Прејди на содржината

Историја на македонскиот народ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Етничко знаме на македонците
Етничко знаме на македонците

Дел од темата
Македонци

Култура
Книжевност · Уметност
Фолклор · Музика · Носии
Кино · Кујна · Спорт
· Архитектура

Историја
Национална преродба
НОБ (1941-1944)
НОФ (1945-1949)

Државност
АСНОМ
Н.Р Македонија (1944-1991)
Р Македонија (од 1991)

Распространетост
Албанија · Бугарија
Грција · Србија
Македонска дијаспора

Тематски
Православна Црква
Македонци муслимани
Македонски јазик

Историјата на македонскиот народ или воопшто на историја на човековото живеење и присуство на територијата на Македонија, датира со пронаоѓањето на најстариот човечки скелет на територијата на Македонија стар 160 илјади години. Најстарите пронајдоци од први организирани човечки населби во Македонија датираат од младото камено време (неолитот). Прва државна организација на територијата на регионот Македонија е македонското кралство основано во 808 г.п.н.е. (според некои извори 825 г.п.н.е.) од страна на првиот македонски крал Каран, кое доживеало најголем подем во времето на владеењето на македонските кралеви Филип II Македонски (359 - 336 г.п.н.е.) и Александар III Македонски (336 - 323 г.п.н.е) од династијата Аргеади. Со доаѓањето и населувањето на словенските племиња во VI век, и нивното мешање со староседелското население (Тракијци, Илири, Стари Грци, антички Македонци и др.), конечно во X и XI век се формира ликот на современиот македонски народ, кој сè до денес постои како мнозински на територијата на Македонија и зазема најзначаен дел од разните економски, политички, демографски, историски и други процеси во Македонија.

Праисториска Македонија

Балкански палео-јазични заедници во почетокот на вториот милениум пне.
Централниот Балкан кон 8 век пне.
Централниот Балкан кон 4 век пне.
Експанзијата на Античка Македонија до смрта на Филип II.
Римските провинции на Балканот во 1 век.

Бронзено време (околу 2100 - 1100 г. пне) Сите обележја на енеолитскиот период ja следат и бронзеното време, чиј почеток, на просторите од Македонија се поставува на преминот од третиот кон вториот милениум од старата ера. Големите раздвижувања започнати во претходниот период, сега донекаде се сталожуваат. Новите културни обележја на доселениците се претопуваат со оние на автохтоното население - Пеласги од овој дел на Балканот. Како плод на ваквата симбиоза, повторно се појавуваат некои од обележјата на староседелците, иако во извесна мера изменети. За ова говори фактот што некои населби од овој период се наслојуваат над неолитските рамничарски села или над енеолитските укрепени "градишта". Но и во овој период продолжуваат воените и демографски напливи од север. Доаѓаат нови популации кои поминуваат низ Македонија, а дел од нив и се населуваат во неа. Се смета дека во доцното бронзено време (14 - 13 век пне.) ќе заврши разместувањето на главните групации на старобалканските популации. Поради отсуството на пишани извори, тие во науката се нарекуваат условно, со следните називи: Пра-Тракијци, Пра-Грци, Пра-Илири. Тука се и народите кои егзистирале во Централниот Балкан, а во тие рамки и Македонија: Пра-Бриги, Пра-Пајонци и Пра-Даки. Но, век или два подоцна, нивните имиња ќе се појават во пишаните документи на соседните антички цивилизации. Со тоа, подрачјето на Македонија започнува постепено да навлегува во историската епоха. Сега за првпат имаме непосредни информации (пишани историски податоци) кои се однесуваат на народите што во тоа време ја населувале Македонија. Така, во еден египетски натпис од времето на фараонот Рамзес II (14-13 век пне.) се спомнуваат Дарданците и Даките, а пак во асирските документи од 12 век пне. народот Мушки, за кој се смета дека имал мизијско - Бригијско потекло. Круна на овие историски факти, најрани во рамките на цела Европа, е секако Хомеровата "Илијада", од која се дознава за имињата на неколу народи што во овие векови ја населувале Македонија и пошироко - Централниот Балкан (Дарданци, Пајонци, Пелагонци). Современите истражувања го истакнуваат и значењето на Бригите кои, кон крајот на бронзеното време го населувале југозападниот дел на Македонија и голем дел на денешна Албанија. Во наредните векови, дел од нив ќе се пресели во Мала Азија, каде ќе го формира познатото Фригиско кралство.

Железна доба (1100 - 600 / 500 г. пне.) Во Македонија, железната доба настапува пред крајот на вториот милениум, по последниот голем бран на етнички поместувања што од север го заплиснува Балканот. Подрачјето на Р Македонија е мошне богато со наоѓалишта од овој период. Ископувањата вршени на нив (особено некрополите) овојзможија, врз основа на откриените наоди да се издвојат неколку културни групи со свои етно-културни специфики. Ваквата диференцијација, во содејство со античките пишани извори, овозможува определување на етничките носители на овие групи и границите на нивното простирање. Долновардарската група се простирала по долината на Вардар, јужно од Демир Капија. За носители на оваа култура се сметаат Пајонците, кои според хомеровите стихови во "Илијада" се сојузници на Тројанците и уште во доцното бронзено време живееле околу долното течение на Аксиј(Вардар). Средно - горновардарската и Брегалничката група се две, меѓусебе мошне проткаени целини. Во споредба со претходната, одразуваат повисок степоен на конзервативизам и подоцнежно прифаќање на традициите од пне. се простирале вдол Повардарието и во Источна Македонија. Нема сигурен одговор на прашањето кои етноси во овој период го населувале Скопско - Кумановскиот базен и североисточна Македонија. Пред се, тука се мисли на древните Дарданци, но и на Агријаните, во чиј посед влегувале и територии на североисточна Македонија. Некои истражувачи го истакнуваат и присуството на Пајонците и Трибалите во овие области. Пелагонсиката група се лоцира во истоимената рамница. Исто така се одликува со висок степен на влијанија од југот. Врз основа на пишаните извори, се смета дека ја населувале две етнички групи: северниот дел Пелагонците, а јужниот - Линкестите. Анализите укажуваат и на присуството на мали заедници на Бригите. Како и претходната, и Охридската група се одликува со прифаќање обележја на цивилизацијата, особено во последните фази од железното доба. Врз основа на изворите, таа се поврзува со Енхелејците, Дасаретите и веќе наведените Бриги кои го населувале овој регион во разни временски фази. Западниот и Северозападниот дел на Македонија поради недоволна истраженост не може да се определи како засебна група. Врз основа на античките известувања, тука се лоцира племето Пенести. Што се однесува на античките Македонци, тие, под ова име, на историската сцена се појавуваат околу 700 - та година пне. кога, доаѓајќи од својата прапостојбина, околу подрачјето на Епир и горното течение на Бистрица, ги потиснуваат Пајонците и други етноси од долното течение на Вардар и Бистрица. Оваа одземена територија, (на север до областите меѓу Демир Капија и денешната македонско - грчка граница) ќе стане јадро на идното кралство на античките Македонци.

Рана антика (600 / 500 - 168 г. пне.) се дели на три етапи: Архајски период (6 - 5 век пне.), кој разни стражувачи го ставаат во овој или во претходниот период. Класичен период (5 - 4 век пне.) и Хеленистички период (крај на 4. - 2 век пне.). Преминот на железното време во рана антика не може строго да се определи. Врз основа на античките пишани извори може да се заклучи дека етничката слика на Македонија и во овој период се менува. Во северните и западните подрачја се чувствува силна воена и демографска експанзија на народите од западната половина на Балканскиот Полуостров (во науката наречени Илирски етнокултурен комплекс). Се смета дека тоа доведува до одреден степен на асимилација на некои месни етноси (Дарданци, Пенести, можеби и Дасарети). Оваа експанзија веројатно е главна причина за исчезнувањето на Бригите од овој дел на полуостровот. Во Скопско - Кумановскиот базен се чувствува експанзија на Дарданците, а во јужните делови на Р Македонија - на античките Македонци. Средината на првиот милениум е време на подемот на двете антички држави од овој дел на Балканот - Македонија и Пајонија. Во обете ќе владеат засебни династии на кралеви, за чии имиња дознаваме од историските извори,натписите и од монетите што ги ковале. Како што е познато, експанзијата на Македонското кралство низ Балканот ќе земе замав во 4 век. п.н.е. со Филип II. Во сенката на помоќниот сосед, Пајонија ќе опстојува сè до крајот на 3 век, кога ќе биде припоена кон него и границата се поместила на север и одела на просторот на Таорската Клисура и Скопската Котлина, останала под контролата на Дарданците. По смртта на Александар и разбивањето на големата македонска империја, нејзините територии се редуцираат во делови од Балканот. Продолжува веќе започнатиот процес на интеграција на популациите и традициите опфатени во оваа држава и формирањето на античко - македонската култура и етнос. Во овој процес најсилно ќе бидат вклучени јужните делови на денешна Р Македонија (Гевгелиско - Валандовскиот, Струмичкиот, Пелагонискиот и Охридскиот регион). Кон средината на II век пне., овој процес ќе биде забавен, поради поразот на Македонците во војната со Рим, со што нивната држава ќе ја загуби својата независност, а подоцна ќе влезе во границите на Римското Царство. Дарданија (денешните северни делови на Р Македонија) била покорена од страна на Римјаните подоцна, најверојатно кон крајот на I век п.н.е. Постојат јасни докази дека наведените популации од подрачјето на Македонија говореле на свои јазици, макар што почнувајќи од овој период постепено ќе започнат сè повеќе, во јавните комуникации да го прифаќаат грчкиот јазик и писмо.

Народите кои живеле во Македонија во антиката го надживеали своето физичко исчезнување преку делата во материалната култура кои ги оставили зад себе. Денес е мошне тешко, речиси невозможно, процентуално да се одреди етничката слика на Македонија во римскиот период. Секако дека најголемиот дел го сочинувале на север Пајонците, на југ Античките Македонци, а на исток Тракијците. Овде биле населени исто вака Илири, Бриги, Дарданци, и Грци. Но, тука биле и доселениците Келти, потоа Готите и уште многу Римски легионери-колонисти. Тие имале различно потекло: шпанско, сириско, северноафриканско, далматинско, италско. Кон крајот на Римската епоха во Македонија, и создавањето на Византија, сите овие народи веќе биле претопени во един христијанизиран етникум, кој го бил прифанал грчкиот јазик, познат како Ромеи.

Потоа започнала Големата преселба на народите, со којa на Балканот дошли Словените, како и други варварски народи.

