Опаа — место до сама Горица
  • Ореите — именувано според оревите во Дупенска Маала, пред малото дрвено мовче
  • Орман — место према езерото во п’пленското поле
  • Печелкојца — место под селото во правец кон Горица
  • Плочите — по камените плочи кон студен кладенец и рударската планина
  • Попој Нивје — ова место го носи името по поповите ниви
  • Ридо — местото е на врвот на Слакот
  • Садеј — место каде што семејството Ангеловци имале лозја
  • Свети Танас — мало црквиче во подножјето на слакот
  • Света Јана — мало црквиче во месноста Горица
  • Слакот — рид оддалечен стотина метри од селото
  • Слатина — место на кое селаните имале ливади
  • Слогојте — во непосредна близина на Горица
  • Стар Чешма — чешма во ридовите помеѓу селата П’пли и селото Рудари
  • Студен Кладенец — планински поток од Мазев Врв
  • Турски Гробишта — некогашни турски гробишта
  • Улицата — необработено место помеѓу лозјата кое селаните го користеле за поминување
  • Црвена Земја — името го има добиено според бојата на земјата
  • Црвените Извори Вода — место кон селото Оровник и селското кале
  • Црниците — местото е наречено по самите дрвја црници во близина на ридот Горица
  • Чезме Бушкани — место на самото кале
  • Широка Падина — според изгледот на местото е наречена и падината
П’пленската Горица каде што во позадина се гледа и Малото Преспанско Езеро. Автор Фотија Стефовска - Жарговска
Слакот во непосредна близина на селото. Автор Фотија Стефовска - Жарговска
Други топоними

Други топоними во и околу П'пли:[3] Баните, Бел Камен, Горна Врбица, Горни Лозја, Грмада, Грозданци, Дамои Нивје, Долна Врбица, Долни Лозја, Дренски Лозја, Зад Лозјата, Извор, Јасика, Калуѓерица, Катуништа, Крчиште, Лазоа Нива, Лазоа Орница, Ливадје, Мазни Врв, Мала Врбица, Мала Орница, Маликица, Мало Езеро, Мечкоец, Насадник, Новата Црква, Од Пограишта, Опајски Пат, Осоа, Папрат, Параспоро, Пороиштата, Речиштето, Салаташа, Свети Илија, Свети Митрија, Филипоец, Црвејнците, Шуригата.

Археолошки наоѓалишта во селото[уреди | уреди извор]

Во селскиот атар како археолошки наоѓалишта од посебно значење се посочуваат месностите Салаташа на околу 2 километри западно од селото каде постојат турски гробишта, а во месноста Грамада еврејски гробишта. Во месноста П’пленска Горица и Дреник постојат бункери од Втората светска војна, а во месноста Слако, исто така, ровови од Првата светска војна. Во месноста Бушкани (под Граишта) како и во Грамада во повеќе наврати при обработка на земјата се пронајдени вредни питоси од различна големина како и фрагменти од други ќерамички и метални предмети.

Вековни светилишта[уреди | уреди извор]

Црквата Св. Танас која се наоѓа на излезот од селото П’пли. Автор Ахилеа Тутуновски

Во атарот на селото П’пли постојат три цркви и едно мало вакавче. Црквата свети Димитрија се наоѓа во западниот дел на селото. Таа е изградена некаде околу 1700 година, во меѓувреме била разурнувана, но повторно возобновена во 1810 година. Споменатата црква во внатрешниот дел била живописана со словенски натпис. Според кажувања на постари жители од селото црквата е многу постара и се претпоставува дека била изградена уште во 1390 година. Оваа црква има иконостас и камбанарија. Во нејзиното добро оградено двориште се наоѓаат и селските гробишта, а таму мир наоѓат и неколкуте гробови на француски војници од Првата светска војна.

