Историја на Струмица
Струмица |
---|
Историјата на денешниот град Струмица се однесува на градот кој бил основен во 4 век п.н.е. и бил познат како Астрајон, кој во текот на византиско-словенскиот период бил познат како Тивериопол и Струмица, за да во османлискиот период биде познат како Устурумџа. По распаѓањето на Отоманското Царство, Струмица по крајот на Балканските војни била вклучена во составот на Царство Бугарија, за да по крајот на Првата светска војна биде отстапена на Кралство СХС. По крајот на Втората светска војна, Струмица била вклучена во составот на СФРЈ, а по нејзиното распаѓање, формално во Република Македонија.
Етимологија
[уреди | уреди извор]Настанувањето и развитокот на Струмица во најраниот период од нејзината историја тешко може да се следи поради недостиг на повеќе и сигурни историски извори. Од времето на Пајонците се споменуваат градовите Добер, Астрајон и Иорон. Што се однесува до Добер, научниците се согласни дека тој не се наоѓал ниту на местото, ниту пак во близина на Струмица. Но, нивните мислења се разидуваат при поблиското лоцирање на овој град од периодот на антиката. Некои автори сметаат дека Добер се наоѓал на местото на Дојран, изведувајќи го доста произволно неговото име од античкиот Добер, додека пак други Добер го лоцираат кај струмичкото село Габрово, во подножјето на планината Беласица. Професорката на Филозофскиот факултет во Белград Фанула Папазоглу го локализирала градот Добер северно од Струмица, во подножјето на планината Огражден, кај струмичкото село Доброшинци.[1]
Додека Добер бил подалеку од Струмица, градот Астрајон лежел или на местото на денешна Струмица или сосема близу до неа. Со тоа се согласни мнозинството автори и познавачи на античката историја на Македонија кои Астрајон го идентификуваат со Струмица. Од друга страна и сличноста на старото име Астрајон со словенското Струмица, кое претставува изменета и словенизирана форма на античкото нејзино име, ја потврдува оваа претпоставка. Од друга страна, словенскиот назив Струмица за градот и за истоимената река стои во најтесна врска со називот на реката Струма, во античко време нарекувана Стримон. Струмица всушност претставува деминутив, изведен од Струма. Очигледно е дека античката традиција и овде силно навлегла во македонското средновековие.
Денешната Струмичка тврдина „Цареви кули“, била изградена далеку подоцна. Според тоа, античкиот Астрајон и средновековна Струмица го имале како заедничко само местоположбата на која се наоѓале (и тоа не потполно) и сличноста во имињата. Не се потполно разјаснети и прашањата кога и зошто градот се нарекол Тивериопол (Тивериополис) и до кога го носел ваквото свое име. По сè изгледа дека името Тивериопол било повеќе официјално, се употребувало долго време во византиската администрација и особено — во христијанската црковна традиција. Но паралелно со Тивериопол се употребувало и сè повеќе се наложувало и неговото словенско име Струмица. Во словенските писмени извори од средновековно доба (бугарски и српски) тој се споменува само со името Струмица. А тоа покажува дека градот во исто време носел две имиња — едното (Тивериопол) кое било официјално римско-византиско и црковно, и второто — (Струмица), кое било народно, словенско и изведено од античкото[1].
Додека називот Тивериопол неспорно постоел, мислењата во науката се разидуваат по прашањето кога и зошто Струмица се преименувала, добивајќи го ова свое ново име. Притоа постојат две спротивни гледишта. Некои автори, изоставајќи го прашањето за врската меѓу античкиот Астрајон и средновековна Струмица, тврдат дека Тивериопол постоел уште во римско време, а Словените по нивното доаѓање, него едноставно го нарекле Струмица. Ова слабо аргументирано гледиште, треба да се отфрли, што многумина сериозни автори и го прават, посочувајќи на фактот дека во писмените извори името Тивериопол не се среќава порано од XI век од нашата ера. Притоа, некои од оваа, прва група на автори, името Тивериопол („Град на Тибериј“) го изведуваат од името на некој римски или византиски цар по име Тибериј. Од историјата е познато дека такви имало тројца: еден римски (од почетокот на I век во нашата ера) и двајца византиски кои владееле значително подоцна — првиот од 578 до 582 година, и вториот, од 698 до 705 година. Ова гледиште е слабо аргументирано и може да се смета поскоро за слободно составена претпоставка, отколку за научна вистина. Пообразложено и поаргументирано треба да се смета гледиштето на втората група автори, според кои, преименувањето на Струмица во Тивериопол е сврзано со култот на Светите Петнаесет тивериополски маченици. Имено, во почетокот на IX век, за време на византискиот цар Никифор I, во Струмичко било населено христијанско население од градот Тибериопол кој се наоѓал во областа Витинија, во Мала Азија. Според Васил Златарски овие малоазиски колонисти подигнале нова населба, на просторот меѓу денешните села Баница и Водоча, на која и го дале името Тибериопол. Нешто подоцна до Струмичко навлегле ордите на бугарскиот хан Крум кои ја разрушиле новопостроената населба. Но култот на Светите Петнаесет тивериополски маченици фатил длабоки корени.
Според една од легендите, градот бил изграден од римскиот цар Тибериј и определен за резиденција на неговата ќерка Струма. Нејзиниот гроб, наводно, се наоѓал кај денешното село Баница. И токму според името на оваа царска ќерка, подоцна и градот и реката биле наречени со името Струмица.
Антички период
[уреди | уреди извор]Почетокот на континуираното живеење во Струмица и во непосредната околина според археолошките истражувања, датира од 4 век п.н.е. (неолитска населба Страната кај с.Ангелци), а во непосредната близина на Струмица, поточно на Цареви Кули, е констатирана праисториска култура која егзистирала од времето на доцното бакарно време до раната бронза (почеток на IV- до сред на III милениум п.н.е).
Под името Астрајон, градот за првпат во пишаните извори се среќава кај римскиот историчар Тит Ливиј, во 181 година пред новата ера, во врска со убиството на Деметриј братот на македонскиот крал Персеј (179-168 п.н.е), односно синот на Филип V (221-179 п.н.е). Името Астрајон градот го добил по пајонското племе, Астраи. Во 168 п.н.е., Македонија паднала под римски протекторат и била поделена на четири мериди, а Астрајон припаднал на втората мерида. Во 148 п.н.е. Македонија станала римска провинција. Во римскиот период градот го променил своето име во Тивериопол, за што ни сведочи мермерниот постамент, посветен на патронот Тибериј Клавдиј Менон, од крајот на 2 век и почетокот на 3 век. Во времето на римскиот цар Јулијан Отпадник (361-363) во Тивериопол биле погубени Св. 15-те Тивериополски свештеномаченици.
Во 395 година Римското Царство се распаднало на два дела, а Македонија припаднала на Источното Римско Царство. Потоа Тивериопол се наоѓал во составот на провинцијата Macedonia Salutaris (крај на 4 век) и провинцијата Macedonia Secunda (крај на 5 век). За постоењето на градската населба од тој период сведочи доцноантичката урбана палата Мачук. Освен ова археолошко наоѓалиште, во градот Струмица се откриени и следните наоѓалишта: Марково Кале, Градско паркче, Катастарска парцела 3730, Самарница[2].
Среден век
[уреди | уреди извор]Византиско-словенски период
[уреди | уреди извор]Со преселбата на Словените, која се одвивала во периодот од осумдесеттите години на 6 век до триесеттите години на 7 век, градот доживеал големи разурнувања. На овие простори се населило словенското племе Струмјани, кое го добило своето име по реката Стримон, која тие ја преименувале во Струма[3]. Струмичката област се наоѓала зад Солун, а во нападите на овој град секогаш земале активно учество и Струмјаните. На таков начин, до почетокот на 7 век, Словените ја колонизирале и Струмичката област и се утврдиле во неа. Словенските доселеници, заседнувајќи трајно и во Струмичката област, сосема го измениле нејзиниот етнички карактер. Старото предсловенско население кое дотогаш, според Теофилакт Охридски, си живеело во мир и под власта на Византија, било проретчено, и се изгубило среде Струмјаните кои ја пословенчиле и Струмичката Котлина. На местата од старите разурнати населби, за кои спомнува и Теофилакт, тие изградиле нови градски и селски населби, при што или ги измениле нивните дотогашни називи или им дале свои и сосема нови имиња. Некои автори дури сметаат дека повеќето антички градови по 7 век се претвориле во поголеми словенски села, што е сосема прифатливо[1].
Во времето на своето доселување во Македонија, Словените живееле во родовско-племенски заедници, во свои селски општини. Но, во истото ова време, тие се нашле во состојба на премин од родовско-племенското, бескласно општествено уредување, кон класното општествено и државно уредување. На чело на племенските сојузи застанувале поедини истакнати племенски кнезови. Така, Опсадата на Солун од 614 до 616 година била изведена под водството на кнезот Хацон. Тогаш, според легендата за чудата на Свети Димитриј Солунски кој, наводно го спасил градот од словенските опсади, племенски сојуз формирале племињата Драговити, Сагудати, Велегезити и други[4].
Византискиот цар Констанс II Ираклиј во 658 година презел кампањи против Словените на Балканскиот Полуостров, при што ги поразил сите племиња кои се населиле во Грција и Тракија. Како резултат на тоа, еден дел од македонските Словени биле принудени да ја признаат врховната власт на Византија. Оваа византиска контраофанзива, несомнено, ги погодила и Струмјаните. Легендата за Свети Димитриј Солунски спомнува дека само „Словените од Стримон и Ринхина... делумно мирувале и го одложиле оружјето“. На друго место легендата зборува и поконкретно. Според неа, имено, императорот тргнал со војска собрана од Тракија и соседните земји и започнал војна „против оние од Стримон (Струма) и тоа не прикриено или тајно, туку со претходно објавен поход. Кога овие дознале за тоа, ги зазеле клисурите и укрепените места, се подготвиле за отпор против ромејските трупи, (и) повикувајќи ја на помош сета варварска војска од разни кнезови“. И, наводно, со помошта на солунскиот светец и заштитник, Византиците „ги исклале нивните најхрабри и најдобри хоплити (пешаци, со тешко вооружување б. н. ) во оние нивни заседи што тие (Словените) ги имале подготвено и се разбега сето варварско племе...“ Тогаш Словените, претрпувајќи краен пораз, „започнале да зборуваат за мир“[1].
Наследниците на Констанс II продолжиле да преземаат воени походи против Склавините. Од крајот на 8 век, Византија ја уништила Македонска Славинија и државата ја разделила на кнежевства. Во следниот период, на просторот помеѓу долниот Дунав и Стара Планина, било основано Првото Бугарско Царство, а Струмица подоцна била вклучена во нејзините територии. Во меѓувреме, за да ја зацврсти својата доминација во овој регион, Византија често вршела преселување на словенското население во Мала Азија. Царот Никифор I (802 — 811), според некои извори, наредил „христијани од сите теми (области) да се преселуваат во Склавиниите“. На вакво колонизирање во ова време била подложена и Струмичката област, бидејќи и таа требало да се вклучи во поширокиот одбранбен појас околу Солун. Тогаш од Никифор I и биле колонизирани малоазиските христијани-стратиоти, близу до денешна Струмица, меѓу Баница и Водоча. Својата нова населба тие ја нарекле Тивериопол. Но, наскоро дел од овие колонисти, поради еден бугарски препад кон Струмица, бил принуден да се врати назад. Педесеттина години подоцна бил преземен нов колонизаторски потфат од царот Теофил (829 — 842). Струмичката област добила статус на византиски сојузник, со своја внатрешна самоуправа. Во изворите од ова време Струмичката област се именува како архонтија, т. е. кнежевство. Отпрвин во неа управувале домашни словенски кнезови, кои дури подоцна биле сменувани од Византици. Нешто подоцна Византија ја уништила автономијата на Струмјаните во долниот тек на Струма и околу морето, трансформирајќи ја оваа област во своја административна единица, тема, со седиште во Сер.