Антички Македонци

Историско-географски граници на античка Македонија

Според географските одлики, античка Македонија го опфаќала североисточниот дел од Балканскиот Полуостров; античките автори ја опишуваат како планинска земја со голем број реки, богати полиња, шуми, езера и рудни богатства. Скоро сите македонски реки (Вардар, Струма) се влеваат во Егејското Море. По долините на реките има голем број езера: Болбе, Лудија, Костурско Езеро, Мало и Големо Преспанско Езеро и Лихнидско Езеро. Плодните полиња овозможувале развој на земјоделството, градинарството и лозарството; надалеку биле познати смоквите, лозјата и маслинките. Богатството од густи шуми на Македонија £ овозможувало да стане главен извозник на најквалитетно дрво и смола за изградба на кораби на Медитеранот. Рудните богатства придонесувале за брзо економско јакнење на државата; наоѓалишта на злато и сребро имало источно од Аксиос, во близина на Стримон на планината Пангеј (Кушница), кај езерото Прасијада и кај местото Датон. Сето ова овозможувало Македонија да стекне стопанска независност. Географската, етничката и јазичната граница помеѓу македонската и хеленската територија на југ ја исцртувале планината Олимп, реката Пенеј (Пенеијос, Пенча) и брегот на Егејското Море; на југозапад границата се движела до планината Пинд – тромеѓа помеѓу Македонија, Епир и Тесалија; западната граница продолжувала по планините од Шарпланинскиот масив (Јабланица, Кораб, Дешат), с¢ до планината Скард (Шар Планина) – тромеѓа меѓу Македонија, Илирија и Дарданија; северната граница се спуштала по падините на планината Јакупица, поминувала меѓу денешните градови Скопје и Велес и по реката Пчиња излегувала на Осоговските Планини, с¢ до планината Рила; на исток границата одела од планината Пирин до устието на реката Нест (ден. Места) во Егејското Море.[1]

Јадрото на македонската држава од каде се ширеле државните граници, според Херодот, била областа Лудија (помеѓу реките Лудија и Аксиј). Античките автори приморска Македонија ја нарекуваат Долна Македонија, а внатрешниот планински дел – Горна Македонија. Долна Македонија го опфаќала централниот дел на Македонија и се простирала меѓу реките Халијакмон (Бистрица) и Аксиј (Вардар), како и по долните текови на Стримон и Нест,[1] со областите: Пиерија, Ботиаја, Алмопија, Амфакситида, Мигдонија, Анатемунт, Ботика, Крусида, Бисалтија, Крестонија, Пиерида, Едонида и Еордаја. Горна Македонија го опфаќала внатрешниот дел, претежно планински предели со областите: Тимфаја, Параваја, Елимеја, Дасаретида, Орестида, Линкестида, Пелагонија, Дериоп, Пајонија,[1] Парорбелија, Синтика и Одомантика. Македонските владетели ги споиле овие области во единствена македонска држава.

Оваа поделба ги претставува географско-етничките и историските содржини на територијата на античка Македонија, но воедно ја претставува и политичката граница на античката македонска држава. Кај античките автори, историографи, географи, логографи, биографи, со векови се посочува на овие географско-топографски и историскоетнич ки определби, кои стануваат дел од античката држава Македонија.

Етногенеза на античките Македонци

Шеснаесет-зрачното сонце со кралската розета во сончевата топка - симбол на античките Македонци и античкото Македонско кралство

Античките Македонци се палеобалканска популација од индоевропско потекло. Како посебен етнос се формирале во 8 век пр. н.е., од популации кои уште во 3 милениум го населиле централнобалканскиот простор. Кон крајот на 3 и во почетокот на 2 милениум пр. н.е., кога се случиле најголемите движења и преселби во евроазискиот простор, настанал процес на „европеизација“ на популациите на Балканот. Централнобалканската регија, поточно, нејзиниот југозападен дел бил населен со прастара бригиската етничка заедница (Бригите го населувале просторот од планината Пангеј источно од Аксиј до централниот, југоисточниот и јужниот дел од денешниот албански простор, Епир, Охридскиот регион и Пелагонија). Античките автори Бригите ги сметаат за најстар народ на светот (Херодот) и за изумители на голем број вештини (обработка на метали, ковење пари, изум на тркалото, користење жито, сиринкс – музиката на Марсиј). Археолошките, историските, ономастичките и лингвистичките истражувања ја покажуваат етнографската и јазичната поврзаност на Бригите со античките Македонци. Во етногенезата на Македонците влегле повеќе етноси што живееле во територијата на античка Македонија: Бриги, Пајонци, Пелагонци, Линкести, Енгеланци, Дасарети, Орести, Еордајци, Елимеи, Ботиајци, Пиеријци, Алмопи, Мигдонци, Крестонци, Бисалти, Едонци и други помали етноси. Од ВИИИ век пр. н.е. започнал процесот на обединување на македонските племиња во единствена држава на античките Македонци под власта на македонските цареви од династијата Аргеади. Државата започ нала да се шири од териториите помеѓу р. Аксиј (Вардар), р. Лудија (Могленица) и р. Халијакмон (Бистрица), својот најголем обем го достигнала за време на Филип (359–336), а за време на Александар Македонски (336–323) добила светски размери, не само со воената и економската моќ туку и според цивилизациското значење од историска важност (во глобалистичка смисла до денес). Античките извори сведочат за посебноста и другоста на античките Македонци наспрема другите соседни етноси – Хелени, Тракијци, Илири, Мизи; посебноста и другоста на античките Македонци во однос на Хелените најдобро се согледува во државното уредување (античките политиколози пишуваат за македонската басилеја без која Македонците „не можат да живеат“) – монархија со наследен владетел и со државни институции кои владеат според „македонски закони“; потоа, забеле- жани се посебни македонски обичаи, обреди (свадбени обреди), свечености посветени на македонските божества (бахи, клодонки и мималонки, менади), митови за македонската царска династија (Каран, Темен, Македон, Мида), македонски култови (култ на водата – Беди, култ на сонцето, култ на кучето), култови на македонски божества (Бах, Сабазиј, Зеирене, Херакле, Орфеј, Музи), а посведочен е и посебен македонски јазик.

Јазикот на античките Македонци

Иако има многубројни потврди кај античките автори за посебниот македонски јазик, досега официјално се објавени околу 150 македонски глоси кои укажуваат дека македонскиот јазик е индоевропски, сроден со бригискиот јазик. На пример, Плутарх (во Александар Македонски) сведочи за постоењето на самосвоен јазик на Македонците: Александар на македонски јазик ги повикува своите штитоносци; или, војниците го поздравуваат на македонски јазик војсководителот Евмен. Употребата на македонскиот јазик е посведочена и со еден запис на египетски папирус, кој се однесува на пратеникот Ксениј, кој зборувал македонски.

За разликите меѓу македонскиот и старогрчкиот јазик и за различ ните обичаи сведочи и оној дел од историјата на Куртиј Руф во кој Александар прекорно му се обраќа на војсководителот Филота и го прашува дали на судењето пред Македонците ќе им се обрати на македонски јазик; Филота се оправдува дека таму, покрај Македонци, присутни се и многу други, кои полесно ќе го разберат јазикот со којшто се служи и Александар (тука мисли на старогрчкиот јазик – коине, разбирлив не само за Македонците кои „се служат“ со него иако не им е мајчин јазик туку и за народите во Персија); сепак, Александар го осудува Филота дека се „гнаси од мајчиниот јазик“ и дека е отуѓен и од македонските обичаи и од македонскиот јазик.

Очигледно коине (артифициелен јазик, сличен на атичкиот) станал светски книжевен јазик, кој продолжил да се употребува во кни- жевноста на Римската Република, а подоцна и во Римското и во Ромејското Царство. Овој јазик се употребувал на македонскиот двор од прагматични причини, за да се олесни трговската, политичката и културната комуникација помеѓу народите на Стариот Свет. Сите хеленски и римски автори, всушност, Македонците ги претставуваат како посебен етнос, различен и туѓ наспрема Хелените, со поинаков менталитет, јазик и обичаи. Најчесто Македонците се претставени како „барбари“ и непријатели на Хелените. И покрај военополитич ките судири, меѓу Македонците и хеленските полиси имало богати трговските и културните врски, кои создавале суштински сосема нова епоха со цивилизациски придобивки во светски рамки.

Среден век

Ран среден век

Македонскиот народ почнува да се оформува како посебен етникум уште во раното средновековие од два носечки столба: античкото домородно население и од Словените, со нивна соединување во еден етнос. Еден од најстарите историски извори за македонските Словени е „Животот на Св. Димитрија Солунски“ од 6-от век, каде македонските словенски племиња се прикажани како имаат свои кнежевства, потчинети на византискиот Цар и своја локална самоуправа на чело со жупани. Од истиот извор дознаваме и кои се најголемите словенски племиња - Берзити, Вајонити, Драговити, Ринхини, Сагудати, Смолјани и Струмјани.

Османлиско Царство, турцизација и исламизација

Модерна ера

Освестување и обединување на македонската нација и борби за национално ослободување

Етничка Македонија- регион населен со мнозинство Македонци

Патот по кој мина македонскиот народ од своето будење па до полната национална афирмација беше толку сложен, што е многу тешко да се спореди со националното будење на кој и да е народ на Балканот. Од пробивот на капитализмот на почвата на Македонија, па до формирањето на македонската нација, македонскиот народ минуваше низ повеќе фази на преобразување што траеја половина век.

Балкански војни

Македонија во Првата балканска војна

ВМРО во Првата балканска војна

Јане Сандански
Александар Протогеров и Тодор Александров

На 18 октомври 1912 година започнала Првата балканска војна. Балканските држави (нивниот сојуз) гледале добра можност со војна да освојат делови од Европска Турција, а истовремено да ги реализираат своите национални планови. Во предвечерието на војната, Македонската револуционерна организација, македонското револуционерно движење и македонската емиграција се наоѓале во криза и внатрешни поделби.

Непосредното организирање на македонската емиграција и нејзиното активирање во подготовките за војна на Бугарија против Турција, започнало во септември 1912 година. На чело на овие сили бил Александар Протогеров и Централниот комитет на ВМРО - Тодор Александров и други нивни соидејници и соработници. Истовремено со објавувањето и текот на општата мобилизација во Бутарија во втората половина на септември 1912 година, раководителите на ЦК т.е. десните претставници на ВМРО: Тодор Александров, Александар Протогеров, Тодор Лазаров, потоа, полковник Николов, Петар Д'рвингов, Христо Матов и други, биле повикани кај началникот на Штабот на бугарската армија, генералот Иван Фичев, од кого добиле заповед веднаш да пристапат кон организирање на доброволечки - македонски оружени чети.

