Центар за култура „Антон Панов“ - Струмица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Зградата на НУЦК „Антон Панов“ - Струмица

Национална установа Центар за култура „Антон Панов“ - Струмица е формирана на 6 април 2004 година со спојување на три претходно самостојни организации: Дом на културата, Уметничка галерија и Народен театар „Антон Панов“, согласно измените на одредбите на Законот за култура на Република Македонија.

НУЦК „Антон Панов“ - Струмица го организира, консолидира и води целокупниот културен живот во Струмица. Центарот е средиштето на сите културни настани во Струмица (претстави, изложби, концерти, промоции на книги, литературни и музички средби, презентации итн.). Основната цел на Центарот за култура во Струмица е едукација на граѓаните, особено на младата популација, анимирајќи ја нивната културна креативност, зачувувавање и негување на традиционалното културно наследство и творештво и создавање на културолошки чувствителна и образована публика.[1]

Седиште на установата е Домот на културата во Струмица, кој се наоѓа на градскиот плоштад „Гоце Делчев“.

Историјат[уреди | уреди извор]

Народен театар „Антон Панов“[уреди | уреди извор]

Основањето на струмичкиот театар[уреди | уреди извор]

На 1 мај 1949 година во Струмица била изведена драмата „Бегалка“ (од Васил Иљоски), во режија на Димитар Колчаков. Тој датум се зема како датум на официјалното основање на струмичкиот театар, а подготовките за неговото основање започнале кон крајот на 1948 година, кога локалната самоуправа во Струмица донела одлука за формирање театар и дозвола за изградба на театарска зграда. Градски народен театар - Струмица е првиот професионален театар основан во Источна Македонија. Театарска зграда, позната денес како Стариот театар, е изградена на улицата „Боро Џони“ во централното градско подрачје на Струмица, во близина на киното Балкан. Кратко по првата изведба на „Бегалка“, на 25 мај, струмичкиот театар ја извел и „Сомнително лице“ (од Бранислав Нушиќ), повторно во режија на Димитар Колчаков. На 5 ноември, во режија на Коле Чашуле, во Струмица премиерно била изведена и претставата „Печалбари“ (од Антон Панов), која е најпосетувана претстава во историјата на струмичкиот театар.

Првите децении на струмичкиот театар[уреди | уреди извор]

Во првата деценија по основањето на струмичкиот театар, во 1950-тите години се изведувале седум до десет премиери годишно. Ова било време на голем театарски ентузијазам. Репертоарот на струмичкиот театар во тој период е ориентиран кон битовиот драмски модел, кон неговата сценичност, којашто во најголема можна мера има непосреден и близок контакт со публиката. На репертоарот на струмичкиот театар имало и комедии, како што се популарните комедии на Бранислав Нушиќ. Во тоа време немало образовани режисери во струмичкиот театар, освен Димитар Колчаков, кој најчесто режирал и кој бил на кратка специјализација од областа на режијата во поголемите театри во тогашната држава. Во 1954 година, Колчаков ја добил тогашната Републичка награда за најзаслужни режисери во Македонија. Кон крајот на 1950-тите, во Стариот театар се изведувале и авангардни претстави од автори како Арман Салакру и Џон Пристли, во режија на Ацо Алексов, кој се школувал во Белград. Во тој период значително се подобрува нивото на професионализам на струмичкиот театар. Во 1957 година средношколецот Ристо Шишков дебитирал на струмичката сцена во претставата „Ноќи на гневот“ од Арман Салакру, во режија на Ацо Алексов.

Писателот Кочо Урдин е директор на струмичкиот театар во сезоната 1962/63, а потоа и од 1967 до 1970 година. На негово инсистирање, салонот на театарската зграда ќе се реконструира и адаптира, а исто така, по негова иницијатива, патрон на струмичкиот театар ќе стане истакнатиот македонски драмски писател Антон Панов, кој починал во 1968 година во Струмица. На краток период од три години, од 1963 до 1966 година, струмичкиот театар бил интегриран во Работничкиот универзитет во Струмица. Во 1964 година, претставата „Матуранти“ од Жозе Андре Лакур, во режија на младиот режисер Бранко Ставрев, ги освоила сите девет награди на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, по што следувале и други успеси на струмичкиот театар на истиот фестивал. Критиката тогаш вистински започнала да ја следи продукцијата на струмичкиот театар. Во 1964 година била основана и Уметничката галерија во Струмица.[2] Репертоарот на струмичкиот театар од 1960-тите вклучува драми од американскиот модернизам, егзистенцијализмот на Албер Ками и други драми, вклучително и драми од домашни автори. Во 1970-тите, театарот од Струмица и учесниците во претставите се наградувани на театарските игри во Прилеп неколку години по ред. Во 1975 година, струмичкиот театар ја добил и републичката награда „Климент Охридски“.

Напуштањето на Стариот театар, години без дом и преселување во Домот на културата[уреди | уреди извор]

Во 1977 година, поради дотраеност, зградата на театарот во Струмица, Стариот театар, била забранета за јавна употреба. Бараки спроти поранешната автобуска станица во Струмица станале привремено седиште на струмичкиот театар, таму се одржувале дел од пробите. Струмичкиот театар ќе се обиде да не ги прекине врските со старата театарска зграда, така што и покрај забраната, понекогаш таму ќе има проби за претставите. Сепак, по напуштањето на Стариот театар, повеќето проби и премиерните изведби на струмичкиот театар се случувале во Домот на ЈНА во Струмица. Желбата да се одржи Стариот театар нема да згасне, а во јуни 1981 година, во напуштената театарска зграда, премиерно била изведена претставата „На крајот на патот“.

Како дел од урбаното проширување на Струмица во 1970-тите, во центарот на градот започнал да се гради и дом на културата. Домот на културата „Благој Јанков Мучето“ – Струмица свечено е пуштен во употреба на 1 мај 1986 година.[3]

По девет години без дом, Народниот театар „Антон Панов“ конечно се преселил во новоотворениот Дом на културата во Струмица. Во 1980-тите се зајакнал и актерскиот тим на струмичкиот театар. Во 1986 година, во Стариот театар, Телевизија Скопје ја снимила претставата „Власт“, со која доајените Стојан Гогов и Александар Думов го одбележале нивното пензионирање. Есента 1986 година, во режија на Бранко Ставрев, била прикажана претставата „Големиот смок“ од Митко Маџунков, претстава која ќе има голем успех и заедно со уште неколку претстави ќе ја врати струмичката публика во театарот.

НУЦК „Антон Панов“ – Струмица[уреди | уреди извор]

Почнувајќи од 6 април 2004 година, со измените на одредбите на новиот Закон за култура на Република Македонија, трите претходно самостојни организации во Струмица: Дом на културата, Уметничка галерија и Национален театар „Антон Панов“, биле интегрирани во заедничка организација, под името Национална установа Центар за култура „Антон Панов“ - Струмица.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „НУЦК Антон Панов - Струмица“. Посетено на 2021-07-28.
  2. „Институции – Општина Струмица“. Посетено на 2021-07-28.
  3. „Дом на култура - Струмица / Б. П. Тофовска и В. Н. Кочовска 1976-81 – МАРХ“. Посетено на 2021-07-28.

Библиографија[уреди | уреди извор]

  • СЦЕНА, светлини: 70 години Народен театар „Антон Панов“ – Струмица: монографско издание. Струмица: НУЦК „Антон Панов“ – Струмица. 2019. ISBN 978-608-66227-8-7.