Битка кај Битола (1912)

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Битолска битка)
Прејди на: содржини, барај
Битка кај Битола
Дел од Прва балканска војна
mini
Битолска битка: распоред, позиции и правци на дејства
Датум 16-19 ноември, 1912
Место Битола, Битолски вилает, Отоманска Империја
Исход Победа на српската војска
Завојувани страни
 Кралство Србија  Османлиско Царство
Команданти и водачи
State Flag of Serbia (1882-1918).svg Петар Бојовиќ Ottoman flag.svg Зеки паша
Ottoman flag.svg Фети паша
Ottoman flag.svg Џавид паша
Ottoman flag.svg Кара Саид паша
Сила
108,544[1] 38,350[2]
Жртви и загуби
539 убиени
2.121 ранети[3]
1.000 убиени
2.000 ранети[3]
Српска војска во Битола

Битката кај Битола била битка во текот на Првата балканска војна која се водела од 16 до 19 ноември 1912 година. Битката завршила со победа на српската војска.

По Кумановската битка, турската Вардарска армија, повлекувајќи се кон Битола, организирала заштитни боеви кај Присад и Алинци, со цел да добие време за собирање, средување и повторно комплетирање на своите единици, како и за привлекување на други трупи во својот состав. Планот на Зеки-паша бил да ја задржи Првата српска армија додека не се расчисти состојбата на Тракиското боиште. Борбениот распоред за одбрана го поставил од десниот брег на Црна Река и на реката Шемница преку Киромарица-Кочиште и Бел Камен. На таа линија биле утврдени турските позиции, а некои села биле организирани како отпорни точки. Зеки-паша дошол до погрешен заклучок дека српската војска ќе ги избегнува ридскиот и планинскиот терен и дека ќе напаѓа само долж патните правци Прилеп-Битола и Кичево-Битола.

Врз основа на таа процена го поставил следниот распоред: петтиот корпус (13. и 15. дивизија) на позициите од сливот на реката Шемница до село Кукуречани да го затвори правецот Кичево-Битола; шестиот корпус (16. и 17. дивизија) бил во резерва на просторот село Оризари, село Поешево. Предните одреди биле поставени кај село Древник, Мраморци и кај манастирот Св. Петар, а страничните одреди кај село Логоварди и кај Бел Камен. Во тоа време, два полка биле на марш од Охрид кон Битола. За Битолската битка Турците ангажирале вкупно околу 35.000 луѓе. На правецот кон Лерин била ангажирана 18. дивизија од 6. корпус.

Српската прва армија по битката кај Алинци се задржала на заземените позиции и тука ги чекала Дунавската прва и Тимочката дивизија од вториот повик. За тоа време, штабот го анализирал распоредот на турските сили, со оглед на тоа дека точните податоци ги добиле од македонските месни чети. Штабот утврдил дека главниот удар треба да се изврши на Киромарица, со што ќе се урне целата турска одбрана. На 13 ноември го започнале движењето, а на 15 ноември 1912 година го зазеле следниот распоред: Моравската дивизија од првиот повик била на падините на Дрвеник, Дринската дивизија од првиот повик во рамницата од двете страни на патот Прилеп-Битола; Дунавската прва на левиот брег на Црна Река, а Коњаничката дивизија лево од неа. Тимочката втора пристигнала на 16 ноември, била разместена зад Дринската и ја образувала армиската резерва. Моравската втора од 3. армија што ѝ била потчинета на првата, тргнала од Кичево и се стационирала во реонот на Чагор. Српската војска ангажирала вкупно 68.000 луѓе.

Командантот на турскиот 5. корпус по повлекувањето од Прилеп ги распоредил единиците на позициите кај селото Алинци. Идејата на командантот на турската Западна војска била 5. корпус од позициите кај Алинци да изврши противнапад и повторно да го освои Прилеп. Позициите кај Алинци доминирале во однос на Прилепското поле што овозможувало добар преглед и успешни дејства. Во близината пред турските позиции тече Штавичка река (Беровица), што кај селото Чепигово се влива во Црна Река.

Со оглед на тоа дека не постоеле можности за противнапад на Прилеп, командантот на Вардарската армија наредил 5. корпус да ги брани позициите кај Алинци и да го спречи пробивот на српската војска и македонските доброволци кон Битола. Штавичка Река и Црна Река биле надојдени, па поради тоа и од силните дождови земјата станала каллива, а се зголемиле и мочуриштата, што го отежнувало движењето на војските. Во случај на повлекување, турската војска можела да помине само преку мостовите кај селата Тополчани, Трн и Новаци.