Организацијата му била доверена на Александар Протогеров и полковникот Петар Д'рвингов. Тие, уште пред почетокот на војната, требало да навлезат во Османската држава, односно Македонија, со цел да развијат известувачка служба и во содејство со месното население да ја попречуваат мобилизацијата и концентрацијата на османските војски [2]

Воjници од Македонско-одринското ополчение

Штабот на Македоно-одринските доброволечки чети во состав: Протогеров, Д'рвингов, Николов, Атанасов и Величков, ја започнал работата околу прифаќањето и организирањето, обуката и испраќањето на доброволечките чети преку граница, во Македонија.

Пријавувањето на македонските емигранти било масовно. Во текот на октомври, до почетокот на воените дејствија против Османската држава, до Штабот или лично до Протогеров, или до другите членови на Штабот, пристигнувале бројни телеграми во кои илјадници Македонци се јавувале како доброволци во четите или доброволечките одреди за да учествуваат во војната против Османската држава.

Четите подготвени од Штабот, упатени во Македонија преку одредените пунктови, ја минале границата меѓу 8 и 11 октомври 1912 година и се нашле во заднината на османските војски и власти, по точно означени реони низ Македонија. Овие чети пристигнати од Бугарија, на теренот наишле на други, од порано постојни чети кои биле под раководството на т.н. Централен комитет на ВМРО, на чело со Тодор Александров, Христо Чернопеев, Петар Чаулев и други војводи. Некои од овие чето дејствувале и самостојно, а имало и такви што биле под раководството на Серските револуционери на чело со Јане Сандански.

Македонија во Втората балканска војна

Македонија и Мировната конференција во Букурешт

Со Букурешкиот договор Македонија била подделена. Грција го добила Егејскиот, Србија Вардарскиот дел, а на Бугарија и бил оставен Пиринскиот дел на Македонија. Подоцна и новата држава Албанија добила мал дел. Така подделен, македонскиот народ бил подложен на насилна денационализација и асимилација

Македонците во Првата светска војна

Петар Дрвингов
Македонија во Првата светска војна

Непосредно пред започнувањето на Првата светска војна Македонија била подделена на три дела, а македонскиот народ се наоѓал под власта на Србија, Бугарија и Грција. Ангажирањето на Србија во војната со Австро-Унагарија довела до регрутација на Македонците во Вардарска Македонија. Соодветено регрутација на Македонцитѕе извршиле и Бугарија и Грција. Грција мобилизирала околу 20 000 Македанци. Најголем мобилизација извршила Бугарија сред Македонците во Пиринска Македонија и македонската емиграција.

Пред влегувањето на Бугарија во војната биле формирани диверзанстки чети под раководство на Тодор Александров кои ја извршиле Валандовската афера во 1915 година. По влегувањето на Бугарија во војната таа извршила масовна мобилизација при што била формирана 11 - та македонска дивизија и во нејзиниот воен формациски состав вклучила 33 046 Македонци. По нападот на бугарската армија, српските сили биле принудени на се повлечат од Варадарска Македонија, а бугарската војска избила на српско-грчата граница утврдена со Букурешкиот мировен договор. Во проилета 1915 година српско-грчката граница започнала да се формира како Солунски фрон, тој се протегал од Охридското Езеро до Струмскиот Залив во Егејското Море, со мали отстапувања кон Лерин и Битола.

Борис Дрангов (1872-1917), командант на 5-от македонски пешадиски полк, им се обраќа на војниците

Со влегувањето на Бугарија во војната доаѓа и до проимена во поделбата на Македонија. Бугарија ги освоила Вардарска Македонија, каде била формирана Македонската воена иснпекциска област, дел од источна Егејска Македонија и Пиринска Македонија која ја добила со Букурешкиот договор. Останатиот дел од Егејска Македонија бил како и дотогаш во рамките на Грција, односно под воена управа на Анатната.

Пролетта 1916 година потпомогната од своите германски и австроунгарски сојузници, ја освојува Рупелската Теснина и навлегувајќи во источниот дел на Егејска Македонија ги зазема градовите Сер, Драма и Кавала. Кон средината на август истата година бугарските сили, предводени од генерал Климент Бојаџиев ги разбиваат трупите на Антантата на просторот Добро Поле - Баница - Лерин и продирајќи кон Костур го заземаат Лерин со околните населби. Во жестокиот судир кај Горничево, српско-француските трупи ја пробиваат одбраната на бугарската Прва армија принудувајќи ја на повлекување. На 19 ноември тие ја заземаат Битола. По тешките тримесечни борби офанзивата на силите на Антантата спласнува и настанува затишје на целиот фронт.

Во текот на 1917 и првата половина на 1918 година, се водат повеќе позициони борби од локално значење кај р. Струма, Црна Река и долж Вардарската Долина, кои нема да предизвикаат некои поголеми територијални промени. На 15 септември 1918 година силите на Антантата предводени од францускиот маршал Франше Д'Епере (наследникот на Сарај), започнуваат силна офанзива против бугарската Трета дивизија од составот на германската Втора армија на просторот Ветерник - Сокол. Борбите се пренесуваат во Пелагонија, на десниот брег на реката Вардар, Црна Река и во реонот на Дојран. Под жестокиот притисок на сојузниците бугарско-германските трупи се приморани на повлекување кон север и бугарската граница. Сојузниците заземаат повеќе делови во вардарскиот дел на Македонија.

Борис Дрангов
Дел од 11 - та македонска дивизија

На 29 септември 1918 година Бугарија е принудена да потпише примирје согласувајќи се да ја напушти Вардарска Македонија. Ги задржува само Пиринска Македонија и Струмичката област со градот Струмица, која ќе ја загуби подоцна во корист на Србија со Нејскиот мировен договор од 1919 година.

Првата светска војна ја раздвижува македонската емиграција. Непосредно по влегувањето на Бугарија во војната, Крсте Петков Мисирков побарал да се обедини Македонија и да се оформи како автономна политичка единица. Во Швајцарија било формирано македонското друшво за Независна Македонија, тие побарале да се формира самостојна и независна Македонија која подоцна би можела да влезе во рамките на една балканска федерација. Македонската емиграција во Бугарија била подделена и имала различни погледи за судбината на Македонија. Привременото претставништво на „поранешната Внатрешна организација“ да се формира Автономна Македонија во нејзините географски и етнички граници, а одругата страна бил Извршниот комитет на Сојузот на македонските емигрантски организации и групацијата околу Тодор Александров, тие побарале автономија на Македоднија, а ако не може, тогаш таа цела да се присоедини кон Бугарија.

Македонското прашање на мировната конференција во Париз

Македонскиот народ помеѓу двете светски војни

Од 1913 година, сите последователни грчки влади спроведувале денационализаторска политика на територијата на Македонија окупирана од Грција за да искоренат сè што е македонско, вклучувајќи имиња на македонските села, градови, реки и езера. На пример, малата рекичка која се појавила на мапите пред 1913 година како Црна Река на планината Олимп, а која се влева во Егејското Море, била преименувана во Мавронери (црна вода) на грчките карти од страна на грчките картографи по 1913 година. Кутлеш бил преименувана во Вергина, а Кукуш станал Килкис. Со текот на годините, ова било правено за секој топоним и хидроними што постоеле. Македонските семејства, исто така, биле принудени да се откажат од своите родени презимиња и да ги користат само новите имиња што „звучат грчки“. За време на диктатурата на Метаксас, Македонците биле изложувани на брутално угнетување. На луѓето не им било дозволено да зборуваат на јазикот што единствено го знаеле, им биле пишувани високи парични казни доколку говорат на мајчинот јазик. Македонскиот јазик бил забранет и прогласен за нелегален и покрај фактот дека во 1924 година, под надзор на Лигата на народите, Грција го признала неговото постоење како посебен јазик кога го објавила „Абецедарот“, буквар на македонски јазик, за потребите на македонски деца. Периодот меѓу двете светски војни исто така бил исполнет со постојани напори да се смени ситуацијата во Македонија и да се најде начин да се поништи нејзината поделба. Во 1925 година, ВМРО (Обединета) била формирана во Виена под раководство на Димитар Влахов, Павел Шатев, Георги Занков, Ризо Ризов, Владимир Поп Тимов и Христо Јанков. Нивната цел била да се ослободи Македонија во нејзините географски и економски граници и да се создаде самостојна политичка единица што ќе стане рамноправна членка во идната балканска федерација. Во 1935 година, едно македонско национално движење било основано во српскиот окупиран дел на Македонија, а во 1938 година првата збирка песни од Венко Марковски, насловена „Оган“, била објавен на македонски јазик. Во 1939 година, збирка песни од страна на првиот современ македонски поет, Кочо Рацин, со наслов „Бели мугри“, била објавена на македонскиот јазик. Во 1940 година, демократската група Македонци предложиле политичка програма за национално и социјално ослободување на Македонија.

Македонија во Втората светска војна

Народноослободителна борба во Вардарска Македонија

Методија Шаторов - Шарло
Окупирана Македонија:

На самиот почеток на Втората светска војна, Вардарска Македонија се наоѓала во рамките на Кралството Југославија. Со Априлската војна била опфатена и територијата на овој дел од Македонија. Германската армија во Вардарска Македонија навлегла од територијата на Царството Бугарија, додека пак силите на Кралството Италија биле насочени кон западниот дел од Вардарска Македонија. До 10 април целата територија на Вардарска Македонија била окупирана од силите на Оската, а по капитулацијата на Кралството Југославија била извршена поделба на овој дел од Македонија. Во деновите помеѓу 20 и 29 април 1941 година во Виена се воделе преговори меѓу грофот Ќано, министер за надворешни работи на Кралството Италија, и Фон Рибентроп, министар за надворешни работи на Нацистичка Германија, за поделба на Кралството Југославија. На овие средби била договорена и демеракационата линија помеѓу Кралството Италија и Царството Бугарија во Македонија. Западниот дел бил окупиран од Италија, во оваа територија се нашле градовите Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар и Струга. Бугарија ги окупирала централниот и источниот дел од Вардарска Македонија.