Бугарско Царство
[уреди | уреди извор]До кон средината на 9 век бугарските цареви Пресијан (836–852), а потоа и Борис I (852—889), проширувајќи ги постепено границите на Првото Бугарско Царство кон Македонија, ја вклучиле и Струмичката област во пределите на Бугарија. Проширувањето на територијата на Бугарија продолжила и во времето Симеон I, а границата на Бугарија се придвижила на 20 километри од Солун.[5].
Вклучувајќи ги земјите на Струмјаните во својата држава, Борис нив ги организирал во новоосновани воено-административни единици, наречени комитати, на чело со управители-комеси. Меѓутоа, новото организирање на воено-административната власт, изгледа, не можела, а Борис и не сакал веднаш и со еден удар да го уништи дотогашното племенско сродство и меѓусебната поврзаност на словенските селски општини. Тој оставил за комеси и некои домашни родовски првенци. Според архиепископот Теофилакт Охридски, како такви се спомнуваат комесот Таридин кај Борис за Брегалничката област, и комесот Дристeр, нешто подоцна, за Струмичката област[6]. Струмичката област останала во составот на Првото Бугарско Царство до неговото уништување во 971 година, кога за кратко време областа била освоена повторно од Византија до Второто востание на Самоил[1].
Христијанизација
[уреди | уреди извор]Византија мошне рано започнала да го шири христијанството на овие простори и да ја наложува својата црковна организација. Сите контраофанзивни воени походи на византиските цареви, почнувајќи со походот на Констанс II Ираклиј против Словените, биле проследени и со христијанизаторски акции. Заедно со новата вера пак, се ширела и византиската култура, со што се настојувало Словените да се вклучат во византиската културна сфера и трајно да се приврзат за византиските интереси. Со ваква мисија најверојатно и словенскиот просветител Св. Методиј Солунски престојувал во Македонија десетина години како византиски царски намесник спроведувајќи ја т.н. Брегалничка мисија. Оскудните пишани податоци малку кажуваат со која област во Македонија управувал Методиј, поради што во науката постојат неколку гледишта, а според едно од нив, Методиј управувал во Струмичката област. Според Методиевото житие, кога тој ја заземал управителската функција, него го посетил брат му Константин (Кирил) и тие двајцата „го проповедале христијанството и по Брегалница“. Кирил тогаш покрстил илјадници Словени. Некои автори во прилог на ова гледиште ги посочуваат и народните преданија преданија со црквата кај селото Водоча и тврдат дека по реката Водочница („Бела Река“) Методиј, исто така покрстувал Словени.
Натамошното проширување, затврдување и конечна победа на христијанството меѓу Македонските Словени, па и во Струмичко, било поврзано и со државниот акт на кнезот Борис I од 864 година кога тој христијанството го прогласил за државна вера[7][8], како и со просветителската дејност, особено на Климент Охридски. Веднаш по покрстувањето во земјата избувнал бунт во круговите на неколку незадоволни бугарски провинции. Бертинските летописи опишуваат како Борис со неколкумина верни поданици успеал не само да се спаси туку и да го задуши бунтот и ги зароби противниците[9][10]. Се смета дека во овој крај како ученик на Светите Кирил и Методиј Солунски дејствувал и Свети Климент Охридски, кој според преданието и потекнувал од Струмичко. Во еден список на епископи, којшто се однесува на ова време, името Климент е означено како епископ Тивериополски[11] и дека Струмица, уште пред Климентово време, била седиште на христијанска епископија. Со Тивериопол пак, во црковната администрација, долго време била регистрирана Струмица.
Паралелно со христијанизирањето и со затврдувањето на бугарската власт во Македонија, Македонија ја зафатил забрзан процес на феудализација на општествените односи. Процесот на феудализација примил особено жестока форма во времето на Симеон I (893—927), кој водел долготрајни и исцрпувачки војни како и на неговиот наследник Петар I (927—969). Во времето на Петар се појавило и богомилството. Власта и официјалната христијанска црква жестоко ги прогонувале богомилите, поради што богомилството замрело.
Самоилово Царство
[уреди | уреди извор]Веднаш по смртта на бугарскиот цар Петар (јануари 969) во Македонија избувнало востание насочено против централната бугарска државна власт[12]. На чело на востанието застанале четворицата браќа Давид, Мојсеј, Арон и Самоил, синови на брсјачкиот комес Никола, коишто византиските автори ги именуваат како комитопули. Несомнено е дека во условите на забрзаната феудализација во Македонија и таткото Никола, и четворицата негови синови, придобиле извесна самостојност што им послужила како база за натамошно политичко осамостојување. Мојсеј своето седиште го имал во градот Струмица. Одовде тој, кон 976—977 година, ја преминал реката Струма, се спуштил на југ, и ги насочил своите напади против Сер, каде што под неговите ѕидови и загинал. По смртта на Мојсеј Струмичката област ја зел Арон, но откога и тој наскоро го изгубил животот. По неуспешното востание, во 976 година било дигнато ново востание против Византија[13][14][15] по кое била основано Самоиловото Царство со центар околу Преспа и Охрид, но тоа веднаш ја опфатило цела Македонија. Со пренесувањето на седиштето на царствто од Преспа во Охрид, Охридската архиепископија била подигнета во ранг на патријаршија. Смртта на самоиловите браќа му овозможило на Самоил да застане на престолот. Во следните години неговото царство значително се проширило.
Од почетокот на 11 век царот Василиј II (976-1025) презел голема офанзива против Самоил. Самоил обрнал специјално внимание на одбраната на градот Струмица и неговата област. Покрај утврдувањето на градот и околните тврдини, изградил прегради по патиштата, распоредувајќи исто така на овој терен и големи воени сили. Причината поради која Самоил и давал големо значање на одбраната на овој крај е во тесна врска со фактот што Василиј, од кај реката Струма, по обичај, „секоја година“ навлегувал во централна Македонија по „Царскиот пат,“ кој водел по текот на река Струмица. Имајќи го сето тоа предвид, според Јован Скилица, Самоил одлучил да го прегради пристапот на византискиот цар во теснината наречена „Кимба Лонга,“ т.е. најтесното место „Клидион“[16]. Додека „Клидион“ со сигурност може да се потврди дека е теснината меѓу Беласица и Огражден, позната како Клучка клисура, денес на овој простор на бугарска територија постои село кое го носи името Клуч[17]. Држејќи ја цврсто Струмичката тврдина како своја позадинска база, Самоил ја избрал нејзината околина за давање на решителен отпор.
По започнувањето на битката, византиските напади постојано биле одбивани и самиот Василиј се убедил дека преку оваа клисура нема да може да го порази на Самоил, кој пак во исто време преземајќи една воена диверзија од Струмица испратил еден одред кон Солун на чело со војсководачот Несторица, кој претрпел пораз. Откажувајќи се од фронтален напад, византиската команда се определила да примени воена замка. Еден силен одред под командата на пловдивскиот стратег Никифор Ксифијас извршил заобиколно движење, и на 29 јули, сосема неочекувано и со викотници ги нападнал од задгрб бранителите на тврдината. По ова самоиловите војници започнале панично да бегаат кон Струмица, но голем дел од нив биле заробени. Не е познато каде се наоѓал Самоил во овој за него судбоносен ден. Едни автори сметаат дека тој останал во Струмичката тврдина, бидејќи очекувал напади како од исток, така и од југ, од кон Солун додека други сметаат дека се наоѓал во тврдината кај денешното село Мокриево. Како и да е, неговиот син Гаврил Радомир успеал својот татко да го спаси и да овозможи негово пренесување во тврдината во Прилеп, а тој останал да ја брани Струмица. По победата, Василиј тргнал кон Струмица, но наскоро еден друг настан го натерал да се откаже од нејзиното опсадување и да отстапи кон исток. Имено, византискиот цар му наредил на солунскиот стратег Теофилакт Вотанијат, со една единица да го расчисти патот кон Струмица од југ, од кај Костурино и Чам Чифлик, но византиските сили биле поразени а Вотанијат бил убиен. Кога дознал Василиј за ова, наредил како одмазда четиринаесетте илјади пленети Самоилови војници да бидат ослепени и истите да бидат испратени кај Самоил во Прилеп. Една месна легенда раскажува дека ослепувањето на војниците станало западно од Струмица, кај селото Водоча чиешто име, наводно, произлегло од двата збора: „вади очи“. Самоил кога ги видел своите војници, починал а него го наследнил Гаврил Радомир, кој пак бил убиен од братучед му Јован Владислав, кој и му го зел престолот, но наскоро и тој загинал. Термица била освоена најверојатно во 1015 година, додека Струмица му била предадена од страна на војводата Драгомаж, кој допатувал во Сер за да му ги предаде клучевите на градот. Пред Струмица Василиј II го пречекал архиепископот Давид, предавајќи му писмо од царицата — вдовица Марија, жената на Јован Владислав, што исто така молела за привилегии
Откога била уништена Самоиловата држава, Василиј II ја вклучил Македонија во византискиот тематски управен систем, претворајќи ја во одделна административна област, тема, под името Бугарија и со седиште во Скопје. Се изменил и етничкиот состав на населението, а голем дел на грчко население било населено во овие региони. Така во еден попис („практикон") на манастирските имоти во Струмичката област од 12 век, како сведоци се потпишале дванаесетмина видни граѓани, меѓу кои, само половината биле Словени. Од трите повелби на Василиј се дознава дека во 1019 година продолжила да опстојува Струмичката епархија: „Епископ на Струмица да има во самата Струмица, во Радовиш и во Конче 12 клирици и 12 парици“[1].
Период до османлиското освојување
[уреди | уреди извор]Македонија цврсто била вклучена во византискиот феудален систем, а процесот на феудализација до крајот на 12 век веќе бил завршен. Овој процес на народните маси им носел губење на личните слободи и закрепостување, бесконечно зголемување на државните, црковните и феудалните ангарии, даноци и такси, а честопати и најотворено пљачкање. Тоа било и причината во текот на 11 век да се кренат две поголеми, но неуспешни востанија на Петар Делјан во 1040 и на Ѓорѓи Војтех во 1072 година. Но, арената на востаничките дејства, и во обете востанија, не ја зафатиле и Струмичката област.
На самиот почеток од 12 век Струмица повторно се споменува во византиските извори. Имено, при едно свое минување низ Струмица царот Алексиј I Комнин го посетил во 1106 година наскоро основаниот манастир „Света Богородица Елеуса", кај селото Вељуса, при што му подарил земји и имоти.
Крајот на 12 век и почетокот на 13 век во историјата на Македонија биле исполнети со една крајно тешка и анархична положба, во која несигурноста за животот и имотот на луѓето се зголемиле до опасни размери. За еден многу краток период повеќе од десетпати во македонските предели се сменувале нејзините господари. Во услови на слабеење, а потоа и привремено пропаѓање на Византија, на успешните ослободителни востанички и други борби на Срби и Бугари, и во Македонија се појавиле сепаратистички стремежи кај крупните феудалци. Таков бил феудалецот Добромир Хрс со чија појава Струмица станала центар на неговата краткотрајна феудална државица. За потеклото на Хрс нема сигурни податоци, но се знае тоа дека во околу 1185 година Хрс, имајќи ја под контрола Струмичката тврдина и околу 500 војници под своја команда, се прогласил за самостоен господар на Струмичката област.
Добромир Хрс, користејќи се со династичките борби во Византија, со присуството на крстоносците, со навлегувањето на Бугарија од една, и на Србија од друга страна во Македонија, пак ги изневерил Византиците и продолжил да работи на создавањето на своја држава. Тој ја снабдил Струмичката тврдина со потребното оружје и храна, склучил сојуз со бугарскиот цар Калојан и со војска навлегол во Серската област. Потоа се свртел кон долината на Вардар и ја освоил тврдината Просек, на влезот на Вардар во к /лисурата кај денешната Демир Капија, по кое престолнината ја пренесел во Просек. Новиот византиски цар Алексиј III Ангел, започнал поход против Хрс во 1199 година, но порди неуспехот, Византија му ги признала освоените територии на Хрс. По ова, Хрс се оженил со ќерката на византискиот протостратор Маноил Камиц. По првите успеси, според византиските историчари, Алексиј III му ја одзел во 1202 година Струмица која, претставувала негово последно упориште. По исчезнувањето на Хрс, неговите владеења си ги поделиле Византија и Бугарија. Струмица му припаднала на византискиот цар, а Просек — на бугарскиот цар Калојан.
