Струмичко Кале

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Струмичко кале)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Струмичко Кале
Цареви кули
Czar’s Towers (8).jpg
Поглед кон северната кула
Струмичко Кале се наоѓа во Струмица
Местоположба во рамките на Струмица
Поранешни називи Астраион
Други називи Цареви кули
Општи податоци
Тип фортификација
кале
Место Струмица
Координати 41°25′54.84″ СГШ 22°37′42.6″ ИГД / 
Надм. височина 445 м
Сегашни станари археолошки локалитет
Почната IV в. п.н.е.
Завршена XII в.
Пуштена во употреба во реконструкција
Нарачател Влада на Македонија
Сопственик Влада на Македонија
Висина 10 м
Димензии
Пречник 21.60 х 8 м
Технички податоци
Подна површина 3.654 м2
Внатрешен проектант Зоран Рујак
Портал
carevikuli.com

Струмичко Кале или Цареви кули — тврдина од XI век која се наоѓа над градот Струмица. Тврдината е вклученa во Списокот на Културно наследство на Македонија.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Царевите кули се издигаат над југозападната периферија на Струмица каде се крстосувале значајни антички патишта: патот Астибо — АстрајонДоберИдомениТесалоника (денешен ШтипСтрумицаВаландовоДојранСолун); патот кон Стримон на исток (денешен Петрич) и кон Стенае на запад (денес оди само до Конче, а не и до Демир Капија)[1].

Ова кале се наоѓа на надморска височина од 445 метри и од таму е можна прегледност и контрола над целата струмичка котлина[2]. Калето можело полесно да се брани и кога не би било утврдено, затоа што со стрмнина е обиколено од сите страни. Ваквата местоположба на тврдината и овозможува едновремено да ги контролира трите влеза во градот.

Подградието на градот се простирало во северното подножје на ридот, на високата тераса на која денес лежи најстариот дел на Струмица. И тоа било опфатено со ѕидини, а надвор од овој простор се ширела некрополата (кај старата пошта). Во овој дел биле откопани гробови од хеленистичко време (III век п.н.е.) и римскиот период (III век н.е.).

Калето имало специфична правоаголна основа голема 21.60 х 8 метри. На целиот простор од тврдината се наоѓаат темели од куќи за живеење и поголеми градби од друг карактер. Површината на калето изнесува 3.654 м².[3]

Историја[уреди | уреди извор]

Од 986 до 1018 година Струмица се наоѓала во рамките на Самоиловото царство и на неговите наследници. Од 1018 до 1330 година егзистирала во рамките на Византија, со покуси прекини од крајот на XII до средината на XIII век. Имено тогаш со неа владееле локалниот феудалец Добромир Хрс (од околу 1185 до 1202 година), а потоа наизменично Бугарите, Латините од Солун и царевите од Никеја. Србите ја зеле Струмица во 1330 година, а Османлиите во 1385 или 1395 година. Во турскиот период Струмица постоела како градче со мешано турско и христијанско население и седиште на една голема каза.

Антички период[уреди | уреди извор]

Остатоци од населбата

Најстарите остатоци за постоење на град на ова место датираат од раниот енеолит каде при истражувањето во 2000-тите била пронајдена куќа односно праисториска населба која била расположена на самата падина. Од овој период исто така биле пронајдени фрагменти на садова керамика. Над оваа т.н. куќа била пронајдена втора фаза, најверојатно од доцниот енеолит. Од оваа населба исто така биле откриени многу фрагменти на садова керамика од раниот енеолит како и некои други отилитарни предмети кои на некој начин биле употребувани во секојдневниот живот на жителите на населбата. Така според сите досегашни наоди заедно со откриената предисториска населба, укажуваат дека на овој локалитет опстојувале разни цивилизации во период од околу 6.500 илјади години[4].

Во 168 п.н.е. Македонија паднала под римски протекторат и била поделена на четири мериди, а Астрајон припаднал на втората мерида. Во 148 п.н.е. Македонија станала римска провинција. Под името Астрајон градот или тврдината за првпат во пишаните извори се среќава кај римскиот историчар Тит Ливиј, во 181 п.н.е., во врска со убиството на Деметриј, братот на македонскиот крал Персеј (179-168 п.н.е.), односно синот на Филип V Македонски (221-179). Името Астрајон градот го добил по пајонското племе, Астраи.

Од овој период потекнуваат монети на кој е претставен богот Аполон како и монети со ликот на Филип Македонски. Од периодот кога Струмица се наоѓала под власта на Римската република и Римската империја, била откриена и некропола. Во текот на овој период не е познато дали постоела некаква тврдина. Истражувањата покажале на ритуал на погребување преку кремирање на покојниците со богат фундус на садови и друг материјал материјал како накит, монети.