На позициите кај Алинци можело да се напаѓа од три правци: преку селата Галичани и Веселчани, кон Чепигово. Овој правец овозможувал опфат на турското лево крило. Вториот правец започнувал од Прилеп преку Кобел, водел кон Алинци и Тополчани и излегувал до центарот на турските позиции. Третиот правец минувал преку западните падини на Селечката Планина преку селата Лагово, Рувци и Канатларци, излегувал на десното крило на турските позиции. Турските сили на средниот, т.е. главниот правец, ги распоредиле главните сили, односно 15. дивизија (три полка и 17 топови) во бројна состојба од околу 6.000 луѓе. Источните позиции ги бранела 13. дивизија (три полка, 10 топови, т.е. 6.300 луѓе), а западните позиции кај селото Галичани ги бранела Самостојната коњаничка бригада (600 луѓе). Резервата на 5. корпус во состав од 5. стрелечки полк (2.349 војници), 26. коњанички полк (433 војници) и две полски батерии биле разместени во реонот на селото Тополчани. Покрај наведениве сили, во составот на 5. корпус била вклучена жандармеријата со 655 луѓе и заднинските единици со 1.332 војника. Бројната состојба на 5. корпус за одбраната на позициите кај селото Алинци изнесувала вкупно 18.172 војници од кои 1.033 коњаници и 27 топови.

Нов пораз на турската војска[уреди | уреди извор]

Српските воени гробишта во Битола.

По речиси четиридневни тешки борби, на 19 ноември, српските пешадиски сили влегле во Битола, а Коњаничката дивизија влегла во Лерин. На тој начин завршила Битолската битка, во која покрај српската војска, голем придонес за победата дале и македонските чети, месната милиција и особено народот.

На 14 ноември по пристигнувањето на Моравската од вториот повик кај селото Жван, командантот на дивизијата добил извештај дека на правецот на Војувалиштенската Река се наоѓаат извесни турски единици. За осигурување на десната страна бил упатен Вториот. прекуброен полк (во чиј состав главно биле Македонци) со ридската батерија како десна колона по Војувалиштенската Река, а со главнината го продолжил движењето согласно наредбата на Штабот на армијата. Десната колона наишла на турска колона кај село Војувалиште, каде што се задржала, а дивизиската претходница преноќила кај село Мургашево.

Во текот на ноќта командантот на армијата наредил главниот дел на дивизијата во текот на 15 ноември да ги запоседне позициите село Црноец-село Лисолај кон Бел Камен, а десната колона да го пресече патот помеѓу Битола и Охрид. По забележувањето на движењето на турските трупи од Охрид кон Битола, командантот на дивизијата ја засилил десната колона со еден пешадиски полк. Таа ги совладала ослабените турски единици кај манастирот Св. Петар и тука преноќила. Левата колона го продолжила движењето и во текот на денот избила кај село Мраморица. Нејзиниот 2. пешадиски полк ги протерал турските сили и преку Самарница ја преминал река Шемница и до квечерината пристигнал кај село Облаково. Тука се задржал, подготвувајќи се во текот на ноќта на 15-16 ноември да го нападне Бел Камен. Командантот на дивизијата се согласил со таквата одлука и му испратил засилување од еден баталјон.

Борби од сите страни[уреди | уреди извор]

Кога го известиле за српските движења по Војувалиштенска Река и кон Бел Камен, Зеки-паша донел погрешна процена, па на 15 ноември му наредил на Џавид-паша со 6. корпус веднаш да појде зад Бел Камен и со единиците што пристигнувале од Ресен да го разбие десното крило на првата армија. Пред вечерта, корпусот стигнал кај сртот Превалец и Џавид-паша и наредил на 16. дивизија да го запоседне Бел Камен. Но, поради ноќните услови и планинскиот терен, било решено наредбата да се изврши следното утро.

На 16 ноември 1912 година започнала Битолската битка, односно еден ден порано во однос на планот. Изутрината на 16 ноември, десната колона на Моравската дивизија од вториот повик ги нападнала турските позиции кај селото Гопеш и ги зазела. Истата колона вечерта го освоила преминот кај Ѓавато и ја пресекла отстапницата на турските единици за Ресен и Охрид. Левата колона во утринските часови ги нападнала позициите на Бел Камен и во борбата гради в гради и со студено оружје успеала да го заземе. На достигнатите позиции Моравската дивизија се утврдила и барала помош за да може да ги продолжи настапувањата. На другиот дел на фронтот, единиците ги вршеле последните подготовки за утрешниот напад. Зеки-паша извршил прегрупирање на своите сили, така што 13. низамска дивизија ноќта меѓу 16-17 ноември била префрлена во состав на 6. Корпус, за да ги засили напаѓачката можности, но со тоа ја ослабнал одбранбената линија.