По отстранувањето на Хрс, во Просек се затврдил друг самостоен крупен феудалец — Севастокрар Стрез (1207—1214), близок роднина на убиениот цар Калојан. Во почетокот на 13 век, ја загубил борбата за испразнетиот бугарски престол, по смртта на Калојан, и се засолнил во Србија кај Стефан Немања. Во истото ова време, на исток од Струмичката област, со седиште прво во Родопската област, а потоа во тврдината на Мелник, се одметнал од бугарската држава крупниот феудалец Алексиј Слав. Сојузувајќи се Стрез и Слав, започнале да војуваат на разни страни, при што заеднички освоиле некои земји по средниот тек на Струма. Тогаш Струма, всушност, станала нивна заедничка граница: на исток од неа се наоѓале владеењата на деспот Слав а на запад — земјите на Добромир Стрез. Според тоа, и Струмица, со сета нејзина поблиска околија влегла, но за кратко време, во составот на Стрезовата држава.
Во следните стотина години до паѓањето под српска власт, во Струмичката област повеќепати се промениле нејзините политички владетели. Така, по смртта на Стрез, таа влегла во составот на владеењата на деспот Слав, а по пропаѓањето на Солунското Кралство, била вклучена во Епирско Деспотство. По поразот на Епирците во Битката кај Клокотница, во денешна јужна Бугарија, во 1230 година, и Струмичката област, за еден период од десеттина години, била вклучена восоставот на Второто Бугарско Царство на Иван Асен II, за наскоро по неговата смрт повторно да влезе, за подолго време, во составот на Византија која во 1261 година била обновена. Приближно од ова време, од последните години на византиското владеење овде, се зачувал еден мошне ценет опис на градот и на неговата околија, направен од византискиот историчар и писател Никифор Грегора. Во почетокот на XIV век, византискиот емисар во дворот на српските кралеви Никифор Грегора, се задржал неколку дена во Струмица каде што нашол заштита во градот и во едно од своите писма до Андроник Зарида во 1326 година запишал:
...Следното утро по цел ден одење стигнавме во едно гратче, над облаците, што се вели, Струмица, така некако наречено од месното население, сместено на една откината и ѓаволски висока планина, така што тие што седеа на тврдината, гледани од долината, прилегаа на птици...Таму обично се говорат варварски дијалекти, а начинот на животот необично им одговара на луѓе што се служат со мотика.Звуците што ги произведуваа беа полуварварски, но складни како миксолидиските... и миксофригис-ките. Јазикот што го зборуваа е јазик на овчари, напоменува на јазик на планинци и на оние што ги водат стадата по карпите на ридиштата.[18]
Во следниот период започнало српското освојување на овие простори. Кон крајот на 1283 година кралот Стефан Урош II Милутин навлегол длабоко во Македонија, ги опустошил Струмската и Серската област и кај Кавала Србите првпат излегле на Егејско Море, по кое повторно се повлекле. По доаѓањето на Стефан Душан на српскиот престол тој го освоил од Византија и преостанатиот јужен дел од Македонија (без Солун), приклучувајќи ја неа кон своите дотогашни и наследени владеења. Во походот од 1334 година во српски раце паднала и Струмица. Од друга страна некои податоци укажуваат дека уште пред доаѓањето на Душан на српскиот престол во Струмица веќе се зацврстил самостојниот феудалец, протосевастот Хрељо. Дека феудалецот Хрељо створил своја полунезависна држава на теренот околу Штип и Струмица уште пред 1334 година покажуваа и дарувањата на цркви, имоти и села сосе селаните што тој ги подарил на светогорскиот манастир Хилендар.
По неговата смрт, Струмица останала под српска управа.По конечното вклучување на Струмица и нејзината околија во српската држава, како нејзин царски намесник (управник) се споменува српскиот феудалец кефалија Дабижив, кој веројатно на оваа должност бил поставен од самиот Душан. По смртта на Душан започнало и распаѓање на Српското Царство. Распаѓањето на пространата српска држава особено се засилило по 1366 година кога таа, според Стојан Новаковиќ, се поделила во два дела: јужни и северни држави. Македонија, која покрај Тесалија, Епир и делови од Албанија, влегла во јужниот дел ја заграбиле голем број крупни феудални владетели. Во Сер се зацврстил Јован Углеша, додека во Прилеп - Волкашин. Со земјите помеѓу Сер, Солун и Струмица, до Беласица, т. е. западно од Угљеша господарел војводата Богдан, за кого не се знае скоро ништо поконкретно.
Наспроти феудалната раздробеност и меѓусебните војувања на балканските феудалци, на исток, во Мала Азија, во ова време започнала да израстува една нова политичка сила — државата на Османлиите
Османлиски период
[уреди | уреди извор]Освојување
[уреди | уреди извор]Уште во времето на царот Душан, Османлиите ја пренеле својата власт од азискиот и врз европскиот континент. По распаѓањето на Душановото Царство, на територијата на некогашната српска држава се создале неколку помали феудални држави со локални феудалци. Струмица за краток период била под власта на браќата Дејановиќ. Освојувајќи ги Дарданелите, и особено по паѓањето на Одрин во 1361 година, Османлиите продолжиле со своите освојувања во две насоки: по долината на реката Марица — кон Бугарија, и преку Западна Тракија — кон јужна Македонија. Одлучувачката битка помеѓу Османлиите и Волкашин и Углеша се случила во 1371 година во Битката кај река Марица, кога Османлиите им нанеле голем пораз, а двајцата браќа загинале во битката. Заземањето на македонските градови започнало веднаш по Маричката победа на Османлиите. Во 1382 и 1383година, Османлиите ги зазеле градовите Сер, Штип, Прилеп и Битола, како и Струмица[1]. Досега не е точно утврдено кога точно Струмица паднала под османлиска власт, но според некои историски податоци, во 1383 година на Крит веќе се продавале робови, меѓу кои имало и со потекло од Струмица[19].
15 век - 16 век
[уреди | уреди извор]Струмица во османлискиот период во турската администрација била нарекувана Уструмџе. Струмиџа била центар на Струмичката нахија, и кон неа бил вклучен Радовиш и некои села во Радовишко. Струмичката нахија како основна административно-територијална единица била вклучена во Ќустендилскиот санџак, во кој се наоѓале уште 21 нахии. Целата територија на Ќустендилскиот санџак била поделена на четири кази и тоа: Ќустендилска, Штипска, Врањска и Струмичка каза. Во Струмичката каза биле опфатени подрачја на Струмичко, Малешевско, Бојмија, Конче, Тиквешко, Петричко и Мелничко. Според тоа, власта на струмичкиот кадија се простирала или опфаќала седум нахии.
Во целото царство бил воспоставен спахиско-тимарски систем. Во 1519 година, Струмица и 7 села од Струмичката нахија биле вклучени во хасови, и тоа, едно село во хасовите на санџакот, друго село во хасовите на румелискиот беглер-бег Ферхад-паша, 4 села во Нишанџи-бегот а градот Струмица и селото Бељуса во хасовите на ќустендилскиот санџак-бег Мехмед. Во 1572 година Струмица била хас на ќустендилскиот санџак-бег Јунус-бег.
градот било населено номадско сточарско туркменско население, така што градот го сменил својот лик и започнал да добива ориентален изглед.
Во текот на 15 век, во Отоманското Царство се случиле голем број на муслимански востанија во кои учество имале и христијаните. Најпознати востанија се оние на Муса Челебија (1409-1413) и на Бедредин Симави (1416). Познато е дека во Струмичко Бедредин имал голем број на приврзаници.
Во истиот период во Струмичко започнало да се развива и ајдутството. Тоа посебно може да се заклучи според еден податок од 1502 година кога еден дубровнички трговски караван бил ограбен и биле убиени десет луѓе, по кое од Дубровник во Струмица дошла специјална комисија за истражување на случајот[19].
Тврдината во текот на првата половина од 16 век го изгубила своето значење, бидејќи останала во заднина на Османлиите и поради тоа не ја обновувале. Ова се потврдува од фактот што во 1519 година имало деветчлена посада, во 1530 имало 8 а во 1573 година само 5 члена посада на чело со јаничарот Мустафа[19].
Струмица според пописот од 1519 година имала 2.780 жители, од кои 1.450 христијани, а 1.330 муслимани со 2.040 куќи или 266 муслимански семејства, во 1528-1530 имало 211, во 1566 година имало 442. Во 1568-1573 година имало само три еврејски семејства и 12 цигански. Во тој период се одвивала и засилена исламизација на што се должи зголемениот број на муслимани, 2.200 на пописот од 1570 година, наспроти 1.230 христијани. За овој состав сосема одредено и сигурно зборува еден турски попис (дефтер), од 16 век. Според него во Струмица имало 455 муслимански, 138 христијански и 3 еврејски домаќинства. Во 1560-1582 година Струмица имало 1250 христијани, 2210 муслимани, 15 евреи и 60 цигани или вкупно Струмица имала 3.535 жители. Според овие податоци, повеќе од половината од населението било муслиманско и истото живеело во 16 турски маала. Во градот живееле и неколку угледни турски личности како 3 наиби, 1 шејх, 1 хатиб, 14 имами, 5 музеини, 1 муариф, 1 кајим, 4 мутевелии, 2 муалими, 4 мухасили, 2 луѓе од посада на тврдината, 2 акинџии, 8 јуручки ешкинџии, 13 џелепи, 2 синови на спахии[19].
Христијаните од своја страна живееле во шест маала[19]:
Маало | Семејства | Неженети | Баштини | Вдовици |
---|---|---|---|---|
Пејо Михаил | 19 | 14 | 6 | 2 |
Васил Киро | 49 | 9 | - | 6 |
Пејо Јован | 41 | 21 | 3 | 4 |
Поп Ѓорѓо | 49 | 27 | 3 | 4 |
Велко Јанчо | 25 | 20 | 7 | 7 |
Поп Калко | 25 | 13 | - | - |
Вкупно | 208 | 104 | 19 | 23 |
Градот Струмица во 1570 година плаќал вкупно 92.200 акчиња за разни даноци и такси на државата и на спахиите. Во истата година во Струмичката нахија имало 115 села и 13 мезри.
Во текот на 16 век во Струмица живеел познатиот шејх на хелветијскиот дервишки ред Бали-ефенди, кој починал во февруари 1553 година. Тој оставил важни податоци за градот и напишал дека и по 117 години од смртта на шејк Бередин, во Струмица сè уште има негови следбеници. Во текот на 16 век во Струмичко се појавил и отпор од сточарите кои не сакале на турските власти да им го дадат задолжителниот контигент од овци. Џелепчиите во август 1567 година не можеле да го соберат потребниот број на овци по кое следната 1568 година бил испратен заканувачки ферман во кое се велело: „Џелепчиите без одлагање, најдоцна до Митровден да ги исполнат своите обврски од минатата година како и да го соберат количеството за оваа 1568 година“[19].
Во текот на 1572–1573 година, во Струмица живееле група од неколку соколари. Овој податок бил добиен според пописот според кој во градот имало двајца активни и тројца резервни соколари. Овие соколари имале за задача да ги фаќаат, да ги одгледуваат и да ги дресираат соколите за лов поради потребите на турските феудални фамилии. Активните соколари имале берат од султанот да можат да имаат слободни баштини и истите биле ослободени од давачки. Во истата 1572-1573 година во Струмица биле запишани пет јуручки семејства што било ретко во тоа време бидејќи Јуруците главно биле номадско племе кое се занимавало со сточарство и живеело надвор од градските населби[19].
Во 1573 година е споменет манастирот „Свети Никола“ кој бил запишан како семеен вакаф на попот Добро, со забелешка дека по прекратувањето на неговата семејна лоза истиот требало да биде предаден на два погодни свештеници. Струмица, заедно со Серско и Солунско уште во 1598 година се споменуваат како тутунски регион.
Опис според патописците
[уреди | уреди извор]Во текот на 17 век, Струмица била посетена од турските патописци Хаџи Калфа (1665) и Евлија Челебија (1670), кои дале опис на градот со сите муслимански објекти, кои ги имало во Струмица во тоа време.
