Прејди на содржината

Историја на Битола

Од Википедија — слободната енциклопедија

Многу важни настани од македонската и балканската историја се случиле во Битола. Градот е граден, доградуван, рушен и повторно граден и надградуван уште од неговото прво населување во доцното бронзено доба. Потоа во хеленистичкиот период, па Римското Царство, сѐ до византиското време имал статус на град со висок степен на цивилизација.

Традиционално силниот трговски центар, е познат и како град на конзулите поради тоа што во еден период за време на Отоманското Царство, Битола имала дури дваесет конзулати од разни европски земји. Во истиот период, градот имал многу школи, меѓу другите и воена академија, којашто ја посетувал и славниот турски реформатор Кемал Ататурк. На крајот на XIX век бил толку силен град, што неговото население непрестајно растело и го надминало бројот на населението на Белград. Градот бил преполн со фабрики и фотографски дуќани, а занимливо е и тоа што покрај Сингер, во Битола уште во тоа време постоела фабрика за слатки. Во Битола се снимени првите фотографии и филмови на Балканот, благодарејќи на браќата Манаки. Првата филмска камера Јанаки ја купува од Лондон, производство на компанијата „Charles Urban Trading”, и тоа 300-тиот примерок од серијата BIOSCOPE. Така, со таа фамозна „Камера 300" започнала кинематографијата на Балканот. Тоа било златното доба на градот. За жал, за време на Балканските војни, многу битки биле водени во околината на градот и самиот град, па многу материјални докази изгореле или биле потполно уништени. Архитектурата можела да се обнови, посебно последните петнаесетина години, а докази за сѐ што се случувало се и прераскажувањата на старите кои добро се сеќаваат. Меѓутоа, денес останале многу организации и фестивали, коишто по долг период, повторно се одржуваат. Еден од нив се одржува секој година од 29 јули до 2 август во Битола, во знак на спомен на Илинденското востание, под името „Културен фестивал Илинденски денови“.

Праисторија

[уреди | уреди извор]

Градот Битола со околината е многу богат со споменици од праисторискиот период. Двата најзначајни се Велушка Тумба и Тумба Бара, коишто се наоѓаат покрај селото Породин. Од бакарното доба, тука се населува Тумба покрај селото Црнобуки, Шуплевац (покрај селото Суводол) и Висок Рид (покрај селото Букри).

Римски период

[уреди | уреди извор]

Градот се наоѓа на римскиот пат Вија Егнација (Via Ignatia), каде што е и античкиот град Хераклеја Линкестис. Во периодот на II век п.н.е. кога Македонија станува римска провинција, Хераклеја станува силен економско-политички центар (Septina Aurelia Heraclea) со свој постојан римски намесник и римска војска, што сведочи за Битола како центар на вечна моќ, цивилизација, култура и убавина којашто е тука и денес.

Османлиска власт

[уреди | уреди извор]
Српски извештај од 5 август 1908, за новата состојба во Битола по воспоставувањето на младотурскиот режим: благосостојба, ред, мир, славење.
Битола во XIX век
Прослава во Битола за време на Младотурската револуција во 1908 година, по повод враќањето на Уставот од страна на султанот Абдул Хамид II

Почетокот на турските завојувања на Балканот најавиле и нова ера на живеење. Турските војски во текот на 1382-1383 година по многу тешки и крвави борби и по жестокиот отпор кој го пружило месното население конечно успеале да ја освојат Битола. Според некои легенди многу жесток отпор на турските освојувачи му пружиле и монасите од седумдесетте манастири и цркви кои во тој период постоеле во Битола. Хаџи Евронос беј кој се наоѓал на чело на турската војска револтиран од жестокиот отпор на кој наишол при освојувањето на градот наредил да се урне и битолската тврдина. Ашик-паша Зеде, кој го придружувал Евронос-бег во неговиот поход, во своите извештаи забележал дека турските војски неколкупати ја напаѓале Битола, а калуѓерите, давајќи голем отпор, на крајот на самиот брег на реката Драгор, сите до еден биле масакрирани. Меѓутоа, Турците потполно го зазеле градот дури по смртта на Крали Марко во 1395 година, а при тоа заземање во Битола прв влегов Тимурташ-паша со неговата војска.[1]

Од овој период всушност започнува и „ориенталното” вообликување на градот што било резултат токму на изградбата на ваквиот тип објекти, но и на ориенталните градителски техники и стилови. Во периодот на XVI - XVII век, период на историски но и културни промени, од страна на турската администрација градот Битола започнува да биде именуван како Манастир или Толи Манастир. Сепак во целиот период на своето постоење името Битола никогаш не било заборавено, туку напротив од страна на христијанското население тоа било во секојдневна употреба.

