Натанаил Кучевишки
| Натанаил | |||||||||||||||||
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| |||||||||||||||||
| Лични податоци | |||||||||||||||||
| Световно име | Нешо Стојанов Бојкикев | ||||||||||||||||
| Роден | 26 октомври 1820 Кучевиште, Отоманско Царство (денешна Македонија) | ||||||||||||||||
| Починал | 1906 Пловдив, Кнежевство Бугарија | ||||||||||||||||
| Вероисповед | Православие | ||||||||||||||||
| Потпис | |||||||||||||||||
Натанаил Кучевишки познат и како Натанаил Охридски и Пловдивски или Натанаил Зографски (родено световно име: Нешо Стојанов Бојкикев; 26 октомври 1820 — 18 септември 1906 ) — егзархиски митрополит на Бугарската егзархија[1] и помaгач на македонското револуционерно ослободително движење во времето на Големата источна криза.
Животопис
[уреди | уреди извор]Ран живот и образование
[уреди | уреди извор]Роден е во село Кучевиште, Скопско во 1820 година, како прво дете на Стојан и Стоја Бојкикеви. Натанаил своето прво образование го стекнал во богатата библиотека на Кучевишкиот манастир „Свети Архангел“, каде учел од 1826 до 1829 година. Потоа продолжил во манастирот „Благовештение Богородично“ крај Побоже (1829–1832) и во келијното училиште при црквата „Свети Спас“ во Кучевиште. Во 1832 година учел во Скопје кај даскал Никола, а во 1835 година заминал за Самоков, каде продолжил со своето образование кај учителот Никола Тонџоров, и каде што учел заедно со Јордан Хаџи Константинов Џинот. Потоа заминал во Прилеп.
Во 1837 г. се замонашува во Зографскиот манастир (Атон) и учи во Духовната семинарија во Кишинев (1838–1844) и во Одеса (1845–1847). Духовната академија ја завршува како кандидат на богословските науки на Киевската духовна академија (1847–1851) со монографски труд за Охридската архиепископија. Патува по Русија, Полска, Чехија, Унгарија, Австрија, Србија, Романија и Турција (1852–1853) и се запознава со истакнати дејци, а со К. Д. Петкович иницираат и создавање на посебно литературно друштво. Кратко време е учител во Зографскиот манастир (1853). Во времето на Кримската војна (1853–1856) подготвува востание во Турција, а потоа станува егзарх на молдавскиот Добровецки манастир (1857–1869).
Охридски митрополит
[уреди | уреди извор]По создавањето на Бугарската егзархија, на 24 септември 1872 година архимандрит Натанаил бил ракоположен од егзархот Антим I за прв митрополит на Егзархијата во Охрид. Но, сепак, тој го добил државното потврдување на овој избор со берат дури во 1874 година, бидејќи Охридската епархија не била помеѓу посочените епархии во ферманот за создавање на Егзархијата од 1870 година. По спроведеното гласање во 1874 година во Охрид и околината, оваа епархија е присоединета кон Егзархијата, откако 9387 христијани се изјасниле дека сакаат епархијата да се приклучи кон Егзархијата, а само 139 христијани гласале против и сакале да останат под јурисдикција на Константинополската патријаршија.[2]
Истата година за егзархиски митрополит во Охрид бил потврден Натанаил Охридски, кој со големо народно празнување бил пречекан во Охрид. Но, интригите на патријаршискиот митрополит во Охрид, Мелетиј, продолжиле и понатаму, па тој успеал да издејствува пред османлиската власт, соборната црква Свети Климент во Охрид, манастирот Свети Наум и црквата во Ресен да останат под негова управа и покрај жестоките противења на народот. Но, откако со поткуп го придобиле на своја страна битолскиот мутесарифин, охриѓани успеале да ја стават под власта на Егзархијата црквата Свети Климент, а останатите две цркви уште долго останале под управа на Мелетиј и патријаршистите.[2] На Мелетиј во Охрид му бил отстапен храмот Свети Врачи во кој продолжиле да богослужуваат малубројните приврзаници на Патријаршијата. Интригите на Мелетиј продолжиле и понатака, па така во овој период повеќемина охриѓани, меѓу кои и Григор Прличев, биле осудени по обвинение дека се приврзаници на идејата за панславизмот и биле затворени. Во меѓувреме, по формирањето на Охридската егзархиска епархија, од 1872 година Мелетиј се преместил во Крушево, кое станало седиште на патријаршиската епархија.[2]
