Прејди на содржината

Солунско примирје

Од Википедија — слободната енциклопедија
Члeнови на бугарската комисија Иван Луков, Андреј Љапчев и Симеон Радев

Солунско примирје — примирје кое било потпишано на 29 септември 1918 година помеѓу Бугарија и Сојузничките сили во Солун. Конвенцијата следела по барањето на бугарската влада на 24 септември, барајќи прекин на огнот. Примирјето делотворно го прекинало учеството на Бугарија во Првата светска војна на страната на Централните сили и стапило на сила на пладне на 30 септември. Примирјето предвидувало демобилизацијата и разоружување на бугарските вооружени сили.

Потписниците на страна на сојузниците биле францускиот генерал Луј Франше д'Епере, командант на сојузничката армија и комисија назначена од страна на бугарската влада, составена од генерал Иван Луков (член на бугарската армија), Андреј Љапчев (член на кабинетот) и Симеон Радев (дипломат).

На Бугарија и било наложено да ја демобилизира својата армија, да се повлече од окупираните територии, и да има делумна воена окупација. Трупите западно од Скопје - околу 100.000 - останале заробени од страна на Антантата. Германските и австроунгарските единици морале да ја напуштат земјата во рок од 4 недели. Освен тоа, од Бугарија било побарано да ја врати воената опрема која била земена од грчкиот четврти армиски корпус за време на бугарската окупација на Источна Македонија во 1916 година. Бугарија и особено Софија не требало да бидат окупирани, но сојузниците имале право привремено да заземат некои стратешки точки и да ги пренесат војниците на бугарска територија.

Според членот пет од примирјето, околу 150.000 бугарски војници кои се наоѓале западно од Скопје, требало да се предадат на Антантата како заложници[1].

Било предвидено да Французите испратат војници во Романија и Британците и Грците во Турција, кои сè уште биле во војна со сојузниците.

Документот останал во сила сè до конечниот општ мировен договор (Нејски мировен договор, во ноември 1919 година).