Локвица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Локвица
Lokvica-MK.JPG

Поглед на селото Локвица

Локвица се наоѓа во Republic of Macedonia
Локвица
Местоположба на Локвица во Македонија
Координати 41°34′31″ СГШ 21°16′32″ ИГД / 
Регион Logo of Southwestern Region, Macedonia.svg Југозападен
Општина Coat of arms of Makedonski Brod Municipality (2012).svg Македонски Брод
Област Порече
Население 99[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 6530
Повик. бр. 045
Надм. вис. 800 м
Мреж. место Локвица
Commons-logo.svg Локвица на Ризницата


Локвица — село во Општина Македонски Брод, во областа Порече, во околината на градот Македонски Брод.

Етимологија[уреди | уреди извор]

Името на селото Локвица доаѓа од македонскиот збор локва кој означува место односно вдлабнатина во која што се задржува (дождовна) вода. Според кажувањата забележани во некои записи селото го добило името по локвата која се наоѓа во еден вртач на јужната страна од селото.[2] Имено оваа помала локва, која и денес постои и се користи од ловците на дивеч, се наоѓа на самиот врв на планинскиот гребен веднаш југ-југоисточно над селото од каде што започнува трасата на цевките за водоводот. Во околината над самото село има неколку други локви со вода, од чие што постоење веројатно селото го добило своето име. При искачувањето на падината Бел Камен во подножјето на планината Даутица, пред влезот на селото, од левата страна на патот има бара, локва вода која не пресушува цела година и по која населбата го добила името.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Издвоеното маало Тодоровци

Селото се наоѓа во областа Порече, на источната страна на територијата на Општина Македонски Брод, чиј атар се издигнува на планината Даутица.[3]

Поточно, селото Локвица се наоѓа на источниот раб на поречкиот басен, а лежи во подножјето на отсек од некогашниот праисториски езерски брег висок 900 метри.[2] Самото село Локвица е сместено во мала зарамнета котлина окружена со високи планински гребени од сите страни и тоа Осој (1285 м.н.в.) на Даутица на исток, Лаишта (889 м.н.в.) на југ, Голиње (920 м.) и Орлов Камен (914 м.) на запад и Рупиште (808 м.) на север. Непосредно северно од селото се наоѓаат обработените ниви, а веднаш на југоисток над самото село низ Богданов Дол се наоѓа изѕиданата цевководна траса на водоводот која преку месноста Јасика завршува кај местото Долга Рупа и ловџиската локва на врвот на билото висок 1130 метри во правецот над Крапа.

Селото е ридско, на надморска височина од 800 метри. Од градот Македонски Брод е оддалечено 11 километри.[3] До селото води асфалтен пат, кој се двои кај пештерата Пешна.

Најблиски соседни села се Крапа на југоисток и Вир на север, а преку земјен и наместа калдрмисан пешачки пат Локвица на север е поврзана со маалото Старовци во селото Црешнево.

Локвица има мошне голем атар, кој зафаќа површина од 39,4 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 2.685 хектар, на пасиштата отпаѓаат 479 хектари, а на обработливото земјиште 382 хектари.[3]

Од 1975 година е асфалтиран патот и улиците низ населбата. Изграден е водовод во должина од 18 километри. Водата се каптира од Крапска Река, од месноста „Грамада“, со капацитет не само за домаќинствата, туку и за наводнување на нивите и градините. Во минатото, жителите се снабдувале со вода од бунари длабоки и до 20 метри. Секоја куќа имала бунар.

Историja[уреди | уреди извор]

Асфалтниот пат до селото

Според народното предание селото Локвица настанало од едно семејство и доселени домазети.[2]

Селото Локвица е доста старо и за него постојат записи уште од средновековниот период, односно од XV век. Според истражувањата на Милан Ристески, кои се засноваат на пописниот дефтер од 1467 година, Локвица имала четиринаесет домаќинства.