Во средината на XVII век станал и важен културен центар на европска Турција. Таа е седиште на Битолска нахија во која имало 150 населени места. Градот бил прочуен по неговите многубројни пазари, од кои најмногу бил прочуен пазарот за памук. Познатиот патописец Евлија Челебија, Битола ја посетил во 1662 година и забележал: „градот има околу 3000 мали и големи куќи на приземје и кат, групирани во 21 маало, чаршија со 900 занаетчиски и трговски дуќани, 40 кафе-чајџилници и гостилници, монументален безистен со железни порти и со 86 дуќани. Во градот имало 70 муслимански храмови, девет медреси, неколку христијански цркви и фтуги јавни згради“. Самиот град, гледан од далеку, изгледал како да е потонат во зеленило. Во овој период Битола претставува еден од најважните верско-муслимански центри, си Висока верска правна школа, којашто егзистирала низ целиот XVII век. Во истиот век. градот прераснал во значаен административен, стопански и културен центар. Кога во 1689 година поради колерата, Скопје бил запален, повеќето важни функции од него ги презела Битола. Таа развивала трговија, главно со европските центри, Виена, Париз, Лондон итн.[2]

Најзначаен перидо од историскиот и стопанскиот развој на Битола е XIX век, кога во Битола е преместено седиштето на Румелискиот вилает, и како таков, е рангиран за прв град во европскиот дел на Турција. Според еден документ од овој период, се кажува дека во Битола имало 1.380 дуќани, од кои најголем број биле занаетчиски.[3]

Во 1805 година во Битола живееле околу 15.000 жители. Од стопанските гранки виден напредок доживеало занаетчиството. Во средината на XIX век бројот на занаетчиските дуќани достигнал над 2.000 со околу 140 видови занаети, организирани во 70 еснафски организации. Виден придонес во развојот на Битола дале и дипломатските претставништва, конзулати на повеќе странски држави. Тоа довело Битола да стане „град на конзули” но и арена на странски пропаганди.[4]

Почнувајќи од 1843 година Третата (Румелиската) армија скоро половина век ќе има седиште во Битола. Покривала територија од Босна до Грција, од Јадранско Море до Одринскиот Пашалак. Располагала со сите родови војска од тоа време и броела од 15.000 до 20.000 војници, а некогаш и повеќе.[5] За нејзини потреби биле изградени Црвената и Белата касарна, Воената гимназија и болница.

Со пуштањето на железничката линија Солун-Битола (1894), Битола го изгубила посебното значење за војската и седиштето на Третата армија било преместено во Солун.[5]

Во Битола во крајот на XIX и почетокот на XX век имало околу 3000 клавири за што градот го викале и „Градот на Клавирите“. Поради некои поранешни сфаќања клавирот симболизирал богатство, класна поделеност и во 50-тите години на XX век со процесот на национализација на многу од семејствата клавирите им биле одземени.[6]

Во учебната 1899/1900 година во Битолската машка гимназија, како учител се вработил еден од основачите на ВМРО, Даме Груев, кој бил задолжен да изведува настава по предметите географија, аритметика, геометрија и цртање.

