Историја на Прилеп

Од Википедија — слободната енциклопедија

Историјата на Прилеп започнува уште од праисторијата, а на неговата територија е забележан интензивен континуиран живот.

Праисторија и антички период[уреди | уреди извор]

Градот Прилеп и воопшто населби на подрачјето на поширокиот прилепски регион, датираат уште од антиката, како што е археолошкото наоѓалиште Стибера, кај селото Чепигово.

На Златоврв (манастир Трескавец) е откриена населба Колобаиса од втор век п.н.е со можно постоење на храм на Артемида и Аполон.Втората фаза е од доцноантичкиот период со антички бедем, а потоа е средновековниот сегмент од 12 до 14 век. Сознанијата од 5-6 век се преку откриени остатоци од базилика, со што ни се сугерира раното христијанство.[1]

И во близина на градот, на Марковите Кули се откриени траги од предисториска населба. Во раната антика тука израснала населбата Керамија (Ceramie), обновена во доцната антика, која до крајот на антиката останала селска населба и не прераснала во град и епископија.[2]

Во антички пишани извори се спомнуваат две етнички заедници кои живееле во тоа време во прилепскиот дел од котлината Пелагонија, како и во делот на областа Мариово кој гравитира кон градот Прилеп, Дериопите и Пелагонците.[3]

Дериопите го населувале северозападниот дел од котлината, односно горниот тек на Црна Река. Познати се три нивни населени места расположени покрај самата река, Брианион кај денешното село Граиште, Алкомена кај селото Бучин и Стибера во непосредна близина на селото Чепигово. Иако сознанијата пред се говорат за развојот на наведените места во времето после припојувањето од страна на Македонија и особено во периодот на владеење на империјата на Римјаните, сепак не би требало да е спорна одредена територијална автохтоност на Дериопите уште од раната антика. Единствено познато име на личност од областа Дериоп за време на владеењето на античките македонски кралеви е она на офицерот Пеитон, со потекло од Алкомена, кој служел во војската на Александар III. За подоцнежниот римски царски период дознаваме од повеќе пронајдени епиграфски наоди, а со опсежни археолошки истражувања се потврди дека градот Стибера се развил во значаен урбан центар на областа во тој период.[3]

За автохтоното потекло на Пелагонците кои го населувале североисточниот дел од котлината и горниот, прилепски дел од Мариово, исто така може само да претпоставиме. Од два епиграфски наода пронајдени во Атина, дознаваме дека тие имале свое автономно кнежевство пред доаѓањето на Македонците. Во нив се спомнува крал со име Менелај, кој во шеесетите години на IV век п.н.е. во два наврати испратил помош во финансиски средства и во житарки на флотата на стратегот Тимотеј за време на конфликтот на Атина со Халкидиските градови. Откриената монументална гробница на локалитетот Павла Чука помеѓу селата Подмол и Бонче, мошне веројатно била наменета за некој од базилеите на Пелагонците. Според одредени анализи, гробницата била подигната кон крајот на IV век п.н.е., што значи дека тие имале одредена автономија и подоцна, за време на најголемиот процут на македонската држава под Александар III и во времето на неговите наследници. За разлика од сознанијата за три градови во областа Дериоп, за населени места на Пелагонците сè уште не може ништо со сигурност да се каже.[3]

Истражувачите сепак, повеќе дискутираат околу тоа на која поголема етничка група припаѓале Дериопите и Пелагонците, односно нивните размислувања не водат кон постоењето на засебност и автохтоност на двете заедници. За некои од нив и Дериопите и Пелагонците имале Пајонско потекло, а за други дека биле Илирски племиња.[3]

Средновековна историја[уреди | уреди извор]

Денешната местоположба на градот Прилеп потекнува од раниот среден век, кога Прилеп бил многу важен трговски и воено-стратегиски град. Токму во градот Прилеп, по катастрофалниот пораз на самoиловата војска во Беласичката битка, 1014 година, кога ги видел своите ослепени војници, царот Самиул починал од срцев удар.[4]

По смртта на Самуил градот потпаднал под византиска власт, сè до распаѓањето на Византија во 1204 год при четвртиот крстоносен поход. Низ XIII век Прилеп преминува постојано во рацете на новите господари — двапати на деспотите од Епир, двапати на Бугарија, еднаш на царот од Никеја.[2], т.е. под возобновената Византиско Царство.

