Бегалка
„Бегалка“ (или „Ленче Кумановче“) — драма во пет чина од македонскиот драмски писател Васил Иљоски. Дејството се случува во првата деценија на 20 век во Куманово и ги претставува патријархалните и конзервативни односи во семејствата во тој период.[1]
Ликови
[уреди | уреди извор]Ликови во драмата се:
- АЏИ-ТРАЈКО, богаташ, лихвар
- ВЕЛИКА, негова жена
- ЛЕНЧЕ, нивна ќерка
- ДОНКА, нивна слугинка
- МИРСА, Трајкова сестра
- БОШКО, млад занаетчија
- ЕВРА, негова мајка
- СТОЈКО, богат трговец
- ДОСЕ, негов син
- ТРЕНДО, бозаџија
- МИТРЕ, занаетчија, мајстор
- ТРИПКО, занаетчија, стар калфа
- САНКО, занаетчија, калфа
- МАНАС, бивш црковен пцалт
- ПЕТКО, слеп просјак
- ШИШКО, меанџија
- ЕКРЕМ-АГА
- MOMЦИ, ДЕВОЈКИ, НАРОД, СВИРАЧИ, 3АПТИИ, ЧАУШ
Бошко е лик кој е цврст кога сака, но мек кога треба да прости; горд кога го фалат, но понижен кога се фали – е драга слика на македонскиот маж. Ако Митке од „Коштана“ на Бора Станковиќ е „болен од самиот себе, болен што е жив“, Бошко „е здрав од самиот себе, здрав што е жив“. Навредите што му се упатуваат за него не претставуваат сопка, туку поттик за докажување пред себеси. Во неговата љубов кон Ленче нема ништо приземно, бидејќи „само еден бакнеж му е потребен, па ако треба и нека се умре“. Зад таа љубов не се крие ништо друго, туку само огромна радост и блаженство, потврдување на животот. Аџи-Трајко е сосема спротивен лик, зашто тој е заслепен од земните заблуди и има стврднато срце кое долго време не го употребил за ништо, така што тој е човек со „за’рѓано срце“. Празноверието на богатството е неговата мера за животот; тој е болен и неспособен, дури и во оној единствен момент на исконската љубов кога треба да го земе внучето. Уште еден впечатлив лик во драмата е Манас, некогашниот црковен псалт, трагична личност со распарчена душа меѓу бога и мамона. Тој е, можеби, првиот лик во македонската книжевност кој е претставен преку неговата потсвест, навистина бегло, но сепак, доволно воопштено. Постои нешто расколничко меѓу двете спротивни точки на неговата песна: „Иже херулими...“ и „Нозете ѝ се солунски диреци...“ Меѓу тие две кобни точки се крие двобожна слика на светот и на човекот, на местото и прокудата.[2]
Дејствие
[уреди | уреди извор]Прв чин
[уреди | уреди извор]Дејствието се одвива во Куманово, во првата деценија на 20 век. За време на еден празник се насобрани многу луѓе, а момците и девојките играат оро. Меѓу играорците се Досе, синот на богатиот чорбаџија Стојко, и убавата Ленче, ќерката на лихварот Аџи-Трајко. Досе е заљубен во Ленче, но таа не може да го поднесе зашто го сака Бошко. Донка, слугинката во домот на Ленче, го лаже Досе дека Ленче е заљубена во него, а тој ѝ дава ситни подароци. Вечерта се среќаваат Ленче и Бошко, кој е нестрплив и сака што побрзо да ја земе за жена.[3]
Втор чин
[уреди | уреди извор]Аџи-Трајко го посетува неговата сестра Мирса, која му кажува дека чорбаџијата Стојко сака да го ожени синот Досе за Ленче, но дека таа го сака сиромашниот Бошко. Трајко се согласува да ја даде Ленче за Досе, иако жена му Велика му кажува за љубовта на Ленче и Бошко. Дознавајќи за тоа, Ленче е многу несреќна и тогаш Донка ѝ ги признава лагите што му ги кажувала на Досе и, истовремено, ја советува Ленче да побегне од дома. Во домот на аџи-Трајко доаѓа мајка му на Бошко, Евра, која ја бара Ленче за жена на својот син, но аџи-Трајко грубо и навредливо ја одбива поради нивната сиромаштија. Потоа, чорбаџијата Стојко и аџи-Трајко ја договараат свршувачката на Ленче и Досе. Веста за свршувачката веднаш се раширува низ градот и во домот на Ленче доаѓаат другарките, но Ленче е очајна.[4]
Трет чин
[уреди | уреди извор]Во меаната седат неколкумина мажи кои пијат, жалејќи се на тешкиот живот и на немилосрдниот аџи-Трајко. Доаѓа Бошко кој, исто така, пие за да ја угаси тагата по веста за свршувачката на саканата. Тогаш, бозаџијата Трендо го наговара да ја грабне Ленче. Насобраните луѓе пеат гласно и го будат аџи-Трајко, кој започнува кавга со нив, а набргу доаѓаат заптиите и ги бркаат гостите од меаната. По некое време, Бошко се враќа назад и се среќава со Ленче, која се согласува да побегне кај него.[5]
Четврти чин