Битолскиот вилает во 1900 година

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Битола живееле 37.000 жители, од кои 10.000 Македонци, 10.500 Турци, 1.500 Албанци муслимани, 2.000 Роми, 7.000 Власи, 5.500 Евреи и околу 500 останати.[7]

Панаѓур пред црквата „Св. Недела“ во Битола снимен од браќата Манаки, помеѓу 1905-1912

Христијанските жители на градот биле разделени во повеќе конфесии. Според статистиката на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година христијанското население на Битола се состоело од 15.252 Македонци, од кои 8.844 егзархисти, 6.300 грчки патријаршисти, 72 српски патријаршисти и 36 протестанти, потоа 100 Грци, 7.200 Власи, 120 Албанци и 120 Роми. Во градот имало 10 основни и 3 средни бугарски училишта, 7 основни и 2 средни грчки, 2 основни и 2 средни влашки и 1 основно и 2 средни српски.[8]

Битола поради својата местоположба, на крстопатот помеѓу сите најзначајни патни правци (исток, запад, север и југ), уште од најраниот период на турското завладување го добила заслуженото значење при што станала значаен воено-стратешки центар што било само потврдено во 1830 година кога таа станува и политички центар на Румелискиот вилает. По распаѓањето на тимаро-спахискиот систем и интензивираните малтретирања од страна на чифликсајбиите дошло и до нови промени во етничката структура на населението во Битола. Во 1864 година бил формиран Битолскиот вилает со седиште во Битола. На чело на вилаетот стоел валија, со титула паша, кој бил назначуван со султанско ираде. Вилаетот зафаќал територија од околу 32.000 км2, простирајќи се на делови од денешните држави: Македонија, Албанија и Грција.

Балкански војни

[уреди | уреди извор]
Генерали на Антантата во посета на Битола, 1916 г.

За време на Првата балканска војна во околината на градот се водела Битолската битка во којашто отоманската војска била победена од страна на српските сили. Градот страдал за време на Првата светска војна заради близината на Солунскиот фронт.

Во периодот меѓу двете светски војни, Битола станала пограничен град. Ги изгубила гравитациските подрачја спрема Грција и Албанија. Сепак, во овој период градот за првпат започнал плански да се гради и тоа според урбанистички планови

Прва светска војна

[уреди | уреди извор]

Дел од операциите на сојузничките војски од средината на септември до средината на ноември 1916 година против бугарските одбранбени позиции во Македонија е и освојувањето на Битола. Напредокот на сојузниците бил бавен и мачен. Сепак, по освојувањето на Кајмакчалан, Лерин и преминувањето на Црна река, француските и српските единици конечно се приближиле до Битола.[9]

Цивилни жртви од Првата светска војна во Битола убиени со боен отров, 1917 г.

На 18 ноември попладне, во бугарската команда во Битола стигнала веста за падот на нивната позиција на котата 1212, која доминирала со регионот на Суводол. Било јасно дека контролата над Битола нема да може да се задржи, и била дадена наредба за повлекување. Од другата страна, сојузниците на југ почнале да слушаат експлозии од правец на Битола, а забележале и огнови. Заклучувајќи, со право, дека бугарската војска ги уништува складовите и се подготвува за повлекување, сојузничкиот штаб наредил гонење на противникот. Последните бугарски и германски војници го напуштиле градот во текот на ноќта меѓу 18 и 19 ноември. По неколку часа безвластие, следното утро, околу 8 часот, една француска коњаничка единица влегла во Битола. Била срдечно пречекана со аплаузи од една толпа граѓани, кои не биле наклонети кон бугарската управа или пак кои верувале (залудно) дека дошол крајот на нивните страдања. Вусшност, нивната дотогашна изложеност на инфлација, глад, епидемии и бомбардирања продолжила и понатаму.[9]

Битола после бомбардирање за време на Првата светска војна.

Меѓу првите кои влегле тој ден во Битола бил и познатиот француски историчар Жером Каркопино, кој во своите спомени оставил мошне интересни записи за тој настан и за самиот град. Меѓу другото, тој ја дава скицата за урбаниот пејсаж на еден набрзина напуштен град. Истоштените сојузнички војници имале можност да се порадуваат на првиот голем успех и на повторното стапнување во градска средина. Но, таквата атмосфера траела само еден ден. Што се однесува до бугарските единици, иако го напуштиле градот, тие сепак зазеле позиции во неговата околина, особено на Пелистер, од каде можеле да вршат набљудување и артилериски напади. Нивните најистурени позиции биле на само 3-4 километри од градот, а во функција била и авијацијата. Во ноември и декември, српските и француските единици извршиле неколку помали и споредни пешадиски напади на околните ридови, но, без поддршка од тешка артилерија, тие не дале резултати. Останувало Битола допрва да се соочи со хоророт на војната.[9]