Од овој период исто така биле пронајдени и пет јами вкопани во карпа од кои некои со огромни димензии. Т.н. Јама 5 има широчина 5х5 метри и 4 метри длабочина. Од овие јами биле откриени огромна количина керамика со црн фирнајз и фрагменти на црвенофигурална керамика, накит, фибули од малоазиски тип, оловни проектили со натпис, македонски монети на Филип II и Аминта III и Филип V, неколку фрагментирани железни копја, култови на Кибела и Хермес потврдени преку нивни теракотни претстави, пар на златни обетки со негроидни глави и уште еден пар на златни обетки со лавји протоми[5] како и ламба со ликот на Александар Македонски[6].

Во текот на 2014 година, при истражување на археолошкиот локалитет бил пронајден царски трезор од артефакти. Во трезорот биле пронајдени теракотни фигури на божицата Кибела и Хермес, златни прстени, римски ламби со претстава на Ахил, Пентесилеја и Атина како и монети од 4 век п.н.е. , 4300 византиски монети и мал број венецијански монети[7].

Византиско-словенски период[уреди | уреди извор]

Поглед кон Цареви кули
Macedonian archaeology stub icon.svg
Macedonian archaeology stub icon.svg
Археолошко наоѓалиште
Цареви кули
Czar’s Towers (4).jpg


Цареви кули се наоѓа во местоположба во рамките на Македонија
Цареви кули
Цареви кули
(местоположба во рамките на Македонија)
Местоположба 41°26′15″ СГШ 22°38′35″ ИГД / 
Основни податоци
Име Цареви кули
Место Струмица
Општина Струмица
Тип

Археомак 2.0 графички знак (населба).svg населба

Период доцноантичко време
среден век
Портал „Археологија“  • Проект „Археомак“

Во текот на рановизантискиот период била изградена првата тврдина на денешниот локалитет иако не е познато како изгледала. Од тој период односно IV век биле пронајдени монети на Констатин и Диоклецијан во некрополата. Најверојатно во следните векови на овие простори не постоел живот на ова подрачје за да повторно бидат пронајдени остатоци од XI век.

Историјата на оваа тврдина е поврзана за постоењето на самиот град. Во времето на Самоиловото царство, самиот цар ја знаел дека навлегувањата на византиските сили доаѓале од југоисточниот дел односно од Тракија и Серско Поле па по долината на река Струма.

Ваквиот избор на Струмица бил сосема погоден. Од страна на Византиците тврдината била наречувана „задоблачна", бидејќи „луѓето кои седеле на ѕидиштата, кога се гледаат од рамницата, изгледале како птици“[8].

Во Беласичката битка според некои историчари се смета дека Самоил или се наоѓал во Струмичката тврдина или бил префрлен во тврдината по катастрофалниот пораз од Византија по кое од страна на неговиот син Гаврило Радомир го одвел кон тврдината во Прилеп[9]. Во периодот по битката на Беласица, византискиот император Василиј II им наредил на своите војводи, да ги преминат ридовите околу Струмица и да ги запалат ѕидините за да му ги исчистат сите пречки на патот кој води кон Солун. По добиената голема победа, Василиј II тргнал кон тврдината во Струмица, но наскоро еден друг настан го натерал да се откаже од нејзиното опсадување и да отстапи кон исток, од каде што и дошол. Имено, византискиот император му наредил на Солунскиот стратег Теофилакт Вотанијат со една единица да го расчисти патот кон Струмица од југ, од кај Костурино и Чам Чифлик. Византискиот одред бил одненадеж дочекан од заседи од македонските стражи кои со една теснина го уништиле, напаѓајќи го со камења и стрели. Византиците претрпеле потполн пораз, а самиот Теофилакт Вотанијат паднал, наводно, прободен од копјето на самиот Гаврило Радомир[10] по кое следувало и ослепување на самоиловите војници кај селото Водоча[11].

За периодот од XII век во текот на ископувањата биле пронајдени бакарни скифати и 4300 византиски монети[12].

Поглед кон Струмица од Цареви кули

Кон крајот на XII век и смртта на Мануел I Коминн Византија значително ослабила а на регионот околу Струмица се осамостоил Добромир Хрс кој покрај Струмица за свое седиште го избрал и Просек. Во текот на овој период има најмногу податоци за тоа како изгледал животот кон крајот на XII век во тврдините. Тврдината била чувана од страна на 200 до 300 војници[13]. Се смета дека тврдината била заземена од страна на Византија во 1201 година.

