Лазар Соколов

Од Википедија — слободната енциклопедија

Лазар Соколов (18 март 1914 во с. Живиње4 јануари 1984 во Скопје) — еден од првите македонски економисти, професор и учесник во НОБ.

Животопис[уреди | уреди извор]

Лазар Соколов е историски важна личност за македонскиот народ, интелектуалец, кој со своето животно дело се трудел да ја прикаже вистината за македонската положба и се борел за независна Македонија. Тој е роден на 18 март 1914 година во село Живиње, овчеполска околија, во земјоделско семејство, со долгогодишна активност во македонската револуционерна историја.[1]

Меѓувоен период[уреди | уреди извор]

Лазар Соколов завршува средно образование во Кумановската гимназија која била формирана во учебната 1922 /23 година. Голем пресврт во неговиот живот како и на голем број ученици во Кумановската гимназија, настанал во 1929 година, кога биле затворени сите училишта во внатрешноста на Македонија. Меѓу нив, била затворена и гимназијата во Куманово, а како причина затоа се наведувале “буџетски причини“[2].Лазар Соколов заминува во Скопје каде што го дооформува своето образование.Тој матурирал во Првата машка гимназија во учебната 1931/32 година и истовремено продолжил да одржува контакти со своите соученици од Кумановската гимназија.

Во тоа време кумановските младинци биле организирани во една студентска организација, наречена “ Кумановска академска омладина “ (КАО)[3] Лазар Соколов се запишал на студии во Загреб, на Економско - комерцијаната висока школа.Веќе во првите месеци на студирањето , поточно во октомври 1933 година, била организирана ќелија во чиј состав влегле:Јура Медариќ - секретар, Магда Бошковиќ,Љубиша Миодраговиќ,Олга Жердиќ и Лазар Соколов.[4] Во првата половина на 1935 година се формира нова ќелија за работа на Македонците на теренот, каде што и Лазар учествува.[5] Во 1935 година настануваат превирања во КАО, која станала голема организација со бројни задачи и цели. Лазар Соколов станува претседател на управата. Тој во 1935 година се враќа во Загреб за да стапи во контакт со македонските студенти во Белград и Скопје, како и со други младински оргнизации во Загреб.Воспоставил и соработка со здруженијата “ Ловќен “, “ Триглав “, „Свијетлост“, Здружение на пацифистите итн. Активност Соколов покажува и во здружението “Вардар“ Во 1936 година на 28 август, се одржува екскурзија низ Македонија, каде што биле и студенти од Загреб. На оваа екскурзија се одржува состанок , 28 август 1936 година се формира платформата на МАНАПО.[6]

По формирањето на МАНАПО, Лазар Соколов се запослува како хонорарен наставник во неделната школа ( трговската школа )при Кумановската трговска младина.Во февруари 1937 година заминува во Цетиње на служба, но за кратко време ја напушта службата бидејќи бил под полициска примотра, како комунист, што била една од причините за неговиот отпуст.[7] Од 29 јуни 1937 година се вработил како привремен службеник во привилегираната банка во Белград. И покрај неговото преместување во Белград, Соколов одржувал контакти со кумановската група, најчесто со Кочо Попов.

Воен период[уреди | уреди извор]

На трети (3) мај 1941 година , Лазар Соколов се вратил во Куманово, и веднаш се поврзал со другарите со кои соработувал и пред војната. Кон крајот на месецот била формирана т.н.популарна банка и тоа од неколкумина занаетчии и трговци.Претседател на Управниот одбор бил Кирил Атанасов трговец, а за членови биле избрани Кирил Каранфилски, Анание Атанасов трговец,Борис Атанасов и др.Лазар Соколов е избран за директор на банката. Во почетокот на јуни 1941 година бил вклучен во партиската ќелија во Куманово. Една од задачите на ќелијата била и создавањето на Народното читалиште во градот.

Како виден и почитуван жител на Куманово, а под влијание на партиската организација, на 19 августи покрај неговото негодување , Лазар Соколов бил поставен за помошник кмет, со задача да стекне поголема доверба кај бугарската окупаторска власт.[8] Во истиот период тој бил постојано ангажиран во најразлични здруженија, како потпретседател на Народното училиште, потпретседател на работничкиот спортски клуб“ Славија “, член на националниот клуб „ Војвода Карпош “ итн. Важен бил и неговиот ангажман во објавувањето на листот “ Дедо Иван “, кој почнал да излегува на 15 август 1941 година. Главното мото во листот било “ Пролетери од сите земји соединете се “ и “ Живела слободна Македонија “ и на крајот ознака дека е “ Орган на месниот комитет на Комунистичката партија “[9] Ова било и времето на создавањето на партизанските одреди во кумановско.

