Зграда на Општина Струмица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Зграда на Општина Струмица
Strumica X (28).JPG
Фасада на зградата, мај 2011 г.
Зграда на Општина Струмица is located in Струмица
Зграда на Општина Струмица
Местоположба во рамките на Струмица
Поранешни називиОпштински дом
Други називиГрадско собрание
Општи податоци
СтатусСедиште на локална самоуправа;
Културно наследство на Македонија
АдресаУл. „Сандо Масев“ бр. 1
Координати41°26′13.7″N 22°38′13.5″E / 41.437139° СГШ; 22.637083° ИГД / 41.437139; 22.637083
Завршена1931 г.
СопственикОпштина Струмица

Зградата на Општина Струмица е историски објект сместен во центарот на градот Струмица, на улицата „Сандо Масев“, во непосредна близина на плоштадот „Гоце Делчев“. Таа е прогласена за Културно наследство на Македонија. Денес таа претставува седиште на Општина Струмица. Зградата сè уште е нарекувана и како Градско собрание или само Собранието, а порано била позната и под називот Општински дом. Таа е изградена во 1931 година за потребите на локалната самоуправа, тогаш во рамките на Кралството СХС.

Опис[уреди | уреди извор]

Сместена во централното градско подрачје, пред самиот почеток на плоштадот „Гоце Делчев“ и Старата струмичка чаршија, зградата на Општина Струмица доминира со својата фасада. Веднаш до неа се наоѓа и хотелот „Српски крал“, изграден во истиот архитектонски стил, како и Малиот градски парк. Зградата претставува трикатен објект, вклучувајќи го и приземниот дел, составен од канцеларии за неколку одделенија на општината, како и холот на зградата. На другите два ката исто така се сместени канцеларии за општинската администрација, меѓу кои и за градоначалникот, која се наоѓа на вториот кат. Главниот влез на зградата е во аголна форма, а веднаш над него е изграден и полукружен балкон на кој се излегува од кацеларијата на градоначалникот. Гледано од птичја перспектива, објектот е во А форма. Денес во задниот дел на објектот има паркинг за вработените во општината. Стилот на објектот е во неокласична архитектура, карактеристичен за градбите во Струмица во првите три децении од 20-от век. Декоративните елементи на зградата се со изразени западно-стилски влијанија, исто така познати за овдешното градителство тогаш.

Историја[уреди | уреди извор]

Разгледница од Струмица од 1930-тите со поглед кон Собранието (лево) и хотелот „Српски крал“ (десно)

Како дел од Вардарска Македонија, Струмица во 1920-тите припаѓала на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Во овој период градот започнал особено да се развива, гради и проширува, по повеќето негови уништувања за време на Балканските војни и Првата светска војна. Германскиот новинар Макс Фишер, кој на два пати ја посетил Струмица, во 1929 година напишал: „Струмица станала една од најубавите населби во Јужна Србија. Насекаде може да се види изградба на нови куќи“. Така се јавила и иницијативата за изградба на соодветен објект за локалната самоуправа. Изградбата на зградата започнала во 1926 година. Се смета дека на темелите биле запишани името на тогашниот градоначалник и советниците. Објектот бил завршен во 1931 година. Како и низ другите места во кралството, тој бил познат како Општински дом, а самото тоа име било испишано на фасадата над балконот. Во независна Македонија, зградата сè уште е седиште на локалната самоуправа, а во почетокот на 2009 година нејзината фасада била реновирана.

Видете исто така[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]