Давид (комитопул)
Давид | |
---|---|
комитопул | |
Епитафот од 992/993, на кој се споменува името на Давид. | |
Роден(а) | ? |
Починал(а) | 976 |
Династија | Комитопули |
Татко | Никола |
Мајка | Рипсимија |
Давид (старословенски: Даві́дъ) (? – 976) – комитопул, најстариот син на комитот Никола. Со помладите браќа (Мојсеј, Арон и Самуил) се побуниле против бугарската (969) и византиската власт (976), по што владееле независно. Тој ја имал врховната власт. Набргу бил несреќно убиен од Власи сточари во месноста Убави Дабови, меѓу Костур и Преспа. Самуил го спомнува во епитафот (992/993).
Светителски култ
[уреди | уреди извор]Во својата Историjа словенобугарска (1762), Паисиј Хилендарски, врз основа на еден бакрорез од Стематографијата (1741) на Христофор Жефарович на кој се прикажани Св. Давид, цар бугарски и Св. Теоктист, го поврзал ликот на „свети Давид цар бугарски“ со Самоиловиот брат Давид,[1] пишувајќи:
Во времето на Василиј Порфирогенит, повторно Бугарите се одделиле од Грците и за цар го поставиле Давид, синот на Комитопулот. Но Давид царувал кратко време, го оставил престолот и примил монашки чин и така Богољубиво и свето го завршил својот живот и по упокојувањето неговите мошти се покажале нетлени“.
Речиси идентични информации за Давид дава и „Зографската историја“ (1760-те). Меѓутоа, овие информации се далеку од податоците што ги даваат историските извори. Имено, изворите сведочат дека Давид починал уште во 976 г., односно дека бил убиен од Власи на патот помеѓу Преспа и Костур во областа наречена Убави дабови (на грчки: καλή δρυς). Во спомен на неговиот најстар брат Давид, и неговите родители Никола и Рипсимија, во 993 г. Самуил поставил камен натпис во црквата Свети Герман од X век, во близина на селото Герман крај Преспанското Езеро. Така, изворите не спомнуваат замонашување на Давид, а не оставаат ниту простор за такво нешто.[1]
За идентификување на ликот на свети Давид цар бугарски од Стематографијата од особена корист е еден друг бакрорез на Жефарович од истата 1741 г., кој е направен само неколку месеци пред издавањето на „Стематографијата“. Овој бакрорез на кој е претставен свети Сава со српските светители од домот на Немањиќите е замислен како еден вид пропаганден политички меморандум, а бил упатен како честитка за царицата Марија Терезија по повод нејзиното искачување на престолот. На бакрорезот се претставени седумнаесет свети фигури. Во вториот ред на светители, претставен е и свети Давид, со јасно испишани сигнатури. Сите претставени ликови, без исклучок, наоѓаат своја аналогија во светителите од домот на Немања, па таква аналогија треба да се побара и за ликот на свети Давид. Имено, во династијата на Немања во ликот на свети Давид јасно се идентификува српскиот жупан Дмитар Немањиќ, син на Вукан, внук на Стефан Немања. За него има малку информации и тој се спомнува ретко. Димитриј не се споменува со браќата Ѓорѓе и Владин во повелбата за венецијанскиот долг кон Петар Зјаниј, од 1208 г., од каде индиректно може да се заклучи дека тој во тоа време бил малолетен, односно дека е роден по 1194 г. Димитриј бил човек со голема репутација не само во Дукља туку и во целата држава на Немањиќите. На почетокот на осмата деценија на 13 век, Димитриј ја носел титулата жупан. Во средновековната српска држава, таа била давана на роднините на владејачката династија на Немањиќите. Во следната деценија, Димитриј ја остава титулата жупан и се замонашува со името Давид. Сепак, тој не оди во еден од многуте српски манастири, но одлучува да изгради свој. Како монах Давид, тој е почитуван како светител на Српската православна црква и ктитор на манастирот Давидовица, во југозападна Србија.[1]
Единствено неодговорено останува прашањето: Кој бил првичниот мотив за свети Давид во „Стематографијата“ да биде сигниран како „цар бугарски“? Иако не може да се даде директен и прецизен одговор на ова прашање, она што е факт е дека тенденцијата на „Стематографијата“ е да се наметне јурисдикцијата на Арсениј IV како црковен поглавар на сите православни Словени на Балканот. Оваа тенденција се гледа преку претставувањето на повеќе јужнословенски светители во „Стематографијата“, кои немаат директна врска со домот на Немања што, пак, не е случај со постариот бакрорез од истата 1741 г. Така, можеби сигнирањето на Давид како „цар бугарски“ е со тенденција да се создаде идеја за владеење на членови од династијата на Немањиќите и на територијата на средновековна Бугарија или нагласување на фиктивната врска на семејствата на Немања и Самоил, која постои во хагиографската литература. Тоа, секако, може да ја оправда и титулата цар, со која е сигниран Давид, која се користела од бугарските владетели по добивањето на царска круна, а се користела и од страна на Самоил, но никогаш од страна на српската династија на Немања, сè до времето на Стефан Душан.[1]
Интерпретациите од страна на Паисиј, по аналогија и без критичка анализа ќе бидат преземени во подоцнежната бугарска литература и ќе создадат фиктивен и дотогаш непостоечки светителски култ, што ќе се рефлектира и во живописот на XVIII и XIX век.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Недески, Виктор (2020). „Прилог кон идентификување на свети Давид цар и свети Теоктист од бакрорезите на Христофор Жефарович“ (PDF). Христофор Жефарович и неговото време : материјали од вториот научен собир во чест на покровителите и заштитниците на градот Струмица св. Петнаесет тивериополски свештеномаченици, одржан во Струмица на 5 и 6 декември 2019 година: 117–129.