Георги Герџиковиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Георги Герџиков (иќ)
Роден 1880
Гевгелија, Македонија
Починал 1911
Солун, денес Грција

Георги Герџиков (иќ) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член на Македонскиот клуб од Белград, во текот на својата дејност одржувал контакти со Српското четничко движење од Белград и Македонската револуционерна организација. Тој е еден од по истакнатите претставници на македонската емиграција во Србија, бил српски офицер, учесник во Илинденското востание и се залагал за автономна Македонија во рамките на една балканска федерација.

Животопис[уреди | уреди извор]

Роден е како Георги Герџиков во 1880 година во Гевгелија, тогаш во Отоманското Царство. Завршил во француското трговско училиште Гир во Солун, а во 1900 година - воена академија во Белград, Србија, и стапил на служба во српската армија. При избувнување на Илинденското востание ја напушта Србија и станал војвода на чета во одредот на полковникот Анастас Јанков [1]. По востанието, во 1904 година Герџиковиќ посредувал помеѓу србоманската чета на Мицко Крстевски и Македонската револуционерна организација, меѓутоа неуспешно [2]. Во 1905 година, Герџиковиќ заедно со воденчанецот Григорие Хаџи Ташковиќ, почнале да се приклонуваат кон Српското четничко движење на Јован Атанацковиќ и Милорад Гоќевац, надевајќи се дека ќе добијат помош за македонското револуционерно ослободително дело, а истовремено ги продолжиле и своите врски со Македонската револуционерна организација. Во овој период во Белград почнале да го издаваат весникот Автономна Македонија. Овој весникот ја бранел идејата дека Македонското прашање не е прашање на ниту една балканска држава и се залагал за автономна Македонија, како дел од една балканска федерација. Герџиковиќ и Хаџи Ташковиќ во весникот Дневни лист истакнале:

Ние знаеме дека против себе и против идејата која ја проповедаме од името на цела група, го имаме целото општествено мнение на Србија, со исклучок на неколку чесни луѓе, кои за нас го претставуваат најдобриот дел на српската општественост. Ако, и покрај сè, одлучуваме да се впуштиме во една толку тешка работа, тоа се должи на нашата чиста совест и на нашата најдлабока увереност, дека работејќи на тој пат, ние не стануваме предавници на Србија, ниту, пак ги продаваме нејзините интерси. Ние сме неповратно решени да работиме за ослободувањето на нашата татковина (Македонија б.н), притоа воопшто не водејќи сметка кому тоа се допаѓа, а кому не, без да му го признаеме некому правото за тоа повеќе да се грижи од сопствените синови на таа земја, независно од верата и народноста...[3]

Продолжението на овој исказ е многу интересно. Авторите, на еден многу луциден начин, како да сакаат да го означат дефинитивниот неуспех и пропаста на велико-српската пропаганда во Македонија, слично како што и Лозарите претходно (но и автономистите во ВМРО) ја најавија на подолг рок пропаста на велико-бугарската национална идеја...

“…Нашето движење ги претставува последните усилби на македонските „срби“ да го усогласат своето ослободение со интересите на Србија, како држава. Честа на тој народ и достоинството на таа држава изискуваат да ни се дозволи да дејствуваме и да се развиваме тука слободно.”[4]

Нормално, српските националисти ја сфатиле пораката и реагирале бурно[5]... А веќе во првиот број на весникот „Автономна Македонија“ било истакнато:

— “…Воодушевени и поттикнати од нашата правичност, ние уште сега им кажуваме на нашите ‘пиемонтисти’: ние Македонците сме уверени дека ќе им го наложиме својот политички идеал на сите оние со коишто сме во допир.”[6]

По конфликт со дејците на Српскиот комитет бил принуден да го напушти Белград и работел како службеник во Бугарската народна банка [7]. Во 1908 година Герџиковиќ бил близок со Јане Сандански и неговите идеии [8]. По Младотурската револуција во 1908 година работел како администратор на весникот Конституциона зора во Солун. Починал од туберкулоза во 1911 година.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. [Силянов, Христо. „Освободителните борби на Македония“, том I, София, 1933, стр. 342.]
  2. [Силянов, Христо. „Освободителните борби на Македония“, том II, София, 1943, стр. 292.]
  3. цитирано од весник Ден, бр. 611, 9 септември, 1905 година
  4. [Силянов, Христо. „Освободителните борби на Македония“, том II, София, 1943, стр. 467]
  5. [Силянов, Христо. „Освободителните борби на Македония“, том II, София, 1943, стр. 468 - 470]
  6. [Силянов, Христо. „Освободителните борби на Македония“, том II, София, 1943, стр. 468]
  7. [\Силянов, Христо. „Освободителните борби на Македония“, том II, София, 1943, стр. 466 - 480.]
  8. [Силянов, Христо. „Освободителните борби на Македония“, том II, София, 1943, стр. 466 - 497.]