Историја на Охрид

Од Википедија — слободната енциклопедија

Бреговите на Охридското Езеро биле населувани уште од прастари времиња. Археолошките податоци говорат за населби од неолитскиот период (младото камено време), 6000 години пред нашата ера.

Античка историја[уреди | уреди извор]

Поглед од античкиот театар во Охрид

Современиот Охрид е наследник на античкиот Лихнид. Според податоците, градот првпат се споменува 2.400 години пред новата ера. Лихнид се наоѓал на патот Вија Егнација, наjстарата и наjзначаjната римска сообраќаjница на Балканот. Бригијците и Енхелеjците го сочинуваат наjстарото население кое може според името да се идентификува во пошироката област на Охридското Езеро. Бригиjците се исто што и Фригиjците.

По Третата македонска воjна против кралот Персеј, Лихнид станува главна римска база во северните области на Македонија. Тоа е времето кога за него наjмногу се слуша. Последната вест за Лихнид е веста за неговото разурнување. Во еден земјотрес, кој според историските извори се случил на 29 и 30 мај 526 година, настрадале повеќе десетици илјади лица во Лихнид. Потоа градот повеќе не се споменува во историските извори.

Средновековна историја[уреди | уреди извор]

Охридската област во крајот на VI век била изложена на масовна словенска колонизација. Охридската област до 30-тите години на VII век била целосно колонизирана од словенското племе Берзити. Лихнид оттогаш го добил името Охрид.

Св. Климент Охридски со модел на градот Охрид во рацете.

Охридскиот крај уште во втората половина на VIII век станал привлечно подрачjе за бугарската држава. За време на бугарскиот цар Борис I Михаил македонските територии во воено-административен поглед биле опфатени во неколку „комитати“. Охрид бил во комитатот што ги опфаќал Охридско-деволските краишта. Во 886 година Климент, по краткото задржување во бугарскиот двор, бил испратен во Македонија со важна државна мисија. Тој бил испратен во областа наречена Кутмичевица како учител. Областа ја опфаќала Југозападна Македонија и Јужна Албанија, со главните градови Охрид и Девол.

Самоиловата тврдина

Како учител и епископ Климент заедно со Наум ги поставиле основите на т.н. Охридска глаголска книжевна школа. Благодареjќи на деjноста на Климент и Наум, градот Охрид, во втората половина на IX век израснал во еден од наjразвиените и наjпознатите средновековни словенски културни центри.

Во време на царот Самуил, Охрид станал религиозен центар и главен град на царството. Неговите тврдини и ден денес стојат високо над самиот град. Есента 1015 година византискиот цар Василиј II успеал да го заземе Охрид, но тврдината останала и понатаму под власта на царот Јован Владислав, наследникот на Гаврило Радомир, син на цар Самуил.

Императорот Василиj II Бугароубиец дозволил Охрид и понатаму да остане седиште на Охридската архиепископија.

Во 1204 година, за време на четвртата крстоносна војна Охридскиот крај заедно со другите југозападни македонски области биле вклучени во рамките на Солунското латинско кралство. Во 1334 година српскиот крал Душан ги презел градовите Охрид, Прилеп и Струмица. Во 1378 година, била доградена црквата Света Богородица Перивлепта (Свети Климент) во Охрид.

Охридскот крај, кој уште од втората половина на 1350-те години век бил опфатен во рамките на самостојна феудална државичка на чело со севастократорот Бранко Младеновиќ и по создавањето на Прилеското Кралство, про­должил да се управува од свои самостојни владетели — вазали на Волкашин. Таков бил кесарот Новак, кој управувал во Охридско околу 1369 година.[1] Во науката сè уште не е точно утврдено кога станал владетел на Охридската феудална држа­вичка. Пред него, околу 1361 година, во Охридско веројатно управувал кесарот Гргур Голубиќ. Овој охридски владетел во 1361 година со свои средства го изградил манастирот Заум на југозападниот брег на Охридското Езеро до селото Трпејца.[1]

Охрид не само што бил најважниот град во регионот, туку бил и најважниот образовен центар и извор на писменоста на сите словенски народи. Во Охрид се наоѓа најстариот универзитет во Европа (IX век), додека во местото Плаошник близу градот се наоѓа реставрираната црква Св. Климент чии наоди укажуваат на фактот дека пак таму имало универзитет од XIII век.

