Штипска тврдина

Од Википедија — слободната енциклопедија
Исар

поглед кон остатоците од тврдината

Карта

Местоположба 41°44′17.8″N 22°11′09.8″E / 41.738278° СГШ; 22.186056° ИГД / 41.738278; 22.186056Координати: 41°44′17.8″N 22°11′09.8″E / 41.738278° СГШ; 22.186056° ИГД / 41.738278; 22.186056
Основни податоци
Место Штип
Општина Штип
Тип

 тврдина


Период среден век
Портал „Археологија“

Исар или Штипска Тврдина — средновековна тврдина во Штип. Се наоѓа во западниот дел на градот, каде се издига карпестиот рид Исар, висок 150 м. Опкружен е со стрмни падини, на западната страна со коритото на Брегалница, а на јужната со коритото на Отиња. Положбата и височината овозможуваат прегледност и контрола на влезот и излезот од градот. На самиот врв има нерамно плато, 200 м издолжено во правец север-југ, оградено со остатоци од темели на бедем, прилично добро зачуван, наместа висок 12 до 19 м, со неколку одбранбени кули. Според досегашните проучувања, се претпоставува дека тврдината била подигната во раниот среден век, заради одбранбените и стратегиските потреби на градот што лежел во нејзиното подножје. Под денешното име Штип се наоѓал во границите на Самоиловата држава, на почетокот на XIII век под бугарска власт, а веднаш потоа под управата на српскиот владетел Стефан Дечански. Турците го зазеле во 1382 година. Државните и политичките промени се одразиле и врз архитектурата на тврдината. На одделни места се гледаат уривања, поправки или доградби. По појавата на огненото оружје таа била напуштена, исто како и повеќето тврдини во Македонија. Меѓу вградениот градежен материјал се забележуваат кршени парчиња од архитектонска пластика од бел мермер од римска провениенција, секако донесени од некогашниот град Астибо кој лежел непосредно во подножјето на ридот, во денешното маало Стар Конак. Во долниот дел на падините на Исар има три цркви, и тоа на источната - „Св. Архангел Михаил“, на јужната „Св. Јован Крстител“ и на северната „Св. Власиј“, која е во остатоци од темели. Што се однесува до остатоците од средновековната населба, дел од нив се среќаваат на северозападната падина, лево од црквата Св. Архангел Михаил. Според најдените фрагменти од керамички садови, има индиции дека Исар бил користен за одбранбени цели многу порано, во раноантичкото време, а можеби и во железното време.[1]

Остатоци[уреди | уреди извор]

Најстари остатоци

Стратешката положба на Хисар со спомнатите патишта ја забележале Римјаните: местото Астибос археолошки е потврдено со бројни камени споменици од 2. — 6 век. Од тие векови потекнува и голем тунел, пробиен низ гранитни карпи од врвот на Хисар до западното подножје, во ниво на Брегалница. Во источното подножје на Хисар се регистрирани остатоци од ранохристијанска базилика со капители, од 6 век. На месноста Суитлак на североисточниот дел на Штип, преку реката Отиња се издигаат остатоци од римскиот акведукт; ѕидаријата и керамичките тубули низ кои е спроведена водата се од доцноантички тип. Обѕидието на доцноантичкиот кастел не е сочувано на Хисар, само на места слоеви со доцноантички куќи.

Средновековни остатоци.

Од Самуиловата крепост — фрурион Штип спомната на почетокот на 11 век, денес нема остатоци. Тврдината што денес се гледа на Хисарот потекнува од 14 век. Ѕидовите и се градени во плочест слог залиени со многу малтер, а широки се само 1,3 м. Само одделни партии се помасивни: челото на главната кула мери 2,20 м а западниот ѕид на палатата дури 2,65 м! Ѕидовите биле армирани со бројни дрвени греди по должина и напречно (сантрач систем). Тврдината се состои од два дела, опкружени со одделни ѕидни појаси. Тоа се:

  • Дворецот (замокот),

Тој е поставен на највисокиот дел на ридот зафаќа простор долг 106 и широк до 20 м. Западниот ѕид е поставен на работ на стрмната падина и повлечен е во права линија. Јужната половина му е широка 1,5 м и на него се потпирале (однатре) помошните градби. Северната половина на истиот ѕид е извонредно масивна, широка 2,65 м и на неа однатре се потпирала палатата. Низа дупки од големи греди на него укажуваат дека палатата имала сутерен и најмалку 1 а веројатно 2 ката. Северниот дел на просторот завршувал со триаоглна кула која денес е урната. Во северниот дел и на јужниот дел на обградениот простор се гледаат две цистерни за собирање дождовница, вдлабени во карпеста почва (големи се околу 4 × 5 и 4 × 8,7о м). Северната цистерна е поставена дијагонално на обѕидот и потекнува веројатно од постаро време (доцната антика ?). На средина на источниот ѕид (кој максимално е урнат) стои главната кула (донжон), голема 9,8 × 8 м и висока денес до 12 м (мерено од источното подножје). Покрај неа од јужната страна стоела порта за влез во замокот, а на северната страна на кулата е потпрена стражарската куќа за внатрешната (удвоена) порта; низ оваа порта се влегувало од предниот двор во дворот на палатата. Планот на замокот е целосен и компактен и укажува на еден градежен зафат.

