Козјак (Козјачија)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ова е статија за планината во областа Козјачија во Северна Македонија. За планината во областа Мариово во Јужна Македонија, видете Козјак (Мариово). За други значења на поимот „Козјак“, видете на појаснителната страница.
Козјак
Манастирот Прохор Пчински на падините на Козјак
Највисока точка
Надм. вис.1326 м (Перен)
Географија
Козјак на карта

Карта

МестоМакедонија Македонија,  Србија

Козјак е средновисока планина во североисточниот дел на Македонија, долж границата со Република Србија.

Геологија и хидрологија[уреди | уреди извор]

Поглед на Мокро Езеро, природно езеро од вулканско потекло на планината Козјак

Козјак се издига помеѓу долината на реката Пчиња на север и запад, Крива Река на југ и нејзините притоки: Мала Река и Бистрица на исток.[1] Планинското било, кое е долго околу 15 км, има лачно протегање така што од првичен правец запад-исток, постепено скршнува кон југ. Во најголем дел, Козјак е составен од стари прекамбриумски и палеозојски кристалести карпи и тоа: гнајсеви, микашисти и шкрилци. Јужниот дел од планината пак е изграден од вулкански карпи, претежно андезити. Во релјефен поглед претставува планина од громаден тип, ограничена со раседи. Повисоките делови претставуваат стари зарамнини со височина од 800-1000 м. Врвовите се ниски и заоблени. Највисок врв е Перен со 1326 м. Под влијание на човечкиот фактор, најголем дел од планината е оголен, поради што се застапени силни ерозивни процеси. Затоа најголем дел од водотеците на планината Козјак имаат пороен карактер и преку лето се без вода. Силните ерозивни процеси, оголеноста и безводноста се причина Козјак да е речиси целосно раселен простор. Во јужниот дел на планината Козјак, кој е изграден од вулкански карпи, на главното зарамнето планинско било, се наоѓа и природното езеро од вулканско потекло, Мокро Езеро.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Географско друштво на СР Македонија (1989). Географски разгледи (27-30 издание). Скопје: Друштво.