По смртта на царот Иван Асен II во 1241 година, Прилеп е под власта на епирскиот деспот, а во 1254, под никејскиот цар. Во годините 1257-1258, неколкупати, во пишаните документи се сретнува податок за престојот во Прилеп на намесникот на никејскиот цар Теодор II Ласкарис, познатиот византиски писател Георги Акрополит. Во 1258 година, епирските воени сили успеваат со измама да ја освојат прилепската тврдина и да го заробат Акрополит.

Византија го држи како истурено воено упориште до 1334 година Прилеп заедно со цела Македонија стануваат дел од Српското Кралство, на чело со Стефан Душан.

Прилепско Кралство[уреди | уреди извор]

Приближната територија на Прилепското Кралство по 1377 година

Царот Урош V потпирајќи се врз најверните феудалци, се обидел преку нова прераспределба на земјата и поседи­те и сменувањето на непослушните намесници, да го зачува Српското Царство, но во тоа не успеал, зашто насекаде веќе зела широки раэмери феудалната анархија. Од средината на 60-те години на XIV век, градовите и областите од северна и централна Македонија, кои дотогаш ja признавале власта на Урош V, се осамостоиле и станале јадро на новосоздаденото Прилепско Кралство, на чело со Волкашин. До прогласувањето на Волкашин за крал во 1365 година, тој го управувал Прилепскиот крај како жупан.[5]

По убиството на кралот Волкашин и брат му Углеша во битката со Турците на реката Марица во 1371 година, на чело на Прилепското Кралство дошол син му Марко (1371—1395). Кога дошол на власт Крали Марко веќе имал доста искуство во водењето на државните работи, зашто уште од 60-те години обавувал важни државни мисии. Во првите години на сво­ето кралување, тој успеал да ги зачува границите на Прилеп­ското Кралство. Тогаш, под негова власт покрај Прилеп, биле и Поречката област, Охрид, Дебар, дури и Скопје и Призрен.[6] Според Мавро Орбини, по смртта на Волкашин, од Прилеп­ското кралство биле оттргнати градовите Приштина и Ново Брдо од страна на кнезот Лазар. Во 1372 година Ѓураѓ Балшиќ го зел и Призрен. Околу 1377 година Вук Бранковиќ го оттргнал и Скопje, со што Прилепското Кралство на Крали Марко значително било стеснато кон крајот на 70-те години на XIV век.[6]

Османлиско ропство[уреди | уреди извор]

Прилеп потпаднал под османлиско ропство за време на владеењето на султанот Мурат I, третиот османлиски султан. Според податоците од 1468 година, градот е седиште на нахија и заедно со околу 19 села од истата нахија е вклучен во зијаметот на Хусеин Бег.

Со доаѓањето на Турците, Прилеп од високоразвиен трговски град, се преориентира кон селското производство особено на тутун. Со воведувањето на чифлигарскиот систем во 1528 година во Прилепската нахија имало 16 чифлици, а нивниот број пораснал на повеќе од 30 во 1544/45 година. Во Прилеп во 1564/65 година ќе се случи и првиот поголем бунт на македонскиот народ кон неподносливата турска власт, кога незадоволните Мариовци, ќе направат голем протест, проследен со нереди пред судот во Прилеп. Оваа буна е најстар протест против турските власти во Македонија. Со заповед на султанот Сулејман Величествениот (од 3 октомври 1564 година) биле задолжени скопскиот бег и прилепскиот кадија да преземат енергични мерки за смирување на побунетиот крај. Буната била задушена до крајот на 1565 година.

