Орашко Кале

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Поглед на остатоци од Орашко Кале
Реконструкција на тврдината Собри, Орашје, доцноантичка рударска и гранична тврдина, обновена и во доцниот среден век

Град(иште) Собри (или Орашко Кале) — рударска и гранична тврдина и регионално средиште во атарот на селото Орашје, Тетовско.[1][2][3][4][5][6]

Местоположба[уреди | уреди извор]

Месноста лежи на највисокиот дел од еден долг и тесен огранок што од планинскиот масив на Шара се спушта кон Вардар. Јужниот дел на огранокот завршува во Дервенската Клисура, затворајќи ја од северната страна. Градиште е оддалечено 1 км од Вардар и 3 км југоисточно од Орашје и се издига 110 м високо над реката. Двете страни му се многу стрмни и паѓаат во длабоките бразди на Љуботенска Река и на еден поток. Има лесен пристап од север и југ. На падините источно од Градиште лежат стари рудници на железо и сребро и денешните копови на рудникот Радуша (хром). Низ Дервенската Клисура водел стариот пат од Скопје кон Полозите и кај Градиште се одвојувал од него патот кон преминот Вратница на север, водејќи кон Качаник, Косово и Призрен.

Најстари остатоци[уреди | уреди извор]

Во доцноантичко време на Градиште било изградено обѕидие во цврста малтерна техника, кое опкружувало 3 простори:

  • Акрополата зафаќала простор од 0,8 ха, а ѕидот и бил зајакнат со повеќе кули, два челни бастиони, предѕидови и ровови пред овие, всечени во карпеста почва. Долж акрополата по средина водела широка улица трасирана на гола карпа, а од двете нејзини страни се гледаат основи на повеќе куќи со по неколку правоаголни простории, сложени во еден до два реда. Куќите се вклопени во правилна урбана шема и носат рановизантиски белези, иако е веројатно дека биле обновени и користени и во доцниот среден век.
  • Западното подградие се простирало на падината западно од акрополата, потпирајќи се на неа по целата должина. Зафаќало површина од 1,5 ха. Обѕидието (со малтер) било зајакнато со кули и контрафори а на северната страна и со предѕид. И тука се наѕираат темели од куќи.
  • Северното подградие било изградено на сртот пред акрополата, големо 0,5 ха и со обѕидие како и претходното. Во една подоцнежна фаза на североисточната кула бил дограден нов ѕид кон североисток, со кој е укрепен и просторот источно од неа. Од надвор, на дистанца од 20—40 м пред обѕидието бил насипан силен бедем од камен и земја, што служел како предѕид на целата тврдина. Внатрешниот простор е исто така исполнет со куќи во правилни и паралелни шеми.

Северно од крепоста, на зарамнетиот срт на ридот, на просторот до 3 ха се протегала неукрепена населба. Наоди во крепоста: керамика, повеќе монети од IVVI век, многу парчиња ситни предмети ковани од железо или лиени од бронза и сребро. Крепоста ја контролирала границата меѓу провинциите Превалитана и Дарданија, што била повлечена преку овој цотег. Воедно ги штитела гореспоменатите блиски рудници, а преработката на металите во неа претставувала стопански основ на населението во и околу неа.

Средновековни остатоци[уреди | уреди извор]

Наоди од XIII-XIV век

На обѕидието на акрополата се гледаат големи обновувања во доцниот среден век: била доградена северната кула-бастион и ѕидниот потег југозападно од неа, со полукула на западниот крај и сложен премин со скали и рампи пред него. Тука се следат дури две или три накнадни преправки.

Јужното чело на акрополата било изградено целосно и денес е запазено во височина од 9—11 м. Тоа остава впечаток на вонредна монументалност и атрактивност, со што го вбројува градот Собри меѓу нашите најдобро запазени крепости од средниот век. Челото е повлечено во права линија запад — исток, долго е вкупно 30 м, а една од двете кули на него има белези на донжон (од XIIIXIV век). До неа од внатрешната страна стоела голема правоаголна градба — трпезарија или коњушница (?), чии што горни катови служеле несомнено за живеење.

Во доцниот среден век покрај акрополата биле населени и двете подградија и неукрепената варош северно од нив, на чиј северен дел лежат урнатините од една средновековна црква. Црквата е делумно откопана од Р. Грујиќ (во 1939 г., необјавено). На целиот простор се среќаваат парчиња од средновековна грнчарија и предмети исковани од железо (ножеви, врвови од стрели со средновековни форми, алатки, шарки и кламфи, токи, делови од брави, клинци и др.). Една мамуза од железо со специфична форма упатува на IX-X век а турските акчиња во XV век, ја претставуваат временската рамка во која егзистирала крепоста.

Крепоста Собри имала функција речиси иста како и доцноантичката: ги чувала двете спомнати патишта и премините на СЗ граница на Византија кон полунезависните српски земји преку Шара, а ги контролирала и обновените рудници во околината. Својата монументална фортификација градот Собри ја добил несомнено по српските освојувања на Полог и по уривањето на византискиот центар Лешок (во 1190 г.). Потоа Собри станало главна крепост во овој регион, а несомнено и стопанско средиште благодарение на рудниците и металургијата. Не само во крепоста и населбата до неа, туку и во целата околина лежат бројни згуришта и трагите од обработката, пржењето и топењето на железо, бакар и сребро. Во тој регион и денес се наоѓаат коповите на рудниците Јегуновце и Радуша.

По cѐ изгледа дека и турците ги користеле овие рудници некое време, а поради нив и тврдината Собри. Можно е последните преправки во тврдината да потекнуваат токму од турско време. Во пописниот дефтер од 1467/68 г. покрај селото Собри (кое тогаш броело 73 куќи) е спомната и тврдината Собри (В. Кравари 1989, 221).

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Цвииќ Ј., 1911
  2. Дероко А., 1950
  3. Алексова Б., 1959, 217
  4. Томоски Т., 1976
  5. Трифуноски Ј., 1976
  6. МикулчиЌ И., 1982 б, 135-138

Надворешни врски[уреди | уреди извор]