Другата црква која се наоѓа во селото е Свети Архангел Михаил. Таа е изградена во 1936 година со пари од многуте печалбари од селото кои биле на печалба во Америка. Таа е изградена на некогашната мала џамија која постоела во селото. Во источниот дел на селото, поточно во Жиловската Маала, се наоѓало црквичето Свети Илија, а ова мало црквиче во текот на двете светски војни неколкупати било разурнувано и пак обновувано од мештанинот Дамјан Кацанидис. Во внатрешноста на ова мало црквиче имало гроб. Овој објект постарите П’плени го нарекувале и Теќе, што упатува на претпоставката дека во времето на турското владеење тој бил дервишко, односно бектишко светилиште. Црквичето Свети Атанас се наоѓа на околу половина километар западно од селото. Во некое време, се сеќаваат постарите селани дека, до него имало забележително голем даб кој бил пресечен од страна на француската војска во текот на Првата севетска војна. Жителите од селото П’пли за своја општа селска слава го имаат Свети Димитрија.

Црквата Свети Архангел Михаил која се наоѓа на сред село (П’пли). Автор Ахилеа Тутуновски

Покуќнина[уреди | уреди извор]

Во секое домаќинство, во зависност од неговата големина и бројот на членовите на семејството, ги имало следниве предмети:

  • за чување на храната имало ношви за леб, камара, мазгалки и сирник,
  • за пиење на течности имало стомна, стомниња, букле, каната и карта,
  • за јадење имало софа, маса, столчиња, дрвени лажици, мисури, плави и тави,
  • за приготвување на храна користеле котле, грне, церепина, сач, тепсија, ѓум, тиган и сукало,
  • за приготвување на млечни производи како на пример маст, сирење, биеница, урда, потквас, млеко и др., селаните ги користеле предметите како матка, чурило, кобел, цедило, каци, казан, а за приготвување на туршија за во зимскиот период тие користеле каци, тенеќиња и слично,
  • за носење на храната употребувале сепетки, кошници, торби, вургити, коблици и тепсии,
  • за спиење користеле рогозини, кревиња, веленца, ложници и перници,
  • за одржување на личната хигиена селаните користеле сапун, леген за вода, чешле, крпи за бришење, корито, котел и ѓум за вода,
  • за перење користеле сапун, котел, ѓум за топла вода, корито за перење, копан за чукање на веленцата, ложниците и шајаковите алишта,
  • за греење тие употребувале дрва за осветлување, газени ламби, кандила и борина.

Алатките кои ги употребувале за сечење, деклање, дупење, стружење, копање и слично се следниве: секира, скепар, прион, стврде, мотика, кама, казма, дикел, лопата, чекан, ренде, скепарче, а за изработка на алишта и покривки користеле разбој, гребени, фурки, пршлиња за предење и друго.

Девојки од селото П’пли кои играат оро облечени во преспанска носија. На чело на орото е Илинка Дупенска.

Народна носија[уреди | уреди извор]

Народната носија на жителите од селото П’пли многу не се разликувала од носиите на другите преспански села. Повеќето од нив до првата светска војна носеле волнени или платнени алишта што самите си ги изработувале. Но, со појавата на печалбарството жителите од селото П’пли започнале да одат на работа во Европа и во Америка, па мажите постепено се откажувале од селската носија, додека, пак, жените и понатаму ја носеле, а подоцна и тие ја прифатиле ново надојдената мода.

По крајот на балканските војни и почетокот на првата светска војна, генерално, старите мажи носеле платнени кошули, а шалварите (панталоните), капите, палтата и чорапите ги изработувале од волна и кожа. Жените и девојките носеле долги бели платнени кошули и шалови, а футите и чорапите им биле волнени.

Веленцата, гините, перниците и ложниците биле волнени и кожни. Волната ја чистеле, переле, ја влечеле со грабени, ја пределе со фурки и пршле, ја сновале и на крај ја ткаеле на дрвени разбои кои биле составени од кросно, ниште, брдо, соалка и подлошки. На разбоите ткаеле платна, шајак, веленца од кои потоа самите домаќинки кроеле и шиеле алишта за семејството. Женската носија била богато украсена ос црвени гајтани, ширети, реси и везови и со многу разновиден накит од ковани благородни метали, додека, пак, машкта била поедноставно украсена, односно само со црни или кафеави гајтани.