Во следниот период тврдината била под власта на Севастокрар Стрез, на мелничкиот господар Алексиј Слав. Кон крајот на 13 и почетокот на XIV век Цареви кули одиграле значајна улога во српско-византиските судири каде е спомената тврдината. Во почетокот на XIV век, византискиот емисар во дворот на српските кралеви Никифор Грегора, се задржал неколку дена во Струмица каде што нашол заштита во градот и во едно од своите писма до Андроник Зарида во 1326 година запишал:

...Следното утро по цел ден одење стигнавме во едно гратче, над облаците, што се вели, Струмица, така некако наречено од месното население, сместено на една откината и ѓаволски висока планина, така што тие што седеа на тврдината, гледани од долината, прилегаа на птици...[14]

Османлиски период[уреди | уреди извор]

Тврдината најверојатно околу 1334 година била освоена од страна на срскиот цар Душан[15] а веќе кон крајот на XIV век (1385 или 1395 година), градот заедно со тврдината паднал под османлиско владеење. Во текот на XV век е познато дека Османлиите извршиле одредени активности и поправки на самата тврдина за да веќе кон крајот на XV век и почетокот на 16 век тврдината го изгуби своето стратешко значење. Во периодот во XVI век на тврдината престојувала само една мала стража составена од неколку војници за да во XVII век тврдината биде целосно напуштена.[16] За напуштањето на тврдината имаат споменато и османлиските патеписци Евлија Челебија и Хаџи Калфа и дека во неа имало само некои чобани кои што овде биле на некој начин засолнети помеѓу руините на тврдината[17]. Хаџи Калфа во врска со градот напишал:

... тој е сместен под еден брег, на чиј врв се наоѓа опустело гратче[18]. Водата се доведува по канали и се распределува на џамиите, бањите и бавчите...[19].

Во текот на овој период започнало населување на муслиманско население и градот се проширил кон денешниот Стар град и Стара чаршија по кое тврдината изгубила секакво значење.

Денешно време[уреди | уреди извор]

Внатрешноста на кулата која служела како цистерна
Поглед кон реконструираната кула

Според истражувањата, тврдината била користена во времето на Балканските војни и двете светски војни. Во деновите пред ослободувањето на Струмица, во ноември 1944 година една германска единица се утврдила овде за да ги контролира едновремено трите влеза во градот[20].

Во текот на 2000-те години бил направен проект за реконструкција на локaлитетот Цареви Кули преку програмата за прекугранична соработка со Општина Петрич од Република Бугарија[21] и истиот бил финансиран од Европската агенција за реконструкција и од сопствени средства на општината.

Целиот проект е поделен во пет фази и тоа:

  • I - фаза инфраструктура
  • II - фаза истражување
  • III - фаза конзервација
  • IV - фаза реконструкција
  • V - фаза - презентација и одржување на две работилници во сферата на културата[22]

Опис на тврдината[уреди | уреди извор]

Западен дел[уреди | уреди извор]

Тврдината позната како Цареви кули била поделена во два главни дела, западеи и јужен. Западниот дел кој се наоѓал на тесниот врв бил опфатен со внатрешен ѕид и со четири кули. Овој дел бил резервиран за воениот гарнизон. Највисокиот северозападен дел со еден внатрешен ѕид бил издвоен во акропола[23].

Северен дел[уреди | уреди извор]

Северната страна на тврдината е многу стрмна, а камениот материјал е трошен и се осипува. На неколку места пороите направиле големи дупки. Во средината на падината се наоѓаат остатоци на една мала, еднокорабна градба, можеби црквичка, од која се зачувани источниот и јужниот ѕид. Ѕидовите се малтерисани, но врз малтерот не е забележуваат траги од боја или цртеж, што би покажувало дека градбата била црква. Не е јасно како е приоѓало кон оваа градба, но многу е веројатно дека постоел пат кој бил однесен од пороите, заедно со северната половина од објектот и нејзиниот свод. Материјалот од разрушените ѕидови, во поголеми компактни блокови, може да се види расфрлан по стрмата падина.

Јужен дел[уреди | уреди извор]

Пространата падина што се протега јужно, југоисточно, источно и североисточно од акрополата, била опфатена со надворешниот градски ѕид и се користела како станбен простор. Во овој дел се наоѓаат бројни темели од помали градби за живеење и работилници.