Описот на Хаџи Калфа е далеку пократок од оној на Евлија Челебија, но и тој зборува само за турските куќи, за верските и јавни објекти во градот, без да спомене што и да е за составот на населението. За градот тој напишал дека е сместен „под еден брег, на чиј врв се наоѓа опустело гратче. Водата се доведува по канали, и се распределува на џамиите, бањите и бавчите“[1].
Турскиот географ и патописец Евлија Челебија за Струмица запишал[20][21].
Ја нарекуваат Уструмча, Уструмџа и Струмица. И на грчки, нејзиното име е Ајантаџа-касри. Според зборовите на научникот историчар Јанван и според зборовите на Бан, авторот на Историја на Латинјаните, првиот основач на градот Струмица бил еден мудрец на име Ајантаџа, учител на Александар Велики, син на владетелот на тврдината Кавала, мудрецот Филикос. И бидејќи тој ја изградил, на грчки јазик се викала Дворецот на Ајантаџа. Подоцна, оваа област на Александар Велики му била доделена на неговиот учител Ајантаџа. Бидејќи градот бил во негово самостојно владение, тој станал толку жив и благоустроен град што не може да се опише и искаже. Трагите од неговите згради сега ги притиснале ридиштата и карпите. Овој Ајантаџа бил толку мудар и умен како Аристотел, што неговата стручност можела да се види во сите науки. Благодарение на неговите познавања, Александар Велики достигнал дури до земјите на Белх, Бухара, Иран и Туран и дури до Трансаксонија. Тогаш Грците завладеале со турските провинции на Туркестан. Дури и во Персија, каде што владееше царот Дариј, биле однесени две победи, го заробиле Дариј со целото негово семејство, ги одвеле во тешко заробеништво а на жителите на неговата земја им наметнале даноци. Дариј и неговото семејство биле затворени во Дарахна, кое е близу на брегот на Ментеше, спроти островот Родос. Тој крај сега се вика Дарахна кадилак. Сето тоа го постогнал благодарение на доктрината, мислењето и планот на Ајантаџа, господарот на оваа Струмица бидејќи тој познавал многу науки и бил единствениот човек што доминирал во своите науки со своите знаења[22].
...Тој бил единствениот сезнаец и со помош на ѕвездите на еден четириаголен мермер на вратата на од источната страна на Струмица го врежал своето пророштво: „овој мој бисерен град во 709 година ќе биде заземен од Мохамеданците. Ова ќе се случи под власт на еден цар по име Мурад Беј, синот на Осман. Сепак и тој ќе загине во нашите раце“. И за да ја покаже и демонстрира својата сопсобност, долните три реда биле напишани со турски, а горните три реда со грчки букви. Така се добило Усту-румче[23] - Струмица. Само преку вештината на астролозите можело да се дознае што значат овие писма. Овие натписи останале да стојат над портата на тврдината...
...Со текот на времето, оваа Струмичка тврдина помина многупати од една во друга држава. И кога таа повторно била во рацете на гркот Константин, Гази Худавендигар слушнал за развојот на градот. Впрочем, тој лично во ... година започнал поход против Струмичката тврдина. Со раката на Гази Евренос тврдината била неповратно освоена, по кое на Гази Худавендигар му била испратена радосна вест заедно со клучевите. Веднаш потоа, тој дошол лично и присуствувал при окупацијата на градот. По освојувањето овие натписи над вратата на тврдината биле тргнати од турското племе од портата. Бидејќи тоа било напишано во грчко писмо, оваа тврдина беше именувана по истото име. Сега според една општо прифатена грешка ја нарекуваат Уструмче или Струмица...
Оваа тврдина Струмица се наоѓа во ејалетот Румилија во територијата на санџакот ... и нејзин управител е... Има сè во нејзина близина... села. Има шеик ул-ислам, локален спахиски претставник, јаничарски сердарин, градски војвода, надзорник на пазарот и царински службеник. Поради тоа што е внатре, тврдината е скоро потполно напуштена и во тврдината живеат мал број на христијански мартолози[24]
Потоа Челебија дал опис на тврдината и градот[1]:
Се наоѓа под еден висок рид, во големо осеано со долови поле. Има облик на проширен петаголник. Тоа е цврста тврдина изградена од камен, како да ја изградил Шедад. тешко достапна, цврста и добро утврдена. Бидејќи била изградена во времето на Александар Велики, тоа е стара градба која е распукана на многу места. Во неа нема куќи и манастири, но само во зимските денови живеат овчари кои се неверници со своите овци и кози. Во старо време тврдината била тешко совладлива. Има обем од е 2300 метри и има три порти.
Од овој град, сега лесно може да се стигне до Сер - за помалку од два преходи. Се наоѓа на север од градот Сер, а Сер се наоѓа на јужната страна. Што се однесува до Зихна и Драма, тие се исто така блиски. Тие се наоѓаат во југоисточна насока на Струмица. Опис на долниот дел од град Струмица. Тоа е многу добро развиен град со големи градби, поставени среде ридот. Таа е голема населба, со лозја, градини и бавчи, кои како да се рајските градини. Не постојат тврдини околу неа. Има 2040 еднокатни и двоспратни камени терасовидни и добро изградени убави куќи, покриени со црвени керемиди.
Број и имиња на палатите на агите. Вкупно има 14 населби, кои се муслимански населби, а постои една христијанска и една еврејска населба. Сепак, не постојат ерменски неверници; понекогаш доаѓаат и си одат. Во него има две цркви, по неколку џамии, медреси, бањи, дванаесет јавни чешми и други турски верски, културни и општествени установи. Трговијата и занаетчиството исто така се добро застапени. Во Струмица има петстотини дуќани, но нема безистен, и по неколку трговски и карван-сараи, во кои ноќеваат трговците и патниците...Турското население во Струмичко потекнува од една група од туркменско племе Огузи. Има и Јуруци, кои се правоверни и добри муслимани...[25].
17 век - 18 век
[уреди | уреди извор]Со занаетчиство населението започнало да се занимава особено во XVII и XVIII век. Што се однесува до трговијата, таа се наоѓала во рацете на разни нетурски елементи, како Евреи, Ерменци, Грци, Власи итн. Струмичките евреи во градот пристигнале преку Солун по нивното протерување од Шпанија. Според некои проценки, се претпоставува дека кон крајот на XIX век во Струмица живееле околу 700 евреи. Во историската литература се зборува Даниел Иструмица кој бил еврејски рабин во Солун, роден во Струмица[26].
Во текот на 17 век, Струмица станала седиште на кадилук во Ќустендилскиот санџак. Во текот на овој период градот во голема мера започнал да се развива. За развојот придонел и панаѓурот во Долјани, поради кој често во градот преноќувале трговци од Румелија и Анадолија. Додека тврдината се распаѓала, градот се ширел и во текот на овој период била создадена првата чаршија.
Често трговските патишта биле опседнувани од страна на ајдути. Во 1608 и 1612 година трговците од Солун и Лариса се плашеле да одат на панаѓур во Долјани поради кое султанот му наредил на јаничарскиот ага да го обезбеди патот Струмица-Петрич-Долјани. Во 1640 година биле убиени еврејски трговци во околината на градот. Тогаш постоел закон кој велел дека доколку убијците не се познати, диет плаќало населението врз чиј атар ќе било пронајдено телото на убиениот. Поради тоа, најдените трупови од селаните биле пренесени и фрлени во реката Вардар[19]. Во периодот од септември 1644 до пролетта на 1645 година, во Струмица се криел знаменитиот Шехзаде Јахија, кој претендирал за османлискиот престол[19].
Во времето на Австриско-турската војна и Карпошовото востание во летото 1688 година, кога Австријците се приближувале кон Скопје, голем дел од ајдутите излегувале од планините и вршиле терори по муслиманското население. Поради тоа до струмичкиот кадија била испратена заповед да се исечат шумите од двете страни на патот. Кога бил освоен Ниш, во Струмица помеѓу муслиманското население се создало голема паника бидејќи се проширила и веста дека венецијанската морнарица била на пат кон Солун за да ја заземе Солунската тврдина. Тогаш до струмичкиот кадија пристигнал и ферман за мобилизација на сите способни лица да се испратат во Солун за да се стават под команда на Исмаил-паша, но голем дел од муслиманското население го напуштило градот[19]. Според М. Филиповиќ, австриската војска во своето напредување стигнала преку Скопје, Велес и Штип дури до околината на Струмица, по кое следувала паника и страв од муслиманското население и нивно побегнување кон исток[27].
Воведувањето на нови даноци честопати означувало и зголемен број на бегалци. Поради големите трошоци од Големата турска војна, властите го вовеле данокот „нефер бедели“ па голем дел од населението се иселило на места каде овој данок не бил во функција. Сепак, во 1705 година бил издаден ферман според кој даноците биле намалени. Во текот на 18 век, во Македонија па и во Струмичко значително се развило ајдутството. Во 1722 година една група еврејски трговци од Смирна патувале за панаѓурот во Долјани, но истите биле пресретнати и еден евреин бил убиен. На 16 декември 1734 година до струмичкиот кадија била испратена заповед според која еврејските трговци кои собирале, тргувале и пренесувале злато за царската ковница, истите морало да бидат обезбедувани поради ајдутските напади[19].
19 век
[уреди | уреди извор]Странски пропаганди
[уреди | уреди извор]По укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година, Цариградската патријаршија дополнително ги зацврстила своите позиции како во Македонија, така и во Струмичко. Словенската богослужба и црковно-словенската писменост, во првите две-три децении од XIX век биле скоро сосема уништени. Во тоа време богослужбата на старословенски јазик[28], според тврдењето на бугарскиот митрополит Герасим, се одржувало единствено во селото Водоча, додека Вељушкиот манастир бил во рацете на патријаршијата.
Грчката пропаганда во Струмица продолжила во прв ред преку отворање на училишта на грчки јазик. За Грција, како новосоздадена држава по 1821/1822 година, Струмица претставувала последна „тврдина на грцизмот“ во одбраната од „словенската опасност“[29] Постоењето на грчко училиште во Струмица уште во 1844 година го забележал рускиот научник Виктор Григорович, кој тогаш поминал и низ Струмичко во своето дело „Очерк путешествия по Европейской Турции“, кој запишал:
...Струмица, чиј управител Ќазим-бег е прилично пријатен, била изградена во подножјето и на падините на една планина. Градот е седиште на тивериополскиот митрополит и има грчко училиште и стара тврдина. Овде ме донесоа некои информации за минатото на градот. Не сметајќи го нејзиното значење во историјата на бугарските и српските војни, во црковна смисла тој е забележителен со светите тивериополски маченици и со привременото седиште на Св. Климент Славјански...[30]
Дваесетина години подоцна, во Струмица работел три години како учител X. Папамарку, кој имал завршено на Атинскиот универзитет, а подоцна се истакнал и како педагог, организатор и реформатор на основното школство во Грција. Во 1869 година избувнал голем пожар во Струмица кој, меѓу другото, ja зафатил и црквата „Свети Димитриј“ и училиштето што се наоѓало до црквата. Во 1873 година грчката пропаганда располагала со три училишта во градот. Наскоро по ова, во септември 1875 година во Струмица било основано грчко „Ученољубиво друштво“ кое имало за цел општествено и интелектуално издигање на неговите членови и ширење на грчката просвета. Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, издадена во Цариград во 1878 година и статистиката на машкото население од 1873, Струмица (Stroumniza) се состоелa од 2.400 домаќинства од кои 3.300 жители биле муслимани и 2.120 Македонци[31][32]. Во еден извештај, испратен до грчкиот генерален конзул во Солун во 1882 година училишниот инспектор Константин Јерсос, кој порано учителствувал во Струмица, констатирал значаен напредок кој се должел на отворените училишта во градот. Во оваа година, во градот имало четири грчки училишта со вкупно околу 370 ученици. Освен црквата „Свети Димитриј“, во градот како грчка црква постоела и црквата „Св. Константин и Елена“.