Во секој случај, до тој момент, освојувањето на градот имало и своја позитивна страна за сојузниците. Битола, како втор град во Македонија, била логистички поврзана со Солун и со главнината на сојузничките војски. Истовремено, приказната за Битола била користена во западноевропската јавност со цел да се привлече поголемо внимание кон улогата на Македонскиот фронт. Од друга страна, губењето на Битола и јужниот дел на Пелагонија имало негативен ефект врз моралот на бугарската војска. Барем за некое време. До крајот на војната градот бил бомбардиран речиси секој ден.[9]

Втора светска војна

[уреди | уреди извор]
Споменик на Стив Наумов во Битола
Споменик на Стив Наумов во Битола

Битола бил прв град во Кралството Југославија што ја почувствувал Втората светска војна, затоа што бил бомбардиран од италијански авиони уште на 5 ноември 1940 година.[10] Биле фрлени 21 бомба, од кои 19 експлодирале. Во бомбардирањето биле убиени 9 луѓе, 21 биле ранети, а била причинета и голема материјална штета.[11]

За време на Втората светска војна, градот најпрво го окупирале Германците, а подоцна Бугарите. Во септември 1944, Бугарија капитулирала и започнала да се повлекува од Југославија и Битола била ослободена од македонските партизани. На 4 ноември 1944, Седмата македонска ударна бригада победнички влегла во Битола. На 6 февруари 1945 година, во Битола била отворена првата гимназија (првично наречена „Гоце Делчев“, во 1952 година преименувана во „Јосип Броз Тито“) на која се предавало на македонски јазик.

За време на НОБ од градот и околината од страна на бугарскиот фашистички окупатор биле затворени 606 лица, интернирани 117, депортирани 4 и 8 одведени во заробеништво. 251 лице било осудено од кои 23 на смрт. На боиштата на Југославија погинале 266 лица. 106 лица од Битола и околината биле носители на Партизанска споменица 1941 и 8 биле прогласени за народни херои.[10]

Евреите во Битола

[уреди | уреди извор]

Битола била населена со Евреи, кои избегале од Шпанија за време на црквината инквизиција на кралицата Изабела Кастиљска[12].Тие Евреи се доселиле во најголем дел на Балканот во градовите од поголемо значење и со развиена трговија, меѓу другите и во Битола. Тука го потпомогнале развојот на градот со добри трговски врски. На 11 март 1943 година, целокупното еврејско население од Битола (3.011 Евреи) било депортирано во логорот Треблинка во Полска од страна на бугарските фашисти.

  1. Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани,2004,стр. 9
  2. Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани,2004,стр. 9-10
  3. Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани,2004,стр. 10
  4. Стојмилов, А., (2005), Социоекономска географија на Република Македонија, ПМФ, Скопје
  5. 5,0 5,1 Стерјовски, Александар (2020). Градби Битола. Битола: Конзулат на Република Србија во Република Македонија. стр. 28. ISBN 978-608-65122-8-6. |access-date= бара |url= (help)
  6. https://www.babambitola.mk/%D0%B4%D0%B0%D0%BB%D0%B8-%D0%B7%D0%BD%D0%B0%D0%B5%D1%82%D0%B5-%D0%B4%D0%B5%D0%BA%D0%B0-15/
  7. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. Софија, 1900.
  8. D.M.Brancoff. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905, р.166-167.
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 „Освојување на Битола“. Сеќавање на Македонскиот фронт за време на Првата светска војна. Посетено на 2022-01-30.
  10. 10,0 10,1 Ставрев, Петар (1999). Битола. Битола: ГП „Пелистер“ Битола.
  11. „Непознати страни авиони прелетали су јуче у три маха нашу територију и бомбардовали Битољ“. Политика (српски). Белград. 1940-11-06.
  12. „Битолските Евреи“. Ѓорги Димовски - Цолев. 2002. Text "accessda26/5/13" ignored (help); Отсутно или празно |url= (help)