Вториот ден, т.е. на 17 ноември 1912 година, битката започнала со општ напад на првата српска армија. Десната колона на Моравската втора од линијата Ѓавато-Гопеш нападнала во правецот кон Превалец. Меѓутоа, поради противудар на турските сили, српската војска морала да се врати на почетните позиции. Левата колона на Бел Камен водела тешка борба гради во гради. Џавид-паша се обидувал по секоја цена да го освои ова стратегиско место. Моравската дивизија од првиот повик и Дринската од првиот повик нападале преку падините на Древеник, секоја во два борбени ешалони. Приближувајќи се кон река Шемница тие биле изложени на митралески оган. Артилеријата на двете војски, поради брзината на движењето и земјишните услови, не била употребувана. Надојдената Шемница и турскиот митралески оган го оневозможувале натамошниот пробив на српската војска. Тогаш ненадејно отвориле оган две српски батерии од Моравската дивизија од вториот повик, што се наоѓале кај Бел Камен. Тие ја неутрализирале и турската артилерија, што се наоѓала кај село Габалавци и село Секирани. Веднаш потоа, единиците на првиот ешалон ја прегазиле Шемница. По преминувањето на Шемница, започнала блиска борба, при што српската војска до вечерта избила на линијата село Габалавци-Секирани-село Драгожани. Турците отстапувале на планинскиот терен на позициите Киромарица-Кочиште. Во текот на ноќта двете дивизии ги префрлиле своите ешалони преку Шемница и се подготвувале за продолжување на нападот.

Дунавската дивизија од првиот повик напаѓала во две колони. Десната преку Црна Река и Шемница извршила напад на село Трн. Минувајќи преку мочуришното земјиште, околу 10 часот го зазела село Трн. Со тоа бил пробиен фронтот на 5. турски корпус. Меѓутоа, предноста не била искористена за продолжување на нападот, па Турците успеале да ја организираат одбраната кај село Карамани. Левата (главната) колона не успеала да изврши напад врз турската десна страна. Поради уривањето на мостот на Црна Река, таа останала кај село Новаци. Коњаничката дивизија упатила еден полк кон село Брод за да ги заземе премините преку Црна Река, а главнината била кај село Биљаник. Тимочката дивизија од вториот повик била во армиската резерва. Турската 13. дивизија до вечерта стигнала во село Доленци. Меѓутоа, Џавид-паша, командантот на 6. корпус, бил принуден да ја врати 13. дивизија во Битола поради активноста на македонските месни чети што почнале да ги напаѓаат турските сили. Со тоа ја ослабнал фронтовската линија, која на српската војска ѝ овозможило прегрупирање и полесно пробивање на фронтот.

Едностран прекин на огинот[уреди | уреди извор]

Третиот ден (18 ноември) на битката на Бел Камен во раното утро еден српски полк ги нападнал турските позиции и бил одбиен со бројни жртви. Веднаш потоа, Турците започнале општ напад врз Моравската дивизија од вториот повик. Во најтешка положба била десната колона, што била нападната од Превалец и од Ресен. Тежиштето на нападот Турците го насочиле на левата колона на Моравската дивизија од вториот повик на Бел Камен. Тука повторно дошло до блиска борба, што била отежната поради густата магла. На останатиот дел на фронтот истото утро продолжиле борбите. Дринската дивизија ги нападнала Киромарица и Кочиште. Користејќи ја маглата, 6. српски полк успеал незабележано да дојде до Киромарица, каде што околу пладне, кога маглата се дигнала, бил дочекан со силен оган, но полкот извршил јуриш и до 13 часот ја зазел Киромарица. Потоа, 17. полк го освоил Кочиште, додека останатите полкови воделе борба на правецот село Кукуречани-село Крклино. Фронтот на Вардарската армија бил пробиен во должина од над 5 километри, меѓутоа се спуштила магла, па единиците се запреле на достигнатата линија и почнале да се утврдуваат.

Десната колона на Дунавската од првиот повик, потпомогната од артилеријата, успеала да го заземе село Карамани и тука се утврдила. Левата колона ја преминала Црна Река кај село Новаци. Коњаничката дивизија тргнала од село Биљаник кон Брод. Тимочката дивизија од вториот повик во текот на денот дејствувала со артилериски оган. По паѓањето на Киромарица и Кочиште и по неуспехот на Џавид-паша на Бел Камен, Зеки-паша околу 15 часот наредил прекин на огнот и извлекување на единиците. Петтиот и дел од 7. корпус се повлекувале кон Лерин, а 6. и вториот дел од 7. корпус кон Ресен и кон Корча. Со оглед на тоа дека комуникацијата за Ресен била пресечена кај Ѓавато со десната колона на Моравската дивизија од вториот повик, турските сили се пробиле со силен напад и продолжиле кон Корча. На 19 ноември 1912 година српските пешадиски сили влегле во Битола, а Коњаничката дивизија влегла во Лерин. Моравската дивизија го продолжила движењето и навлегла во Охрид.

Во реонот на Битола во војната против турската војска земале учество месните чети, три вода на ВМРО и српски чети. Нивното содејство особено било впечатливо во борбата за селата Гопеш и Ѓавато. Месните чети дале силен придонес во борбите за селата Прибилци и Смилево, а особено во заземањето на Битола. По влегувањето на српската војска во Битола, месните чети биле распуштени, а потоа била воспоставена српска власт.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Hall, Richard C., The Balkan Wars, 1912–1913, (Routledge, 2000), 51.
  2. Hall, 51.
  3. 3,0 3,1 Hall, 52.