Од друга страна, по создавањето на Бугарската егзархија на 28 февруари 1870 година[33][34], во Струмица се засилила и Бугарската пропаганда. Кон почетокот на XX век започнала да се гради егзархиската црква „Св. Кирил и Методиј“, и истата била завршена во 1911 година. Бугарската егзархија свој митрополит во Струмица поставила во 1897 година, но Струмичката епархија останала под власта на Цариградската патријаршија. Влијанието на егзархијата се зголемило по доаѓањето на Герасим Струмички, кога голем дел од населението се откажало од грчката митрополија и преминало кон егзархијата, посебно од маалото „Свети петнаесет“, по кое и маалата „Чифлик“ и „Бабјак“. Еден софиски весник во една своја статија напишал: „Со тоа градот Струмица, кој беше најсилната тврдина на грцизмот во Македонија, пред три години... беше освоен“. Во последните години од XIX век било отворено и егзархиско училиште, кое во учебната 1893/1894 година училиштето прераснало во четвртоодделенско, со еден прогимназијален клас, а во идната година бил отворен и втори клас, за да во 1895 година биде отворен и трети клас. Основното училиште (I и II одделение) било сместено во куќата на Коце Новаков, во маалото „Бабјак“, а по две години тоа било преместено во куќата на евреинот Мисим. Подоцна, кога тоа прераснало во училиште со три класа, прво се сместило во куќата на Горги Ичов, во маалото „Бабјак“, а уште подоцна — во друга приватна куќа, во маалото „Варош".
Во книгата, „Струмица: географско-историска расправа“, од М. Ристиќ, издадена во 1925 година, се спомнува патописецот Иван Иваниќ кој пропатувал низ Струмица по 1895 година[35]. Тој запишал дека положбата на градот е многу живописна, градот имал турски тип, со криви и тесни улици, а куќите градени на височина една над друга. Градот имал 1360 куќи со 31 маали и околу 8000 жители. Имало 482 дуќани, 31 кафеана, еден амам, една болница и две касарни, филијала на турска земјоделска банка, трговска комора, управа, пошта и телеграф. Имало и две православни цркви, една синагога, две основни школи и турска полугимназија. Струмица била позната по производство на шарлаган (масло од сусам) и затоа во неа имало пет фабрики за шарлаган и една фабрика за сапун. Во градот имало и водовод[21].
Кон крајот на XVIII век и почетокот на XIX век струмичката каза била во состав на Солунскиот санџак. Во XIX век зајакнало патријаршиското движење и гркоманското население зело замав. Тоа довело до силно антипатријаршиско движење во 60 – тите години на XIX век. Во 1860 година во Робово било отворено првото училиште на македонски јазик, а прв учител бил Арсениј Костенцев од Штип.
Во тој период твореле и големите струмички зографи Васил Ѓорѓиев и Григориј Пецанов, кои работеле на живописот и иконостасите на повеќе цркви, кои тогаш се отворале во струмичко. Со Берлинскиот конгрес од 1878 година, кога Турција изгубила голем дел од своите владеења на Балканот (Босна, Србија, Црна Гора), голем број од бегалци се слееле кон Македонија, а дел од нив и во Струмица. Тоа население се нарекува мухаџири.
Се потешката ситуација на македонското население под турската власт, придонела да се формира Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) на 23 октомври 1893 година во Солун. Првиот човек кој ги прифатил идеите на ВМРО во струмичкиот регион бил Стојан Ѓорѓиев од Дабиле, кој во 1895 година го формирал и првиот месен комитет во Струмица. Во овие краишта бил формиран и дејствувал Огражденскиот окружен македонско-одрински револуционерен комитет. Еден од најистакнатите раководители на револуционерната организација бил Христо Чернопеев, кој учествувал и во Младотурската револуција (1908-1909), која не завршила со ослободување на македонскиот народ и останал под турско владеење.
20 век
[уреди | уреди извор]Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година градот имал 10.160 жители од кои 6.200 Македонци[31], 3.100 Турци, 700 евреи и 160 цигани[36].
Во книгата на д-р. Ј. Цвијиќ се спомнува дека географичарот Перо Јанковиќ во 1901 година патувал низ Струмица и запишал дека бил изненаден од богатството и убавината на овој град. Струмичкиот басен бил најубав и најпримамлива македонска област која ја нарекувале „мал Истанбул“. Тогашна Струмица имала околу 10 – 12000 жители. Во 1910 година според турските нуфуз тефтери во Струмица се попишани 25,000 жители и тогаш градот доживеал најголем процвет[21].
Според податоците на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година, во градот живееле 1.800 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија, 4.400 македонски патриаршиски гркомани, 114 протестанти, 35 Грци и 18 Власи. Постоеле 4 основни и 2 средни егзархиски (бугарски) училишта и едно основно и едно пониско средно грчко училиште[31][37]
Револуционерен период
[уреди | уреди извор]Основањето на Македонската револуционерна организација на 23 октомври 1893 година во Солун го дал почетокот на револуционерно-националноослободителната борба за ослободување. Струмица станала седиште на Струмичкиот револуционерен округ. Еден од првите кои ги прифатиле идеите на организацијата бил Стојан Георгиев, роден во Дабиље, кој бил главен егзархиски учител во градот. Самиот Гоце Делчев на неколкупати ја посетувал Струмичката околина. Во 1897 година неговиот престој бил поврзан со фаќањето на Назлам-бег за откуп. Најпрвин планот бил да се фати Нефи-беј, чифлик-сајбија на Пиперово, но откако не успеал планот, бил фатен Назлам во одејќи кон својот чифлиг во Василево, кој откако бил однесен во Нивичино, успеал да побегне. И Михаил Герџиков направил обид, во 1901 година за фаќање на некој струмички бег, во што му помагал Атанас Караманов од Дабиље, но и тој не успеал.
Во близина на Струмица, кај селото Градошорци се случило ослободувањето на американската мисионерка Мис Елен Стон во Аферата мис Стон во 1902 година. По пуштањето, таа се упатила во куќата на протестантското семејство Белеви во Струмица[38].
Првата тешка провала во Струмичко била таканаречената Струмичка афера од 1901 година, кога биле убиени пет Албанци во Ново Село, по кое биле уапсени 30 души во Струмица заедно со раководителот Стојан Георгиев [39].
На конгресот во Солун во јануари 1903 година било решено да се крене востание во Македонија. Но, Струмичката окружна организација не одржала конгрес, како што тоа го сториле некои други окрузи. Во Струмичко за време на Илинденското востание не дошло до посилни акции на чети, иако такви се предвидувале. По крајот на востанието и поделба на организацијата, струмичките раководители пред да поминат кон Окружниот конгрес, одржале реонски конгрес — само за Струмичка околија[40].. На конгресот од 1904 година била осудена предвременоста на Илинденското востание, Солунскиот и Смилевскиот конгрес. Струмички конгрес од 1905 било разгледувано омасовизирањето на револуционерното дело и заврстувањето на ораганизациската мрежа. Во 1905 година дошло до судир помеѓу Струмичкиот револуционерен округ на чело со со Христо Чернопеев и бугарскиот митрополит Герасим.
По завршувањето на Младотурската револуција во 1908 година, во Струмичко, главно од солунските затвори, се вратиле стотини затвореници. На 25 јули во Струмица свечено влегла околиската чета на чело со Xристо Чернопеев. На масовниот собир тој го изразил следното расположение:
Се радувам што ги гледам слободни моите браќа. Слободата открива мирен и културен живот. Давам збор дека чесно ќе ја чувам извојуваната слобода. И запомнете дека, ако го изневерам новиот режим што сега се воведува и излезам по некаков повод одново со пушка в рака, дозволувам каде и да ме најдете да ме разоружате и врзан да ме доведете во градот.
Во времето кога се случила контра-револуцијата од страна на султанот Абдул Хамид II, од Струмичко како доброволци за задушување на бунтот биле Атанас Караманов, Костадин Самарџиев и Крсто од Сачево, на кои во Дојран им се придружил и Чернопеев, и оттаму со воз тргнале за Цариград. Уставниот поредок во царството било одбранет, а Абдул Хамид бил детониран од престолот. По формирањето на Народната федеративна партија, во Струмичко биле основани месни комитети, додека на 12 ноември 1908 година на плоштадот „Саат-мегдани" бил одржан и собир.
Балкански војни
[уреди | уреди извор]Прва балканска војна
[уреди | уреди извор]Струмица со својата околина за време на Балканските војни преживеала слична судбина како повеќето македонски градови и области. Еден од изворите за она што се случувало во текот на Балканските војни на територијата на Македонија е Извештајот на Карнегиевата балканска комисија. Според податоците до кои дошла комисијата, Струмица во есента 1912 година била под мешана контрола. За време на Првата балканска војна, вечерта на 22 октомври 1912 година во градот прва и без борби, речиси симболично, влегла една мала бугарска единица, иако кон градот заеднички настапувале бугарски и српски војски.
Наредниот ден, 23 октомври, во градот триумфално влегле бугарски и српски војски. Тие биле пречекани свечено од трите верски поглавари: оџата, егзархискиот и патријаршискиот митрополит. Претходно османлиските воени началници планирале да се спротивстават кај Струмица, меѓутоа бугарскиот и грчкиот владици со поддршка од неколку угледни Турци, успеале да ги одвратат од оваа намера. По струмичките улици граѓаните весело ги фрлале своите шапки нагоре. Струмичките граѓани ги предводел егзархискиот митрополит Герасим, во придружба на патријаршискиот митрополит Арсениј, оџата и градскиот кмет - Турчин. На свеченоста во егзархиската митрополија присуствувале поголем број на видни струмички муслимани. Видно место меѓу 16 нив имал Сулјеман паша и Митхад ефенди, прокурор во Струмица[41]. Попладне славениците заминале во седиштето на грчката патријаршиска митрополија. Таму биле одржани повеќе говори за значењето на „балканската акција“ и сојузот на „православните народи“. Владиката Герасим одржал реч во чест на царот Фердинанд, полковникот Димо Овчаров за грчкиот крал, а Никола Сурин за Србија и за Црна Гора[41]. Меѓутоа, бугарските војски брзајќи на југ кон Солун, наредниот ден (24 октомври) ја напуштиле Струмица и тргнале кон Валандово. Според извештајот на генерал Георги Тодоров, командант на Седмата рилска пешадиска дивизија, стратешка цел бил градот Солун. Нешто подоцна во градот влегла и една мала грчка чета. Бугарите иако во Струмица немале воени сили, овој крај го сметале за сопствена окупациска зона во која настојувале да организираат цивилна власт. Поради тоа често наидувале на недоразбирање со српските воени власти.
Според Владимир Караманов, кој бил именуван за привремен окружен управник, на 10 ноември командантот Тодоров издал заповед за организирање на административно полициска управа во заземените области од Седмата рилска дивизија[42]. Во телеграмата било назначено дека на струмичкиот окружен управник му се потчинети околиските началници во Струмица, Радовиш, Дојран и Петрич кои биле именувани истовремено. Именуваните биле задолжени да организираат административна и полициска служба во согласност со бугарските закони. На струмичкиот окружен управник и околиските началници, истовремено им било наложено во околиските центри да организираат месна милиција составена од младинци на возраст од 20 до 25 години[42]. Струмичкиот округ функционирал од 15 ноември кога Караманов бил именуван за привремен управник до 29 ноември 1912 година, кога Струмица го изгубила статусот на округ и станала околија во рамките на Штипскиот округ[42]. Во Струмица бил сместен и Вториот баталјон од 14-та Пешадиска бригада на Тимочката дивизија под команда на мајор Живоин Грбиќ, кој истовремено бил и командант на градот, додека бугарска војска во градот немало, туку била претставена од резервниот потпоручник Никола В’лчев. При отсуство на бугарска војска во градот, месната бугарска власт единствено се потпирала на двете чети под водство на Никола Жеков и Кочо Хаџи Манов. По доаѓањето на Караманов во Струмица, тој на двапати се сретнал со командантот на српскиот гарнизон, мајор Грбиќ и избило недоразбирање бидејќи тој побарал Грбиќ да ги напушти просториите во конакот за да се смести таму канцеларијата на привремениот Струмички округ. Откако бил одбиен, истиот се сместил во дотогашниот турски окружен суд. Така, во следните денови била организирана административно-полициската управа за градот Струмица и за 54 села, за претседател на тричлената градска комисија бил поставен: Васил Дудуклиев, но Караманов бил спречен во формирањето на месна полиција од страна на мајорот Грбиќ[42].