Западниот ѕид од некогашниот Куршумли ан

За градот Прилеп во XVII век повеќе дознаваме од патописот на познатиот османлиски патописец Евлија Челебија кој го посетил градот. Тој, во својот Патопис (Сејахатнаме) меѓу другото запишал:

Градот има вкупно десет маала со илјада куќи, градени од цврст материјал, со пространи градини. Од џамиите е позната Алајбеговата џамија во чаршијата. Таа е висока. Исто така, позната е и Арслан-пашината џамија. Освен тие, има повеќе маалски месџиди. Тука има повеќе медреси, теќиња, мектеби и еден ан.[7]


Насекаде низ Македонија во XVIII век крстосувале арамиски дружини, кои броле од 400-500 луѓе од албанска и турска националност, кои често дејствувале во соработка со одредени феудалци и државни службеници.[8] Познато е дека во 1709 година, закупецот на данокот во Прилеп, Кади-Заде Мустафа, се здружил со арамиите и преку нив вршел притисок врз селаните..[8]

Во XVIII и XIX век во градот се одржувал голем панаѓур, кој бил еден од најголемите во Румелија и траел 25 дена.[9] На панаѓурот доаѓале трговци од Велес, Скопје, Врање, Ниш, Софија, Пловдив, Карлово, Сер, Солун, Битола, Корча, Охрид, Елбасан и други места. Главни производи кои се тргувале на панаѓурот биле: тутун, жито, пиперка, женски ракотворби, особено ќилими, стока и др.

Период на преродбата[уреди | уреди извор]

Во XIX век, во Прилеп учителствувал големиот македонски преродбеник и собирач на народно творештво Димитар Миладинов, заедно со својот помошник Рајко Жинзифов и токму во овој период во контакт со Миладинов, Марко Цепенков (роден прилепчанец) ќе ја прифати идејата на преродбеникот за собирање на македонското народно творештво. Реформите во војската и администрацијата што почнале да ги спроведуваат турските султани од почетокот на XIX век наишле на отпор, особено кај феудалците во Албанија и Босна. Во 1830 година пашата Мустафа Решид Бушатлија од Скадар навлегол во Македонија со цел да ја освои Битола. Меѓутоа, во неколку битки кај Прилеп и планината Бабуна, во април и мај 1831 година бил поразен и се повлекол во Скадар. Во средината на XIX век во Прилеп доаѓа до брз развој на занаетчиството и трговијата. Во овој период во Прилеп биле развиени: казанџискиот, ковачкиот, абаџискиот и ќурчискиот занает, а нешто подоцна почнал да се развива и терзискиот занает. Во 1843 година во Прилеп било отворено првото народно училиште „Св. Кирил и Методиј“, а во 1865 година било отворено и Првото женско училиште, кое од 1880 година било сместено во новоизградена зграда во дворот на црквата „Св. Благовештение“.[10] Во 1865 година била отворена и првата пошта во Прилеп и преку оваа поштенска станица поминувала целата пошта за Западна Македонија. Првиот магацин за откуп и обработка на тутун во Прилеп е изграден во 1873 година со што започнува организираното производство на тутун во Македонија.

Во последната деценија од XIX век и почетокот на XX век се забележуваат и бројни вооружени чети кои дејствувале на македонска територија. Ваквите чети биле уфрлани преку границите и истите со своите активности уште повеќе го расцепкувале единството на народот, вршеле грабежи и убиства и сл. Најпознат од сите водачи на вакви банди во Прилеп и околината бил Ќучук Сулејман.[11] Тој тепал, силувал, неказнето глобувал и потурчувал моми по околните прилепски села. Трпението на прилепчани завршило со чинот на неговиот насилнички акт врз поп Цеко од прекуридските села и неговото грозно убиство (наденат на кол). Поради тоа, Прилепската општина презела мерки за негово ликвидирање. Под раководство на војводата Спиро Црне била формирана чета, која во 1880 година го ликвидирала насилникот. Марко Цепенков, најплодниот собирач на македонски народни умотворби, за да ја напише драмата „Црне Војвода“, бил инспириран токму од овој настан.[11]

Четата на Коне Павлев

Во периодот пред создавањето на МРО во Прилепско постоеле и четите на Димо Дедото, Ѓорѓија Лажот и уште неколку такви од арамиски вид (Тале Мелезот, Диме Шикев). Понатаму, Ангеле Мијајлев, Ристо Сурлев, Андреја Башиноселец, Илија од с. Мало Радобил, Јосиф Марковчето, Ицко Бале, Тоде и Иле Бочварчето, Диме и Мијајле Чакреви, Коне Павлев и десетина други се претставници на предорганизациското револуционерно движење.[12] На Тодоровден, 1886 година, четата на ајдутинот Коне Павлев влегла во манастирот „Свети Архангел Михаил” во Варош, но била откриена од Турците и била разбиена.