Во почетниот период на окупацијата бил формиран Бугарскиот централен акционен комитет со седиште во Скопје кој имал за цел со својата дејност да создаде впечаток кај Македонците за наводното ослободување на Македонија и нејзиниот бугарски карактер. По окупацијата на Вардарска Македонија, новите бугарски власти започнале процес на асимилација и денационализација на македонскиот народ преку воспитни-образовниот процес, разни фашистички и националистички организации и здруженија, преку црквата и слично. Бугарските власти честопати организирале одбележувања на значајни настани и случувања од историјата на македонскиот народ за да ги докажат, согласно нивните погледи, бугарските историски корени на Македонија и Македонците. Во оваа дејнсот се вклучил и бугарскиот цар Борис III кој посетил повеќе градови во овој дел на Македонија. Меѓутоа бугарсклите власти се нашле пред изградената македонска национална свест и сè повеќе се потпирале врз воените и полициските сили, а направиле обиди и за создавање на контрачети за да се предизвика граѓанска војна меѓу Македонците и на тој начин да се попречи народноослободителна борба на македонскиот народ.

Западниот дел на Вардарска Македонија со градовите Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар и Струга биле окупирани од италијанската војска. Покрај италијанската власт во овој дел на Македонија биле затапени и органите на Албанската држава која била под протекторат на Кралството Италија. Албанските власти имале ингеренции во администрацијата, финансиите, обаразованите црквата и некои други сегменти. Новите албански, односно италијански власти, започнале со асимилација и денационализација на македонскиот народ. Во воспитно-образовниот процес билке наметнати изучувањето на албанскиот јазик, албанска историја и албанска географија. На Македонците им биле смениети презимињата и тие завршувале со наставката и, како кај албанските презимиња. Македонците - христијани биле принудени во некој од случувањата да носта кечиња, албански етнички белег. Македонските православни христијани од овој дел на Македонијиа биле под јурисдикција на Албанската православна црква.

Бугарската полициска станица во Прилеп и план за нејзин напад

Двојната окупација на Вардарска Македонија ја отежнале положбата на македонскиот народ меѓуто уште во првите месеци на окупацијата раснело незадоволството сред македонските средини кое се претворило во вооружен отпор. Меѓутоа народноослободителната борба во овој дел започнала подоцна поради поради повеќе причини. Од една страна двојната окупација ја отежнувала кординацијата и организирањето на борбата, а од друга страна Комунистичката партија на Југославија, водечката сила во антифашистичката војна, немала содадено ЦК на КП на Македонија туку само Покраински комитет на КПЈ за Македонија, а тоа делувало демотивирачки врз македонските партиски раководители. По првиот период на народноослободителната борба во овој дел на Македонија силен дестимулативен фактор за неомасовување на борбата бил нејсаниот став на КПЈ во однос на македонското национално прашање и барањето на Македонците за создавање на македонска држава. Востанието во вардарскит дел на Македонија задоцнило и поради состојбата во Покранскиот комитет на КПЈ за Македонија. Раководителите на ова тело воделе судири помеѓу себе за повеќе прашања: почетокот на востанието, решавање на македонското прашање и со која комунистичка партија од Балканот да се поврзе македонската партиска организација од овој дел на Македонија.

Пред почетокот на Априлската војна на чело на Покранскиот комитет се наоѓал Методија Шаторов - Шарло. Тој ги застапувал ставовите за национално ослободување и обединување на македонскиот народ и за иселување на Србите, кои биле доселени во Македонија по Првата светска војна и биле носители на големосрпската политика [1]. Имајќи ја предвид општата состојба и особено ситуацијата во цела Македонија, Методи Шаторов, како секректар на ПК, се обидел вардарскиот дел на Македонија да го претвори во пиемонт за обединување и за создавање самостојна македонска држава. Со оглед на тоа дека ре- чиси сите балкански комунистички партии во поглед на македонското национално прашање изразувале големодржавни интереси, тој најголема доверба имал во Коминтерната и во нејзиниот генерален секретар Георги Димитров. Поради тоа, следејќи ги директивите на Коминтерната и од телеграмата на Георги Димитров до Тито, во почетокот на мај 1941 година Методи Шаторов отпатувал во Софија и воспоставил контакти со Бугарската работничка партија (БРП) која, исто така, строго ги почитувала одлуките на Коминтерната. Притоа, името на ПК на КПЈ во Македонија било променето во „Покраински комитет на Работничката партија на Македонија“. Сета оваа активност била доволна причина Шарло да биде отстранет од раководната позиција на ПК на КПЈ за Македонија, зад оваа одлука застанала Коминтерната, која сметала дека комунистичката партиска организција во Вардарска Македонија треба да остане рамките на КПЈ.

Новото партиско раководтсво на чело со Лазар Колишевски, потпомогнато од инструктори на КПЈ започнале со забрзани подготовки за започнување на востание во овој дел на Македонија. Биле формирани Скопскиот, Прилепскиот и Кумановскиот партизански одред кои со своите акции во октомври 1941 година го означиле почетокот на востанието во Вардарска Македонија. Меѓутоа по овие акции кмон крајот на 1941 година била донесена одлука за распушање на Покраинскиот воен штаб и партизанските одреди. Состојбата кон крајот на 1941 и почетокот на 1942 година во Вардарска Македонија била критична и поради фактот што КПЈ и КПБ воделе борба за превласт во македонската партиска организција на овој дел на Македонија.

Во 1942 година биле формирани девет партизански одреди кои водлеле повеќе борби со окупаторските сили. За омасовување на народносолободителната борба придонела и новата политика на КПЈ кон македонското национално прашање. Во однос на оваа нова политика влијаел инструкторот Добривое Радосавлјевиќ, кој ја согледал реланата состојба на теренот и барањата на Македонците. Меѓутоа во тој период и покрај обидот за разбирање на барањето за создавање на макеоднската држава, раководителите на Југословенскиот фронт ја избегнувале рамката за решавање на макеоднското прашање во рамките на Југославија.

Лазар Колишевски
Методија Андонов - Ченто држи говор на главниот плоштад во ослободено Скопје, 1944 г.

1943 година претставуала пресвртница на народнослободителната борба во овој дел на Македонија во многу сегменти. Се формирал Централен комитет на КПМ како водечка сила на борбата, биле создадени поголеми борбени единици кои воделе борби со германските, италијанските и бугарските сили. По капитулацијата на Италија се создале услови за создавање на слободна територија во зпадниот дел на Вардарска Македонија. Народноослободителното движење преминало во офанзива и ја презело иницијативата за борба. Оваа година претставувала пресвртница и во програмските политички документи издадени од макеоднските водачи, по однос на државниот статус на Македонија, сè повеќе се прифаќала југословенската опција за делумно решавање на македонското прашање. Оваа политика предизвикала незадоволство меѓу една група на македонски интелектуѕалци кои се залагале за интегрално решавање на македонското прашање.

Во текот на 1944 година се случиле последните вооружени судири што претставувале вовед во завршните операци за ослободување на овој дел од Македонија. Во однос на изградување на македонската држава биле забрзани подговките за одржување на АСНОМ. На првото заседание на АСНОМ било озаконето формирањето на Македонија какко држава со федерален статус во рамките на Југославија. На маргините на антифашистичкото собрание повторно дошло до судир помеѓу двете групи во македонското раководство по однос на развојот на македонската држава во повоениот приод. Пројугословенската струја била предводена од Лазар Колишевски, а другата од Методија Андонов - Ченто.

Народноослободителна борба во Пиринска Македонија

Иван Козарев
Споме плоча во Благоевград посветена на Гроздан Николов, Владо Чимер и Станко Лисичков

По воениот напад врз Кралството Југославија од страна на германските сили од територијата на Бугарија, најголемиот дел од бугарските политички силе биле прогермански настроени, а единствена политичка сила која во Бугарија повикала на антифашистичка борба била Комунистичката партија на Бугарија. Оваа политичка партија во Пиринска Македонија создала Обласен комитет и своја организациска мрежа која била составена од Македонци. Во 1941 година Централниот комитет на БКП не се мешал во внатрешните работи на Обласниот комитет за Пиринска Македонија кој имал автономен статус во рамките на БКП и бил еден од најдобро организираните на целата територија на бугарската држава. Оваа состојба како и револуционерните традиции на Македонците во овој дел биле силен импулс за постигнување на голема масовност и организираност на народноослободителната борба во 1941 година. Додека раководителите на БКП во останатите делеови на Бугарија воделе дискусии со какви методи за води антифашистичката борба, Иван Козарев на 27 јули 1941 година во селото Добриништа во Пиринска Македонија дошол во судир со бугарската полиција.

Во 1941 година народноослободителната борба во Пиринска Македонија била раководена од Никола Парапунов, Станке Лисичков, Арсо Пандурски, Никола Калапчиев, Гроздан Николов, Стојче Лисјински и други. Во текот на народноослободителната борба на Македонците во овој дел со своите организациски способности се истакнал Парапунов, подоцна застанал на чело на Обласниот комитет на БКП за Пиринска Македонија. Македонските раководители презеле повеќе мерки за развој на борбата, направиле обид за поврзување со народноослободителното движење во Вардарска Македонија, односно во источниот дел, а била и спроведена акција за собирање на оружје по линијата Метаксас во егејскиот дел на Македонија. По овие активности биле создадени партизански групи во Разлошко.

Во 1942 година народноослободителното движење во Пиринска Македонија се соочило со провали, апсења и убиства на неколку македонски раководители, како и со обиди на БКП да го попречи развојот на вооружената борба во Пиринска Македонија барајќи од макеоднските раководители да применуваат политика на исчекување на настаните. Меѓутоа Никола Парапунов во коресподенцијата со раководителите на БРП јасно истакнал дека Македонците се за отворена вооружена борба со цел ослободување на Македонија. За да ги зацврсти своите позиции во Пиринска Македонија, БКП побарала од макеоднските раководители да дозволат создавање на Отечетсвени комитети во овој дел на Македонија, но оваа идеја не заживеала.

Никола Парапунов
Пречек на партизаните во Петрич (9 септември 1944)

Во почетокот на 1943 година бугарските воено-полициски сили започнале офанзива за уништување на партизанските сили во Пиринска Македонија. Владата во Софија направила обид за предизвикување на братоубиствена борба помеѓу Македонците во овој дел, преку создавање на контрачети од дејци на поранешната ВМРО. Меѓутоа обидот бил неуспешен и отука бугарските власти се обиделе да ги придобијат Македонците преку нудење на парични награди за секој заробен или убиен македонски партизан. Во пролета и летото 1943 година народноослободителната борба во Пиринска Македонија достигнала кулминација со создавање на повеќе партизански одреди и чети во Разлошко и Горноџумајско. На 1 мај 1943 година бил формиран паризанскиот одред Јане Сандански и кој подоцна прераснал во бригада. Зголемувањето на партизанските сили овозможиле преземање на покрупни акции, таков е нападот врз логорот кај селото Брежани кога биле ослободени повеќе политички затвореници.