Елементи на женската носија[уреди | уреди извор]

Главните елементи на П’пленската, односно на преспанската женска народна носија, се состоеле од ресачка, шегун, кусаче, кошула, наглавок, фанела, појас, ремен, фута, месал, губешгушниче, наручиња, коцлешамија, чорапи, опинци и накит.

Женскиот накит претежно бил изработен од разнобојна монистра, метал, сребро, додека побогатите опшивале и златни пари. Од накитот претежно носеле белегзии, обетки, прстени, украсни хухулиња, петлици и китки од монистра

Елементи на машката носија[уреди | уреди извор]

Декорот на машката народна носија бил поедноставен и се состоел од елементи како беќви, шурдија, хабадан, клачни, кошула, фанела, појас, ремен, чорапи, капа, опинци, гуна (гуња) и палто.

Вангел Димановски како учител во Згожелец, Полска, со неговите ученици. Сликани во 1957 година.
Ристо Поповски од село П’пли, македонски писател

Личности[уреди | уреди извор]

П’плени кои се занимаваат со книжевно творештво[уреди | уреди извор]

Останати п’плени[уреди | уреди извор]

  • Вангел Арнаудовски — општествено-политички работник
  • Сотир Миовски — лекар
  • Ставре Кичо Миовски — универзитетски професор
  • Ристе Димановски — историчар
  • Ефтим Тутуновски — стопанственик во Австралија
  • Стојан Димановски — македонски патриот стрелан во 1947 г.
  • Ристо Миовски — македонски патриот стрелан во 1947 г.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Заминување на децата од селото П’пли[уреди | уреди извор]

Евакуацијата на П’пленските деца официјално започнала на 15 март, 1948 година, заедно со останатите деца од околните села. Поделбата на децата во групи била направена уште во селото. Секоја група имала и одговорно лице кое било од нивната средина. Така децата од селото П’пли кои биле вкупно 91, биле поделени на 4 групи. Одговорните личности за овие групи биле:

  1. Фанија Доневска - Дупенска
  2. Фотија Стефовска
  3. Стефана Димановска
  4. Јана Секуловска

Емиграција на П’плени од 1941 г. и по поразот на ДАГ[уреди | уреди извор]

Во периодот од 1941 година, па сè до поразот на ДАГ, селото го напуштаат и наоѓаат засолниште во источните држави следните лица:

  • Крстин Марковски го напушта селото во 1945 година и преминува во тогашниот СССР каде таму починал; од 8 лица од неговото семејство 6 ќе најдат засолниште во тогашна СФРЈ, а останатите двајца од истите причини ќе се најдат во Романија.
  • Ставре Трпчевски го напушта селото во 1945 година и пребегнува во СФРЈ со 5 члена од неговото семејство, а останатите членови од семејството ќе се најдат во Полска.
  • Петре Доневски-Дупенски во 1945 година го напушта селото со своето 7 члено семејство и пребегнува во СФРЈ, а додека еден член од семејството од познати причини се наоѓа во Романија.
  • Васил Арнаутовски го напушта селото во 1945 година и преминува во СФРЈ,за подоцна односно во 1955 година се преселува во СССР кај неговата семејство.Нешто подоцна тој повторно се враќа во Југославија, а додека еден член од неговото семејство ќе почине во СССР.
  • Трајко Миовски го напушта своето село во 1950 година и преминува во Романија за нешто подоцна неговото семејство кое од познати причини ќе се најде во Полска да премине кај него во Романија.
  • Филип Ангеловски во 1945 година го напушта селото со двајца од неговата семејство и преминуваат во СФРЈ, а додека останатите 4 членови од семејството ќе се најдат во Романија.
  • Васил Ангеловски го напушта селото во 1945 година и со 6 членови од семејството ќе се најде во СФРЈ, а еден член од фемилијата ќе биде во Романија.
  • Фанија Иловска (Миовска) го напушта селото по излегувањето од грчките затвори и преминува во ФНРЈ, односно Народна Република Македонија.
  • Алексо Петровски-Дробицки го напушта селото во 1945 година со 6 члена од семејството и преминуваат во СФРЈ, а останатите 4 члена ќе се најдат во Романија.
  • Крстин Стерјовскиво 1945 година го напушта селото и преминува во СФРЈ, а додека останатите членови од семејството од познати причини ќе се најдат во Романија.
По поразот на ДАГ е извршена масовна евакуација на населението со цел спасување од невидениот терор и измачувањата на невиното цивилно население од страна на монархофашистичките сили кој завладеале на тие простори. По поразот на единиците на ДАГ во 1949 година селото го напуштаат следните лица заедно со своите членови од семејствата
  • Стефана Филипова со семејството пребегнува во Романија, а нешто подоцна таа заминува во Полска.
  • Трајко Џуклевски со 6 членови од семејството пребегнува во Полска.
  • Стефана Марковска пребегнува во Полска,двајца членови од семејството се враќаат во СФРЈ, а еден член останува во Романија.
  • Сотир Марковски пребегнува во Полска а нешто подоцна тој се прибра кај неговата семејство во Романија.
  • Глигур Трпчевски пребегнува во Полска и се прибира со својата 8 члена семејство.
  • Севда Петровска пребегнува со својата семејство во Полска.
  • Митре Доневски-Дупенски пребенува во СФРЈ и се пибира со својата 9 члена семејство.
  • Фоте Доневски-Дупенски пребегнува во Романија а нешто подоцна заминува во СССР ка својата семејство.
  • Доне Доневски-Дупенски пребегнува во СФРЈ со најстарата ќерка,и не успева да ги прибере останатите своите 4 деца кои се наоѓат во Романија , а додека неговата жена се наоѓа во Полска,подоцна тој умира во Ресен.
  • Димитар Божановски пребегнува во Романија,нешто подоцна заминува за СССР и се прибира со останатите членови од семејството додека една ќерка останува во Полска.
  • Божин Бегутому' заминува во Полска и се прибира со неговото семејство,еден член од семејството заминува во СССР а нешто подоцна и во Австралија.
  • Слобода Кочова заминува во Полска а нешто подоцна и во Романија кај нејзината семејство,нејзиниот сопруг починува во Полска.
  • Димитар Петровски го напушта селото и заминува во Полска кај неговата семејство,нешто подоцна тој починува во Полска.
  • Ефтимица Кочовска заминува во Полска, а подоцна заминува во Романија и се прибира со нејзината 6 члена семејство.
  • Доста Ангелова го напушта селото и заминува во Романија каде се прибира со нејзиното 4 члено семејство.
  • Стефана Ангелова заминува во Романија, а нешто подоцна со 2 члена од семејството се прибира во Полска,од каде што 3 члена од семејството од познати причини се наоѓаат во СССР.
  • Стефана Герова го напушта селото и заминува во Полска,нешто подоцна се сели во Југославија со 5 члена од семејството.
