Прејди на содржината

Стенчевска тврдина

Од Википедија — слободната енциклопедија
Стенчевска тврдина
Градиште

Воздушен поглед на остатоци од тврдината и базиликата

Карта

Местоположба 42°06′28″N 21°09′14″E / 42.10778°N 21.15389°E / 42.10778; 21.15389
Основни податоци
МестоСтенче
ОпштинаБрвеница
Тип

 утврдена населба  базилика


Период доцноантичко време
старохристијанско време
Портал „Археологија“

Стенчевска тврдина или Градиште — археолошко наоѓалиште кое се наоѓа над селото Стенче, во подножјето на Сува Гора, на надморска височина од 730 метри. Градиште е утврдена населба од доцноантичко време и старохристијанска базилика.[1]

Според проценките на археолозите наоѓалиштето е старо 8.000 години.[2]

Местоположба

[уреди | уреди извор]
Местоположба на наоѓалиштето

Над источниот раб на селото Стенче се издига висок рид на чиј врв има зарамнето плато со површина од 180 на 20 метри. Платото го опколуваат остатоци од бедем, наместа зачувани во височина и до 2 метри.[1] Бедемот и кулите кои постоеле биле градени од камен во малтерна техника.

На површината се наоѓаат голем број фрагменти од керамички садови, питоси и градежен материјал.[1]

До тврдината може да се дојде откако ќе го поминете селото Стенче и ќе се упатите по локалниот асфалтен пат кон селото Гургурница. Кога ќе дојде првата остра кривина надесно ќе забележите знак од левата страна за земјен пат, кој води до тврдината и базиликата.

Дел од археолошкиот материјал пронајден во наоѓалиштето

Ископите во археолошкото наоѓалиште се почнати во 1973 година, а последната фаза е завршена во летото 2007 година. Во 1983 година, со заштитните ископувања делумно е откриена базилика со некропола, а во централниот дел на платото и цистерна за вода.[1]

Според Драгиша Здравковски од Музејот на Македонија најстариот хоризонт на неолитската населба Тумба Стенче, која се наоѓа западно под селото, на десната страна на реката Вардар, со карактеристичните белосликани керамички форми на садови, датира од 6100-тата година пред нашата ера.

Наодите од најдлабоките досега истражени земјени слоеви од оваа неолитска населба означуваат оти на овој простор постоел организиран живот веќе 8.000 години. Луѓето што ја создале неолитската населба знаеле за архитектура и граделе куќи според големината на семејствата. Пронајдени се орудија и оружја од камен, коска и кремен, секири, длета и разни кремени артефакти. Археолозите откриле и два целосно зачувани пехари од доцниот неолит, неколку интересни, во делови, зачувани човеколики фигурички и друга керамика. Неолитот е еден од најистражените периоди на почвата на Македонија од праисторијата до денес.

Владимир Лилчиќ кој е раководител на Катедрата за историја и археологија на Филозофскиот факултет од Скопје, смета дека толку многу подвижни наоди, толку многу културни пластови во земјата од најразлични епохи не се регистрирани на ниту едно друго место во Полог, па ниту во поширокиот дел од северозападна Македонија. Според него, животот кај Стенче со градски белези се развивал од неолитот натаму низ раната антика, преку римскиот период до средниот век, па и во турско време, без прекин до денес. Во ова наоѓалиште биле пронаоѓани монети и на венецијанските дуждови и белези на трговија водена, веројатно, во XIV и XV век.

Археологот Стојан Костадинов, кој непосредно раководел со истражувањата на наоѓалиштето, смета дека постојат повеќе наоди, меѓу кои и големиот железен крст од V век, како и низа индиции дека во ископаниот ранохристијански објект во тој период се изведувале церемонии на крштавања. Кога се знае дека само епископ имал право да ги изведува, тогаш може да се заклучи дека Стенче во тоа време бил епископски центар во Полог.

Во средината на XIV век утврдениот и сè уште неидентификуван град веќе се наоѓал во урнатини. Од пронајдената цистерна за вода и просториите за престој на западниот преден дел на овој град ќе треба да се открие неговото име. Археолозите укажуваат дека ископаните објекти треба да се конзервираат, но и оти во натамошните истражувања треба да се пронајде каде се наоѓаат другите камени елементи на христијанската базилика и на градот.

Со ископувањата во утврдениот град, се пронајдени голем број предмети изработени од различни материјали како што се керамички садови, монети, накит, оружје, алати и орудија, датирани од периодот од IV до VI век. На просторот на градот се пронајдени и остатоци од згура од топени метали што датира дека тука постоела најмалку една ковачница.

Уникатен жртвеник

[уреди | уреди извор]

Во една куќа од стариот неолит во населбата кај Стенче е пронајден еден цел архетит на жртвеникот на Големата мајка, познат од скопската Анзабеговско-вршничка културна група. Овој жртвеник со геометризирани форми ги нема антрополошките одлики и претставува прототип, кој натаму продолжува да се развива во средниот неолит задобивајќи други форми. Тој жртвеник е претставителен и уникатен во корпусот на керамичките форми во македонија и сега е изложен во витрините на Музејот на Македонија.

Туристички перспективи

[уреди | уреди извор]

Според професорот Лилчиќ вакви градови навистина има многу во Македонија. Кој помалку кој повеќе истражен. Но, градот кај Стенче е, сепак, цивилизациски бисер на Македонија, кој зрачи не само во археологијата, туку и во културата. Ако Стенче се вметне во туристичките проспекти, ако на неговата натамошна заштита и поширока промоција организирано поработат Владата и Министерството за култура, на тој простор ќе може да се развива туризам, а парите досега вложени во истражувањето да започнат да се враќаат.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. 1 2 3 4 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 425. ISBN 9989-649-28-6.
  2. Mikulčiḱ, Ivan (1996). Medieval towns and castles in the Republic of Macedonia (англиски). Makedonska akademija na naukite i umetnostite.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]