Во почетокот на 1944 година со убиството Никола Парапунов било силно погодено народноослободителната борба во Пиринска Македонија, меѓутоа единството кое постоело помеѓу македонските раководители бил успешно надминат овој критичен момент. Партизански одреди биле создадени биле формирани во сите делови на Пиринска Македонија - Разлошко, Неврокопско, Мелничко, Свети Врачко и Горноџумајско. Биле преземени мерки за поврзување и кординација со народноослободителното движење во Егејска Македонија. Првото заседание на АСНОМ и создавањето на Вардарска Македонија како федерална држава во рамките Југославија претставувале потик за засилување на вооружената борба во Пиринска Македонија. Се појавил надеж дека и овој дел на Македонија ќе се присоедини кон новата македонска држава. Отука непосредно пред доаѓањето на власт на Отечествениот фронт во Софија, речиси сета територија на Пиринска Македонија била ослободена од макеоднските партизански одреди, а по државниот преврат тие влегле во сите поголеми градови во овој дел на Македонија. Македонците се надевале дека со учеството во антифашистичката борба ќе ја добијат својата слобода.

Народноослободителна борба во Егејска Македонија

Андреја Чипов генерелен секретар на КПГ
Учесници на конференцијата на СНОФ, (с. Д'мбени, април 1944)

Пред почетокот на Втората светска војна, Егејска Македонија се наоѓала во рамките на Кралството Грција. Народноослободителната борба во Егејска Македонија можела да се подели на три етапи: првата, од почетокот на Втората светска војна од 1939 до 8 ноември 1940 година, кога италијанските сили, користејќи ја својата надмоќ, на некои сектори успеал да ја истисне грчката војска, втората, од 8 ноември 1940 до 6 април 1941, кога зајакнатите грчки единици ги нападнале италијанските, ги протерале од грчката територија и зазеле градови во Албанија (Корча, Москополе, Подградец), и третата, по 6 април 1941 година. На 6 април, германските сили ги нападнале Југославија и Грција, и во двете држави отпорот бил брзо совладан.

Егејскиот дел на Македонија бил подделен на три окупациони зони, кои им припаднале на три држави: Бугарија, Италија и Германија. Најголемиот дел, односно централната и западната област од егејскиот дел на Македонија, каде што мнозинско население било македонското, останал под управа на квислиншкиот генерал Георгиос Чолакоглу. Неговата квислиншка власт особено го имала под внимание македонскиот народ, создала вооружена жандармерија, вршела терор и соработувала со германските власти во борбата против движењето. Недоволно јасните разграничувања на окупационите сили во овој дел од Македонија создавале пермантни тензии и претензии на едните спрема другите. Бугарија имала претензии на цела Македонија, но Хитлер, сепак, покажувал наклонетост кон Грците, со намера да ги придобие за да ја прифатат квислиншката влада на Чолакоглу. Така ги спречувал обидите на Бугарија за проширување на нејзината окупациона зона. Истото се случувало и со Италија, која работела на тоа да ја прошири творбата што ја направила самата, односно Голема Албанија. Од друга страна, пак, тоа предизвикувало реакции кај Грците. Чолакоглу создал апарат за елеминирање на пропагандните настојувања и често манипулирал со наводната „автономија на Македонците“. Италија ги признавала националниот идентитет на Македонците [1], нивниот јазик и култура и не ги оправдувала бугарските територијални претензии, мотивирани од тоа дека Бугарија се борела за „бугарското“ население во Грција.

Меѓу двете светски војни, Македонците во овој дел се обиделе повеќепати да создадат свои организации преку кои сакале да ги истакнат своите барања за решавање на македонското прашање. Овие македонски организации во неколку нврати биле потпомогнати од Комунистичката партија на Грција, меѓутоа таа немала јасен став за решавање за македонското прашање и нејзините погледи честопати се менувале, во 1924 година КПГ го признавала правото за единствена и целовита Македонија, но од 1936 година таа се залагала за доделување на политички права на сите малцинства во Грција, вклучително и на Македонците, кои од страна на КПГ биле признавани како Славомакедонски народ. Македонците биле незадоволни од променливата политика на КПГ но таа била единствен можен сојузник во антифашистичката борба и отука Македонците го прифатиле нејзиниот повик за борба против тројната окупација на Егејска Македонија и Грција.

Вооружени припадници на грчките анти-комунистички “Батаљони за сигурност“, сликани со своите жртви.

Во 1941 година во Егејска Македонија се појавиле првите форми на отпор. Во планинските делови се формирале првите илегални групи од кои подоцна настанале првите партизански одреди во Леринско, Кајмакчалан, Пајак Планина, Костурско и во други делови на Егејска Македонија. Дополнителен импулс за засилување на народноослободителната борба во Егејска Македонија бил и теророт кои го спроведувале разните фашистички и националистички грчки организиации врз македонското население. Меѓутоа поради недостатокот од една јасна македонска платформа на КПГ и ЕЛАС, настанал вакуум кои бил искористен од бугарската пропаганда. Разни бугарски дејци и поранешни членови на ВМРО успеале дел од Македонците да придобијат, со помош на паролата за Независна Македонија, и од нив да создадат контрачети. ЕЛАС жестоко се пресметувала со македонските контрачетнички села со што уште повеќе се зголемило незадоволството меѓу македонското население.

Силен исчекор во народноослободителната борба на Македонците во овој дел е направен во 1943 година кога ЕЛАС и КПГ дозволиле создавање на самостојни македонски воени и политички организации со свој споствен македонски кадар. Создавањето на овие организации создале услови за омасовување на народноослободителната борба во Егејска Македонија, а најголемиот дел од македонските контрачетнички села без борба преминале во редовите на македонските партизански сили. Македонската антифашистичка организација и Славјаномакедонскиот народноослободителен фронт ги изразувале барањата на Македонците од овој дел за создавање на македонска самостојна држава. Меѓутоа КПГ и ЕЛАС започнале преговори со грчката емигранска влада за создавање на единствен грчки антифашистички фронт, а едно од главните барања на грчките десничарки организации и партии било затворањето на македонското национално прашање. Отука ЕЛАС и КПГ издале наредба за растурање на СНОФ и македонските партизански одреди. Македонските воени и политички водачи не се согласиле со оваа политика и одбиле да ги растурат своите единици и одлучиле да премината на територијата на Вардарска Македонија. Македонските партизански одреди од Егејска Македонија во Битола ја формирале Првата егејска бригада и учествувале во завршните операции за ослободување на Вардарска Македонија.

Македонците по Втората светска војна

Македонците во Грчката граѓанска војна

Маркос Вафијадис
Група Македонки, учеснички во Граѓанската војна во Грција (1946 - 1949) на страната на Демократската Армија

По завршувањето на Втората светска војна политичко-општествената состојба воо Грција била сложена поради недоразбирањата во грчката колициска влада и вмешувањето на западните сили во внатрешните грчки работи. По повлекувањето на германсата армија, ЕЛАС дозволила англиските сили да се распоредат во Атина, главниот град на Грција. Во есента 1944 година десните политички партии во владата на Гергиос Папандреу ги принудиле министрите од ЕАМ да поднесат оставки. Набргу потоа главната англиска команда побарала од ЕЛАС да се разоружна, но таквиот предлог бил одбиен од Комунистичката партија на Грција и се разврзал судир кои траел еден месец. Судирот завршил со пораз на ЕЛАС и бил склучен договор во атинското предградие Варкиза во февруари 1945 година. Според овој договор ЕЛАС требало да се разоружа и да ги растури своите сили. Меѓутоа постигнатиот договор не ја смирил состојбата туку претставувал вовед во Граѓанската војна во Грција.

Грчката влада на чело со генералот Николаос Пластирас започнала со прогон и апсења на сите демократски дејци во Грција, а особено на удар се нашле членовите и симпатизиерите на КПГ. Сосотојбата во Егејска Македонија била уште по сложена. Во овој дел на Македонија, грчките владини сили, потпомогнати од англиските вооружено формации, извршиле палења, убиства и силувања низ макеоднските села. Таквата состојба ги принудила Македонсците да започнат со организирање на борба против грчките владини и англиски сили. Во 1945 година била создадена македонската организација Народно ослободителен фронт (НОФ) кој во текот на целата Граѓанската војна во Грција била гравен претставник на Македонците и нивните барања за решавање на македонското прашање.

Вооружени Македонци од Воденско, организирани во НОФ, 1946.

Во 1946 година десничарската влада ги фалсификувала изборите и потоа преку плебисцит издејствувала враќање на грчкиот крал и возобновување на монархијата во Грција. Овие случување ја потикнале Комунистичката партија на Грција да ја создаде Демократската армија на Грција (ДАГ) и да започне отворена вооружена војна против владата во Атина. Набргу потоа доаѓа до преговори помеѓу ДАГ и НОФ од кој произлегол договорот за организациско потчинување на македонските партизански сили под командата на ДАГ и КПГ.

Во текот на 1947 година ДАГ и македонските сили создале голема слободна територија помеѓу планините Вичо и Грамошта, Џена, Пајак планина, Кајмакчалан, Каракамен како и во источниот дел на Егејска Македонија. Успешното дејствување на левичарските и македонските сили, ја принудиле десничарската влада да издаде наредба за стационирање на големи владини сили во сите градски центри како и присилно иселување на селското население и нивно смествување по градовите. Целта на оваа мерка е да се ослаби ДАГ која што се снабдувала со борци и храна претежно од селската средина. Во 1947 година била клучна за исходот на граѓанската војна. Соединетите Американски Држави активно се вклучиле во случувањата во Грција, тие согласно т.н Труманова доктрина за спас на капитализмот во Грција дале финансиска и воена помош за грчката влада, а грчките владини сили започнале офанзива. Од друга страна пак главниот секретар на КПГ, Никос Захаријадис направил погрешна проценка дек во 1948 година ДАГ ќе брои 65 000 борци и дека цела Егејска Македонија ќе биде ослободена. Тој влијаел да се напушти герилскиот начин на војување и да се преземе фронтовско војување со владините сили. Кон крајот на 1947 година на слободната територија во егејскиот дел на Македонија се формирала Привремена демократска влада на Грција на чело со Маркос Вафијадис, во оваа влада подоцна имало еден Македонец кој ја извршувал должноста министер.