Ѕидини[уреди | уреди извор]

По самите рабови на тврдината се наоѓаат остатоци од одбрамбен ѕид од кои западниот, во должина од 14 метри и денес е добро видлив. Овој одбрамбен ѕид тече околу платото и ја следи конфигурацијата на теренот по речиси иста изохипса. Покрај овој бедем на врвот на ридот, постојат уште неколку бедеми кои се протегаат на северната страна во неколку појаси. Овие појаси најверојатно допираат до самиот град Струмица[24].

Главниот влез на тврдината се наоѓал на јужната страна. Влезот бил фланкиран со две правоаголни кули, од кои југозападната и денес е сочувана, иако во нарушена состојба. Што се однесува до југоисточната кула, таа се издигала сè до земјотресот кој ги погодил овие краишта во триесетите години на XX век. Влезот на јужната страна бил организиран со мост, кој веројатно бил подвижен во некои периоди и кој го премостувал вештачки направениот длабок дол поврзувајќи го со гребенот јужно од влезот.

Внатрешност[уреди | уреди извор]

Кули[уреди | уреди извор]

Поглед кон кулата

Од некогашната тврдина денеска се согледуваат на северната и северозападната страна остатоци од четири кули додека на источната страна одвај се наѕираат остатоците на една тркалеста кула која веројатно го маркирала влезот на тврдината.

Кулите најверојатно биле изградени во времето на Константин Дејанов[25]. Двете кули кои се наоѓаат во западниот дел од калето биле обновувани во текот на XII век и XIV век.

Најзачувана и најинтересна е кулата во внатрешноста на тврдината кој најверојатно била изградена најдоцна до XII век. Оваа кула претставува донжон кула (главна кула)[26] која однадвор е во форма на издолжен шестоаголник и издадени остри краишта а внатре има правоаголна основа и имала два или повеќе ката. Во оваа кула се наоѓала дождовница односно внатрешноста во сутеренот била обложена со хидростатична изолација и служела како цистерна за вода. Во внатрешнота на ѕидовите е гледаат лежиштата на меѓукатните контрукции изградени од дрво. Димензиите на ѕидовите мерени однадвор се: 5,50 х 12,5 метри, дебели околу 3 метри, а во клуновите и над 3 метри. Највисокиот дел од зачуваниот ѕид изнесува околу 9 метри височина.

Југоисточната кула заедно делови од кулата на југозападната страна го формирале влезот на јужната страна. Влезот најверојатно функционирал со подвижен мост[27]. Оваа кула била срушена во земјотресот од 1931 година[28].

Поглед кон предавателот на МРТВ и трафостаницата под кои се наоѓаат темелите на црквата

Педесетина метри северно од кулата се наоѓа издлабена во земјата четвороаголна просторија - цистерна. За оваа просторија се претпоставува дека била цистерна за вода или складиште за храна; жито, вино итн.

Црква[уреди | уреди извор]

При реконструкцијата на Цареви кули била откриена средновековна црква која датира од крајот на XII век и почетокот на XIII век. Од оваа црква бил изваден богат фрескоживопис[29] и една монета која е имитација на латинска или бугарска монета кое значи дека црквата најверојатно датира од XIII век[30]. Пред олтарниот простор на црквата бил пронајден крст на кој бил прикажен светител и натпис Георгио, што укажало дека можеби оваа црква била посветена на Свети Ѓорги. Црквата има еднокоробна основа, северен трем и со јужна капела од некоја подоцнежна фаза. Самата црква служела како придворна капела за посадата на тврдината, а покрај неа биле откриени десетици гробови со остатоци на антрополошки материјал, некои од нив богати со накит.

Црквата била пронајдена околу изградениот предавател на МРТВ кој датира од пред 30-тина години а еден дел од црквата бил срушен со поставување на трафостаницата која се наоѓа до самиот превавател. Оавен тоа, археолозите откриле и траги од палење.

Во популарната култура[уреди | уреди извор]

  • Староградска песна „Под кулите на Струмица“
  • Фестивал на староградски песни и серенади „Под кулите на Струмица“