Масакар врз турското население
[уреди | уреди извор]Бугарските и српските офицери при влегувањето во градот дале изјава со која го гарантирале животот на сите граѓани[43].Промената на власта во првите неколку денови го потврдувала ова ветување. Меѓутоа, овој период траел исклучително кратко време и бил заменет со масовни акции на убиства и насилства на турското население кои се вршеле во градот речиси цел месец. Сулејман Паша упатил апел до турското население во градот и населените места да не ги напуштаат своите домови и имоти, но овој обид за мирно примопредавање на градската власт бил во контрадикција со однесувањето на турската управа, која во обид да ја задржи својата контрола во градот, во касарната како заложници затворила околу 600 жители од градот и од селата[44], со што се настојувало да се спречат четничките акции[45]. Обидот се покажал како неуспешен бидејќи во околината на Струмица на 21 и 22 октомври биле испокинати телеграфските и телефонските жици. Со навлегувањето на сојузничките војски во градот била воспоставена бугарска цивилна власт и српска воена контрола. Истовремено била формирана Комисија составена од српскиот мајор Грубиќ (како претседател), двајца млади српски офицери, еден бугарски чиновник (помошник управител поручник Никола В’лчев), водачот на четите војводата Жеков и неколкумина христијански првенци од градот. Оваа комисија прво издала Декрет со кој на турските жители на градот им било забрането да ги напуштаат своите домови. Потоа сите турски куќи биле претресени и обезоружени. Во почетокот немало никакви напади[46], но потоа следувал период на масовни акции на мачења и погубувања на турското население и тоа под изговор на одмазда. Со помош на местен полицаец и српски војник Турците еден по еден биле носени пред Комисијата на распит, каде за неколку секунди била определувана нивната судбина. Само еден на 10 распитани Турци успеал да ја избегне смртната пресуда. Според некои извори останале живи само оние чија материјална положба дозволувала тие да дадат 100 лири за сопствениот и за животот на членовите на нивната фамилија.
Ликвидацијата на турското население се извршувала на три локации во градот: прво, десната страна од патот за Радовиш, второ, левата страна од патот за Валандово и трето, градското мочуриште. Околу бројот на погубените муслимански, односно турски жители има различни податоци. Според податоците од анкетата на Карнегиевата комисија биле погубени 3 до 4.000 лица, додека според д-р Манол Пандевски нивниот број бил 5.000 убиени[1].
Втора балканска војна
[уреди | уреди извор]Со заземањето и распарчувањето на Македонија, тројцата балкански сојузници, не можејќи да се спогодат при поделбата на пленот уште веднаш започнале меѓусебни воени дејства кои довеле до започнување на Втора балканска војна. На 25 јуни 1913 година, само девет дена по избувнувањето на Втората балканска војна, грчките војски ги разбиле бугарските позиции јужно од градот, и утредента влегле во него. Неполн месец дена потоа се дознало дека Струмица и околината, ќе и бидат отстапени на Бугарија. По телеграфското соопштение за тоа од Атина, грчките воени власти ги започнале подготовките за евакуација на населението. Грчкиот командант, митрополитот Арсениј и струмичките гркомани донеле решение, „градот да им го остават на Бугарите изгорен и во пепелишта[1]. Повикот за иселување од Струмица и од струмичкиот крај се однесувал и за Турците, во кој грчките власти ги заплашувале дека, доколку останат во своите домови, сите ќе бидат убиени. Притоа, тие ги убедувале дека во Кукуш ќе се изгради поубава Струмица и тука ќе добијат куќи и земја за обработување.
На 8 август грчките војски го запалиле градот. Следниот ден, огнот бил изгаснат, најпрвин во маалото „Бабјак“, а вечерта повторно пламнал зафаќајќи го грчкото училиште, грчката црква и целото грчко маало. Истовремено се појавил и пожар и на 2-3 места и на турското маало. Пожарот продолжил до 15 август, уништувајќи го целиот град, а останале само македонските маала Бабјак и Чифлик.
Ноќта на 21 август 1913 година група грчки војници почнале систематски да ги опожаруваат грчките и турските куќи и тоа го правеле до 23 август. Во деновите меѓу 21 и 23 август 1913 година осум грчки камиони по трипати на ден доаѓале и полни со инвентар се враќале од Струмица за Грција. Според изјавата на инспекторот на поштите и телеграфите, Билдирев, на 24 август 1913 година во Струмица грчките и турските маала, касарните и општествените згради биле изгорени[43]. За присуството на грчката војска во август 1913 година во Струмица сведоштва дава и војводата Христо Чернопеев во својот дневник од Балканските војни. Во дневникот тој пишува дека по настаните во Неготино бугарската војска се повлекле кон Радовиш, од каде тој со својата чета од 80 души се упатил кон Струмица каде на 26 август, забележал грчки одреди и откако четата отворила оган кон нив грчката војска од два ескадрона се разбегала кон патот за Дојран.
Две третини од Струмица биле изгорени, а најмногу гркоманскиот и турскиот кварт. Кога дошол редот на македонскиот кварт и веќе биле запалени неколку куќи, од Солун пристигнал евангелискиот мисионер Купер, и интервенирал да се сопре со поќарите. Меѓу изгорените грчки куќи била и новата христијанска црква, на која изгорела дрвената конструкција. Грците поставиле три бомби за да ја разрушат, но не успеале бидејќи била цврсто направена од камен и железо[43].
Прва светска војна
[уреди | уреди извор]Со повторното воспоставување на бугарската воена и цивилна управа во Струмичко, воените дејства, пожарите и масовните протерувања на населението престанале, но сосема за кратко време. По долги подготовки за првиот голем воен конфликт во Европа, кон крајот на јули 1914 година Австрија ја нападнала Србија. Во војната, Бугарија влегла по една година на страната на Централните Сили.
Во октомври 1915 година бугарската армија ја нападнала Србија, главно во Македонија, и за кратко време ја освоила скоро цела Вардарска Македонија. Струмица станала седиште на еден од двата најважни излезни пунктови на ВМРО. Функцијата на пунктов началник на ВМРО ја вршел Костадин Ципушев, по директва на Тодор Александров. На 20 октомври 1915 година силиѕте на Антантата ги разбиле бугарските позиции јужно од Струмица, а девет дена подоцна, Струмица била за кратко окупирана од француски единици. Во текот на ноември градот бил бомбардиран неколкупати од авиони на Антантата, кои однеле и неколку човечки жртви. Во јануари 1916 година, фронтовата линија се стабилизирала на југ од Струмичко, по сртот на Беласица и на Голак, јужно од Костурино[1].
Солунскиот фронт, во септември 1918 година бил пробиен од сојузничките војски, во што видно учество зела и српската армија. Пробивот на фронтот ја навестил скорешната капитулација на Бугарија. На 29 септември 1918 година, една бугарска владина делегација во Солун склучила примирје. Бугарската делегација успеала да издејствува Струмица да биде окупирана само од англиски и француски единици, без учеството на српска војска, очекувајќи Струмица да ја задржи и натаму за себе. Три дена пред тоа, англиски единици влегле во Струмица. Според одредбите на примирјето Струмица и Струмичката околина останале под воените претставници на француската и англиската војска. Во градот биле стационирани само 150 војници од француската колонијална пешадија. Привремената заедничка управа во Струмица завршила во ноември 1919 година. Според одредбите на Нејскиот мировен договор, на Бугарија и било наложено Струмица и нејзината околина да му ги отстапи на новоформираното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците[47].
На 16 ноември во Струмица влегле српски трупи и четници, а на 24 ноември 1919 година била извршена промена на цивилната власт.
Меѓувоен период
[уреди | уреди извор]Состојба по војната
[уреди | уреди извор]Големоосрпската буржоазија во новосоздадената држава веднаш започнала да спроведува свој режим на национално обесправување и угнетување, со што напнатоста во земјата постојано се зголемувала. Во Струмица во тоа време владеела голема безработица, селаните биле во тешка положба поради нерешеното аграрно прашање, а занаетчиството во опаѓање, поради продорот на поевтина индустриска стока. Бројот на населението во Струмица според пописот од 1921 година се намалил на 6.453 жители од кои 2.763 биле доселеници[48], наспроти 25.000 жители во 1910 година. Оној дел од градот каде што се населиле бил наречен Бежанското маало. Според податоците од 1922 година, населението во Струмица се занимавало со земјоделство, сточарство, трговија и занаетчиство.
Александар Андријевиќ го дал следниот опис на градот:
...Влезот во градот e од источната страна, по патот што минува покрај црквата Св. Петнаесет тивериополски маченици и покрај феудалната кула околу која има населени цигани. Од таму се одi по лош пат, околу има брдо од камења, темели и ѕидови од некакви изгорени згради, сѐ до остатоците од црквата Св. Константин и Елена. Многубројните домови se изгорени од Грците во гнев да ги уништат општите добра кои го сочинувале културниот живот на Струмица. Целата населба што ја сочинува Струмица е еден круг со пречник од околу еден километар, во кој се вкрстуват две улици и тоа едната која почнува од Св. Петнаесет па до Чаир (Чифлик) маалата, и другата која води од Поројот – маалата во најјужниот дел од градот, преку чаршијата сѐ до сточниот Пазар. На северозападната страна се наоѓа софиларската полјана (Софилар), место со многу јаворови дрвја и многу чешми со планинска вода.
Под црквата Св. Константин и Елена е црквата Св. Кирил и Методиј и југозападно од неа Чаир малото на чија периферија е касарната и монополот. Од црквата надолу се оди во чаршијата по калдрмисана улица на која од двете страни се изградени дуќани од бондрук и ќепенци и преградни ѕидови од трска. На запад од чаршијата е Биринџи џамија и околу неа убави куќи со ориентален изглед кои се на богати Турци и Евреи. Тогаш тие куќи биле населени од бежанци.
Североисточниот крај на градот е во изградба. Таму се гради голема зграда за кино. Постои и рибарска улица, кафеана Југославија, Инќар џамијата и зградата на Првостепениот суд. Другите куќи во градот се градени со камен и земја, покриени со трска, без оџаци, повеќето се на кат со доксат и преку целата куќа има потон – ходник со мали прозорци кои се поделени со капаци по хоризонтала за да се спуштаат и дигаат.
Во горниот дел од градот куќите се изградени без некаков ред и се обоени со: сина, со зелена и со бела боја. Тоа оддава впечаток како некоја фреска која живо го отсликувала местото, како да се наоѓало покрај море.[21][48]
Во Вардарскиот дел на Македонија по крајот на Првата светска војна започнал и процесот на колонизација на српско население на кое му се доделувало најобработливото замјиште, а од друга страна српските власти вршеле и асимилација врз македонското население кога биле менувани презимињата и целосното население било познато како „јужносрбијанци“. Во ваквата ситуација извесен Александар Андријевиќ шест месеци работел како претседател на Првостепениот суд во Струмица. За време на својата работа во Струмица, Андријевиќ, како претседател на судот имал прилика да разговара со прилично голем број струмичани, по кое во 1923 година ја издал книгата „Струмица, земља и народ“ каде го запишал разговорот со некој струмичанец:
„Вие сте секако Србин?“ - го прашувам еден од парничарите во судот. „Е, така е сега. Кога беа тука Бугарите јас бев Бугарин. Пристигнаа Србите, јас сум Србин, ама - христијанин сум.“ „Вие сакате да сте поблиску до Грците.“ „Е не, џанум, Грк е нешто друго јас сум Македонец.“ - поита да ми одговори. И кога така вели дека е Македонец, а тоа првично и најчесто ќе го слушнете, струмичанецот смета дека со тоа си угодил и себеси и на вас; и не ве оддалечил од себе и останал во својата куќа, свесен дека зборот „Македонец“ нема етнички да го одведе ни во Србите ни во Бугарите[49]
Голем пожар со поголеми последици се случил на 28 јули 1924 година кога биле зафатени една четвртина од стариот дел на градот и биле изгорени неколку дуќани. Во пожарот од февруари 1930 година целосно изгорел млинот на Васил Хаџи-Скерлиќ. Во почетокот на март 1931 година во Струмица се случил силен земјотрес во кој биле срушени 20 куќи и оштетени околу 1.000 домови, додека биле повредени 3 жени и едно дете[50].