Никос Захаријадис
Деца бегалци ја преминуваат границата меѓу Грција и СР Македонија непосредно пред нападот на грчките владини сили

Во 1948 година двете завојувани страни започнале со подготовски за завршување на војната.Грчките владини сили броеле 300 000 војници и биле потпомогнати од 60 000 вооружени цивили, ДАГ располагала со 45 000 борци кои биле вооружено со лесно пешадиско оружје и биле обучени за герилско војување. ДАГ под влијание на комунистичкото раководство, превенствно на Захаријадис, ја напушта герилската тактика и прифаќа дирекетен судир со владините сили, порадин таквата тактика се случиле неколку битки во кои се покажала надмоќноста на грчката владина арамија, ДАГ и македонските сили се нашле во тешка положба. Во текот на тешките борби била донесена Резолуцијата на Информбирото за состојбите во КПЈ и Југославија, која што негативно влијаела врз левичарските воени и политички сили во Грција. Захаријадис го искористил овој документ и ги обвинил југословенските раководители дека тие се виновни тешката положба на левичарските сили во Грција, поради овој настап на Захаријадис левите сили во Грција ја изгубиле помошта и поддршката од Југославија. Захаријадис набргу потоа направил уште една клучна грешка, го отстранил Маркос Вафијадис од сите раководни позиции, а ДАГ останала без еден од своите најдобри воени раководители.

Во 1949 година Демократската армија на Грција под своја контрола ги имала само планинските рени во западните и југозападните делови во Егејска Македонија. Наоѓајќи се во тешка положба, под влијани на Захараијадис, КПГ се обидела под паролата Обединета Македонија да придобие што поголем број на Македонци во редовите на ДАГ. Меѓутоа левичарското движење се наоѓало пред катастрофален пораз. Кон крајот на граѓанската војна доаѓа до битките кај Вичо и Грамошта во кои ДАГ била поразена, а левичарските раководители и остатоците од нејзините сили биле принудени да се повлечат на територијата на Албанија со што завршила Грчката граѓанска војна.

Во текот на оваа војна загинале 51 000 членови на ДАГ, од нив 21 000 души биле Македонци. Во периодот помеѓу 1945 - 1949 година грчките владини сили стрелале околу 6 000 Македонци и Грци, а околу 40 000 грчки граѓани, меѓу кои и голем број на Македонци, биле интернирани на грчките острови. Околу 90 000 Македонци и Грци биле принудени да емигрираат поради владината репресивна политика. Околу 50 000 Македонци емиграрале во Југославија, а околу 20 000 Македонци се населиле во Советскиот Сојуз и источноевропските комунистички држави.

Македонците во југословенската федерација

Едноумието во Република Македонија, во периодт меѓу 1945-1990 година остави свои последици: не ни дозволи на нашето да гледаме со наши очи, како што настоеше да не подучи и насочи Крсте Мисирков. На таа редуцирана, лимитирана, осакатена македонска Македонија, која речиси комај половина век за нос ја влекле светиниколски лимари, велешки исполџии, мавровски цревари, тиквешки алваџии и скопски бозаџии, или чибукчии или прилепски полумајтапчии... [ˣ 1]

— Гане Тодоровски, Лекции по самопознавање, Збор до два за една книга со неопходни знајби од националната историја [3]
Методија Андонов - Ченто
Првата влада на ДФМ во 1945 година
Телеграма на британската Влада, која „не одобрува федерација меѓу Југославија и Бугарија.“ Таа го прифаќа формирањето на македонската држава во Федеративна Југославија, но ќе е спротивстави на формирањето на голема македонска држава со аспирации кон грчки територии. (јануари 1945)

Периодот по Третото заседание на АСНОМ во 1945, па сè до осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година, претставува единствен и во основа неделив, но во историско-периодизациска смисла во него може да се издвојат неколку покарактеристични етапи [4][5]. Со првото заседание на АСНОМ била формирана државата на македонскиот народ, меѓутоа само на еден дел од етно-географската територија на Македонија, односно на територијата на Вардарска Македонија. Голем дел од македонските национални дејци, членови на АСНОМ и истакнати борци за македонската кауза, создавањето на македонската држава во рамките на југословенската федерација ја перцепирале како етапа во процесот на обединување на македонскиот народ и Македонија.

Но со формирањето на првата Народна влада на чело со Лазар Колишевски започнал период на партиското владеење и силна пројугословенска настроеност. Групација околу Колишевски сите барања за поголема самостојност на Македонија во однос на Белград ги жигосувале како непријателски и започнала пресметка со внатрепартиската групацијата која била именувана како автонмистичка и сепаратистичка. Во оваа група биле: Димитар Влахов, неговиот син Густав Влахов, Михајло Апостолски, Лазар Соколов, Методија Андонов - Ченто, Венко Марковски, Емануел Чучков, Павел Шатев, Киро Глигоров, Крсте Гермов - Шакир војвода, Петре Пирузе - Мајски.

Првата деценија на т.н народна власт била исполнета со брутаност врз обвинетите во текот на истражната постпака или во затворите, репресија, неосновани казни и создавање на цел сиситем на доушници. Власта презела мерки за пресметување со народните непријатели, класните непријатели и идеолошките неситомисленици. Постоела силна пројугословенска група во Комунистичката партија на Македонија која целосно се согласувала со политиката на Јосип Броз - Тито, Александар Ранковиќ и Светозар Вукмановиќ – Темпо. Во оваа група биле: Видое Смилевски - Бато, Страхил Гигов, Цветко Узуновски и други, на чело со Лазар Колишевски. Кариерата на овој македонски политичар започнала во 1945 година како прв македонски премиер, а му завршила кон крајот на 80 - те години на XX век. Во текот на речиси 40 години целокупната власт во Македонија, дирекно или формално се наоѓала во негови раце. Славко Милосавлевски и Крсте Црвенковски периодот на владеењето на Колишевски го опишале со следниве зборови:

четиридецениското владеење ( на Колишевски б.н) ја карактеризира заканата со затвори, пресии и со одмазда. За него и за сите политичари од сталинистичка провиниенција, националното прашање е комплетно решено со победата на револуцијата. Секој облик на покренување на некои национални права за него е израз на национализам. Во гракањето против негативното, деформираното, контрареволуционерното, против непријателите на социјализмот и интегритетот на Југославија, ја изразува сета напластена деструктивна енергија и класносвесна, интернационалистичка психа. Се покажа како голем мајстор за разоткривање на национализмот, во разобличување на шовинизмот и во фиксирањето на ирдентизмот и сепаратизмот... Хегемонијата, пак, и унитаризмот во неговиот вокабулар не постојат како негативни поими [6]
Членови на централниот кординационен одбор на ВМРО - ПРАВДА (1949-1950): Глигор Крстевски, Дане Поповски, Костадин Смичковски и Љубен Костоски

Во февруари 1945 година бил формирана институцијата Јавен обвинител, а во август 1945 година бил донсен Законот за уредување на народните судови. КПМ имала целосна контрола над милицијата и Одделението за заштита на народот (ОЗН)[7]. Ова одделение било посебно користено од страна на КПМ за пресметка со своите неситомисленици и политички претставници. Политичките права и слободи на граѓаните биле ограничени со Законот за кривични дела против народот и државата, Законот за видовите на казни и Законот за печатот. Комунистичката партија на Македонија, односно КПЈ, станала единстевн арбитер во општествотото. Бил воспоставен крвичен сиситем во кои доушништвото имало голема улога, а секое јавно истапување било следено од Управата за државана безбедност.

Пројугослвенската група околу Лазар Колишевски без судски или монтирани процеси се пресметала со т.н автомомисти и сепаратисти, но и со сите останат кои не ја приваќале линијата на Партијата. Македонските дејци кои се залагале за поголема политичка и економска самостојност на Македонија во однос на федерацијата биле жигосани како идеолошки непријатели на КПЈ и ФНРЈ. Најголемиот пример за оваа жестока пресметка е судскиот процес против Методија Андонов - Ченто, на Петре Пирузе му била оземена партизанската споменица, Соколов и Хаџи Панзов и други биле ставени под сенка, а Димитар Влахов бил отстранет.

Во периодот по создавањето на македонската држава се појавиле погледи во однос на македонското прашање кои не биле на линијата на КПМ, односно се поставило прашањето за Обединета Македонија. Започнал национален процес во кој македонските ученици и студенти го истакнале своето незадоволство од решавањето на македонското прашање, а се појавиле и оделни илегални групи кои се повикале на илинденската традиција и ВМРО, види: Демократски Фронт на Македонија „Илинден 1903“, ВМРО на Тренчев - Терзиев, ВМРО-СДРМА и ВМРО - ПРАВДА. За овој период сведоштво оставил и Блаже Ристовски кои истакнал:

Барем во тие денови на нашата заедничка активност , ние не презедовме, ниту планиравме никаква терористичка акција. Ако не бевме откриени, можеби и ќе дојдеше до тоа, но... Исто така е важно да се нагласи дека нашата група беше самородна и немаше никакви врски со никаква организација, ниту пак имаше некакво име и разработена програма. Тоа беше еден видлив израз на младешкото незадоволство од постојната ситуација во врска со решението на македонското национално прашање во Југославија, изблик на нашиот македонскиот патриотизам, но без нужната идеолошко-политича подготовка и без точна претстава за историските процеси,, настани и личности... [8]

Во овој период дејствувале остатоци на балистите како и разни албански националстички организации кои се залагале оставарување на идејата за Голема Албанија, односно за отцепување на западниот дел од НРМ. Овие структури дествувале сред албанското малцинсво но структурите на државната безбедност се пресметале со нив. Во 1948 година започнал периодот на Информбирото, види Информбирото и Македонија, а во 1949 година започнала колективизацијата на селото, преплетувњето на овие процеси го означуваат најсталинистичкиот период во историјата на македонскиот народ и неговата современа држава. Истовремено се започнало со идеолошки чистки исполнети со засилена репресија во тогашните затвори и логори, радикализација на аграрната политика, политичко самоволие, непочитување на правото и слично. На Голи Оток биле испратени 883 Македонци [9], а меѓу нив се нашле: Панко Брашнаров, Петре Пирузе, Павел Шатев, Богоја Фотев и др.

Во првата половина на 50 - те години на 20 век, и покрај партиската хегемонија во сите сегменти во општеството[10], се појавила нова генерација на уметници, научници и културни дејци кои не сакале да се ограничуваат во рамките на т.н социјалистички реализам. Крсте Црвенковски, тогашен висок функционер на Комунистичката партија на Македонија се залагал за слобода во творештвото, истакнувајќи дека: социјализмот е таков систем што треба да му овозможи секому до крај да ги манифестира своите способности [11]. Кон крајот на 50 - те години се почувствувал нов бран на македонски национални чувства сред македонската интелигенција. Оваа генерација негодувала на надворешната политика на СФРЈ, зошто се барале национални права за Македонците во пиринскиот дел, но не и за Македонците во егејскиот дел, зошто нема програма за обединување на Македонија.