[уреди | уреди извор]Од својот дом, Велика ја слуша музиката од свадбата на Ленче и тагува поради тоа што не смее да присуствува на веселбата. Доаѓа Мирса кој го прекорува аџи-Трајко, а тој се правда дека направил сѐ да го спречи бракот на Ленче и Бошко, меѓутоа поради Хуриетот, чаушот Екрем-ага не можел да го испрати Бошко во прогонство. Во нивниот дом доаѓа Евра со намера да се помират, но Мирса грубо ја брка од куќата. Додека свадбарите минуваат покрај куќата, аџи-Трајко ја зема пушката и пука кон Ленче.[6]
Петти чин
[уреди | уреди извор]На Прочка, аџи-Трајко седи потиштен во меаната. Од бозаџијата Трендо дознава дека Досе е оженет, но дека го тепа жената. Донка се враќа од посетата на Ленче и Бошко и на аџи-Трајко и Велика им кажува за нивниот среќен брак и за нивното машко бебе. Во тој миг доаѓаат Евра, Бошко и Ленче барајќи проштевање од родителите на Ленче. Аџи-Трајко се разнежува кога го здогледува внукот, но бега дома; Мира, исто така, бега засрамена, а насобраниот народ ја исмева; Велика е потресена од средбата со Ленче и со внукот; а луѓето започнуваат песна и оро.[7]
Осврт кон делото
[уреди | уреди извор]Според Бошко Смаќоски, иако според темата (која е стара и позната), „Бегалка“ не е ништо ново во книжевноста, сепак, таа е еден од камен-темелниците и урнеците на македонската книжевност, зашто напишана на еден македонски дијалект во времето на оспорувањето на македонската национална и културна самобитност, оваа драма, сама по себе, е историја. Исто така, Смаќоски ги отфрла критиките кои ги оспоруваат уметничките вредности на „Бегалка“, истакнувајќи дека таквите оцени се неприродни и нездрави, зашто драмата претставува книжевност во полна смисла на зборот: од народското и социјалното се никнати здрави и оформени ликови, конзервирано е едно време со сите негови движења, пороци или напори, направена е фреска со сите бои на секојдневието преточено во уметничко доживување. Неколкуте светски и вечни дилеми – љубовта, честа, храброста, силата, верноста и богатството – се предадени тука, во Македонија, со сета нивна регионалност, но и светскост.[8]
Самиот автор објаснува дека пиесата ја напишал за народот, за широките народни слоеви, со особено настојување на сите да им биде поблиска и разбирлива. Во неа ја прикажува борбата против надживеаните и штетни традиции, обичаи и општествени стеги, како и жртвувањето за народот, за општото добро и напредокот, трагиката на животните тешкотии, времето на социјалните судири и на економските кризи. Според Иљоски, народот сакал на сцената да види победа на вистината над лагата, на доброто над злото, победа на социјалната правда и човечноста.
Театарски изведби
[уреди | уреди извор]За првпат пиесата била изведена во 1928 година на сцената на Скопскиот театар, на кумановски говор, а потоа набргу била симната од репертоарот и забранета. Повторно, премиерно е прикажана на 15 декември 1936 година, овојпат под наслов „Ленче Кумановче“. До крајот на театарската сезона истата година, претставата била прикажана 12 пати и ја гледале 6.136 гледачи.
Изданија
[уреди | уреди извор]Во 1968 година, драмата била објавена од скопската издавачка куќа „Просвета“ во рамките на библиотеката „Одбрана лектира“. Книгата е испечатена во печатницата „Просвета“ во Куманово, во октомври 1968 година, а во тираж од 10 000 примероци. Таа има обем од 76 страници и не е каталогизирана.[9]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Македонската „Бегалка“ распродадена еден ден порано Архивирано на 2 декември 2009 г.
- Снаата на ликовите од „Бегалка“ ја раскажува вистинска приказна за кумановските Ромео и Јулија
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ http://gbsk.mk/eknigi/Begalka.pdf[мртва врска]
- ↑ Бошко Смаќоски, „За авторот и делото“, во: Васил Иљоски, Бегалка (комедија во пет чина). Просвета, Скопје, 1968, стр. 4.
- ↑ Васил Иљоски, Бегалка (комедија во пет чина). Просвета, Скопје, 1968, стр. 7-20.
- ↑ Васил Иљоски, Бегалка (комедија во пет чина). Просвета, Скопје, 1968, стр. 21-42.
- ↑ Васил Иљоски, Бегалка (комедија во пет чина). Просвета, Скопје, 1968, стр. 43-55.
- ↑ Васил Иљоски, Бегалка (комедија во пет чина). Просвета, Скопје, 1968, стр. 56-65.
- ↑ Васил Иљоски, Бегалка (комедија во пет чина). Просвета, Скопје, 1968, стр. 66-75.
- ↑ Бошко Смаќоски, „За авторот и делото“, во: Васил Иљоски, Бегалка (комедија во пет чина). Просвета, Скопје, 1968, стр. 3-4.
- ↑ Васил Иљоски, Бегалка (комедија во пет чина). Просвета, Скопје, 1968.