Во XIX век, Локвица било село во Поречката нахија на Кичевската каза на Отоманското Царство.

За време на илинденскиот период населението било изложено на брутални репресии од отоманската власт. Него го карактеризираат случувањата на Комитетот на организацијата што го создале Ѓорѓи Сугаре и Ѓурчин Секулоски во 1902 година, во куќата на поп Мицко кој бил избран за началник. По неуспехот на Илинденското востание не згаснала револуционерната мисла за национално ослободување кај македонското население. Војводите продолжиле со четите да дејствуваат повлечени во своите реони. Војводата Арсо се повлекол во Крапската Планина. Селаните од Локвица, Црешнево и Крапа ги обезбедувале со храна.

Во септември 1903 година Ибраим ефенди дошол да собира данок. Османлиите биле бесни. Тие му наредиле на селскиот коџобашија Јован Трајкоски да ги собере селаните во куќата Попоска. Коџобашијата се обидел да ги заштити селаните, но Ибраим почнал прво да удира по него. Кога арачлиите се враќале од селото, Арсо Војводата ги пречекал кај Пешна. Во борбите загинале неколку сејмени, а бил ранет и еден комита. Воденичарите Трајко Сеиџимоски и Огнен Кимбески го засолниле ранетиот комита. По преврзувањето го однеле кај коџобашијата за да го однесат во трлото Кицеско и таму да го лекуваат. Османлиската власт испратила аскер во Локвица. По крвта што капела од ранетиот комита ги фатиле воденичарите. Од тепањето тие не можеле да издржат, а да не кажат каде е ранетиот комита. Аскерот го блокирал селото и ги собрале сите селани и почнале да го тепаат попот Мицко и Трајко коџобашијата. Турците успеале да го фатат ранетиот комита и го натерале да ги покажува селаните кои биле вклучени во организацијата од куќа на куќа. Фатените селани биле собрани и протерани во Кичево. Оттаму биле префрлени во Битола и осудени на 101 година затвор: Поп Мицко Трајкоски, Јован Трајкоски, Костадин Војноски, Томе Војноски (син на Костадин), Аризанко Кочоски, Јованче Брајаноски, Велко Попоски, Никодин Ѓорѓиоски, Митре Стојаноски, Стојко Видески, Нове Видески, Стојан Тодоровски, Аризанко Тодоровски, Трајко Сеиџимоски, Огнен Кебески, Димко Павловски и Јованче Стојаноски. Осудените биле протерани во Анадолија во Дијарбакир. По уриетот во 1908 година ослободени се поп Мицко и Трајко Прошески, а другите умреле како последица на мачењето, темницата и слабата исхрана.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Селото има мешовита земјоделска функција.[3]

Локвица е на надморска височина од 850 м и во неа виреел тутунот и пченицата. При врнежливи години се соборувале рекорди во приноси по хектар од овие култури. Во недостиг на вода за наводнување се носеле во буриња од изворите во Пешна.

Население[уреди | уреди извор]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Локвица имало 840 жители, сите Македонци.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Локвица имало 136 жители.[5]

Од Локвица се иселил поголемиот дел од населението, па така селото во 1961 година имало 870 жители, а во 1994 година бројот се намалил дури на 119 жители, македонско население.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Локвица имало 99 жители, сите Македонци.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[6] 1905[7] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 840 136 781 868 870 567 208 132 119 99
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[8]

Родови[уреди | уреди извор]

Локвица отсекогаш па сѐ до денес е населена исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед. Староседелски родови за чие потекло односно старина на доселување не се знае се: Тодоровци, Илиовци, Ѓорговци и Бачовци-Кусовци, сите потекнуваат од еден заеднички род, а Бачовци се нарекуваат така поради тоа што еден нивен предок бил бач и уште го носат прекарот Кусовци затоа што се „куси“ односно „мали“ (ниски) по раст.[2]