  • Стопанскиот дел на замокот (цвингер)

Тој се простира на падините северно, источно и јужно од дворецот, на простор долг 250 и широк 50 м во северниот дел, а 60 м во јужниот дел. Обѕидието е запазено главно околу јужниот дел на тој простор. Една порта е видлива на средината од источниот ѕид (водела кон подградието), а друга порта стоела на југозападниот ѕид, на местото каде тој се потпирал на обѕидот на дворецот. Поради поголема сигурност во случај на напад, и двете порти биле поставени бочно во насока на обѕидот. Најлесен пристап постои од север, по тесниот срт што се спушта кон реката, но на тој дел обѕидот е максимално урнат. Во тој простор се гледаат и бројни правоаголни длабнатини всечени во стрмна карпеста падина — сутерени од куќи што тука стоеле Градежните особености на долното обѕидие укажуваат дека истото било градено во сито време со дворецот на врвот, во одминатиот 14 век. Обградениот простор мери повеќе од 1 ха и во него биле сместени објектите за слугите и стражата, работилниците, коњушниците, магацините и оста-атите стопански објекти на господарот. Во доцниот 14 век овој простор веројатно служел и како збег за граѓаните на штипското подградие.

Во источното подножје на Хисарот лежат бројни траги од средновековното подградие. На неговиот северен дел стои добро запазена црквата на Св. Архангел од 14 век. Тоа е јадрото на денешниот град Штип.[2]

Континуитет[уреди | уреди извор]

Во воените операции против Самуил, византискиот цар Василиј II во 1014 г. ја освоил тврдината Штип („фрурион Стипеион”). Потоа долго време нема вести за Штип. Во 1282 г. кога Србите ја поместиле границата кон југоисток заземајќи го Овче Поле, Злетово и Пијанец (значи и Штипскиот регион), Штип не е забележан. Веројатно старата византиска тврдина уште не била обновена. Брегалничкиот регион е целосно освоен од Србите во 1328 г., со гратчето Чрешче на Долна Брегалница и Просек далеку на југ оттука. За време на владеењето на кралот и на царот Душан Штип е спомнат повеќепати: подградието Штипско (1332 г.), потоа „град Штип и (негова) амборија” (трг, пазар, подградие); „кефалија Штипски” (1355 г.). Првин била изградена црквата на св. Архангели, а подоцна на Св. Јован Крстител, Св. Власија, Св. Никола, Св. Вознесение (Св. Спас). За сите нив се сочувани и грамотите или се познати нивните ктитори и градители. Несомнено откако Србите завладеале со Штип била обновена и тврдината, и тоа не веднаш. Во прилог на тоа зборуваат и податоците за посетата на кралот Душан: на почетокот на своето владеење тој го посетил Овче Поле и престојувал во селцето Слан Дол, а подоцна и во Крупиште; притоа Штип не бил спомнат. Несомнено Штип во тоа време сè уште не бил подготвен да му пружи гостопримство на владетелот.

Еден од најмоќните феудалци на царот Душан, деспотот Оливер, управувал со регионот на Овче Поле, Брегалница и Осогово. Потсетуваме дека географскиот поим Овче Поле тогаш и подоцна (до 19 век) го опфаќал на исток и Штип со околината (денес е стеснет на оштината Св. Николе).

Штип, несомнено бил седиште на Оливер. Тврдината на Хисар не е обичен збег на граѓаните од подградот, ниту државна војничка тврдина. Тоа е монументална резиденција (дворец со палата) на еден моќник, кој ја изградил неа и наброените цркви во одминатиот 14 век. Вакви квалитетни градби нема на друго место во широкиот Брегалнички регион, освен црквата во Лесново која е исто така дело на Оливер. Ова се многу јасни и неспорни факти кои не можат да се превидат.

Во својот дворец Оливер бил опколен со вазали - феудалци од понизок ранг кои живееле исто тука (несомнено во „долниот град”) и од кои некои се забележани како ктитори на некои од штипските цркви. Богатството, потрошено во градбата на крепоста со палатата, на црквите и пазарот, потекнувало од обновеното рударство во Осогово и од трговијата која се расцутела во врска со тоа. Од Осоговското сребро Оливер ковал и пари со свое име. Него тука ќе го наследи Константин Дејанов, исто толку моќен феудалец.

Турците го освоиле Штип во 1385 г. (според Ф. Бабингер) и најмалку два века во Хисарот држеле воена посада. Во 1530 г. истата броела 17, а во 1573 г. 11 стражари (Стојановски 1981, 75). Во своите патни белешки Хаџи Калфа и Евлија Челеби велат дека Хисарот во Штип во тоа време (17 век) бил запустен. Потоа тврдината веќе никој не ја користел.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  2. И. Микулчиќ TIR, 36 и 1987, 149—157.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]