  • Митра Филипова го напушти селото и заминува во Полска каде што се прибира со 4 члена од семејството, а нешто подоцна таа заминува во Австралија.
  • Крстин Филиповски заминува во СФРЈ,додека неговата семејство заминува во Полска.
  • Колевица Филипова го напушта селото и заминува во Полска каде што се прибира со нејзината 7 члена семејство.
  • Димитар Стерјовски го напушта селото и заминува во Полска, а нешто подоцна се преселува во СССР и се прибира со 5 члена од семејството.
  • Вангел Миовски го напушта селото со празот на ДАГ и заминува во СССР, во градот Ташкент, а неговата семејство подоцна од Н.Р.Македонија и неговата ќерка заминуваат кај него и подоцна се враќаат во нивната родна Македонија.
  • Ката Кочова го напушта селото и наоѓа прибежиште во Романија.
  • Танас Секуловски заминува во СФРЈ и се прибира со 3 члена од семејството, а еден член од семејството се наоѓа во Романија.
  • Доста Дробицка го напушта селото и заминува во Полска, а подоцна се преселува во Романија и се прибира со нејзиното 4 члено семејство,додека пак нејзиниот сопруг и една од ќерките се наоѓаат во Југославија.
  • Стоја Дробицка го напушта селото и заминува во Полска, а нешто подоцна се преселува во Романија и се прибира со нејзиното 4 члено семејство .
  • Петре Поповски заминува во Полска и се прибира со неговото 5 члено семејство.
  • Михаил Тутуновски го напушта селото и заминува во Полска, а подоцна се сели во СССР и се прибира со неговото 6 члено семејство, а еден член од семејството се наоѓа во Романија.
  • Божиница Стергиовска го напушта селото и заминува во Полска, а нешто подоцна се сели во Романија и се прибира со нејзината 4 члена семејство.
  • Ламбро Иловски (Миовски) го напушта селото во 1952 година излегувајки од грчките затвори и заминува во СФРЈ каде што се прибира со неговото 6 члено семејство, додека 1 член од семејството се наоѓаат во Романија.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
  2. Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Πόπλη - Λευκώνας
  3. Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа: местоположба, историски развој и минато (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 423–424. ISBN 978-9989-2117-6-8.
Литература
  • „Атлас на населените места во Егејска Македонија“ Тодор Христов Симовски
  • „Населените места во Егејска Македонија“ Тодор Христов Симовски
  • „Населбите во Преспа“ Владо Јовановски
  • „Монографија за село Герман“ Преспанско
  • „Неуништливи корени“ Митре Кајчевски –Мичо
  • „ Орово и Оровчани“ Монографија Томе миовски
  • „До пеколот и назад“ Евдокија Фотева – Вера
  • „И ние сме деца на мајката земја“ Д-р Фана Мартинова Буцкова
  • „Македонската култура и просвета во Е. Македонија и во Источноевропските земји (1940-1968)“ Д-р Фана Мартинова Буцкова
  • „Петте судбоносни години во Е.Македонија“ Д-р Ристо Кирјазовски
  • „Илинденското Востание во Егејска Македонија“ подготвено од Мишо Китаноски и Ѓорги Доневски
  • „Етничките промени во Егејска Македонија во XX век“ издание на Здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија
  • „Хроника за селото Ппли“ Државен архив на Република Македонија
  • „Едиции за Егејска Македонија“ Институт за национална историја на РМ.
  • „Прогонство што трае“ Сократ Пановски и Илија Лафазановски
  • Мемоари на Георгиос Кикицас,Атина,глава ХV/1
  • „Преспа во пламен“ Коста Мандушев
  • „Грчката колонизација во Егејска Македонија -1913-1944„ Стојан Киселиновски
  • Грчка царска наредба од 19.12.1918 г. в/к,бр.259/21.12 Атина
  • Од спомените на Лука Геров,Ѓорги Поп Христов,Ангел Андреев,Ѓорги Попанчев и Лазар Димитров,за борбите во Југозападна Македонија,Кичевскиот,Битолскиот,

Леринскиот,Преспанскиот и Дебарскиот округ.Софија,печатница П.Глушков 1926.

  • „Илинденско востание“ – Димо К’нев,Софија 1953 година
  • „Топонимистика на Охридско - преспанскиот басен“ Влагимјерж Пјанка, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Скопје, Посебно издание, книга 7, Скопје 1970 година
  • „Топографско–етнографски пресек на Македонија“, С. Петербург, Воена топографија, во Главниот штаб, 1889 година
  • „Светли ликови од Егејска Македонија (1945-1949)“ Ташко Мамуровски