Во првите години од српското владеење на Струмица, започнале да се отвораат и нови училишта. Во 1924 година била отворена неполна гимназија во градот, што била сместена во стара турска куќа, но истата била бргу укинета. Една училишна зграда била изградена за дваесетдвегодишното владеење на Кралство Југославија, на местото на некогашната грчка црква (денес ОУ „Маршал Тито“). Наставата се изведувала на српски јазик. Во есента на 1929 година била отворена Нижа граѓанска гимназија, на местото на укинатата гимназија. Во ова училиште просечно учеле околу 150— 160 ученици.
Струмичка околија била позната како крај каде што имало најголем процент на заболувања од маларија. По отворањето на Маларичната станица во 1925 година, лекувањето на маларијата се одвивало нешто подобро. Во 1925 година, процентот на заболени од маларија изнесувал околу 65— 85% од вкупниот број на населението. Причината главно се должела на близината на Моноспитовското Блато[1].
Триесеттите години од XX век Струмица започнала да се развива, гради и проширува. Според германскиот новинар Макс Фишер, кој на двапати ја посетил Струмица, во 1929 година напишал: „Струмица станала една од најубавите населби во Јужна Србија. Насекаде може да се види изградба на нови куќи“[51]. Во 1928 година била изградена новата зграда на гимназијата. Во 1929 година при крај било изградбата на електрична централа, водовод и канализација[51]. Во текот на овој период, меѓу позначајните објекти кои биле изградени во Струмица се Зградата на Собранието на општината и Хотел „Српски крал“. Струмица започнала да се проширува, и главно Струмичката чаршија добила нов изглед со нови куќи.
Делување на ВМРО
[уреди | уреди извор]На политички план, дел од населението, по 1920 година главно било ориентирсно кон Демократската партија која во тоа време била во опозиција. Дел од населението продолжило да го поддржува идеите на Тодор Александров и ВМРО. Сè до шестојануарската диктатура во 1929 година, во Струмичко дејствувале главно две партии — Радикална и Демократската, кои во однос на политиката кон македонскиот народ не се разликувале. Во 1927 година, д-р Фиданчев бил избран на списокот на Радикалната партија за претседател на Општина Струмица.
Во исто време, веднаш по доаѓањето на српските трупи во Струмица, започнале да дејствуваат и вооружените групи на ВМРО. Така една чета дејствувала под водство на Димитар Димашов[52], потоа четата на Томе Филев од Сачево[53], Георги В'ндев кој на 14 февруари 1923 година ја поминал границата и во центарот на Струмица, го ранил ренегатот Иван Паљошев, а неговиот помошник Халил Пехливанов бил убиен. Во прво време седиште на Околискиот комитет е селото Куклиш, а од 1923 година — Моноспитово. Во 1922 година биле обесени двајца Турци од селото Свидовица крај градот, во маалото „Свети Петнаесет" и на градите им прикачиле натписи „така се казнуваат шпионите", со снимката на В'ндев.
На Велика Сабота во 1926 година во кафеаната „Српски крал“ влегле двајца припадници на ВМРО и фрлиле експлозивни направи во кафеаната, при што загинале двајца луѓе, додека 17 биле полесно повредени. Сличен напад се случил и на 9 март 1930 година кога биле повредени 15 луѓе, од кои четири биле потешко. Во кафеаната на хотелот „Уједињење“ се случил сличен напад кога двајца припадници на ВМРО најпрвин го убиле стражарот а потоа фрлиле експлозинвни направи во кафеаната[54]. Од 1922 до 1926 година биле убиени во Струмичка околија од четите на В'ндев, Гоно Раборски или од месните и градските војводи — 72 лица, главно за тоа што одбиле да служат на организацијата.
Делување на КПЈ
[уреди | уреди извор]Во мај или јуни 1920 година, по иницијатива на Епаминонда Поп Андонов и група младинци бил направен прв обид да се формира организација на Комунистичката партија на Југославија во Струмица. На изборите од 1920 година, власта не дозволила да се истакне кандидатска список на КПЈ. Од 1.649 запишани избирачи во избирачките списоци во градот, на гласање излегле само 410, кои гласале за Демократската и Радикалната партија. По иницијатива на некои комунисти од Велес, а со цел да се создаде партиска организација и во Струмица, во јуни 1925 година во градот пристигнал Тодор Зографски. Во почетокот на 1926 година, доаѓа до формирање на првата партиска јатка во градот, но не успеала да постигне позабележителни резултати.
Активноста на КПЈ во Струмица се засилила кога група работници и студенти, што работеле или студирале во Белград, одржувале врски со извесен број младинци во Струмица. Некои од овие младинци што живееле во Белград, веќе биле членови на КПЈ, како Благој Јанков - Мучето, додека други активно работеле во синдикатите или биле членови на СКОЈ. Месните комунисти се ориентирале главно кон монополските и занаетчиските работници, а во втората половина на 1938 година, и кон оние работници и младинци кои членуваа во Есперантскиот клуб.
Втора светска војна
[уреди | уреди извор]По воениот пуч на 27 март 1941 година, веќе на 6 април, германската војска започнала напади по сите граници на Југославија, на кој му претходело силно воздушно бомбардирање на важните центри во Југославија, пред сè на Белград, а во Македонија на Скопје и Штип. Во овој период германските единици ја окупирале и Струмица и поважните места во околината, продолжувајќи ги своите дејствија во правец на Валандово и Дојран, а со друг дел од силите се упатиле кон Радовиш и Штип. Бугарија за заслугите што ги направила во освојувањето на Југославија и Грција, го добил најголемиот дел од Македонија како и други југословенски територии. Тогаш меѓу останатите краишта од Македонија и Струмица била окупирана од Бугарската армија. На 19 април 1941 година, при навлегувањето на бугарските единици во Струмица, Месниот комитет на КПЈ и Клубот на есперантистите организирале масовни демонстрации со учество на неколку илјади граѓани. Пред седиштето на есперантистите се собрало маса граѓани и во поворка тргнале по улиците на Струмица. Носејќи ја картата на Македонија ги извикувале паролите Македонија на Македонците, Да живее слободна Македонија, Долу шпиони[1].
Формирање на отпорот
[уреди | уреди извор]Првиот комитет на СКОЈ во Струмица бил формиран во почетокот на мај 1941 година, веднаш по формирањето на Месниот комитет на партијата. На 16 ноември 1941 година била формирана и организацијата на СКОЈ во Струмичката гимназија. Веќе во септември 1941 година бил формиран и Воен комитет, чија задача била прибирање на оружје. Главно поради немање на оружје, било одложено формирањето на партизанскиот одред. Во јуни 1942 година, по доаѓањето на Панче Пешев во Струмица, покрај извршената организација во партиската организација, била извршена и реорганизација и на Воениот комитет. Активноста повторно била прекинета кога на 5 јули 1942 година биле уапсени дел од членовите. Во текот на 1941 година, Месниот комитет на СКОЈ организирал две конференции, со цел да се извршат подготовки за стапување во партизански одред, до колку дојде до неговото формирање. Во исто време започнала и обука на дел од членството во ракување со пушка и пиштол. Активноста на оваа организација била до 13 мај 1943 година, кога дел од членовите на организацијата биле уапсени, заедно со членовите на партијата.
По неуспешниот обид за формирање на партизански одред, во октомври 1941 година, во партиските редови во Струмица дошло до извесни судрувања меѓу членовите. Ни со доаѓањето на Благој Мучето, работите не се одвивале во посакуваниот правец. Поради ова, на 12 февруари 1942 година, во Струмица како инструктор на Покраинскиот комитет пристигнала Вера Ацева, која му дала поддршка на Благој Јанков - Мучето, по кое во март 1942 година во Струмица бил формиран Окружен комитет, а Јанков станал негов секретар. Но несогласувањата продолжиле до доаѓањето на Мирче Ацев во април 1942 година, кога Месниот комитет на Струмица за извесно време ја затворил организацијата спрема Покраинскиот комитет, сè до формирањето на Привременото покраинско раководство, на кое за секретар бил избран Мирче Ацев. Новото раководство веднаш воспостави врска со ЦК на КПЈ, по што наскоро беа исфрлени партизански одреди во повеќе места во Македонија.
Во текот на овие години, Партиската органзиација започнала организирање на народот за отпор против окупаторот, поради кое биле формирани повеќе одбори за собирање на народна помош, воени комитети, одбори на Антифашистичкиот фронт на жените, биле издавани средства за информации како и спроведувана е одредена активност за зголемување влијанието на партиската организација во селата. Одборот за народна помош ги прекинал своите активности кога на 5 јули 1942 година биле уапсени неговите членови. Со проширувањето активноста на партиската организација во Струмица, се наложила потребата од создавање на партиска печатница. Првата машина за пишување ја набавил Јосиф Јосифовски, во есента 1941 година, додека куќата на Спиро Захов била одбрана како место каде се изготвувале летоци, билтени и слично. Партиската техника работеше сè до 5 јули 1942 година, кога поголемиот дел од партиското членство беа уапсени. а некои минаа во илегалство. Партиската печатница повторно отпочна да работи во јануари 1943 година, кога Месниот комитет набавил една машина за пишување. Исто така во првата половина на мај 1941 година во Струмица беше формирано читалиштето „Гоце Делчев".
На 18 мај 1941 година, месните комитети на Партијата и на СКОЈ во Струмица организирале излет во месноста „Свети Илија", над градот. Благој Мучето ги запознал присутните дека бугарската власт и бугарската црква се подготвуваат да го пренесат т.н. „свет оган", од Велико Трново, каде што биле крунисувани некои од средновековните бугарски цареви, во Охрид. Церемонијата се одржала на плоштадот во Струмциа на 21 мај, а самите активисти организирале протести и демонстрации, по кое биле уапсени неколку членови по интервенција на бугарската полиција. По извршените масовни апсења на 5 јули 1942 година, поголемиот дел од партиското членство било или осудено или поминало во илегалство.
Ослободување
[уреди | уреди извор]Во следната 1943 година имало неуспешен обид за формирање на партизански одред. Прв обид за формирање на месен народноослободителен одбор бил направен во селото Вељуса во почетокот на мај 1943 година. Во ова село постоеле услови за формирање НОО, но поради апсењата извршени на 13 мај, не дошло до реализирање на оваа задача. Во пролетта 1944 година, за спроведување писмото на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, со кое се даваат инструкции за организирање на НОО и избор на делегати за АСНОМ, струмичката партиска организација пристапила кон формирање на народноослободителни одбори. Веќе од крајот на јуни и почетокот на јули 1944 година, овој Одбор започнал активно да делува во Струмица. На 27 октомври 1944 година во Варварица бил формиран Првиот околски народно-ослободителен одбор за Струмица и Струмичко, од избрани делегати на сите општински одбори во околијата. За претседател на Околискиот одбор бил избран Иван Палифров, додека вториот бил формиран во Моноспитово од Панде Дрвошански.
Со извршената реорганзиација на ЦК на КПМ и Главниот штаб на Македонија, Струмица била вклучена во Третата оперативна зона заедно со Штип, за да по одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, на 10 јуни 1944 година, во источна Македонија бил формиран Плачковичкиот одред. Така, во август 1944 година, на Бел Камен, во планината Плачковица, бил формиран Струмичкиот партизански одред од десетина борци од Четвртата бригада. За командант на одредот беше поставен Боро Поцков, а за политички комесар Момчило Митревски.
На 9 септември 1944 година командантот на Струмичкиот партизански одред од Попчево, по капитулацијата на Бугарија, стапил во телефонска врска со командантот на Струмичкиот гарнизон — бугарскиот полковник Сарафов, на кого му поставил услови цивилната власт да се предаде на Народноослободителниот одбор. По ова, бил одржан и состанок помеѓу двете страни, на кој било одлучено Струмичкиот партизански одред на 11 септември 1944 година да влезе во Струмица. Во градот одредот влегол на 11 септември, но само со оние борци кои биле наоружани. Пред тоа биле испратени упатства до НОО во градот да изврши подготовки за пречек на одредот. Покрај другите пароли испишани и истакнати на општинската зграда биле и овие „Смрт на фашизмот — Слобода на народот!", „Да живее македонската војска" и други. Во градот била формирена Народна милиција од доброволци, кои се грижеле за редот и чување на јавните објекти.