Доселени македонски родови се: Домазетовци од с. Зрзе во Прилепско Поле каде сѐ уште имаат родовска гранка и Војчевци доселени од поречкото село Суводол од родот Србиновци кој таму се доселил од раселеното село Барбарас.[2] Сите родови во селото слават Св. Димитрија, а преслава е Света Петка, за што според кажување едната слава ја примиле подоцна за да се избегнат трошоците околу прославата.[2]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Полициска станица — сместена над селото, изградена уште во турско време, која што била во функција до педесеттите години после Втората светска војна. До војната, седиштето на општината се наоѓало во Локвица, а по ослободувањето е преместено во Македонски Брод.
  • Основно училиште „Мирче Ацев“ — централно училиште во кое учеле ученици и од околните села: Крапа, Вир и Црешнево. Во училиштето учеле од четиристотини до шестотини деца. Денес, тоа училиште е срушено и на неговото место почна да се гради објект, кој што требаше да биде Еколошки факултет, но поради недостиг на средства изградбата е прекината.
  • Задруга — создадена во 1948 година како набавна продавница.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Димитриј“
Средновековната црква „Св. Атанасиј“, подоцна преѕидувана

Селото влегува во рамките на Општина Македонски Брод, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе била придодадена поранешната Општина Самоков. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Македонски Брод.

Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Модриште, во која влегувале селата Белица, Вир, Калуѓерец, Локвица, Могилец, Модриште и Црешнево.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Модриште, во која покрај селото Локвица се наоѓале селата Белица, Брезница, Вир, Калуѓерец, Могилец, Модриште, Тажево и Црешнево.

Во периодот 1955-1957, селото било дел од тогашната општина Манастирец.

Во периодот 1957-1965, селото се наоѓало во некогашната општина Брод.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Брод.

Изборно место[уреди | уреди извор]

Во селото постои изборно место бр. 0238 според Државната изборна комисија, кое е сместено во приватна просторија.[9]

На локалните избори во 2017 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 49 гласачи.[10]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[11]

Личности[уреди | уреди извор]

Родени в Локвица

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Селото броело многу жители, но по 1966 година завладеале големи суши и населението немало од што да живее. Тогаш бил и големиот бран на миграција во градовите, па така од селото се иселил поголемиот дел од населението.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“. Завод за статистика на Македонија. 2002. http://www.stat.gov.mk/Publikacii/knigaX.pdf. посет. 23 октомври 2017 г. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Јовановиќ, Петар (1935) (на српски јазик). Порече. Српски етнографски зборник. 28. Белград: СКА. стр. 320–321. 
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 182. https://commons.wikimedia.org/wiki/File:%D0%95%D0%BD%D1%86%D0%B8%D0%BA%D0%BB%D0%BE%D0%BF%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0_%D0%BD%D0%B0_%D1%81%D0%B5%D0%BB%D0%B0%D1%82%D0%B0_%D0%B2%D0%BE_%D0%A0%D0%B5%D0%BF%D1%83%D0%B1%D0%BB%D0%B8%D0%BA%D0%B0_%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0.pdf. посет. 23 октомври 2017 г. 
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 257.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 154-155.
  6. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  7. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  8. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. http://makstat.stat.gov.mk/PXWeb/pxweb/mk/MakStat/MakStat__Popisi__PopisNaNaselenie__PopisiNaseleniMesta/Popisi_nm_1948_2002_NasPoVozrPol_mk.px/?rxid=46ee0f64-2992-4b45-a2d9-cb4e5f7ec5ef. 
  9. „Описи на ИМ“. http://mojotizbor.mk/arhiva/parlamentarni-izbori-2011/9-uncategorised/194-opisi-na-izbiracki-mesto.html. посет. 16 октомври 2017 г. 
  10. „Локални избори 2017“. https://rezultati.sec.mk/Local/Results?cs=mk-MK&r=r&rd=r1&eu=All&m=51&ps=339. посет. 16 октомври 2017 г. 
  11. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]