Османлиски период[уреди | уреди извор]

Кон самиот крај на XIV век турскиот султан Бајазит I успеал речиси насекаде во Македонија да ја наложи својата власт. Во 1408 година, Охрид потпаѓа под власта на Османлиите и наредните пет века опстојува како дел од тогашната Отоманско Царство. Турците, по своето доаѓање во овој крај, се населиле во рамничарскиот дел на исток и на запад од градот, додека поугледните и побогатите турски бегови изградиле и свои живеалишта покрај езерскиот брег, надвор од тврдината, во месноста Трсија.[2]

Султанот Мехмед II во 1466 година наредил во Цариград[nb 1] да бидат депортирани охридскиот архиепископ Доротеј, заедно со многу охридски клерици и болјари, најверојатно поради нивното антиосманлиско дејствување за време на востанието на Скендербег.[3]

Познатиот турски патописец Евлија Челебија кој го посетил Охрид во 1670 година, во својот патопис за овој град забележал: „Градот е добро населен, со рајски мирис, исто како градот Дамаск. Куќите му се приземни и на кат, со оформени седумнаесет маала (десет муслимански и 7 христијански). Куќите на големците се наоѓаат покрај езерото. Во градот има 17 муслимански храмови (големи и помали џамии), неколку медреси, седум мектеби, две јавни бањи, три трговски ана...Чаршијата е расфрлена на четири места со околу 150 трговски и занаетчиски дуќани“.[4]

Панорама на Охрид од почетокот на XX век

Во 1767 година била укината Охридската архиепископија.

Автохромна фотографија на улица во Охрид во 1913 година

Основањето на првиот комитет на ТМОРО во Охрид се случило во август 1894 година. Пролетта 1901 година се пристапило кон создавање на чета со враќањето на неколкумина печалбари. За време на Илинденското востание во Охридско се воделе непрекинати борби во текот на целиот месец август 1903 година. Во време на востанието во Охридско имало 31 борба. Четите од Илинденското востание својата борба ја продолжиле и во текот на Младотурската револуција во 1908 година.

Современа историја[уреди | уреди извор]

Деца од Охрид пловат со дрвени корита за перење во Охридското Езеро, 1916 година
Старата железничка станица во Охрид.
Спомен од поставувањето на спомен-плочата за основањето на првиот месен комитет на НОВ во Охрид.

Охридската околија за време на Првата балканска војна била поделена од страна на Србија и Бугарија на два дела: еден кој припаднал под српска власт и друг чиј статус требало да се решава по крајот на војната. Српската војска во Охрид влегла на 22 ноември 1912 година. Во војната се вклучиле и голем број охриѓани со надеж дека Македонија ќе биде ослободена.

Поради незадоволсвото од потпишувањето на Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија, во септември 1913 година во Западна Македонија (Дебар, Охрид, Струга) е кренато востание, познато како Охридско востание. На 12 септември четите на Петар Чаулев и Павле Христов влегле во Охрид. Српската војска и администрација била протерана од Охрид, било свикано собрание и била формирана привремена управа, во која влегле: Лев Огненов, Иван Групчев, Павел Христов, Лев Кацков, Петар Филев и други истакнати граѓани. На 19 септември селата во Охридско биле освоени и опожарени од страна на српските чети, а четите на ВМРО се повлекле на запад кон Голо Брдо.

За време на Првата светска војна, Охрид и Охридско потпаднале под бугарска власт. За време на оваа окупација извршени се бројни ограбувања и однесени се предмети, книги и друго материјално богатство што се векови сведочело за достигнувањата на Охридската архиепископија. По пробивот на Македонскиот фронт во септември 1918 година, силите на Антантата ги поразиле бугарската и германската војска, така што тие ја напуштиле Македонија.

Охрид за време на Втората светска војна се наоѓал под бугарска окупација. Партизанските единици го ослободиле градот на 15 октомври 1944 година, но за кратко време, бидејќи биле под притисок на германските сили, тие се повлекле. По борбите меѓу партизаните и германските сили ноќта меѓу 7 и 8 ноември градот е ослободен.[5]

Во 1958 година во црквата „Света Софија“ бил одржан Вториот македонско црковно-народен собор на кој била донесена одлука за возобновување на Охридската архиепископија и истата да го носи името Македонска православна црква. На Третиот македонски црковно-народен собор, кој исто така се одржал во црквата „Света Софија“ во 1967 година била донесена одлука за прогласување автокефалност на Македонската православна црква.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Панов 1984, стр. 44.
  2. Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани, 2004, стр.54
  3. Шукарова, Анета; Панов, Митко Б.; Ѓорѓиев, Драги; Битовски, Крсте; Катарџиев, Иван; Стојчев, Ванче; Велјановски, Новица; Чепреганов, Тодор (2008). Историја на македонскиот народ. Институт за национална историја. стр. 141. ISBN 9789989159237.
  4. Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани, 2004, стр.58-59
  5. „Охрид низ историјата. Охрид за време на Втората светска војна“. www.ohrid.org.mk. Архивирано од изворникот на 2021-10-23. Посетено на 2021-10-13.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Панов, Бранко (1984), „Охрид и охридската област во XIII—XIV век“, Годишен зборник на Филозофскиот факултет, Филозофски факултет, Скопје

Надворешни врски[уреди | уреди извор]


Грешка во наводот: Има ознаки <ref> за група именувана како „nb“, но нема соодветна ознака <references group="nb"/>.