Улица во Прилеп кон крајот на XIX и почетокот на XX век

Во 1889 била отворена и првата аптека во Прилеп, од страна на Џорџу Љонта, Влав од Крушево, која по 10 години ја продал на Дамјан Симитчиев, кој завршил студии по фармација во Лиеж, Белгија.

Во почетокот на XX век Прилеп е центар на Прилепската каза, дел од Битолскиот санџак. Во овој период Прилеп се делел на југоисточен христијански дел и северозападен турски дел. Постоеле 17 христијански маала: Гумење маало, Бадеско маало, Трајково маало, Нарид маало, Ограда маало, Бомболовско маало, Аџи-Илиовско маало, Вирои (или Жабино) маало, Табана маало, Ќошари маало, Шарена чешма маало, Долно маало, Варошко (или Поп Стефаново) маало, Поп Костадин маало, Чаршиско (или Поп Никола) маало и др.[13] Турските маала биле 10 на број: Барјакли-беј мале, Ат-Меџид мале, Тризла мале, Орта мале, Шабан мале, Вишне мале, Чарши мале, Ѓок-дере мале, Кајнак мале и др. По некоја христијанска куќа постоела и во турските маала.[13]

Прослава на Младотурците во Прилеп, 1908 година

Според структурата на ВМОРО, Прилеп за време на илинденскиот период бил дел од Прилепската околија на Битолскиот револуционерен округ. До почетокот на востанието дошло до повеќе вооружени борби меѓу четите и турскиот аскер и тоа во 1901 година кај Беловодица, во 1902 кај: Кадино Село и Никодинска Планина, а во 1903 кај: Забрчани, Никодин, Топлица, Мукус Планина, Алинска Корија, месноста Ливада, Дуње и Бровичките лозја.[14]

Илинденското востание ќе има силен одглас во Прилепско, а со борбите раководеле познатите прилепски војводи Петар Ацев и Крсто Гермов (Шакир војвода).

По Илинденското востание, во мај 1904 година во повеќе села во Прилепско е одржан Прилепскиот конгрес на ТМОРО. Конгресот уште се нарекува Подвижен конгрес затоа што една чета од 30 души, делегати и четници, постојано се движела од село во село каде се одржувале заседанијата. На конгресот биле разгледани прашањата за: децентрализација и централизација на Организацијата, односот кон пропагандите и бил донесен нов правилник за четите.

Голем број прилепчани активно се вклучиле во Младотурската револуција. Во септември 1910 година властите уапсиле над 70 граѓани за време на акцијата за разоружување на младотурците.

Слика од Прилеп меѓу 1910 и 1915 година на која можат да се забележат: Градската Река, куќата на Бектешовци, зградата на денешното ООУ „Кочо Рацин“ од левата страна и црквата „Св. Преображение“ од задната-десна страна

Балканските и Светските војни[уреди | уреди извор]

За време на Првата (1912-1913) и Втората балканска војна (1913) во Прилеп и неговата околина се воделе жестоки борби. Таква е Битката кај Прилеп помеѓу војските на Кралството Србија и Отоманското Царство, во која отоманската војска била поразена. Крајот на војните се означил со Букурешкиот договор, со кој била поделена Македонија, а Прилеп крајно разурнат и разорен, како дел од Вардарска Македонија ќе влезе во рамките на Кралството Србија.

Во периодот од 1931 до 1935 година градот бил електрифициран.[15] Во 1936 година во сообраќај била пуштена и железничката линија која Прилеп го поврзува со Битола на југ и Велес и Скопје на север.