Меѓутоа, на 18 септември 1944 година, градот бил нападнат од страна на 16-от германски пешадиски полк, од 22-та германска дивизија и по тешки борби со Четвртата македонска бригадада германските сили успеале да ја преземат Струмица. Бригадата и Струмичкиот партизански одред се повлекла во правец на Огражден. 48-от Бугарски полк, на 17 септември вечерта се повлекол граничната линија Коњарево — Ново Село — Дражево. Веќе на 22 септември, Четвртата бригада и Струмичкиот одред тргнале во напад на Струмица и ги потиснале на Германците по кое повторно влегле во градот. Германските единици, по напуштањето на Струмица зафатиле позиции на линијата: Три Води — Попчево — Рич. Во исто време тие добиле и засилувања од својата 22 дивизија.
По повторното преземање на Струмица, Струмичкиот одред бил расформиран и влегол во составот на Четвртата македонска бригада, како нејзин петти баталјон. Во текот на октомври воените активности продолжиле во околните струмички села, за да на 4 ноември германските единици започнат свое постепено повлекување од Струмица кон Грција. Во попладневните часови на 5 ноември 1944 година, во Струмица влегле делови од струмичкото воено подрачје и командата на местото. Истиот ден, околу седум часот навечер влегоа во градот Дваесетипрвата и артилериската бригада од 51-а македонска дивизија на НОВЈ, а подоцна и еден баталјон од четвртата бригада. На 7 ноември командата на подрачјето одобрила, во едната зграда од касарната да се смести дел од бугарските единици. Бугарските единици ја напуштиле Струмица на 9—10 ноември 1944 година.
Во текот на Втората светска војна, бројот на загинатите од Струмичко бил 72 жртви. Струмичанецот Благој Јанков - Мучето е прогласен за народен херој на Југославија. Други попознати струмички херои од периодот на Втората светска војна се Сандо Масев, Боро Џони, Герас Цунев итн.
СР Македонија
[уреди | уреди извор]По војната, Македонија влегла во составот на ФНРЈ односно СФРЈ, како рамноправна федерална единица. По крајот на војната, во Струмица била организрана народна власт, основните основните училишта во градот започнале со работа веќе во декември 1944 година. Струмица и околината во голем мера биле уништени економски. Најтешко била положбата во снабдувањето со храна на населението.
На 11 ноември 1944 година бил формиран Месен комитет на КПМ за Струмица од пет члена, а за секретар била избрана Елка Јанкова. Градот бил поделен на четири реони (Бабјак, Чифлик, Маџар маало и Варош) и во сите тие реони биле создадени партиски ќелии.
Во следните години започнала да се спроведува експропријација и национализација.
Во периодот на Информбирото и по него настрадале и многу невини струмичани. На 1 мај 1946 година, низ улиците во Струмица осамнеле летоци со пароли „Долу предавниците!“, „Долу експонентите на србизмот Димитар Влахов, Лазар Колишевски, Михаило Апостолски и нивните другари!“, „Да живее духот на Гоце Делчев и Даме Груев“[55].. По откривањето на студентската организација на ВМРО од страна на полицијата, биле уапсени 25 лица предводени од Методиј Калкашлиев. По неколкумесечни истраги во Штипскиот затвор, на 31 август 1946 година, тие биле изведени пред суд[56]
На 13 август 1951 година биле погубени т.н. Пет струмички студенти кај селото Дорломбос под образложение дека сакале илегално да пребегаат во Грција.
Република Македонија
[уреди | уреди извор]По Референдумот од 1991 година, Македонија станала независна држава. Процесот на приватизација довел до затворање на неколку компании во Струмица и отпуштање од работа на неколку стотици работници, со кое невработеноста значително се зголемила.
Избори за градоначалници
[уреди | уреди извор]За прв Градоначалник на Општина Струмица во самостојна Македонија бил избран Костадин Манолев од СКМ-ПДП, на која позиција се задржал до 1996 година, кога на Локалните избори во 1996 година бил поразен од Васил Грчев од ВМРО-ДПМНЕ. На Локалните избори во 2000 година бил избран Кирил Јанев од ВМРО-ДПМНЕ, победувајќи го својот противкандидат од СДСМ, Кирил Партенов. На Локалните избори во 2005 година бил избран Зоран Заев од СДСМ, и на таа позиција се задржал до 2016 година. На изборите во 2005 година Заев го победил Стево Топчев од ВМРО-ДПМНЕ, потоа на изборите во 2009 ја победил Силвана Бонева и на изборите во 2013 го победил Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ. Како в.д. градоначалник до изборите во 2017 година, функцијата ја извршувал Костадин Костадинов, за да на Локалните избори во 2017 година биде избран Коста Јаневски од СДСМ, победувајќи го својот противкандидат Марјан Бајрактаров од ВМРО-ДПМНЕ.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 Манол Пандевски - Ѓорѓи Стоев - Трнката, Струмица и Струмичко низ историјата, Струмица, 1969.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Опшина Струмица - Историја[мртва врска]
- ↑ Ћоровић, Владимир. Историја Срба. Нови Сад: Артпринт, 2005. 35. Print.
- ↑ "In the year 6412 since the creation of the world, indict 7 (904). Border between Byzantines and Bulgarians. In the time of Simeon, by the grace of God Prince of the Bulgarians, under Olgu Tarkan Theodore and under Komit Drista." Border marking inscription from Narǎš (modern Greece). Uspenskij, F.I. (1898). „Pograničnyj stolb meždu Vizantiej i Bolgariej pri Simeone“. Izvestija russkogo arheologičeskogo instituta v Konstantinopole (руски): 184–194.
- ↑ Историја на македонскиот народ, 2000
- ↑ Петров, П. „За годината на налагане на християнството в България“. ИИИ, т. 14 – 15, С., 1964, 588 – 589: „Покръстване на княз Борис и на неговия двор през пролетта на 864 г.“
- ↑ Петър Петров, Христо Темелски, „Църква и църковен живот в Македония“, 2003 г.
- ↑ Съдът над историците: българската историческа наука, документи и дискусии 1944-1950, Академично изд-во М. Дринов, 1995, ISBN 9544302476, стр. 246.
- ↑ Годишник На Софийския университет "Св. Климент Охридски". Център за Славяно-византийски проучвания "Иван Дуйчев". Том 10, София, стр. 89 .
- ↑ Од историјата на Струмичката епархија
- ↑ Стјепан Антолјак: „Средновековна Македонија“, том 1, Мисла, Скопје, 1985.
- ↑ Грешка во наводот: Погрешна ознака
<ref>
; нема зададено текст за наводите по имеCambridgeHist
. - ↑ George Ostrogorsky (1984). History of the Byzantine State (англиски). Blackwell. ISBN 0631127828.
- ↑ Dimitri Obolensky (1971). The Byzantine Commonwealth. 4 (англиски). Weidenfeld and Nicholson. SBN 0297003437 Проверете ја вредноста
|sbn=
: length (help). - ↑ Првиот израз „Кимба Лонга“ е од влашко потекло и во превод значи (долго поле), додека вториот е грчки збор и во наш превод значи (клуч). Во науката сè уште не е расчистено со сигурност на кое место се однесува „Кимба Лонга“, денес не постои такво место во овој крај со ова име, можеби „Кимба Лонга“ се однесува на долината на р.Струмица почнувајќи од денешното с.Ново Село па до устието на р.Струмица, т.е. Струмичкото Поле.
- ↑ В.Златарски, История на българската държава през средните векове. Том I, София
- ↑ „Писмо од Никифор Грегора до Андроника Зарида - 1326 г“. Македонска нација. Посетено на 2013-05-08.
- ↑ 19,00 19,01 19,02 19,03 19,04 19,05 19,06 19,07 19,08 19,09 19,10 Александар Матковски, Отпорот во Македонија во времето на турското владење, Скопје 1983.
- ↑ Евлия Челеби. „Пътепис“, София, 1972, стр.271 – 177.
- ↑ 21,0 21,1 21,2 21,3 Славица Тасева, „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј“ – Струмица: УРБАНИСТИЧКА ИСТОРИЈА НА СТРУМИЦА ВО ПЕРИОДОТ ОД КРАЈОТ НА XIX И ПОЧЕТОКОТ НА XX ВЕК
- ↑ Македонија во делата на странските патописци..., 458-459.
- ↑ Или во превод „јусту“ - горен, „румче“ - византиски.
- ↑ Христијанска платеничка армија
- ↑ Јуруците како номадски народ биле во потрага за пасишта, за своите стада и постојано се селеле од еден во друг крај. Во Струмичко во најголем дел биле населени во Струмичката Котлина.
- ↑ Балабанов, Коста (1998). Историја на македонскиот народ. Скопје: Институт за национална историја. стр. 468. ISBN 9989624437.
- ↑ М. Филиповић: Северна велешка села, стр. 513.
- ↑ Во документот е наведено бугарски јазик
- ↑ Овој град, според авторот на една брошура за Струмица, К. Бонис, претставувала „силна предна тврдина на грцизмот (во неговата борба) против туѓите елементи“.
- ↑ Викторъ Григоровичъ. „Очеркъ путешествія по Европейской Турціи“. Москва, 1877, стр. 120.
- ↑ 31,0 31,1 31,2 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г., Македонски научен институт, София, 1995, стр. 186 – 187.
- ↑ "Bulgarian Orthodox Church", Encyclopædia Britannica: "The struggle for an independent Bulgarian church, begun late in the 18th century, culminated in the establishment in 1870 of a Bulgarian exarchate." (англиски)
- ↑ L. S. Stavrianos, Traian Stoianovich, "The Balkans since 1453", "Bulgarian Exarchate", p. 371: "The first great victory for Bulgarian nationalism was the establishment in 1870 of a national church known as exarchate." (англиски)
- ↑ Неговиот запис е објавен во книгата „Македонија и Македонци“ во Белград 1906 г.)
- ↑ Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 160.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 106 – 107.
- ↑ Овој настан бил раскажен од Петар Белев
- ↑ Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет
- ↑ Историја на македонскиот народ, книга втора, издава нип Нова Македонија - заедница за издавачка дејност, книги, периодика и публицистика - Скопје, Скопје, 1969 година
- ↑ 41,0 41,1 Георги Т. Пеев, С Щаба на 7-та Пех. Рилска дивизия од Кюстендилско до Солун. Македония 1912-1913, Дневници и спомени, Съставител Момчил Петров Йонов, София, 1995.
- ↑ 42,0 42,1 42,2 42,3 Владимир А. Караманов, Из административната ми дейност в Струмичко и Кукушко, Македония 1912-1913..., 161-205..
- ↑ 43,0 43,1 43,2 Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј во Струмица, Струмица и Струмичко во времето на Балканските војни и Букурешкиот мировен договор, 2012
- ↑ Бранко Панов op.cit., 87.
- ↑ Геoрги Абаџиев, Балканските војни и Македонија, Институт за национална историја, Скопје, 1958, 129.
- ↑ Поранешните Балкански војни (1912-1913), Извештај на Карнегиевата балканска комисија, Култура, Скопје, 2000, 323-324.
- ↑ „Историја на македонскиот народ“, Т.4, Институт за национална историја, Скопје, 2000, стр. 131
- ↑ 48,0 48,1 Александар Андријевиќ. Монографија: „Струмица: Земља и народ“
- ↑ Александар Андријевић „Струмица, земља и народ“, Ниш, 1923, стр36.
- ↑ "Време", Београд 1931. године
- ↑ 51,0 51,1 "Време", Београд 1929. године
- ↑ „Исторически Преглед“, 1992, „Български историческо дружество“, Институт за история към БАН, стр. 68
- ↑ Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934), София, 2001, стр. 174.
- ↑ "Време", Београд 1930. године
- ↑ „Струмичката петорка – сеќавање на една украдена младост“. Архивирано од изворникот на 2017-09-13. Посетено на 2018-01-13.
- ↑ Гоцев, Димитър, „Новата националноосвободителна борба във Вардарска Македония 1944-1991“, София, 2000 г.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|