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Иван Микулчиќ, СРЕДНОВЕКОВНИ ГРАДОВИ И ТВРДИНИ BO МАКЕДОНИЈА, Скопје, 1996, стр. 292.
  2. „Споменик Цареви Кули“. http://www.strumica.gov.mk. http://www.strumica.gov.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=202%3A2010-09-07-12-26-56&catid=118%3A2010-09-02-11-05-27&Itemid=168&lang=mk. посет. 8 мај 2013 г. 
  3. „Цареви Кули - Зоран Рујак“. Македонски археолошки весник. http://www.mav.mk/article.php?lang=mk&article=36#. посет. 8 мај 2013 г. 
  4. http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=2216957349&id=49&prilog=0&setIzdanie=23675
  5. „Цареви Кули: Интервју со Зоран Рујак“. Археологика. http://www.archaeologica.org.mk/mk/aktivnost.php?id=15. посет. 8 мај 2013 г. 
  6. „На Цареви кули откопана ламба со ликот на Александар Македонски“. Македонска нација. http://www.mn.mk/aktuelno/1765. посет. 8 мај 2013 г. 
  7. http://vecer.mk/kultura/od-carevi-kuli-izvaden-carski-trezor-od-artefakti
  8. Манол Пандевски - Ѓорѓи Стоев - Трнката, Струмица и Струмичко низ историјата, Струмица, 1969, стр. 56.
  9. Michaelis Glykas, Corpus, t. 16, 578.
  10. Ioannes Skylitzes, Historia
  11. Стјепан Антолјак: „Средновековна Македонија“ том 1, Мисла, Скопје, 1985, стр. 470-471.
  12. „Откриени 4300 византиски монети на Цареви кули“. http://www.macedonium.org. http://www.macedonium.org/Macedonium.aspx?jazik=2&kid=8&pid=28&ppid=90&tid=2224. посет. 8 мај 2013 г. 
  13. „Цареви Кули, Зоран Рујак“. www.carevikuli.com. http://www.carevikuli.com/mk/zoran_rujak.html. посет. 8 мај 2013 г. 
  14. „Писмо од Никифор Грегора до Андроника Зарида - 1326 год.“. Македонска нација. http://www.mn.mk/istorija/6276. посет. 8 мај 2013 г. 
  15. „Историја на Струмица“. http://www.strumica.gov.mk. http://www.strumica.gov.mk/index.php?option=com_content&view=category&layout=blog&id=121&Itemid=171&lang=mk. посет. 8 мај 2013 г. 
  16. М. Соколовски 1970, 99—100; А. Стојановски 1981, 75
  17. „Цареви Кули, Зоран Рујак“. www.carevikuli.com. http://www.carevikuli.com/mk/zoran_rujak.html. посет. 8 мај 2013 г. 
  18. Во овој дел станува збор за Цареви кули
  19. Манол Пандевски - Ѓорѓи Стоев - Трнката, Струмица и Струмичко низ историјата, Струмица, 1969, стр. 116.
  20. Манол Пандевски - Ѓорѓи Стоев - Трнката, Струмица и Струмичко низ историјата, Струмица, 1969, стр. 95.
  21. „Заврши првата фаза од реконструкцијата на Цареви Кули“. Утрински весник. http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=147AA86398E56A4A948BC0B8FCB62019. посет. 8 мај 2013 г. 
  22. „Реконструкција на Цареви кули“. http://www.strumica.gov.mk/. http://www.strumica.gov.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=765&Itemid=152&lang=mk. посет. 8 мај 2013 г. 
  23. Иван Микулчиќ, СРЕДНОВЕКОВНИ ГРАДОВИ И ТВРДИНИ BO МАКЕДОНИЈА, Скопје, 1996, стр. 58.
  24. „Доистражени бедемските платна на Цареви Кули“. Премин портал. http://preminportal.com.mk/content/view/2818/73/. посет. 8 мај 2013 г. 
  25. Иван Микулчиќ, СРЕДНОВЕКОВНИ ГРАДОВИ И ТВРДИНИ BO МАКЕДОНИЈА, Скопје, 1996, стр. 78.
  26. „Царевите кули над Струмица“. www.strumicacity.com. http://www.strumicacity.com/?p=20080. посет. 8 мај 2013 г. 
  27. „Царевите кули над Струмица“. http://www.strumicacity.com. http://www.strumicacity.com/?p=20080. посет. 8 мај 2013 г. 
  28. „Не се очекува катастрофален земјотрес во наредните1.000 години“. Нова Македонија. http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=6169164518143&id=9&setIzdanie=21713. посет. 8 мај 2013 г. 
  29. „Црква од 13 в. со фрагментиран фрескоживопис на Цареви кули во Струмица“. Крале Марко. http://www.kralemarko.org.mk/default-mk.asp?ItemID=5A32224C29179E4FB2C56572AE278586. посет. 8 мај 2013 г. 
  30. „Откриена средновековна црква на Цареви кули во Струмица“. Утрински весник. http://www.utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=71F132DF7EF97B4782E1F3597565F43F. посет. 8 мај 2013 г. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]