Крсте Црвенковски
Лазар Колишевски

Во јули 1963 година, Лазар Колишевски бил отстранет од кормилото на КПМ и бил заменет со Крсте Црвенковски. Доаѓа до генерациска смена сред Партијата, во нејзиното раководство се нашле помлади кадри кои се залагале за демократизација на целиот систем и слобода во творешвото. На една од седниците на Централниот комитет на СКМ, односно на КПМ, под раководство на Црвенковкси се дискутирало за две особено важни прашања, борба против бирократизмот и отстварување на поголема национална рамноправност. Тито веќе дал благослов за изработка на нов устав и изразил подготовеност за нов облик на демократија, но и со новиот устав и понатаму цела моќ во државата се наоѓала во Белград, односно во рацете на Јосип Броз - Тито. Таквата политика создала услови, покрај бранот на студенски протести во светот, во 1968 година да дојде до силно раздвижување на студентите во Југославија. Македонските студенти не настапиле силно како белградската младина, но Македонија била погодена од силен бран на националистички чувства во Тетово и Гостивар во декември 1968 година.

На денот на албанското знаме во покраината Косово и Метохија се случиле масовни демостранци на кои се побарало Косово да добие стстус на Република. Набргу немирите, на 22 и 23 декември се пренеле во Тетово и Гостивар. Еден дел од албанските претставници изразиле јасни сепартаистички тенденции, односно отцепување на делови од западна Македонија и нивно припојување кон Албанија.

Со доаѓањето на Крсте Црвенковски на чело на КПМ се содала една група околу него која се залагала за реформи на системот и улогата на Партијата. Оваа интелектуална група направила неколку такви обиди во почетокот на 70 - те години на XX век, но целиот тој процес завршил со т.н пресметка со либералите. Најпрво биле отстранети т.н либерали во Србија, а веднаш потоа се започнало со подготовки за нивно отстранување во Македонија. Во јануари 1973 година било одржано проширена седница на претседателството и на Извршниот комитет на ЦК на СКМ, односно КПМ. На седницата биле наведени имињата на сите лица кои требало да бидат нападнати и да бидат отстранети од политичкиот живот [12]. Како либерали во Македонија биле жигосани: Ќамуран Тахир, Томислав Чокревски, Милан Недков, Димитар Мирчев, Славко Милосавлевски, Љупчо Арнаудосвки и др. Како главен претставник на либерализмот во Македонија бил нападнат Крсте Црвенковски. Тој на XXXVI седница на ЦК на КПМ бил политички дисквалификуван, а самата седница била оценета како пресвртница во пресметката со либерализмот и национализмот во Македонија [13]. По отстранувањето на Црвенковски, на политичката сцена во Македонија повторно се вратил Лазар Колишевски.

Драган Богдановски

Во средината на 70 те години силна активност сред македонската емиграција развил Драган Богдановски. Тој за првпат ќе биде оквалификуван како противник на Југославија по состанокот со Владо Дапчевиќ, еден од творците на Новата комунистичка партија на Југославија, формирана со поддршка од тогашниот СССР. Донесена е одлука за доведување на Драган Богдановски во Југославија и негово судење. Како раководител на ДООМ во 1977 г. Богдановски е киднапиран во Париз и доведен во Југославија. Него го киднапираат припадници на СДБ, во станот на друг член на ДООМ, и со дипломатско возило е пренесен во Љубљана, а подоцна и во Скопје. Со врзани очи бива одведен во полициски објект во близина на Македонски Брод каде што е под истрага 18 месеци. Судскиот процес против него е организиран зад затворени врати, на кој процес е осуден на 13 години затвор, од кои издржува 11 години во затворот Идризово.

Кон крајот на седумдесеттите години СФРЈ западна во најсложената политичка и економска криза. Во почетокот на мај 1980 година, по смрта на Тито, иако било воведено колективно Претседателство во државата и во СКЈ, меѓутоа тие органи не можеа да се снајдат и успешно да ја водат државата која остана без дотогашниот неприкосновен авторитет. Титовото име уште десетина години беше употребувано како синоним на иднината и како обединувачко лого на државата, но се појасно стануваше дека нејзе и претстои распаѓање. Летото 1980 година економската нестабилност кулминираше со најголемата инфлација во повоена Југославија, од 45%. Опаѓаше животниот стандард, се зголемуваш е незадоволството и порасна националната нетрпеливост.

По долги недоразбирања, натегања и дискусии која република да предложи претседател на Југословенската влада, во почетокот на 1989 година за претседател на Владата беше избран Анте Марковиќ, по националност Хрват. Треба да се констатира дека Марковиќ со неколку владини либерални и реформски потези до извесен степен ја врати довербата кај народот. Неговата политика добила голема поддршка во Македонија. Сепак, Словенија и Хрватска кои подолго време се подготвуваа за осамостојување, незадоволни од тоа што воопшто и се случи изборот на премиер, му ја откажаа довербата и одбија да ги уплатуваат обврските кон федерацијата. Србија, пак, како одговор на тоа, изврши упад во платниот промет, присвојувајќи голема сума средства од федерацијата. Барањето за поголем воен буџет од страна на ЈНА, која веројатно имаше тајни планови воено да интервенира, не го одобри Анте Марковиќ и тоа го посочи како причина за да се повлече од премиерската функција. Конкретниот чин за распадот на СФРЈ беше референдумот на СР Словенија од 23 декември 1990 година, кога 88,5% гласаа за истапување на оваа република од федерацијата, а чинот на осамостојувањето беше проследен и со неколкудневна војна по која Словенија, поддржана однадвор, немаше никакви шанси да остане во федерацијата.

Македонците во пиринскиот дел

Потомците на Гоце Делчев пред неговиот споменик во Градскиот парк во Скопје (1946). Сестрите на Гоце, Тина и Велика (четврта и петта од лево) и внуката Лика Чопова (последната десно)

Македонскиот народ, непосредно по завршувањето на војната, беше опседнат со проблемот на неговото обединување. Ова дотолку повеќе и поради трагичните настани за време на Граѓанската војна во Грција. На тоа го упатуваа и многубројните повици за време на војната кон неговото обединување. Тоа прашање стана особено актуелно во пиринскиот дел од Македонија.

По освојувавњето на власт од страна на Отечествениот фронт во Бугарија, се појавила надеж дека е можно или дека е блиску и обединувањето на македонскиот народ од трите дела на Македонија. На многу голем одглас и прифаќање во Бугарија наидоа достигнувањата во конституирањето на Македонија како држава во југословенската федерација, без оглед на степенот на нејзината самостојност. Македонската емиграција, а и некои официјални органи на Бугарија, повикуваа да се примени истиот модел на македонската државност што беше остварен во Југославија, односно во вардарскиот дел од Македонија.

Бугарија и се приближи на Југославија, меѓу другото, и поради претстојните мировни преговори во Париз, 1946 година, т.е. нејзиното ослободување од воени репарации па, иако формално, сепак прифати некои југословенски барања за решавање на македонското национално прашање. Но, на Париската мировна конференција македонското прашање не било поставено како југословенско барање за негово решавање, туку било одбегнато меѓу другото и поради грчкото противење. Тоа било неформално поставено во контекстот на територијалните претензии на Грција спрема Југославија, односно Македонија.

Сепак, по потпишувањето на Париските мировни договори во 1947 година, како и на билатералните спогодби меѓу ФНР Југославија и НР Бугарија истата година на Блед, дојде до интензивирање на меѓусебната соработка, а во тие рамки и на бугарското признавање на македонската нација, нејзината култура и историја. Во рамките на познатата „културна автономија“ во пиринскиот дел од Македонија беа отворени македонски училишта и неколку институции од областа на културата. Се интензивираа и преговорите за создавање федерација меѓу двете земји, со вклучување на Македонија, како можност за трајно решавање на македонското прашање, како што бараа македонските програмски документи – обединување на македонскиот народ.

Петре Прличко

Централниот комитет на БРП(к) уште на Десеттиот пленум од 9 август 1946 година донел посебна резолуција по која се создала поволна клима за Македонците. Подоцна, на Третата обласна конференција на БРП(к) во Горна Џумаја (денешен Благоевград), меѓу другото, било побарано да се работи на широк културен план преку заемни посети и културна размена за зближување на Македонците од двата дела на Македонија и изучување на македонската историја во пиринскиот крај. Истовремено било побарано отворање македонска книжарница и областен државен театар во Горна Џумаја. Книжарницата била отворена на 1 мај 1947 година, а на 7 ноември истата година и театарот. Првата претстава била „Печалбари“ од Антон Панов, во која учествувале и глумците Петре Прличко и Тодорче Николовски. Од Македонија во театарот во Горна Џумаја биле испратени артистите Илија Милчин, Крум Стојанов и Вера Вучкова. За Пиринска Македонија есента заминале и стотина учители, кои во повеќе села и градови ги изучувале децата на македонски литературен јазик. Тогаш 43 години по загинувањето, од Софија во Скопје беа пренесени моштите на Гоце Делчев, со што беше исполнета желбата на неговите соборци тие да бидат погребани во слободна Македонија. Сместени во саркофаг изработен посебно за таа цел, тие тргнаа од Софија кон тогашна Народна Република Македонија на 7 октомври 1946 година и преку Пиринска Македонија, Струмица и Штип стасаа во Скопје на 10 октомври. Нив на претставниците на Македонија им ги предадоа раководители на Илинденската организација. На свеченото испраќање за да се збогуваат од Гоце дошле околу 5 000 Македонци од повеќе места во Бугарија. Посмртните останки во присуство на највисоки македонски раководители беа погребани во црквата „Свети Спас“, а на овој голем чин присуствувале и неговите живи сестри - Тина Андонова, Лика Станишева и Елена Пејнерџиева.

На пописот во 1946 година само во Пиринска Македонија околу 70 отсто од населението се запишало како Македонци. Тогаш во Бугарија како Македонци се декларирале околу 180.000 лица. Уште еднаш во наредниот попис, во 1956 година ќе се потврди ова иста бројка, само нешто зголемена. Според официјални бугарски извори, тогаш ќе бидат пребројани точно 187.789 Македонци. Од 282.015 жители во Пиринска Македонија, 63.7 отсто или 178.862 ќе се запишат како Македонци.