Втора светска војна[уреди | уреди извор]

Поранешниот бугарски полициски „участок“, со чиј напад од страна на прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ на 11 октомври 1941 година започнала Народноослободителната борба на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор. Зградата денес претставува меморијален музеј посветен на овој настан

Во април 1941 г. Прилеп потпаднал под фашистичка окупација. На 8 април таа година во градот влегла германската фашистичка војска, и тоа 13-та пешадиска дивизија, од 40 корпус, на 12-та армија.[16] Германската војска пристигнала во градот во попладневните часови. Пред тогашната општина бил одржан говор од страна на еден германски офицер, a потоа бил оформен Градски одбор од граѓани кои биле наклонети кон Германците. Во 13 часот во Прилеп пристигнал капетанот Тролер, одреден за командант на Прилеп. По барање на германската команда биле назначена општинска квислиншка власт, позната како Градски одбор.[16] На 26 април во градот влегла бугарската војска.[17] Уште од првите денови на окупацијата се појавил отпор. На 12 септември 1941 година била формирана Прилепската партизанска чета, за конечно на 11.10.1941 година со нападот на бугарската полициска станица од страна на прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ да започне антифашистичкото народно востание против окупаторската власт.[18][19]. Од декември 1941 па сè до летото 1943 бил печатен и илегалниот весник на НОФ за Прилепско, „Народен глас“, на македонски народен јазик, во тираж од 120-300 примероци. Жената од Прилепската околија имала континуитет и масовно учество во борбата против фашизмот. Месниот одбор на АФЖ во Прилеп бил формран во месец декември 1943 година. Првиот одбор на АФЖ во Прилеп го сочинувале: Bace Капчева, Mapa Козароска, Драгица Трајкоска и Фанче Николоска.[20]

Во текот на војната, населението од градот и околните села активно се вклучило во борбите. Во борбите се вклучиле и Сојузот на Комунистичка Омладина на Југославија (СКОЈ) и Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ). Градот бил ослободен на 9 септември 1944, а конечното ослободување е на 3 ноември истата година. Последните битки за ослободување на градот се водени кај местото Песјо Бртце.[21] Во текот на НОВ од Прилеп и прилепско од 8000 учесници, активни борци со оружје в рака биле 2700. Од нив 650 се загинати, 15 прогласени за Народни херои (10 загинати во НОВ) и 154 носители на „Партизанска споменица 1941“.[17]

По војната[уреди | уреди извор]

Чаршијата и Саат-кулата
Браната на Прилепското езеро, изградена во 1960-те години на 20 век

За подобрување на условите за давање здравствена заштита започнала градбата на државната болница во Прилеп. Таа започнала да ce гради во 1946 година, a завршила во почетокот на 1947 година кога и била дадена во употреба.[22] Со тоа Прилеп добил една современа болница за лечење на заболеното население и давање превентива.

По војната, во Прилеп била формирана една младинска-политичка организација под името ВМРО-СДРМА или Самостојна демократска Република Македонија под протекторат на Америка, а подоцна истата била реорганизирана и го носела името ВМРО - ПРАВДА. ВМРО-СДРМА била формирана во месец март 1946 година. Активноста на ВМРО-СДРМА била забележана во градот преку растурање летоци, обично во периферните квартали на градот. Месниот комитет на КПМ-Прилеп во својата активност и организациона работа ја забележале активноста на оваа организација. По растурањето на овие летоци власта и масовните-политички организации започнале да преземаат силни активности меѓу младината за да ја разобличат активноста на новопојавените политички организации. Активноста на оваа младинско-политичка организација престанала по провалата и притворањето на поголемиот дел на раковдството на 8.9.1947 година, врз кое било извршено судење и тоа јавно во Прилеп. ВМРО - Правда започнала да дејствува од пролетта 1949 година и нејзината мрежа се проширала и надвор од Прилеп скоро во сите градови на Македонија. Нејзина основна задача била обединување на Демократска Македонија во рамките на тогашна Југославија или во некоја Балканска Федерација. Но и оваа политичка организација немала долг век на дејствување, во 1950 година раководството повторно било откриено и паднало во затвор, a со тоа и дејноста на оваа Организација престанала да постои, активноста била спроведувана по други методи. На овие две политички организации не им се дало можност да станат опозициони организации.