Откако застанал на чело на Охридската егзархиска епархија, зедно со својот секретар Стојан Костов, Натанаил подготвил детално изложување кое се однесувало на злоупотребите на османлиската власт. Документот бил потпишан од претставници на Охридската каза и испратен до Цариградската конференција од 1876-1877 година. При избувнувањето на Руско-турската војна во 1877 година, Натанаил отпатувал во Цариград.[2]
Преминување во Бугарија
[уреди | уреди извор]
Од Цариград тајно се префрла во Пловдив по неговото ослободување од руските војски каде ќе престојува кратко време. Потоа преку Софија пристигнува во Ќустендил и станува еден од организаторите на Македонското (Кресненското) востание. Формира доброволечки чети и благотворителни комитети во пограничните реони на Бугарија спрема Отоманското Царство и се поврзува со познатите македонски војводи Дедо Иљо Малешевски и Димитар Поп-Георгиев Беровски.
Сепак во пресудните моменти застанува на страната на софискиот комитет „Единство“ кој ги застапувал бугарските интереси во Македонија, но неговите заложби успеваат да го спасат од ликвидација и да го ослободат од ќустендилскиот затвор Димитар Поп-Георгиев Беровски. По неуспехот на востанието егзархијата го назначува за управник во Ловчанската епархија. Од 1891 до крајот на животот е на функцијата митрополит во Пловдив.
Дела
[уреди | уреди извор]Автор е на трудови со црковно-историски и автобиографски карактер каков што е „Жизнеописание митрополита охирдско-пловдискаго Натанаила-автобиографични бележки“.
- Служенїе евреиско... . 1839, Солун;
- Зерцало или огледало... . 1847, Москва;
- Свѧтıтелькое поучéнїе. 1847, Москва;
- Кратко хрнстıаnско nаставѥnиѥ. 1853, Прага;
- Краткое сказанıе.... 1858, Цариградъ;
- Кратко изъясненıе на Божественна литургıя. 1864, Браила;
- Приѧтелскоѥ пнсмо отъ Блъгарина къ Грькү. 1852, Прага;
- Произшествıе въ Скопска епархıа отъ 1860 до 1865 година. 1865, Браила;
- Бᴕкварь славено-блгарскıи заради училище на Скопско Черногорско село Кучевиста. 1865, Букурещь;
- За Юстинıановы права на Охридска Архıепископıя... . 1873, Цариградъ;
- Жизнеописание митрополита охридо-пловдискаго Натанаила (автобиографични бѣлѣжки). 1909. Сборникъ за народни умотворения, кн. XXV, София.
Белешки
[уреди | уреди извор]- ↑ Како митрополит на Бугарската егзархија, која во тој период е во шизма со Цариградската патријаршија. Патријаршиски митрополит Охридски во тој период е Мелетиј.
- ↑ Митрополитот Натанаил престојувал во Охрид само во периодот од 1874 – 1877.
- ↑ Како митрополит на Бугарската егзархија. Патријаршиски митрополит Пловдивски во тој период е Фотиј Маниатис.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Натанаил Охридски - „Жизнеописание Митрополита Охридо-Пловдивскаго Натанаила (Автобиографични бѣлѣжки)“, София, 1909, Държавна Печатница, стр. 4
- 1 2 3 4 Недески, Виктор (2022). „Црковните прилики во Охридската епархија во втората половина на XIX век“ (PDF). Зборник на трудови: 70 години Завод и музеј-Струмица: 101–109.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]| Духовни титули | ||
|---|---|---|
| Претходник ' |
Охридски митрополит 1872–1880 |
Наследник Синесиј |
| Претходник Панарет |
Пловдивски митрополит 1891–1906 |
Наследник Максим |