Членови на ГШ на НОВ и ПОМ, на ЦК на КПМ, на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ и други борци, на слободната територија Козјак, Кумановско, мај-јуни 1944. Лазар Соколов седи прв оддесно налево.

Лазар Соколов со неговите делувања постојано бил под надзор на бугарските окупаторски власти, така да конечно на 31 март 1942 година бил ослободен од должноста како кмет. Во согласност со неговите блиски соработници Веселинка Малинова и М. Атанасовски заминал во Софија, каде работел во Акциониот комитет, кој бил формиран со цел да работи за организирање на ИО на ослободената територија. Во април 1944 година , по налог на ЦК на КПМ тој заминал во НОВ, каде пак од мај 1944 година станал член на АГИТПРОП на Главниот штаб на НОВ за Македонија, под раководство на Бане Андреев.[10] Лазар Соколов со целата негова дејност во периодот до 1944 година, со решение од Президиумот на АСНОМ на 6 август 1944 година Лазар бил именуван за повереник за народно стопанство и обнова.

Сведоштвата говорат дека Соколов во периодот од мај 1941 година до јули 1942 година, се наоѓал во Куманово, од јули 1942 до јули 1943 година бил во Софија, а од август 1943 до април 1944 година во Скопје.[11] Неговата активност во НОВ била регистрирана од 1 мај 1941 година до 15 мај 1945 година, односно осум (8) години и дваесет и осум (28) дена.[12]

Повоен период[уреди | уреди извор]

По завршувањето на војната , Лазар Соколов работел во Белград на функцијата Помошиник министер за трговија и снабдување на ФНРЈ. Ваквата должност ја добил како повереник за народното стопанство при Президумот на АСНОМ и член на АВНОЈ.[13] Во некои документи го среќаваме како помошник на директор на Институтот за меѓународна политика и земјоделство. Во меѓувреме работел и како постојан хонорарен наставник/предавач на Економскиот факултет во Белград.[14] Во повоениот период Соколов бил исклучително ангажиран. Но и покрај тоа наоѓал време и за пишување статии објавувани во дневни и седмични гласила. Основното мото на Лазар Соколов било „ ПОВАЖНОТО ОД СПОРЕДНОТО “.Според него , во тој случај би ја имале работата во свои раце. Тоа важи за чиновниците од најмалиот до најголемиот.[15] На 30 септември 1945 година , во Белград, Лазар се оженил со Рангелова Љиљана и со неа имал три деца. Соколов и припаѓал на групата која го критикувала Манифестот на Главниот штаб на Македонија и ја застапувал мислата за создавање на независна Македонија, како единствено решение за македонското прашање.[16] Ваквите ставови на Соколов биле причина за преземање мерки за негово дисциплинирање, па бил сменет од помошник директор и назначен за професор на Економскиот факултет.Бидејќи во своите лични контакти со своите пријатели продолжувал да говори афирмативно за Резолуцијата на ИБ, на 9 јули 1949 година[17] бил уапсен поради што и ја губи работата од 1 август 1949 година. Од тогаш започнала голготата на Лазар Соколов проследена со испрашувања,проследувања,казнувања. На 20 јули 1950 година, завршила кривичната постапка против Соколов и бил пратен на општествено - корисна работа на хрватскиот остров „Голи Оток “.[18] . По завршувањето на казната , тој се вратил во Скопје и се вработил на Економскиот институт и станал еден од најголемите и најпочитуваните економисти. Во 1967 година станал директор на Економскиот институт, а истовремено бил и на други значајни функции во државата. Соколов дал голем придонес во науката, бил член на бројни организациони одбори, симпозиуми од областа на економските науки, што говорат неговите бројни дипломи и признанија.[19] Лазар Соколов се пензионирал на 1 јануари 1979 година, но и натаму продолжил активно да се занимава со економската наука. Д-р Лазар Соколов починал на 4 јануари 1984 година и зад себе оставил импресивен авторски опус, кој се состои од 123 труда од разни области на економската наука. Она што било забележително за неговите трудови е настојувањето економската теорија да се претвори и искористи во пракса.[20]