Надворешни видеоснимки
Документарниот филм „Прилеп, вчера и денес“ од 1959 година на YouTube

Индустрискиот развој на градот ќе биде засилен во 60-те и 70-те години на 20 век. Во овој период биле отворени поголем број на фабрики, меѓу кои се фабриките „Партизан”, „Рудар”, „Микрон”, фабриката за рамно стакло, за текстил „Билјана”, за расветни тела „Пролетер”, конфекцијата „Солидност” и др. Во 1960-те ќе започне и проектот за изградба на акумулационото езеро кое ќе послужи за наводнување на земјоделските површини, особено на тутунот, но и за останатото земјоделско производство.

Поради големиот број на борци и жртви, кои Прилеп ги дал во Втората светска војна, со указ од 7 мај 1975 година од страна на претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито градот го добил орденот „народен херој“ и оттогаш е познат како „град херој“. По војната градот почнал да се развива и напредува во сите сфери.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. редакција. „ТРЕСКАВЕЦ УШТЕ ВО РАНА АНТИКА БИЛ КУЛТНО МЕСТО“. Зенит Прилеп. Посетено на 2019-01-05.
  2. 2,0 2,1 Иван Микулчиќ. „Средновековни градови и тврдини во Македонија“. Скопје, 1996, стр. 249-250.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Темелкоски, Душко; Миткоски, Александар (2021). „Раната антика во Прилепскиот регион“ (PDF). Патрониум. 14: 103–104. Посетено на 2022-01-14.
  4. Skylitzes, John; Wortley, John (2010). John Skylitzes: A Synopsis of Byzantine History, 811–1057: Translation and Notes (англиски). Cambridge University Press. стр. 331. ISBN 9781139489157.
  5. Панов, Бранко (1984). „Охрид и Охридската област во XIII-XIV век“ (PDF). Годишен зборник на Филозофскиот факултет. Филозофски факултет на Универзитетот - Скопје: 43–44. Посетено на 26 март 2021.
  6. 6,0 6,1 Панов, Бранко (1984). „Охрид и Охридската област во XIII-XIV век“ (PDF). Годишен зборник на Филозофскиот факултет. Филозофски факултет на Универзитетот - Скопје: 45–46. Посетено на 26 март 2021.
  7. „Патописот на Евлија Челебија“. www.oldprilep.com. Архивирано од изворникот на 2017-03-24. Посетено на 2012-07-28.
  8. 8,0 8,1 Стојановски, Александар; Катарџиев, Иван; Зографски, Данчо; Апостолски, Михаило (1972). Историја на македонскиот наро. Просветно дело. стр. 105.
  9. „Кратка историја на Прилеп“. НУ Завод и музеј - Прилеп. Архивирано од изворникот на 2020-06-16. Посетено на 2012-03-23.
  10. „Прилеп низ историјата“. Инфо Прилеп.[мртва врска]
  11. 11,0 11,1 Ковилоски 2015, стр. 9.
  12. Ковилоски 2015, стр. 10.
  13. 13,0 13,1 Хаџи Васиљевиќ, Јован (1902). Прилеп и његова околина (српски). Чупићеве задужбине Л., Београд. стр. 32, 33.
  14. Трајчев, Георги (1925). ПриносЬ кЬмЬ историята на революционното дěло вЬ Македония : Прилепско (бугарски). ФотиновЬ. стр. 36.
  15. „Историја“. ЕВН Македонија. Архивирано од изворникот на 2011-11-03. Посетено на 2011-11-14.
  16. 16,0 16,1 Камишкоски 1998, стр. 11.
  17. 17,0 17,1 „Прилеп низ историјата“. www.prilepinfo.mk.[мртва врска]
  18. „Антифашистичката војна во Македонија“. А1 телевизија.
  19. „Историја на АРМ“. Министерство за одбрана на РМ. Архивирано од изворникот на 2011-09-02. Посетено на 2011-04-17.
  20. Камишкоски 1998, стр. 142.
  21. „Останаа спомените за Песјо Бртце“. Вечер.
  22. Камишкоски 1998, стр. 191.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Камишкоски, Дукадин (1998), Прилеп и прилепско по Втората светска војна 1945-1953, Филозофски факултет, Институт за историја
  • Ковилоски, Славчо (2015), Културната преродба во Прилеп во XIX век, Скопје: Институт за македонска литература - Скопје

Надворешни врски[уреди | уреди извор]