Тасе Христов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тасе Христов
Роден Присовјани, Струшко,Македонија
Тројцата браќа борци - војводите Тасе, Цветко и Дојчин Христови

Атанас (Тасе) Христов Тодоров,со песвдоним Аврам Барон/ Барун[1][2] (роден во Присовјани, Струшко) — македонски револуционер, охридски војвода на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација.[3]

Животопис[уреди | уреди извор]

Тасе Христов е роден во струшкото село Присовјани. По занает бил ѕидар. Во 1898 година стапнал во редовите на ВМОРО и првично бил терорист на организацијата. Од 1899 година станал четник и до 25 март 1903 година бил во четата на Никола Русински заедно со својот татко Христо Ангелов и браќата Цветко Христов и Дојчин Христов - исто така револуционери од ВМОРО.[4] Во летото 1902 година станал реонски војвода на Малесија и Охридскиот крај.

На 15 март (стар стил) 1903 учествувал во борбите со Турците кај Оздолени, во кои бил убиен поручникот Тома Давидов.[5] За време на подготовките на Илинденското востание, Тасе Христов бил војвода на Малесиската чета, додека секретар бил Арсени Јовков. Тасе Христов учествувал на собранието, заедно со Христо Узунов, Дејан Димитров, Никола Митрев, Антон Кецкаров, Александар Чакаров и Лазар Димитров за Охридскиот револуционерен реон. Бил делегат на третото заседание на Смилевскиот конгрес на ВМОРО.[6] Избран бил и за горски началник на Малесија.

За време на востанието, четата раководена од Тасе Христов, го нападнала аскерот во село Елевци. Се воделе редица борби, заобиколени од редовен аскер и башибузучки одреди од Жупа . На 4 август се префрлиле во Горен Дебар, каде ги продолжиле дејствата заедно со четите на Смиле Војданов. Во втората половина на септември, откако го собираат и кријат оружјето од демобилизираните чети во регионот, Цветко, Тасе и Дојчин Христови бегаат во Бугарија, водени по разработен канал од кичевскиот војвода Ванчо Србаков[7] За време на Балканските војни, Тасе Христов бил доброволец во Македонските доброволни чети и служел во 3 чета на Шестата охридска дружина.[8] За време на Првата светска војна служел во Единаесеттата македонска пешадиска дивизија на бугарската армија.[9] По војната се вклучил во обновената ВМРО и на 3 април 1925 година бил назначен од Централниот комитет за војвода на Ресенска околија со 9 четници.[10]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Псевдонимите на ВМРО, Ангел и Христо Узунови, Серија, „Архивата на Ангел Узунов“, Државен Архив на Република Македонија, Скопје, 2015, стр. 93
  2. Николов, Борис. ВМОРО - псевдоними и шифри 1893-1934, Звезди, 1999, стр. 6
  3. Кратка биографија на Цветко Христов
  4. Русински, Никола, „Принос към историята на Вътрешната Македоно-Одринска Революционна Организация (градивен период) за времето 1900-1903 г.“
  5. Николов, Тома, „Спомени от моето минало“, Изд. на Отеч. фронт, София, 1989.
  6. Билярски и Бурилкова, „Васил Чекаларов, Дневник 1901-1903 г.“, ИК „Синева” София, 2001, стр. 227
  7. Анастасов, Йордан. „Илинденско-Преображенското въстание 1903—1968“, „Спомени на Смиле Войданов“ стр. 204, 206, 210
  8. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 780.
  9. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001., стр. 180-181
  10. Македония История и политическа съдба, Том II, 1912 - 1941 г.“, Колектив, Издателство „Знание“ ООД, София, 1996 г., стр. 168.