Литература[уреди | уреди извор]

  • Архивист Јордановска, Емилија (2010). „Животниот пат на Лазар Соколов“. Личниот фонд Лазар Соколов (Thesis). Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. ДАРМ, Фонд Лазар Соколов, К.1,Биографија на Лазар Соколов, Белград 1 ноември 1946 година.Според податоците на овој документ неговиот татко и дедо биле активни во Македонската револуционерна организација, поради што биле прогонувани и апсени. Притоа наведено е дека дедо му бил апсен по Илинденското востание во 1903 година , додека татко му во 1914 година.Истовремено ,податокот кој се однесува на местото на неговото раѓање согласно овој документ, се разликува од подоцнежните податоци, според кои се наведува Кумново.
  2. ДАРМ, Фонд Лазар Соколов , К.2 , Интелегенцијата во Куманово во меѓувоениот период (1920 - 1940),1.
  3. ДАРМ, Фонд Лазар Соколов , К.2, Сеќавања за студентското движење во Куманово во периодот 1932 до 1936 г., 1. Дејноста на организацијата се состоела во приредување игранки во летниот период , а нејзини претседатели биле Страшимир Деловиќ (студент по ветерина ) и Александар Јовиќевиќ ( студент по право ).
  4. ДАРМ,Фонд Лазар Соколов, К.1,прилог кон писмо од Л. Соколов до Чутина од 26 јануари 1982 г.
  5. ДАРМ,Фонд Лазар Соколов , К.2, Сеќавања за студентското движење во Куманово..., 2. Времето на создавање на оваа ќелија е различно од други извори.
  6. ДАРМ, Фонд Лазар Соколов,К.2, МАНАПО - истражувачка програма 1935-1944 година
  7. ДАРМ; Фонд Лазар Соколов , К.2, Народна банка СФРЈ, Главна централа бр.2121 (XVII - л АП) од 31 октомври 1953 година
  8. ДАРМ, Фонд Лазар Соколов , К.2, Сеќавање за делување на партиската..., 3.
  9. ДАРМ, Фонд Лазар Соколов, К2, Сеќавање за делувањето на партиската..., Издавање на лист „Дедо Иван “,8
  10. ДАРМ, Фонд Лазар Соколов , К2, Допуна биографије Лазара Соколова, Београд 12 јули 1949 г.,1.
  11. ДАРМ, Фонд Лазар Соколов, К.2. Заповеди,фотографии,мислења.
  12. ДАРМ, Фонд Лазар Соколов , К.1, Решение за пензија на Лазар Соколов издадено од Заедницата на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија од 20 декември 1978 г. Скопје. Според ова решение “ му се засметува учество во НОВ во двојно траење “. И во документот кој лично го пополнил Лазар Соколов до Заедницата на здравственото осигурување на работниците - Скопје,навел дека бил борец во НОВ од 1 мај 1941 година.
  13. ДАРМ, Фонд Лазар Соколов,К.2,Писмо од Президиумот на АСНОМ - Секретаријат - Р.Бр.428.,Скопје од 31 декември 1944 година потпишано од претседателот М.А.Ченто.
  14. ДАРМ, Фонд Лазар Соколов ,К.2, Решение за именување на Лазар Соколов во предавач на Економскиот факултет во Белград бр.3124 од 22 декември 1947 година.
  15. ДАРМ, Фонд Лазар Соколов, К.2,Статија„ Чиновникот во Нова Југославија “,објавена во „Нова Македонија“, Скопје, 9 април 1945год.,2.
  16. ДАРМ,Фонд Лазар Соколов,К.3, Изјава на Лазар Соколов од непознат изјавувач од 19.02.1951 г.
  17. ДАРМ,ФондЛазар Соколов ,К.2,Решение бр. 5322/3,Персонално одделение,Белград 16јули 1949год.потпишано од Едвард Кардељ.
  18. ДАРМ,Фонд Лазар Соколов,К.2 Савезно јавно тужилаштво,Кривично оделење,Б број 312/1949,Београд 5.05.1953 г.,потпишано од постар помошник Богдан Перовиќ
  19. ДАРМ,Фонд Лазар Соколов, К.1,писмо од Економскиот институт , Скопје до Д-р Лазар Соколов од 17.04.1980 г.
  20. ДАРМ,Фонд Лазар Соколов, К.1, Библиографија на трудови од Лазар Соколов,Скопје декември 1978 г.