Во 1948 година поради Резолуцијата на Информбирото доаѓа до влошување на односите помеѓу Бугарија и Југославија со што беше ставен крај на надежите за интегрално решавање на македонското национално прашање, а „културната автономија“ згасна. За Македонците од Пиринска Македонија 1948 година беше една од најстрашните години. Герасим Тодоров од селото Влахи, родното место на Јане Сандански, една година пред тоа формира илегална организација, а штом бугарските комунисти го дознаа тоа доведоа полиција од речиси цела држава и го блокираа целиот регион со триесетина села и градови. Блокадата траеше повеќе од еден месец, а желбата Македонија да ја видат обединета со живот ја платија неколку десетици Македонци.

Герасим Тодоров

Четворица Македонци биле ликвидирани без судење, а осуммина обесени откако им биле изречени смртните пресуди. Солун Георгиев (Македонец до фанатизам), бил мачен и испитуван во селското училиште на Влахи, а потоа убиен. Асен Драчев го врзале и го претепале до смрт, како и Ванчо Танчев и Васил Адамов. Петар Донков од селото Оштава, по жестоките тепања во подрумите на МВР на Сандански, умрел во затворот во Благоевград. Димитар Павлов од Мал Врбовник бил убиен со уште неколкумина другари. Се претпоставува дека го ликвидирал агент-провокатор, негов близок роднина. Подоцна неговата ќерка Искра била затворена и повеќе месеци свирепо измачувана во благоевградскиот затвор. По изречувањето на смртните пресуди во затворот во Благоевград биле обесени Илија Чопев, Асен Михајлов од селото Оштава, Јанчо Јанев од Гара Пирин, Андреј Спасов од Влахи, Георги Тополигов од Петрово, Смилен Гаргов од Џигурово. Тогаш биле обесени и двајца офицери на бугарската армија, како и двајцата Македонци, полковникот Стојне Бајчијски и потполковникот Димитар Кузманов, кои тие денови дошле од Софија и се приклучиле на четата на Герасим Тодоров со намера да пребегаат во Грција. Од осудените на смрт само тројца се спасиле од бесилка. На свештениците Иван Џолев од Катуница и Стефан Камбитов од Падеш и на д-р Петар Митов од Гара Пирин смртните пресуди им биле заменети со доживотна робија. Крум Монев од село Оштава, кој поради тоа што бил малолетен го осудиле на 15 години затвор, по излегувањето на слобода подготви посебен албум на сите што настрадале во злокобната 1948 година. Во неа ќе ги забележи имињата и на уште шеесетина Македонци, кои најдобрите години од животот ги минаа по бугарските затвори.

По доаѓањето на Тодор Живков на власт во Бугарија доаѓа постепена промена на политиката кон Македонците. Овој бугарски политичар презел мерки за укинување на „културната автономија“. Самиот Живков истакнува:

„Откако го зазедов местото прв секретар на партијата и особено претседател на владата, се зафатив да го расчистам тоа трагично наследство. Се враќам со мислите назад и со многу тага за бесповратно изминатите години, се сеќавам дека тогаш го посетив пиринскиот крај... Ја презедов таа обиколка за да видам како и од каде да ја започнам подготовката за референдум. За да покажам јасно какво население живее во тој крај. За мене беше определено јасно дека треба да отидам на референдум и да ја ликвидираме наложената ’културна автономија‘“. [14].

Политиката на Живков кон Македонците завршува со целосно негирање на македонската нација. Нигирањето започнало во 1957 година кога бугарската наука започнува со претставување на македонската историја и македонскиот јазик како бугарски. Постојат повеќе примери, еден од нив е Дино Ќосев кој во 1963 година најавил ново разбирање за Гоцевата личност [15]. Отука Ќосев (алиас Д. Клисуров) објавил неколку дела. Во 1967 година ја објавил својата книга за Делчев, а истата таа целосно била внесена како прилог кон писмата на Гоце Делчев, најавени 1967 година, а објавени во 1968 година. Ќосев во својата книга го прикажува Гоце како личност од бугарското национално - ослободително движење, како верен ученик и следбеник на апостолот Васил Левски и поборник за идејата за обединување на бугарската нација. Оваа политика својата конечна форма ја добива на партискиот пленум од 1963 година, според Живков:

На тој пленум се потцрта: македонска нација нема.
Крум Монев

Таквата политика ги раздвижува Македонците од пиринскиот дел. Тие во средината на 60 - те години започнале борба против денационализацијата и асимилацијата на Македонците во Пиринска Македонија. Биле формирани повеќе организации кои застанале на линијата за заштита на македонската национална самобитност. Во 1963 година бил формиран Сојузот на борците за обединување на Македонија, а веќе следната година била формирана Единствената обединета македонска организација на чело со Христо Пелтеков. На 15 април 1968 година во Петрич била формирана Независната македонска организација Илинден, а истата година во Софија било формирано Движењето за самоосознавање и за признавање на македонската нација „Александар Македонски 1970“. Македонската национална свест во пиринскиот дел со јасни зборови ја претставил Крум Монев:

”Ах, Пирине, Пирине, мој! Ти си ми најголемата гордост. Ти си нашата чудесна легенда, ти најпосле си најголемиот и најубав бисер врз круната на поробената и парчосана Македонија!... Јас сум се заколнал дека во бугарска касарна моја нога нема никогаш да стапне... Јас одам да си го исполнам долгот кон Македонија, а не кон Бугарија!... Ако ја немав несреќната Македонија, дали одвај ќе успеев да оздравам како човек, кој оди со двете нозе и не се потпира на своите раце, т.е. не лази!“ [16].

Падот на комунизмот во Бугарија ги раздижил Македонците во пиринскиот дел. Тие презеле повеќе активности. Во 1989 година во Софија е формирано Независно здружение - Македонска организација Илинден (ВМРО - независна), од која подоцна се разви ТМО ВМРО - независна Илинден; водач: Георги Солунски. Во 1990 година е основан Сојузот на македонските културно-просветни друштва (СМКПД) во Бугарија. Истата година се случиле повеќе настани: мирни демонстрации во Софија на стотина Македонци од Софија и од Пиринска Македонија. Врачена Петиција до Народното собрание на НР Бугарија, во Сандански е формирана Обединетата македонска организација (ОМО) Илинден; водач: Стојан Георгиев Томовичин. масовен собир на Македонците крај гробот на Јане Сандански, со учество на околу 10.000 луѓе, објавена е Декларација, ОМО Илинден и Илинден (ВМРО) - независна побараа регистрација, барањата се одбиени. На 6 јуни ОМО-вци во „штафетен штрајк“, применета е полициска сила. Бојкот на првите парламентарни избори во Бугарија. Во с. Оштава полицијата го прекина одржувањето на Првиот конгрес на ОМО Илинден, материјалите се запленети, а организаторите притворени.

Независна самостојна македонска држава

Први парламентарни, повеќепартиски избори беа одржани на 11 ноември 1990 година. На 11 ноември 1991 година, Собранието го изгласа и Уставот на државата. Се конституира првото повеќепартиско Собрание на Република Македонија, на 20 март 1991 годинабеше избрана Влада на Република Македонија - експертска, на чело со Никола Кљусев како претседател на Влада (за неа гласаа 83 пратеници, 17 беа против, а тројца воздржани), а Собранието го избра за претседател на Република Македонија го избра Киро Глигоров, а за потпретседател на претседателот е избран Љубчо Георгиевски.

Наводи

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА, СКОПЈЕ 2008
  2. ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА Автори Виолета Аковска и Никола Жежов,Скопје,2004 год
  3. Верољуб Андоновски, Сто години сегашност, Скопје, Култура, 2003
  4. Со преименувањето на АСНОМ во Народно собрание на ДФ Македонија и со формирањето на првата Влада на ДФ Македонија на 16 април 1945 година започна првата етапа, односно периодот на административно- централистичкото управување и на етатизација во кој, освен кон обновата и изградбата на земјата, активностите беа насочени и кон јакнењето на федерацијата и на нејзината власт. Во 1953 година започнал Периодот на експериментот „самоуправување“. Периодот во кој КПЈ ја остваруваше нејзината најприоритетна задача, односно „борбата за работничко самоуправување“, траеше дваесеттина години. Замислената трансформација, која во јавноста го доби слоганот –„фабриките на работниците“. Од почетокот на седумдесеттите години започна нова етапа, карактеристич на по обидите за воведување на политичкиот либерализам, делегатскиот систем и договорната економија (1971–1991). Тоа беа тенденции што природно се противставуваа една на друга така што не беше можно да се очекува успех. Во овој период беа извршени неколку промени во општествено-економскиот и политичкиот систем кои доведоа до криза во државата и создадоа услови за осамостојување на Република Македонија, како и на другите републики од тогашната СФР Југославија.
  5. Периодот помеѓу 1944-1991 може да се подели на неколку потпериоди кои се разликуваат според организацијата на стопанскиот и политичкиот живот: асномски од 2 август 1944 до 16 април 1945, втор или период на административно - централистичко управување со економијата, трет период - самоуправување од 1953 до 1991 година, овој период некои историчари го делат на два потпериода. Прв од 1953 до 1970 година кога доминирале мерките за стабилизирање на сиситемот за самоуправување и вториот од 1971 година до 1991 година - период на делегатски сиситем и договорна економија
  6. Крсте Црвенковски, Славко Милосавлевски, Нашиот поглед за времето на Колишевски, Мисла, Скопје, 1994
  7. Од 1946 година ОЗН била преименувана во Управа за државна безбедност и била под јурисдикција на Министерството за внатрешни работи
  8. Д-р Стојан Ристески, Судени за Македонија (1945-1985), Охрид, 1995
  9. Драган Марковиќ, Истина о Голом Отоку, НИН 28.12.1988
  10. Славко Јаневски, Четврта изложба на уметниците во Македонија, Нов ден, 3, 1949
  11. Крсте Црвенковски, Демократија и култура, Разгледи\1954
  12. Стојан Андов, На мој начин, Матица макеоднска, Скопје, 2003
  13. Славко Милосавлевски, Страв од промени, Комунист, Скопје, 1991
  14. Живков Т., Мемоари, С., 1997
  15. Клисуров Д., Освободителното дело на народа е несъкрушимо, Работничко дело, 1. VIII. 1963
  16. Крум Монев, „Македонија мојата потпора“

Белешки

  1. Гане алудира на комунистичките раководители по Втората светска војна. Пример: Лазар Колишевски е од Свети Николе, или Страхил Гигов е од Велес

Поврзано

Надворешни врски